БЕСЕДА 21
На христијанинот му претстои двојна битка, и тоа внатрешна и надворешна; последната се состои од оддалечување од земните разоноди, а првата се одвива во срцето со помислите што ги сугерираат лукавите духови.
1. Оној што сака вистински да Му благоугодува на Бога и навистина ја замразил спротивната страна на злобата, потребно е да води битка преку подвизи и борби од два вида: во видливите работи на овој свет да се оддалечува од земните разоноди, од љубовта кон она што го врзува за светот и од гревовните страсти, а во скриените работи да се бори со духовите на злобата, за кои апостолот рекол: „Нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата" (Ефес. 6, 12).
2. Откако ја престапил заповедта и бил истеран од рајот, човекот е врзан на два начина и со двојни окови: во овој свет со житејските дела, љубовта кон светот, т.е. кон плотските задоволства и страсти, кон богатството и славата, имотот, жената, децата, роднините, татковината, местото и облеките, со еден збор, кон се што е видливо, од што словото Божјо заповеда да се одврземе доброволно (затоа што секој човек доброволно и се приврзува кон се што е видливо), па откако ќе се одврзе човек, ќе се ослободи од сето тоа, да може да стане совршен исполнувач на заповедите; скришно, пак, ја заплеткуваат, ја валкаат и со оковите на темнината ја оковуваат душата духовите на злобата, па така таа не може ниту, колку што сака, да Го љуби Господа, ниту, колку што сака, да верува, ниту, колку што сака, да се моли, затоа што од времето на престапот на првиот човек спротиставувањето во се, и отворено и скришно, завладеало со нас.
3. Затоа, кога некој, откако ќе го слушне Божјото слово, ќе стапи во подвиг, ќе ги отфрли од себе житејските дела и врските со светот, ќе се откаже од сите плотски задоволства и ќе се одврзе од нив, тогаш, истрајно насочувајќи ја мислата кон Господа, тој може да дознае дека во срцето постои една друга борба, друг скришен отпор, друга битка на помислите од лукавите духови, и дека му претстои еден поинаков подвиг. И на тој начин, со несомнена вера и големо трпение непрестајно повикувајќи Го Господа, очекувајќи од Него помош, можно е уште овде да се здобиеме со внатрешно ослободување од оковите, мрежите, ограничувањата и темнината на лукавите духови, т.е. од дејството на скриените страсти.
4. Оваа, пак, битка може да биде прекратена од благодатта и силата Божја, затоа што човекот, сам по себе, не е во состојба да се избави од отпорот, од скитањето на помислите, од невидливите страсти и сплетките на лукавиот. А ако некој е призврзан кон видливите работи на овој свет, се заплеткува со многуразличните земни врски и се предава на злоштетните страсти, тој нема да познае дека внатре во него има друга борба и битка. И о, камоли човекот, кога со напор ќе се оттргне и ослободи од овие видливи светски окови, материјални грижи и плотски задоволства, и ќе почне постојано да се прилепува кон Господа, да се трга настрана од овој свет, па макар и по ова да дојде до состојба да ја познае борбата на страстите, којашто се вгнездува внатре во него, и внатрешната битка, и лукавите помисли! А ако, како што рековме погоре, не се откаже со напор од светот, не се одврзе со сето свое срце од тоа да ги посакува земните нешта и не добие желба целосно да се прилепи кон Господа, нема да ги познае скришните измами на духовите на злобата и потајните злоштетни страсти, туку ќе си остане туѓ на самиот себе, затоа што не ги знае сопствените рани и, имајќи ги во себе скриените страсти, нема да ги осознае, но уште и доброволно се приврзува кон видливото и се прилепува кон световните грижи.
5. А оној кој вистински се одрекол од светот, се подвизува, го симнал од себеси земното бреме, се ослободил од суетните посакувања, од плотските задоволства, од славата, кариерата и човечките почести, и со сето срце се оддалечува од ова, тој - кога Господ во овој видлив подвиг му помага кришум, според мерката на откажувањето на волјата од светот, и кога тој самиот целосно, т.е. со телото и душата се зацврстил и постојано престојува во служење на Господа - наоѓа во себе отпор, скриени страсти, невидливи окови, скриена битка, невидлива борба и невидлив подвиг. И на тој начин, испросувајќи од Господа, добивајќи од небото духовни оружја, какви што ги набројал блажениот апостол: оклопот на правдата, шлемот на спасението, штитот на верата и духовниот меч (Ефес. 6,14-17), и откако ќе се вооружи со нив, ќе може да им се спротиви на скришните сплетки на ѓаволот, вложени во лукавствата што тој ги составува, Откако ќе ги стекне овие оружја преку молитвата, трпението, просењето, постот, а најмногу од се преку верата, ќе биде во состојба да се подвизува во борбата со началствата, властите и светските управители. А на тој начин, откако во содејство со Духот и преку својата ревност во сите добродетели ќе ги победи спротивните сили, ќе стане достоен за вечниот живот, прославувајќи го Отецот и Синот и Светиот Дух. Нему слава во вековите! Амин.
Издавач: ЃаконијА
Посети: 309
Друго: