Документарецот за македонските монаси во Русија
Владиците од многу земји носат епископски капи изработени во манастирот "Свети Ѓорѓи Победоносец" крај Дебар, се вели во филмот
Македонскиот документарец "Метох" сниман во Бигорски манастир и во женскиот манастир "Свети Ѓорѓи Победоносец" ќе патува на фестивал во Русија. Филмот е во режија на Стојан Вујичиќ. Селектиран е во натпреварувачката програма на фестивалот "Златен витез", во градот Курск (14 - 23 јуни). Со овој фестивал претседава еден од најголемите живи режисери, Никита Михалков.
"Филмот прикажува дел од секојдневието на македонската монашка заедница и мотивите кои инспирирале некои од нејзините членови да ја донесат одлуката за замонашување. "Метох" покажува и како се изработува едно ретко ракоделие - познатите епископски капи, таканаречните митри, кои со години наназад се прават во манастирот "Свети Ѓорѓи Победоносец" крај Дебар, а кои ги носат владиците од многу православни земји", велат од продукцијата на филмот.
Документарецот се снимаше во 2010 година, по идеја на Викторија Стефковска. Продуцент е Огнен Антов. На фестивалот, кој ги негува христијанските вредности, "Метох" ќе учествува со уште 150 филмови од триесетина земји.
(Де.Т.)- Вечер