НЕДЕЛА ПРЕД БОГОЈАВЛЕНИЕ
Гласот на оној што вика во пустината: Пригответе го патот на Господа , израмнете ги патеките негови ! (Мар.1,3).
Бл-ви хр-ни, гласот што некогаш викал во Јорданската пустина и сега вика во овој свет храм. Тој глас е гасот на св. Јован, синот на првосвештеникот Захариј, ангелот во тело што го приготвил патот Господов и станал Негов Крстител. Нему му е посветен и овој Божји храм. Неговиот глас некогаш бил упатен до Еврејскиот избран народ да се покае, оти се приближи Царството Небесно. Да принесе плод достоен. Сега тој Божји глас од устата на св. Јован, ни се упатува и нам христијаните, не само како на народ Божји избавен од земното времено ропство, туку откупен и посиновен народ Божји за вечното Царство, за живот со Христа, со Бога. Ние по св. Крштение, не сме повеќе пород змиин,чеда на гревот, туку чеда Божји.
Како се рамни патот за Господа, бл-ви хр-ни? Како се приготвува патеката за Бога? Со вистинско искрено покајание. Не, формално, туку суштински. Оној грев, онаа нечистотија што еднаш сме ја отстраниле од патот до нашето срце, од нашата совест, да не ја враќаме повторно. Она што еднаш сме го исповедале да не биде повторено пак. Сите нерамнини во нашите срца, треба да се израмнат, да не оставаме некое долче во кое ќе се тркалаат и собираат нечистотиите. А нашите плодови, треба да бидат достојни на нашата вера. Тогаш кај св. Јован доаѓале мнозина разни луѓе: митници па прашувале што треба да прават, а тој им одговорил, да не бараат повеќе одошто треба. На војниците, да не ги клеветат и присилуваат невините луѓе, туку да бидат задоволни со своите плати. (Лк. 3,11-15). И денес во нашата Православна Црква не има секакви, на секакви позиции, на секакви функции. И денес ги имаме и митниците, и чуварите на редот. Оние до кои допрел гласот на св. Јован и такви кои не го слушаат, поради нерамнините во нивните срца и нивната совест. Наместо да даваме достојни плодови, кои ќе бидат наша храна за вечен живот, ние сме сведоци на најразлични злодела и пакости околу себе. Како да не сме свесни оти овде на овој свет, не можеме вечно да останеме. Како да не ја чувствуваме секирата дека секој миг лежи при коренот на нашиот живот, и секој што не дава добар плод ќе се сече и ќе се фрла во вечен оган. Оти лопатата ја има Милостивиот Господ. Тој со неа го чисти гумното, го собира житото во амбар, а плевата ја гори во оган.
Благочестиви христијани, да го послушаме св. Јован Крстител, неговиот глас, неговиот повик: Покајте се... принесете плод достоен, оти се уште не е доцна, се уште имаме време, а верувам и простор. Ако некого сме го навредиле, да побараме прошка од него. Ако некого сме го оштетиле, да му го вратиме неговото, секому да се трудиме да помогнеме, дали материјално или морално, да го сториме тоа.
Така ќе ги израмниме патеките во нашето срце, така се приготвува патот за Господа, за да го слушнеме и милостивиот глас на нашиот Спасител Господ Исус Христос: ,,Радујте се, и веселете се, оти голема е вашата награда на небесата !“
Беседа на празникот на Свети Силвестер, eпископ Римски; Преподобен Амон; Преподобен Серафим Саровски;
Преминпортал
Лето Господово 2012
Друго:
Божествена Литургија во св.Јован Крстител, Скопје (14.01.2012)