
За благодарноста
Старецот и маслината
Некогаш живеел еден старец, чичко Манолис, во едно суво село на Крит. Имал само три работи: трошна куќа, магаре и стара маслинка во својот двор. Таа маслинка веќе не раѓала многу, само толку колку што било потребно масло за една година. Сепак, чичко Манолис секое утро ѝ се обраќал. Ги отстранувал сувите гранчиња, ја полевал со последната вода од својот стомна, а кога ќе задувал силен јужен ветер, врзувал платно околу нејзиното стебло „за да не ѝ биде студено.“
Едно лето низ селото поминал Јанис. Бил силен и здрав момок, но несреќен. Ја изгубил работата во градот и одел по селата работејќи за дневница. На чичко Манолис му паднал жал.
„Остани колку што сакаш“, му рекол. „Храна имаме, вода имаме. Само помогни ми да ги собереме маслинките во ноември, па што и да добиеме, ќе поделиме на половина.“
Јанис останал. Јадел од чинијата на старецот, спиел во подрумот и научил како се кројат гранките. Чичко Манолис го научил како да го слуша времето и како да препознае кога маслинката е жедна.
„Земјата те храни ако ја почитуваш“, му велел.
Дошол и ноември. Годината била родна. Старата маслинка се наполнила со плод како што не била во последните десет години. Наполниле осум канти масло. Чичко Манолис го одржал зборот: четири канти за Јанис, четири за него
.„Со ова масло го започнуваш својот живот“, му рекол старецот и му дал уште два златни дукати што ги чувал во ковчегот „за црни денови.“
Јанис заминал во градот. Отворил мала продавница за масло и лековити билки. Вредно работел и за три години станал свој човек. Купил куќа, се оженил и поставил табла со натпис: „Јанисово масло“.
Чичко Манолис останал во селото. Следната зима силен мраз ја погодил маслинката. Дрвото се исушило. Старецот се разболел. Немал пари ниту за лекар, ниту за огрев. Се сетил на Јанис и го замолил свештеникот да му напише писмо:
„Чедо мое, маслинката пропадна. Ми е студено. Ако можеш, испрати ми малку масло да намачкам на леб и едно ќебе.“
Јанис го прочитал писмото во својата продавница. До него стоел еден трговец од Атина.
„Кој е тоа?“ прашал трговецот.
„Еден старец што го познавав во селото“, одговорил Јанис и го свиткал писмото. „Сите тие се питачи. Ако му помагаш на секого, нема да напредуваш.“
И го фрлил писмото во огништето.
Зимата поминала.Чичко Манолис умрел сам.
На пролет, Јанис решил да се врати во селото за да види дали старата куќа може евтино да се продаде. Ја затекнал заклучена. Маслинката стоела сува во дворот. Сакал да отсече една гранка за потпалување. Штом секирата го допрела стеблото, една голема гранка се скршила и му паднала право на ногата. Раната се загноила и лекарите морале да му ја ампутираат ногата.
Оттогаш Јанис куцал. Продавницата му пропаднала, бидејќи повеќе не можел да носи тешки канти.Секоја ноќ, во сон, го слушал гласот на старецот:
„Земјата те храни ако ја почитуваш. Но и човекот, Јанисе. И човекот.“
Ана Данали
(превод од грчки: А.Н.)


























