логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 sv.Kliment.Ohridski.D

Марко Китевски
(од книгата „Македонски црковно-народен календар“, Скопје 2021)


Денеска Македонската православна црква го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец, најпознатиот меѓу повеќето ученици на светите браќа Кирил и Методиј.
Именден празнуваат: Климент, Климе, Климентина…

Македонската православна црква со посебно внимание но и со гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец. Првиот македонски архиепископ во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња, (црковно, просветно, книжевно итн.) тој стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.

Свети Климент заедно со Свети Наум Охридски се најистакнатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Дваесетина години во Велика Моравија им помагале на солунските браќа во остварувањето на Моравската мисија. Кога кон крајот на 867 или почетокот на 868 година светите браќа Кирил и Методиј биле повикани во Рим со нив бил и Свети Климент. Тогаш бил ракоположен во духовно звање. По смртта на Кирил, во Рим, свети Климент заедно со свети Методиј се вратил во Моравија и му останал верен во одбраната на словенскиот јазик во црковната богослужба. По смртта на св. Методиј кога неговите ученици биле жестоко мачени, а потоа и протерани од Моравија во почетокот на 886 година свети Климент заедно со свети Наум и свети Ангелариј дошле во Бугарија, од каде што биле испратени во Охрид. Овде св. Климент ја основал познатата Охридска книжевна школа наречена и прв словенски универзитет во кој оспособил над 3.500 ученици за црковна богослужба. Паралелно со црковната и педагошката се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишуваат опширните житија на св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа. Напишал и поуки за големите христијански празници (Рождество Христово, за Велигден, за Зачатието на Пресвета Богородица, за Благовештението на Пресвета Богородица итн.), пофални слова за други празници на апостоли и маченици (за блажениот пророк Захарија и за раѓањето на свети Јован Крстител, за Светите четириесет маченици, за свети Лазар, свети Димитрија, за бестелесните Михаил и Гаврил, за свети Јован Златоуст, за свети Климент патријарх Римски и многу други дела.

Не помалку значајна е и неговата преведувачка дејност. На св. Кирил и Методиј им помагал во преведувањето на потребната литература за црковната богослужба, а самиот го превел целиот Цветен триод.

По смртта Господ го прославил со многу чуда. Но бидејќи свети Климент уште за време на животот бил многу популарен меѓу народот, веднаш по неговата смрт неговиот култ уште повеќе се раширил. Се создале многу преданија во кои се среќава неговиот лик. Едни од нив содржат биографски податоци за светителот, други содржат мотиви со исцелителска содржина и раскажуваат за неговата моќ да лекува со допир, со лековити води или со лековити билки. Извесен број преданија зборуваат и за неговата просветителска дејност, за тоа како го описменувал населението, како го поучувал да ја обработува земјата, да одгледува овошни дрвја и како да гради поубави куќи да живеење. И поголем број топоними (камења, стапалки, дрвја и сл.) во охридскиот крај се поврзани со неговото име.

Свети Климент Охридски е патрон на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, тој е заштитник на градот Охрид и целиот охридски крај. Преданијата раскажуваат дека секогаш кога над градот и околината ќе се надвиснела некоја несреќа се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од разурнување, а народот од страдање.

Во преданијата свети Климент најчесто се среќава со свети Наум Охридски, со кого најчесто се претставени како браќа. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на браќа во духовна смисла ‒ собраќа, но повеќемина се склони да тврдат дека свети Климент и свети Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православната црква епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.

Се претпоставува дека св. Климент е роден околу 830/840 година. Починал на 27 јули според стариот (односно на 9 август според новиот) календар во Охрид. Бил погребан во гробот што самиот си го подготвил во црквата „Св. Пантелејмон“. Уште за време на животот св. Климент својот именден го празнувал на денот кога Светата христијанска црква го празнувала споменот на Светиот свештеномаченик Климент папа Римски односно на 25 ноември според стариот ( или 8 декември според новиот) календар. Поради тоа подоцна Светата црква главниот празник поврзан со неговото име го поместила на денот на неговиот именден, а на денот на неговото упокоение (9 август/27 јули) се празнува заедничкиот спомен на Светите Седмочисленици (светите Кирил и Методиј, Климент, Наум, Ангелариј, Сава и Горазд), како и споменот на светиот великомаченик Пантелејмон. „Внесувањето на овој датум во црковниот календар за богослужбено чествување на св. Климент Охридски го извериш византискиот охридски архиепископ Теофилакт кон крајот на 9 век, поткрепувајќи го неговиот култ со составување на пространо житие и на служба со химнографски песнопеења.“

Во народното творештво на секој народ важно место имаат народните преданија и легенди. Тие се резултат на колективното паметење, односно на изборот од сето она што од минатото на еден народ влегло, и останало во неговиот спомен. Кога станува збор за преданијата и легендите треба да се има предвид дека многу претстави поврзани со христијанските светители се наследени од постарите периоди.

Меѓу македонските легенди и преданија значајно место имаат оние поврзани со ликовите на Свети Климент и Свети Наум Охридски чудотворци. Според повеќето истражувачи изворите на преданијата и легендите за овие двајца наши културни и религиозни дејци можат да се најдат во нивните житија, а некои претставуваат плод и на народната фантазија.

Преданијата за Свети Климент на број се помалку од оние за Свети Наум, но сепак го одразуваат односот на народот кон својот заштитник. Култот на Свети Климент Охридски се ширел кај македонскиот народ и многу пошироко по пат на одржување богослужби, преку постојано препишување на неговите творби кај повеќето словенски народи, по пат на изработување на сликарски дела, на фреските и иконите, по пат на склупторски дела и слични уметнички манифестации, како и по пат на општење со охридскиот светилник преку легендите и народните преданија. Зашто, како што е познато во народното верување Свети Климент е заштитник на градот Охрид и околината и секогаш кога ќе се заканела опасност се јавувал духот на светителот и ги заштитувал животите на луѓето и нивните имоти. Оттука луѓето во него се заколнувале, се заветувале, или го повикувале во молитвите. Така, Свети Климент „е присутен во свеста на нашиот народ и интимно сврзан со неговиот секидневен живот и со неговата судбина“.

Што се однесува до култтот на св. Климент треба да се каже и тоа дека поради неговата голема популарност меѓу свештениците и верниците уште за време на животот св. Климент веднаш по упокојувањето бил уште повеќе почитуван. „Веднаш по блаженото упокојување на св, Климент Охридски многумина верници почнале да одат на поклонение во неговата манастирска црква и на неговиот гроб силно верувајќи во исцелителната моќ на светецот. Ваквата масовна и култно потсилена состојба спонтано наложила св, Климент да биде воведен во редот на светителите и од страна на црковната хиерархија. Особено за тоа дале авторитетен прилог неговите ученици и следбеници, кои набргу се погрижиле по христијанските храмови во Охридската диецеза да се служат богослужбени чествувања за неговиот светителски спомен и слава.“

Сведоштвата на Григор Прличев искажани во неговата Автобиографија можеме да ги сметаме за сведоштва од пошироко значење бидејќи Прличев како охриѓанец имал однос кон Св. Климента каков што имале и другите негови сограѓани. Кога Прличев држел слово за Свети Климента во Охрид рекол: „Неоти Свети Климент има нужда од пофалби, неоти може некој достојно да го пофали, но должни сме да го пофалиме како што можеме и колку што ни допушта времето и местото“. Кога, по многуте клевети, дошле да го водат во затвор, Григор Прличев побарал дозвола да се поздрави, односно да ја поутеши својата мајка при што и рекол: „Мајко не бој се! Тако ми Св. Климента за малку ќе се видиме. Никому зло не сум сторил. Чисто небо од светкавици не се бои. Тоа се Владикови клевети што Бог ќе ги распрсне како дим. Бог и со здравице ќе ми те дари. Не ти велам збогум, ами довидување“. Кога во затворот ќе го посети учителот Наум Филев во знак на охрабрување ќе му рече: „Знаеш ли дека машко и женско трча кон Св. Климентовиот храм? Знаеш ли колку свеќи горат пред Св. Климента за вашето спасение?“ Во затворот Г. Прличев стакленицата (шише со ракија) му ја подал на еден старец да благослови. Тој како што вели Прличев помолитви: „Св. Климент златен да му платит секому според работите (амин), да не крепит во верата (амин), да и извишит куќите на милостивите граждани што не најале и напоиле (амин), да и множит и славит (амин), да ги чуват и вардит од зло нивните чеда, внуци и превнуци (амин).“ Кога Прличев ќе ја земе стакленицата за да благослови ќе рече: „…Св. Климент да и поднесит молитвите на старецот пред Божјиот престол (амин).“ Кога затворениците меѓу кои бил и Прличев ги подготвувале за да ги пренесат од охридскиот за дебарскиот затвор и кога му ставиле вериги на ногата, тука се нашла и мајка му која му рекла: „Биди ми јунак, ако ли не јас ќе умрам од тага. Четири сирачиња маленки ми останавте од татка си; ти дури и не го помниш, ти беше шестмесечно младенче – седаче. Ве изранив со јуначко земјоделие и туѓоработништво. Не бој се! Пред Св. Климента горат безбројни кандила. Ако ми се уплашиш, арам да ти е моето млеко!“ Покажувајќи ги овие цитати од Автобиографијата на Прличев, сакаме да покажеме дека духот на Св. Климента бил насекаде во Охрид, дека луѓето го повикувале во молитвите, дека палеле кандила пред неговите икони повикувајќи го да ги заштити, дека го имале за застапник пред Господа. И самиот Прличев во споменатото Слово за Св. Климента вели: „Кога се славит името на светиите, тогаш се славит и името на самаго Бога; тогаш и добрината се закрепува, а лошината ја губи својата држава.“

Поради неговата општа популарност меѓу македонскиот народ и посебно меѓу народот во Охридско за Св. Климента се раскажани и запишани поголем број преданија. Во повеќе преданија се раскажува како Св. Климент го спасил градот од разни опасности и од разни непријатели. Еднаш и помогнал на самоиловата војска во борбата со турскиот аскер. Тогаш Св. Климент се појавил на коњ и од големата сила на коњот останале траги на калдрмата. Старите раскажувале дека до скоро на Горна Порта се гледале траги од потковиците на коњот. И во едно предание, од зборникот на браќата Миладиновци, со наслов „Свети-климентова стапаљка“, кусо предание искажано само со една реченица, се вели дека „В Охрид имат камен над кој сет вглобени петични стапаљки од скорни, кои вељат че беха од Св. Климент.“ И во друго предание Св. Климент го бранел Охрид од турските војски. Тогаш водел борба и кај Долна Порта и кај Горна Порта. Притоа неговиот коњ се сопнал и од задната нога се откинала потковицата и се закачила горе на железната врата од Горна порта. Потковата до денешни дни стоеше на вратата, сведочи раскажувачот. За средбата на Св. Климент со турските војски или со јаничарите се раскажува и во други преданија. Така еднаш ги посоветувал охриѓани како да го напуштат градот (да ги потковаат коњите наопаку), друг пат го ослепел везирот, водачот на јаничарите што сакал да влeзе во градот. Му ги ослепел дете очи, а потоа кога овој ја видел силата на светецот, кога се покајал и го молел, Св. Климент му го вратил едното око за да не прави друг пат такви работи.


Во преданијата Св. Климент е претставен и како спасител на девојче што се давело во езерото, излекувал девојка што била глува и нема, заедно со Св. Наум и Св. Ангелариј ја излекувал ќерката на царот што била крастосана, излекувал девојка – ќерка на лекар што била болна од припаѓање, оздравела кога ја бакнала раката на Св. Климент, го предупредил игуменот што се обложувал (мотив што го среќаваме и во преданијата за Св. Наум), му помогнал на чунарот што носел кори за правење чунови. Итн. Св. Климент во преданијата е претставен и како го штител манастирскиот имот. Човекот што пресекол дрво од кај манастирот на Св. Климент почувствувал тежина и умрел. Ноќта на неговата жена и се јавил старец со бела брада и и рекол да го однесат во црквата Св. Климент. Таму тој оживеал. Потоа на сон му се јавил Св. Климент и го прекорил уште еднаш да не сече од неговите дрвја. Во друго предание се раскажува дека некој Турчин што обработувал ниви од црквата Св. Ѓорѓија од Струга една ноќ од прозорецот на својата куќа гледал како некој човек со долга брада качен на коњ му го газел бостанот. Утрото кога пошол во бостанот, се изненадил кога видел дека немало никаква штета. Кога била отворена црквата во ликот на Св. Климента го препознал човекот што на коњ му го газел бостанот. По совет на питропот донесол десетина ока масло за светење на црквата. Таа година штета не му се направила, но потоа нивите на црквата ги обработувале само христијани. Итн. Итн. Значи имаме поголем број преданија со различна содржина во кои Св. Климент е прикажан како градител на манастир, заштитник на манастирскиот имот, лекар, заштитник на градот Охрид и на неговите жители, просветител итн.

Преданието сведочи дека Св. Климент го подучувал народот на корисни работи. Во едно предание се вели дека „Кога стигнал Св. Климент во Охрид видел дека луѓето не живееле во куќи, туку во некакви колиби покриени со слама и потпрени со диреци. Тогаш Св. Климент нив ги научил да ѕидаат убави куќи од камен. Прво тој ја соѕидал неговата црква, а потоа сите почнале да ѕидаат убави камени куќи“. Во друго предание пак што го објавил К. Шапкарев се вели дека Св. Климент не само человеците в Охридската каза ги просветил во Христијанската вера туку и самите плодородни дрвја ги опитомил, пренесол во градот питоми овоштија, насади и ги пресадил дивите до тогаш месни овошни дрвја“. Ј. Х. К. Џинот во написот за Охрид и Преспа објавен во Цариградски весник од 26. 03. 1955 година ја споменува оваа дејност на Св. Климента па вели дека: „В Охрид секаков емиш (овоштија) има, и това овоштие е насадено от руците на Свјатаго Наума, Климента и Геразма. Много дрвеса сја називајат Наумови круши, Климентови чреши, Геразмови т.е. Грозданови лози, зашто по всичка Македонија, Албанија и Тесалија таквија овоштија (не) сја находат како охридските.“ Џинот само го запишал она што го раскажувало народното предание во однос на оваа дејност на Св. Климент.

Преданието Св. Климента најмногу го поврзува со Св. Наума. Тоа е и разбирливо ако се има предвид дека извршуваат иста дејност, дека народот ги сметал за собраќа, или за браќа по вера односно по дејност, или за родени браќа како што ги сметаат и некои научници. Преданието ги поврзува како ученици на светите браќа Кирил и Методија. Неколку преданија раскажуваат дека св. Климент и св. Наум во исто време и со договор ги граделе своите манастири. Мајсторите распнале јаже од едниот до другиот рид по кој си ги подавале алатите. Уште се договориле кога едниот манастир ќе биде готов да се затресе јажето и да престанат со градба за да видат чиј манастир е прв изграден. Уште малку црквата на Св. Климент не била готова кога на јажето паднале црни чавки и мајсторите престанале да работат. Тие на Св. Наум продолжиле и го завршиле. Потоа паднале и бели гулаби и и тие престанале со работа. Значи во преданието запишано од Бранислав Нушиќ паднале црни чавки и бели гулаби. Во друго предание се вели дека на јажето слетал уморен орел во трето предание пак јажето го затресол орел ранет во борбата меѓу орлите и штрковите. Како и да е според преданието Св. Климентовиот манастир останал недоправен поради што на Турците им било полесно да го претворат во џамија, додале само минаре, а кубе немало како што се вели во преданието запишано од Б. Нушиќ.

Но некогаш свети Климент во преданијата се среќава со други светители, како што се св. Еразмо Охридски, свети Кирил и Методиј, свети Спиридон и свети Василиј итн. Некогаш пак, се среќава и во врска со историски личности од Охрид како на пр. со Григор Прличев. Тоа е и разбирливо ако се има предвид популарноста што Прличев ја имал во Охрид и воопшто во Македонија.

Од биографијата на Миладиновци знаеме дека кога во 1845 година во Охрид и Струга престојувал рускиот научник В. И. Григорович, тој заедно со Димитрија Миладинов го посетиле селото Издеглавје каде што ја барале првата Св. Климентова епископија Главеница. Тие тука ги барале камените столбови со словенски натписи во кои станувало збор за покрстувањето на населението. Бидејќи не нашле траги од тоа што го барале Григорович му оставил аманет (задача) на Димитрија да продолжи да бара. Шапкарев има запишано предание за ова село Издеглавје со наслов: „За Здеглаве и Белица или првите Св. Климентови епископии, Главиница и Велица“. а) Во Охридското окружие, 8-9 часа на север од градот, има една околија наречена Деб’рца разделена на два дела, Горна и Долна Дебарца. Во последната има главно село Здеглавје или по турски изговорено „Издеглавје“.

Преданието кај нас раскажува дека истото тоа село Здеглавје било некогашната „Главиница“, првата Св. Климентова епископија. А некои сочувани белези ја потврдуваат верноста на тоа народно предание….“ – се вели во преданието запишано од К. Шапкарев.

И денес жителите на селото Издеглавје пренесуваат кажување на нивните претци дека во месноста Старо Село, кај двете селски цркви и кај селските гробишта имало некои знаци (дупки, пештери) остатоци од минатото.

Во преданието запишано од Шапкарев освен за Здеглавје се зборува и за Белица. Притоа се раскажува дека селото Белица било всушност некогашната Св. Климентова епископија во науката позната како Велица.

б) На најзападната граница од истиот округ околу еден и пол до два часа на запад од градот Струга на источното ребро од Беличката Планина која е дел од Акрокеравнијските, лежат две влашки села, Горна и Долна Белица, првото горе на планината, помало, а последното долу во подножјето, доста големо, со жители повеќето трговци. Подолу кон север има уште две бугарски села доста големи Вешчани и Октиси. а близу до нив едно Арнауто – мохамеданско, исто така големо село Велешта со теќе и Шех во него и со жители најсвирепи злоупотребувачи на земјата.

Се зачувало предание и за тие села, особено за последното, дека е истото она место на кое постоела некогашната Белица, искривено Велица, втората Св. Климентова епископија која според истото предание тогаш била град со 3000 и повеќе семејства. За потврдување на вистинитоста и на тоа предание има докази кои ќе се бидат објавени на друго место.“

Некои најнови објавени записи потврдуваат дека култот на Св. Климент бил раширен во Струга и Струшко. Истражувањата на Стојан Ристески, Анастас Ќушкоски, Јоне Кленко , и други автори од овој крај сведочат дека имало повеќе локалитети, манастири, цркви, топоними, села, реки и други објекти поврзани со името на Св. Климент, се разбира остаток од времето кога во селото Белица била неговата епископија.

Најпрвин манастирот Св. Климент, на 2,5 км. источно од селото Горна Белица е единствениот манастир посветен на Св. Климент. Според народното предание овој манастир го подигнал самиот Св. Климент. Ова е култно место за жителите на Горна Белица, Вевчани, Октиси, Вишни па дури и за Стружани. Под манастирот се наоѓа извор за кој народот смета дека има света или лековита вода. И плодовите од овошните дрвја околу манастирот на струшкиот пазар биле сметани за лековити и се купувале за здравје. Се велело „Касни за здравје“ зашто се сметало дека тие се засадени од Свети Климент. Да споменеме и тоа дека патот што минувал покрај манастирот бил именуван како Света Долина секако поради делувањето на Свети Климент.

Во селото Вишни има црква што го носи името на Св. Климент. Потоа во Струга маалата околу црквата Св. Ѓорѓија се викало Светиклиментова Маала. Блатото од истекот на Дрим од езерото до селото Калишта се викало Светиклиментово или само Климентово Блато. На околу 2 км. од мостот на поезијата кон Калишта се наоѓал манастирот Света Богородица кој бил потопен, но народот верувал дека Св. Климент во него имал дел од својот универзитет. Реката што одела од Цареј Кладенци низ Струга и се вливала во Црн Дрим се викала Климентица. Во селото Мислешево има стара црква Св. Климент, во селото Волино една месност се вика Манастирот Свети Климент. Овде се пронајдени надгробни споменици, а има индиции дека се работи за антички локалитет врз кој подоцна – во средновековието била изградена и црква посветана на Св. Климент. Во близина на ова село се наоѓа селото Климештани и во него, исто така, има црква Свети Климент. Името на селото и името на црквата не е исклучено да се поврзани со дејноста на св. Климент Охридски, според жителите на селото кои раскажувале легенди, преданија и имиња на локалитети поврзани со името на свети Климент Охридски. Очигледно Струга и Струшко задржале траги од животот и дејствувањето на св. Климент какви што нема ниту едно друго место. Дали тие останале недоволно афирмирани или подзаборавени поради поголемиот град Охрид и дејноста на св. Климент во овој град, како и неговиот манастир на Плаошник и неговите мошти во манастирот?!

Како и да е Свети Климент Охридски чудотворец нашол значајно место во народното паметење што резултирало со мноштво народни легенди и преданија за него. Во нив некогаш го гледаме како обичен човек, друг пат како чудотворец. Но секогаш тој им помага на луѓето поради што тие го повикуваат во своите молитви, благослови и секогаш кога им се потребна неговата помош.

Истиот ден се празнува споменот и на светиот свешт-мч. Климент папа Римски. Тој е трет по ред папа римски. Роден е во Рим и потекнувал од царско семејство. Во младоста ги изучил сите науки, а потоа го примил христијанството откако за ова учење слушнал директно од устата на христовите апостоли Петар и Павле. За време на царот Трајан бил протеран во Херсон на Крим каде што продолжил да го шири христијанството. Многу народ покрстил од Александрија до Херсон поради што бил погубен по царска наредба. Во 101 година му бил врзан камен околу вратот, а потоа бил фрлен во морето. Добрите христијани го нашле неговото тело и пристојно го погребале. Подоцна кога светите Кирил и Методиј биле во мисија во овие краишта ги нашле неговите мошти и ги понесле со себе. Кога од Моравија светите браќа Кирил и Методиј биле повикани во Рим со себе ги носеле и светите мошти на св. Климент, поради што биле пречекани со големи почести. Поради тоа што маченички настрадал, а и светите мошти му биле пренесени уште кога христијанската црква не била поделена на источна, православна и западна католичка, денес и православната црква го празнува како голем маченик за христовата вера.

 

Извор:

https://denesen.mk/den-na-sv-kliment-ohridski-zashtitnik-na-gradot-ohrid-i-na-celiot-makedonski-narod/

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3216
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7707
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

25/12/2024 - среда

Божикен пост (пост на масло)

+Свети Спиридон Чудотворец, епископ Тримифунтски; Светиот свештеномаченик Александар, епископ Ерусалимски; Светиот маченик Разумник; Преподобен Герман Алјаски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Смирението твое о, Данило столпнику,по молитвите на твоите родители,со заштитиништвото на великиот Симеон,пат кон небесата ти отвори,а ангелите и луѓето...

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная