За ова дете се молев, и Господ ја исполни молбата моја, за која Му се молев и јас го предавам сега на Господа за сите денови на животот негов (II Цар. 1:27:28).
Од Бога испросен и на Бога посветен бил Самоил пророкот и водачот на израилскиот народ. Блажена Ана, неговата бездетна мајка, со солзи и со жртви го испросила од Бога. И него, единецот, најголемото свое богатство, го предала од самото детство на служење на Господа. Мудрата мајка своите деца не ги смета за свои туку за Божји. Божји се и кога Бог ги дава, Божји се и кога Бог ги зема, но најмногу се Божји кога самата мајка ги посветува на Бога. Божјиот дар Му се враќа на Бога како подарок. Зашто ние ништо немаме свое за да му дадеме на Бога, туку она што од Него го добиваме.
И живеел малиот Самоил при храмот, помеѓу расипаните синови на архијерејот Илија и не се расипал. И Господ не сакал да им се јави на грешните старци, туку му се јавувал на ова чисто дете… Зашто Самоил ја исполнувал волјата Божја и не остана ни еден Негов збор неисполнет (3:19). И Самоил бил судија на израилскиот народ од младоста до староста и ништо не направил лошо, ниту на Бога, ниту на луѓето. Бог му дал моќ, та пророкувал и правел чуда; сите Божји и народни непријатели ги победил; двајца цареви помажал: Саул и Давид.
А кога остарел, го повикал народот и го прашал дали некогаш на некого му извршил насилство или од некого зел мито? А народот едногласно одговорил: Ти не си нѐ навредувал, ниту си нѐ измачувал и од никого ништо не си зел (12:4). Ете, таков човек бил оној кој од Бога бил подарен и на Бога како подарок е возвратен, и кој растел со благослов Божји и благослов мајчински. Нека мајките се користат со примерот на блажена Ана; судиите и водачите да се користат со примерот на праведниот Самоил.
О Господи свет и пресвет, благ и преблаг, отвори ја нашата душа за да ја видиме светоста и благоста Твоја, за да се покаеме за своите лошотии. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин. (Пролог)
Друго: