Патување кон вистината
Елена Ончевска
Средба со режисерот Златко Славенски
Разговор за неговите понови проекти, но и најава на следното од него, постановката на култната Соларис.
Во Папокот на светот, како и во Војаџер, станува збор за патување по скалите кон небесата, односно во вселената, како своевидно патување кон самите себе. Славенски се согласува: „Да, во Папокот... главниот лик патуваше кон себе, наоѓајќи ја љубовта. Кога ќе ја најде љубовта, ќе се најде себеси, ќе ја најде смислата на нештата, ќе влезе во баланс со сé што го опкружува. Во Војаџер патувањето само по себе е смисла. Фокусот е на тоа да се најде сила во себе да се отиде во пространства што дотогаш не биле освоени, а тоа значи да се биде жив. Патувањето е еднакво на живеење.“ Тој го гледа патувањето како „смисла на ниво на личност.“ Зборува за теоријата за патот на светлината: „Сите светлосни одрази, наши и на минатите цивилизации, некаде патуваат, само нема физички инструменти тоа да го видиме. Тоа патување на светлината е метафора за патувањето на човекот: ако патува, ќе биде како светлината, ќе ја осознае вистината.“ Продолжува: „Нашиот живот е патување, прашање е колку сме свесни за тоа. Патуваме и после смртта. Патуваме кон дома. Краткорочни сме, ама во нашиот дух сме долгорочни. Даден ни е тој благослов.“ Во време кога толку многу се инсистира на комотност, која луѓето сакаат да ја толкуваат како небрежност или мрзеливост во секој поглед, за жал и во духовен, патувањето сфатено во најширока смисла (значи, првенствено кон самите себе) сé повеќе добива димензии на отпадништво. Славенски додава: „Таквите патници се во исто време највеличествени, пример за луѓето. Се обидуваат да ги најдат патоказите во име на другите. Таа карактеристика ја имаат светците. (...) Битката со самите себе е најважната битка. Проблемот е што немаме патокази, или не ги забележуваме.“ Го потсетувам на ставот на познатиот Хундертвасер дека движењето на сé живо е базирано на принципот на спирала: постојано се движиме во спирали и се враќаме во истата точка но секогаш на различно ниво. „Да,“ вели, „движење во спирала, но нагоре. Секогаш е вертикала во прашање... Во прашање е избор.“ Хундертвасер, Големиот пат Хундертвасер, Сребрена спирала Хундертвасер, Спирално дрво |