Порака на српскиот патријарх Порфириј до учениците на почетокот на учебната година
Драги деца, драги ученици, Господ нека ве благослови вас, вашите татковци и мајки, браќа и сестри, роднините, наставниците, вашите другари со кои играте, сите луѓе и сите деца.
Господ да ги благослови и училиштата во кои учите, каде стекнувате различни знаења. Како и да е, треба да знаеме сите и наставниците и родителите, но и вие ученици, дека поважно од знаењето е да стекнете добродетели, односно да станете добри луѓе, а добар човек е оној кој ја чувствува љубовта прво кон семејството и кон другарите, но и кон сите луѓе, кон сета природа, кон целиот свет. Тоа значи дека љубовта е најважната работа.
Љубовта е најскапоцениот дар што Бог му го дал на човекот. Единствен услов некој да биде среќен, без разлика дали е дете како тебе, дали е возрасен или можеби стар човек, како што се твоите баба и дедо, е да има љубов во срцето. Се друго ако има, убава куќа, најбрз автомобил, најдобар телефон, многу пари, најдобри оценки и награди на натпреварите, најубаво да пее или најдобро да црта на ликовно, да е најјак и да постигнува најмногу голови, сето тоа е ништо ако нема љубов кон неговите пријатели, кон луѓето, кон децата, кон природата. Тоа не значи дека не треба да се натпреваруваме кој ќе научи подобро, кој ќе добие подобра оценка, туку значи дека не треба да му завидуваме на подобриот, туку да се радуваме на неговиот успех, а самите да се трудиме повеќе.
Да си помагаме меѓусебно за подобро да ги научиме лекциите, бидејќи сме си потребни еден на друг, сите зависиме еден од друг. Затоа треба да ги негуваме другарството и заедништвото. Треба да се молиме на Бога еден за друг. Треба да се молиме нашиот Бог, Исус Христос да ни даде љубов, да бидеме поблиску до Него, нашиот Бог, и така да бидеме поблиски еден на друг, со нашите родители, браќа и сестри, пријатели...
Се молам за вас деца, Господ да ве чува, на сите да им даде здравје и радост, а бидејќи знам дека на Бога му се најдраги детските молитви, ве молам да се молите за мене, да се молите за целиот свет, за сите луѓе , за да има хармонија, мир и љубов. Бидете здрави и живи, драги деца! Господ нека ве благослови!
Патријарх српски Порфириј / cudo.rs
Подготвил С.Стефковски