Жаркко Ѓорѓиевски: Недела XXI по Педесетница (25.10.2026
Милоста е заем небесен, во кој Самиот Бог е гарант на заемот - а умилостениот е должник кој не треба да го врати заемот веднаш, но е должен да го продолжи синџирот на милоста околу себе, да ја надмине и умножи примената милост, раздавајќи милост околу себе.
25. октомври 2026. година
Преподобен Козма Мајумски
Недела XXI по Педесетница (Лука, зачало 30)
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Благочестиви христијани,
Чудото за кое слушнавме денес од евангелскиот текст го опишува само светиот апостол Лука, исто како што воскресението на Лазар го опишува само светиот апостол и евангелист Јован, а пак, воскресението на Јаировата ќерка се опишани само од евангелистите Марко и Лука. Најпрво, Господ Исус Христос ја воскреснал Јаировата ќерка веднаш штом починала, па синот на Наинската вдовица кој веќе бил носен на одарот, а потоа го воскреснал Лазар кој веќе четири дена лежел во гробот. Од сите овие настани, вклучително и оној кој што е опишан во денешново евангелско четиво, гледаме дека реакцијата, односно дејството Христово не било предизвикано од ништо особено, туку дека се работи за семилосно однесување на Семоќниот Бог. Во денешниов текст согледуваме, неизмерна жалост на една мајка која го погребува својот син единец, бескрајно и безусловно милосрдие Божјо, и на крајот, чудо -- кое произлегува од Христовата божествена природа.
Кога Господ Исус Христос ја здогледал мајката како ја следи погребната поворка и тажи над својот починат син единец, како што опишува евангелистот, „се сожали над неа, па ѝ рече: Не плачи!“ Самата глетка навистина била жална - Христос не барал докази за вера, не барал одговори кој е и каков бил починатиот, какво Му е семејството -- но едноставно, безмерното човекољубие излегло на виделина. Тука не се работи за привид, некоја преносна смисла или значење, туку за вистински настан, кој се случил во одредено време на одредено место. Чудото се случило наеднаш, со силата на зборот Божји, кога вели: „Момче, тебе ти велам, стани!“
Овие зборови се така едноставни како и зборовите при создавањето на светот и човекот. „Ајде да создадеме човек“ - „Момче, тебе ти велам, стани!“ - нема никаква разлика во едноставноста на зборот. Нема дури никаква разлика во љубовта од која е создаден човекот и љубовта со која момчето повторно оживува. Бог нема потреба од нашите скептични прашања -- дали нешто е, или не е; нема потреба да се докажува пред својата творба. Да се потсетиме, и светот и човекот се создадени од неизмерната Божја њубов. а и ова момче, на кого ниту името не му го знаеме е воскреснато од истата таа убов, милосрдие и човекољубие. Бог не противречи на своето дело - Бог не против законите кои Самиот ги поставил -- Он е над тие закони, во димензија за нас неразбирлива, замаглена, но сепак ветена. Божјиот образ е даден, но подобието е зададено - токму подобието, односно богоуподобувањето, е нашиот секојдневен исчекор нанапред кон совршенството во кое нè повикува нашиот Создател.
Апостол Лука продолжува со описот на настанот и вели: „Мртовецот стана и седна, и почна да зборува; и Он го предаде на мајка му.“ Гледаме како создаденото го слушнало гласот на својот Создател и веднаш ја извршило заповедта. Ова е онаа иста заповед како при создавањето на светот, кога божествената моќ го вдахнала животворниот дух во правот и создала човек. И тогаш, и во овој момент, мртвото оживеало; каде и да била душата на ова момче, таа послушно, откако ја слушнала заповедта на својот владетел, се вратила во телото и заедно со телото ја исполнило заповедта.
Оваа милост укажана кон вдовицата, која претходно го изгубила мажот, а сега и синот, е милост која се добива само од Бога. Тоа е нашата поука, и денес и во иднина.
Самиот Спасител ни порачува: „Одете и научете што значат зборовите - милост барам, а не жртва.“ Милосрдието, правењето милост едни на други, и едни кон други, е доблест која веднаш и безусловно ја вивнува човечката душа кон Бога.
Милоста е заем небесен, во кој Самиот Бог е гарант на заемот - а умилостениот е должник кој не треба да го врати заемот веднаш, но е должен да го продолжи синџирот на милоста околу себе, да ја надмине и умножи примената милост, раздавајќи милост околу себе. Тоа е дарот кој го имаме, кој сме го примиле, на кој секојдневно се поучуваме, а ретко го практикуваме.
Затоа, и оваа куса евангелска приказна треба да разбуди во нас човек, а во целото општество -- луѓе, кои навистина живеат во заедништо; чии животи се испреплетуваат во добро и полезно. Милоста не бара толеранција, туку вистинското живеење; милоста не е да се толерира, односно да се трпи присуството на ближниот,но да се живее со него и за него, и едни за други. Тоа е она што Бог го бара од нас - тоа е она што Бог го ветил за нас кога вели: „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани.“
Амин.
о.Жаркко Ѓорѓиевски
Скопје,25.10.2026







Повеќето луѓе денес не знаат зошто толку брзаат, а на крајот, со сето она за што велат дека се трудат да го создадат, создаваат болести и проблеми.
Ниту една видлива општествена промена, колку и да е голема, нема да го донесе плодот на кој се надеваме ако човекот остане ист во својата суштина.
Постојано да се молиме да Го запознаеме Христос, да го раскинеме идолот што самите сме го обликувале и да Го следиме Господа како вистинска Личност.
Љубовта не е совршенство. Таа е намера, доследност, почит и труд. Таа е слободен избор што не остава простор за сомнеж.
Секако, тешко е да го препознаете Божјиот лик во луѓето што се однесуваат лошо и грдо кон вас, во оние чии лица го одразуваат ликот на ѕверот, а не добрината на човечката душа.
.Според психосоматскиот пристап, болеста не треба да се гледа како казна, туку како состојба што бара внимание, разбирање и соодветна грижа за човекот во целина.
Можеби токму тука се крие една од најголемите духовни тајни: не е доволно само да копнееме по рајот — потребно е да Му дозволиме на Христос да го започне Своето дело во нас.
Мислам дека не треба ни да размислуваме за нашето наводно бескорисно и бесмислено постоење.
„Силата Божја во немоќта се покажува совршена“--библиска мисла од 2. Коринтјаните 12,9.
Кога Божјото слово ќе се всели во срцето, тоа почнува да дејствува и тогаш кога никој не нè гледа — во нашите мисли, во односот кон ближните,
Кон крајот на 1993 година, на старецот му бил откриен рак во последен стадиум. Кога му ја соопштиле дијагнозата, старецот Пајсиј неочекувано извикал:
Постојано нешто ни недостига, нешто бркаме, нешто чекаме. Како среќата секогаш да е некаде пред нас, зад следната желба, зад следното достигнување, зад некоја нова животна околност.
Знаел што треба да прават другите, како треба да зборуваат, како да се однесуваат, како да се молат, па дури и како да ги исправат своите грешки.
























