БЕСЕДА 28
Во оваа беседа се опишува и оплакува бедноста на душата, односно дека, поради гревот, во неа не престојува Господ; исто така се зборува за Јован Крстител, дека никој од родените од жена не е поголем од него.
1. Исто како што Бог, кога еднаш се разгневи на Јудејците, го предаде Ерусалим на неговите непријатели за да го понижат, па оние кои ги мразеа станаа нивни господари и таму немаше веќе ниту празник, ниту принос, така Тој, откако се разгневи и на душата поради престапувањето на заповедта, ја предаде на непријателите, на демоните и страстите и тие, откако ја намамија, потполно ја понижија и во неа престана секој празник, престана темјанот и приносите што душата Му ги дава на Бога, затоа што патиштата кон она што е важно во неа се наполнија со диви ѕверови и во неа си направија гнезда влекачите - лукавите духови. И како што една куќа, ако господарот не живее во неа, пропаѓа во темнина, не остава веќе впечаток и станува грда и полна е со нечистотија и распаѓање, така и душата, ако нејзиниот Владика не ликува во неа заедно со ангелите, се исполнува со гревовната темнина, со срамни страсти и со секоја неславност.
2. Тешко на патот, ако никој не оди по него и ако на него не се слуша човечки глас, затоа што станал прибежиште на ѕверови. Тешко на душата кога во неа не оди Господ и со Својот глас не ги истерува од неа лукавите духовни ѕверови. Тешко на домот кога во него не живее господарот. Тешко на земјата кога нема земјоделец кој би ја обработувал. Тешко на бродот кога во него нема кормилар (капетан), затоа што пропаѓа, носен од брановите и од морската бура. Тешко на душата кога таа во себе го нема вистинскиот кормилар - Христа, затоа што, наоѓајќи се среде горкото море на темнината, носена ваму-таму на брановите што ги прави бурата на страстите, вознемирувана од лукавите духови, најпосле пропаѓа. Тешко на душата кога во себе не Го има Оној што внимателно ја обработува, т.е. Христа, за да може да роди добри духовни плодови, затоа што, откако ќе запусти и ќе се наполни со трње и троскот, нејзиниот род најпосле станува храна за огнот. Тешко на душата кога во неа не престојува нејзиниот Владика - Христос, затоа што, откако опустела и се исполнила со смрдеата на страстите, станува засолниште на порокот.
3. Како што земјоделецот, кога тргнува да ја обработува земјата треба да си земе орудија и облека соодветни за работата, така и Христос, Царот небесен и вистинскиот работник, кога дошол кај човештвото запустено од пороците, откако се облекол во тело и наместо орудие го земал крстот, ја заорал запустената душа, го откопал од неа трњето и троскотот на лукавите духови и го искорнал плевелот на гревот и сето билје на гревовите нејзини го изгорел во оган. Па така, откако ја заорал со дрвото на крстот, во неа насадил најубава духовна градина, која на Бога, како на Владика, Му раѓа слатки и посакувани плодови од секаков род.
4. И како што во Египет во текот на тридневната темнина син не можел да види татко, брат брат, пријател својот пријател, затоа што ги покривала темнина, така и откако Адам ја престапил заповедта, отпаднал од поранешната слава, му се потчинил на духот на светот и покривката на темнината слегла на неговата душа, од него па се до последниот Адам - Господ, човекот не го гледал вистинскиот небесен Отец, благосрдната и добра мајка - благодатта на Духот, најслаткиот и најсакан брат - Господ, другарите и искрените пријатели - светите ангели, со кои некогаш се радувал и празнувал. И не само до последниот Адам, туку дури и сега за оној за кого не заблескало сонцето на правдата - Христос, кому не му се отвориле духовните очи, просветени од вистинската светлина, сите тие се покриени со истата таа темнина на гревот, го имаат во себе истото тоа дејство на сластољубието, подлежат на истата таа казна и немаат очи со кои би можеле да Го видат Отецот.
5. Зашто секој треба да знае дека постојат очи повнатрешни од овие очи и постои слух повнатрешен од овој слух. И како што овие очи сетилно го гледаат и распознаваат лицето на пријателот или на љубениот, исто така и очите на душата достојна и верна, просветена од божествената светлина, духовно Го гледаат и распознаваат вистинскиот пријател, најслаткиот и многу посакуваниот младоженец - Господ, веднаш штом душата ќе биде озарена со достојниот за поклонување Дух. И на тој начин душата, мислено спознавајќи ја посакуваната и единствената неискажлива убавина, ќе биде ранета од божествената љубов, се настројува кон сите духовни добродетели и, како последица од ова, ја стекнува безграничната и неисцрпна љубов кон за неа посакуваниот Господ. Според ова, што е поблажено од оние вечни зборови, преку кои Јован ни Го претставува пред нашите очи Господа и вели: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот" (Јован 1, 29)?
6. Навистина, од родените од жена никој не е поголем од Јован Крстител, затоа што тој е - полнотата на сите пророци. Сите пророкувале за Господа оддалеку покажувајќи го Неговото доаѓање. Но Јован, пророкувајќи за Спасителот, го покажал пред очите на сите, извикувајќи и велејќи: „Еве Го Јагнето Божјо"! Колку е сладок и прекрасен гласот на оној кој директно покажува на Оној за Кого проповеда! Никој од родените од жена не е поголем од Јован Крстител, „но најмалиот во царството небесно е поголем од него" (Мат. 11,11). А тоа се одозгора родените од Бога апостоли, коишто го примија почетокот на Духот Утешител, зашто тие се удостоија да судат заедно со Христа, да седат на престоли заедно со Христа, тие станаа избавители на луѓето. А ќе откриеш и тоа дека тие, исто така, го разделуваат морето на лукавите сили и ги предводат верните души. Ке откриеш дека тие се работници кои го обработуваат душевното лозје. Ќе откриеш дека тие се пријатели на Младоженецот, кои ги свршуваат душите со Христа, зашто речено е: „Ве обручив за маж" (2. Кор. 11, 2). Ќе откриеш дека тие им даваат живот на луѓето. Со еден збор, ќе откриеш дека тие во многу нешта и на разни начини Му служат на Духот. Токму тој „најмал, поголем" е од Јован Крстител.
7. Како што земјоделецот, кој има ѕевгар волови, ја обработува земјата, и Господ Исус, овој совршен и вистински работник, откако ги собра апостолите, ги испрати по двајца (Лука 10, 1), и Самиот заедно со нив обработувајќи ја земјата на оние кои слушаат и вистински веруваат. Впрочем, и следново е достојно да се забележи: царството Божјо и апостолската проповед - не е само во зборот што се слуша, затоа што заради ова би било доволно само да се умее да се зборува и да се предава на друтите, туку напротив, царството е - во силата и дејственоста (енергијата) на Духот. Ова го искусија на себе Израилците. Постојано поучувајќи се во Писмото и без сомнение занимавајќи се со мислата за Господа, тие не ја прифатиле самата Вистина и своето наследство им го предале на други. Така и тие коишто на други им ги соопштуваат зборовите на Духот, а самите не ја поседуваат силата на зборот (словото), им го предаваат наследството на другите. Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух во вековите! Амин.
Издавач: ЃаконијА
Друго:
Посети: {moshits}