Со какви пофални венци, денеска да го овенчаме великиот и славен учител на македонските словени? Со кои зборови денеска да му заблагодариме на Бога, оти на нашите предци кои седеа во мракот на паганското незнаење и смрттна темнина, го испрати оној кој со чудеса ги просвети оние кои пристапуваат кон Бог Света Троица, преславно осветувајќи го нивниот живот со знаменија? Навистина, соочени со величината на светиот Климент, милостивиот избавител, заштитник и божествен граѓанин на Царството небесно, ко кула од песок, завршува секој обид, бидејќи Бог е Oној Кој со слава го овенча.
Душата човекова е жедна за благодат и близина со Бога возљубени и скапоцени мои браќа и сестри, но единствено примерот може да ја приведе душата на секој човек по патот на вистината или по патот на погибелта, во зависност од делата кои секој од нас ги твори, а за кои неодложно ќе го добиеме заслуженото. Но, единиот вечен пример, Пат, Вистина и Живот, кој дава благодaтен живот, вечна и непроменлива радост во страдањата и вистинско живеење, тука и во вечноста, е Христос Бог. Токму Он и затоа дојде. Да не изведе од мракот на незнаењето, да нé искупи од власта на гревот, смртта и ѓаволот, и да нé направи по благодат синови и ќерки на Бог Отецот, Синот и Светиот Дух. Затоа и Он им заповеда на апостолите да одат и да ги научат сите крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, учејќи ги да ги пазат Евангелиските заповеди.
Така, гледајќи го животот Христов, животот апостолски, животот на светите отци и учители на Црквата, како и на оние кои на дело му ги покажаа Патот, Вистината и Животот, светиот Климент, запален од љубов кон Бога тргна по патот на: послушание кон неговите духовни отци, светите Кирил и Методиј, постојан пост и молитва, патот на себеодрекување, на постојана жртва – љубовта кон ближниот, или на кратко речено - патот на добродетелен живот. Растејќи во Христа и раководен од неговите учители, заедно со нив, а сé заради браќата и сестрите кои не го разбираа старогрчкиот и латинскиот јазик, ги преведуваше литургиските и текстовите од Светото писмо. Рамо до рамо, трпејќи ја жегата и студот, со своите учители, мисионереше и во Моравските краеви, кај Сарацените, кај Хазарите, но и во Рим, каде што што прими свештенички чин, откако неговите учители ја одбранија употребата на словенскиот јазик за проповед, богослужение и за превод на Светото писмо и богослужбените текстови. Но не само тоа, но и тој како апостолот Павле, претрпи страдања од лажните браќа, кои бивајќи поучени од демонот, неуспешно ја попречуваа евангелизацијата на словенскиот род на јазик разбирлив за нив. Но, на Бога не му беше угодно да изгасне огнот кој го разгорија рамноапостолните свети браќа заедно со нивните свети ученици и благоволи овој голем маж на себе да го прими архиерејскиот крст кој е најголемиот дар но и жртва која на себе може да ја понесе еден христијанин.
Во Охрид, овој голем маж, заедно со свети Наум ја основа Охридската книжевна школа, првиот словенски универзитет кој дари многу достојни бисери, монаси, чтеци, ипоѓакони, ѓакони и свештеници, нанижени на ѓерданот на Охридската архиепископија. Но, не само тоа. Тој не вознесувајќи се себе си, заради архиерејскиот чин и полагајќи ја душата своја за поверената му паства, верниот народ го учеше на христијанско трудољубие укажувајќи му како да ја обработува плодната земјата.
Ете токму во овој верен маж, Бог нам ни го дари примерот за следење, но и втемелителот на нашата духовна мајка, Охридска архиепископија – Македонската православна црква, во чие луно Бог благоволи секој од нас, свештен клир или верен народ, со својот личен и заеднички подвиг да се спасуваме.
Ете возљубени, затоа и светиот апостол Павле нé повика да се молиме за нашите наставници на Евангелитето, односно архиереите, свештенството и ѓаконството, кои исто како свети Климента, на себе, свесно како јарем ги примија душите на нас православните христијани, заради кои се принесе жртвата на спасението, Христос Распнатиот, Словото Божјо – Нашиот Бог. Да, возљубени, навистина голем беше јаремот кој на себе го понесе светиот Климент - одговорност пред Бога за душите на илјадници православни словени од неговото време. Но, голема е од веки до сега и одговорноста која секој пастир, епископ, свештеник и ѓакон, ја зема на себе си, заради тоа што праведен судија на крајот од неговиот подвиг е Бог, пред кого ќе даде одговор не само за своето спасение, но и за спасението на секоја на него поверена душа.
Но, во оваа време, кога постепено згаснуваат и се ладат нашите кандила – душата на секого од нас, не зачудува и фактот што при нас освен болестите и страдањата, слабостите и немоќите, се почести се поделбите помеѓу едноверните браќа и сестри. Наместо ревносни бранители на слабостите од ближниот, каков беше и светиот Климент, постануваме ревносни обвинители и самобранители. Се осудуваме едните со другите заради неживеење православен живот и немање христијанска љубов. Но, всушност, како да забораваме да се прашаме дали јас сум причината што мојот брат е повреден или соблазнет и повеќе не живее православно и не сака да слушне за Бога? Дали сите луѓе се лоши или заради мојата слабост, сите за мене се такви? Ете душата на секого од нас е премногу жедна за многу монаси, ѓакони, свештеници и епископи, но и земни водачи, кои ќе бидат незлобливи, љубовни и милосрдни како светиот Климент и со помош од Бога ќе ги исцелуват нашите немоќи и ќе ни помагаат во секое време. Но, како да забораваме дека за добар плод ни треба и добро дрво. Ете браќа, гледајќи го неговиот живот, секој од нас е повикан пред Бога да принесе покајание и решителност за нов почеток, па како дива маслина, да се прикалеми кон питома и да даде илјадакратен добар плод, кој ќе биде за полза и спасение на многумина. Затоа и светиот Серафим Саровски ни вели: бидете свети и ќе спасите уште илјада околу вас.
Да побрзаме, браќа, и ние да се удостоиме за ова блаженство, правејќи од себе Црква Божја на Светиот Дух, без да држиме злоба еден кон друг, цветајќи со благоверие, светлејќи со љубов кон бедните, украсувајќи се со братољубие, да бидеме духовно распламтени, служејќи Му на Бога, пристапувајќи кон Него со страв и со чистота, за да се покажеме достојни пред Него, како што Самиот Он рекол: Ќе се вселам во нив, и ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ . А како ќе биде тоа? Зар оној, во кого што ќе се всели Бог преку причестување со Неговото животворно тело, не е почист од злато? Зар тој не се обновува катадневно со чистота како орел, и со умот не полетува угоре? Разбирајќи го ова, браќа, да се обновуваме со добрина и со чистота, и животот да ни биде достоен; по светост, а не само по име да се нарекуваме христијани! Откако ќе се оддадеме на духовен подвиг, еден друг да се натпреваруваме со добрина, та и нам дa ни рече нашиот Господ: Дојдете, благословени на Мојот Отец, наследете го Царството кое ви е подготвено од создавањето на светот. Него, впрочем, да Го прославиме од сега со добри дела, иако досега бевме свикнати да живееме во слабости и во мрзливост, но од овој ден па натаму, да се потрудиме да правиме добри дела, оти Царството небесно се зема на сила, и силните го грабаат, преку Христа Исуса, нашиот Господ, Кому нека е слава, сега и секогаш и во веки веков. Амин!
Презвитер Дејан Апостоловски
храм на св.вмч. Димитриј, Крива Паланка
8- ми декември 2016 год.
Друго: