Скопје, 23 мај 2011 (МИА) - Создавајќи ја првата словенска азбука, преведувајќи ги на словенски јазик светите книги, издигнувајќи го македонскиот говор на степен на прв словенски книжевен јазик и формирајќи силни следбеници, како св. Климент, Наум, Сава, Горазд, Ангелариј, светите Кирил и Методиј - нашите патрони во Македонија ја запалија искрата на писменоста, просветата и културата која пламна се до Киев и Новогород, истакна во својата реч ректорот на УКИМ Велимир Стојковски на свечена академија во Македонската опера и балет.
Тој потсети дека Скопскиот универзитет го одбележува патронатот - Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј - 24 Мај и 62-годишнината од основањето на овој универзитет.
- Светите Кирил и Методиј, двајцата рамноапостоли и сопокровители на Европа, кои барајќи го вечното и бескарјното, блеснаа како сонце, ја растераа маглата на незнаењето, на многу народи им ја вдахновија писменоста и им го покажаа патот на светлината, рече Стојковски.
За време на нивниот земен живот, како што рече, светите браќа оставија безброј бесмртни дела и со своето учење и чуда ја просветија македонската земја и земјите на Словените. - Тие остануваат засекогаш бранители на нашата национална и црковна слобода, затоа што пламенот на просветувањето и писменоста запален во Македонија, никогаш нема да згасне, рече Стојковски.
Вицепремиерот за европски прашања Васко Наумовски истакна дека светите браќа Кирил и Методиј со своето дело оставиле трајна придобивка која, како што рече, е длабоко врежана во основите на нашата македонска култура.
- Обновата на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, обновата на сите разрушени македонски цркви и манастири, обновата на македонската држава, обновата на универзитетите, создавањето и отворањето на нови универзитети и се она што ние како народ го правиме во изминатите децении, сведочи за продолжување на делото на светите Кирил и Методиј, на свети Килимент и Наум Охридски и на сите нивни ученици, рече Наумовски.
Жално е, како што рече, што денес во 21 век некој се уште се обидува да ја негира нашата самобитност, нашата писменост, нашиот јазик, идентитет и култура.
- Колку некој и да се обидува јазикот и идентитетот на Македонците е неизбришлив. Исто како што е неизбришливо делото и заслугата на солунските браќа свети Кирил и Методиј, рече Наумовски.
Претседателот на Студентскиот парламент, Иван Живковски порача дека студентите од УКИМ се трудат да ги зачуваат идеалите на Светите браќа.
- Како студенти се трудиме и работиме на тоа да ги зачуваме идеалите кои се оставени од нашите предци, да ги следиме христијанските вредности, историјата и традицијата во позитивен правец. Да оставиме значаен културен белег зад нас за истото да може да го продолжат и идните генерации. Се чувствуваме должни како студенти на овој Универзитет да го продолжиме континуитетот и неговата позитивна афирмација за гордо да можеме да кажеме дека сме ја исполниле задачата оставена од светите браќа, нашите учители Кирил и Методиј, рече Живковски.
Во уметничката програма концерт имаа симфонискиот оркестар и хорот „Драган Шуплевски“ на Факултетот за музичка уметност, со солистички настапи на студенти од класите по соло-пеење и балетска педагогија, под диригентство на Саша Никиоловски-Ѓумар. мд/вј/21:15