БЕСЕДА 35
За старата и новата сабота.
1. Во сенката на законот, даден преку Мојсеј, Бог повелал во сабота сите да отпочинуваат и ништо да не работат. А ова било образ и сенка на вистинската сабота, која Господ и ја дарува на душата. Зашто душата којашто се удостоила да се избави од срамните и нечисти помисли ја саботува вистинската сабота и отпочинува со вистинската почивка, зашто е испразнета и слободна од сите темни дела. Зашто таму, во саботата којашто служела како праслика, иако луѓето телесно отпочинувале, сепак душите им биле оковани преку лукавството и пороците. А оваа вистинска сабота е вистинско спокојство на душата, испразнета и исчистена од сатанските помисли, која отпочинува во вечната Господова почивка и во радоста.
2. Како што тогаш Бог заповедал дури и неразумните животни да отпочинуваат во сабота, волот не го ставале во јарем ако не било неопходно, и на магарето не ставале товар - затоа што и животните отпочинувале од тешките работи - така Господ, кога дошол и ни ја дал вистинската и вечна сабота, ја успокоил душата, обременета и натоварена со бремето на беззаконието, нечистите помисли, принудена да ги прави делата на неправдата, затоа што била роб на сурови господари, и ја ослободил од неподносливите товари, од суетните и нечисти помисли. Го симнал од неа тешкиот јарем на делата на неправдата, ја успокоил неа, изнамачената од нечистите помисли.
3. Зашто Господ го повикува човекот на почивка, велејќи: „Дојдете при Мене сите, изморени и обременети, и Јас ќе ве успокојам" (Мат. 11, 28). И оние души, коишто се покоруваат и доаѓаат, Тој ги успокојува од овие тешки, обременувачки и нечисти помисли. Тие стануваат празни од секое беззаконие, ја саботуваат вистинската сабота, пријатна и света, го празнуваат духовниот празник на неискажливата радост и веселба, од чисто срце извршуваат чиста и благоугодна служба на Бога. И тоа е вистинската и света сабота. Значи, да Го молиме Бога и ние да влеземе во оваа почивка, да се испразниме од срамните, лукави и суетни помисли; а на тој начин да ни се отвори можноста да Му служиме на Бога од чисто срце и да го празнуваме празникот на Духот Свет. И блажен е оној што ќе влезе во онаа почивка. Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, Кој така благоволи, во вековите! Амин.
Превод: о. Игор Калпаковски
Друго: