Во чест на Пречиста!
Претсказанието на Ангелот
„Ќе биде големо невреме.
Коработ ќе пристигне
во еден мирен залив, на Атос
не толку далеку од Ефес.
Ќе ги видиш светилиштата на Стариот свет
ама не тревожи се, кој не го знае Единиот
во секакви идоли верува.
На допрен глас, Македонците ќе дојдат
да те пречекаат. Голема чест ќе ти направат.
Они знаат, еднаш во Македонија -
секогаш во Македонија ќе бидеш.
Они за името ќе те прашаат
Ти ќе им го кажеш и долго ќе им благовестиш
за Синот.
Они ќе паднат ничкум пред Тебе
(нели не секоја приказна води кон просветление!)
Ти ќе ги благословиш – да биде Света нивната Гора
Да биде дел од Бога, а Бог дел од неа.
Ќе глаголиш од сè срце, великодушно
Подоцна, во прав час
Ќе се вратиш овоплотена во икона
Ќе бдееш пред порти
на пристаништето на Белото море.
Ќе бдееш дење-ноќе
Да не даде Господ
Денот да се претвори во ноќ!
Они ќе те примат за своја
А Ти ќе ставиш шамија на главата
И на шамијата Сонце
И на Сонцето капка Крв –
Осум пати по една!“
Катица Ќулавкова