За лагата
ПРЕПОДОБЕН ДОРОТЕЈ ПАЛЕСТИНСКИ
dorotej 31. Сакам накусо да ви спомнам за лагата. Затоа што гледам дека многу се трудите во воздржувањето на јазикот, од што многу лесно може да се застрани во многу нешта. Видете, браќа мои, во секоја работа, како што секогаш ви зборувам, постои навика во добро и во лошо. Потребно е големо трезвеноумие за да не бидеме обземени од лагата. Ниеден лажливец не се соединува со Бога, бидејќи лагата Му е туѓа на Бог. Напишано е „Лагата е од лукавиот“. И повторно: (ѓаволот) е лажец и татко на лагата (Јован 8,44). Значи, ѓаволот е татко на лагата, а Бог е вистината. Самиот Он говори: Јас сум патот, вистината и животот (Јован 14,6). Гледате од кого се одделуваме и кон кого се прилепуваме по патот на лагата? Очигледно е дека се приближуваме кон злото. И така ако сакаме навистина да се спасиме, треба со целата своја сила и усрдност да ја љубиме вистината и да се чуваме од секаква лага. Зашто таа (лагата) ќе нè одвои од вистината и животот.
2. Постојат три различни лаги. Постои лажливец во мислите, постои лажливец со зборови и постои оној кој лаже со самиот живот. Лаже оној, кој се прима со сомневање. Тој гледа некој како разговара со својот брат и почнува да се сомнева, говорејќи: „Тој за мене зборува“, и доколку го прекинат разговорот тој повторно ќе се посомнева дека поради него прекинале. Ако некој каже некој збор, тој ќе се посомнева дека е кажан за негово огорчување. Едноставно, тој во секоја работа направена од ближниот се сомнева, говорејќи: тоа заради мене го направи, тоа заради мене го кажа. Тој е лажливец во мислите. Никогаш не говори според вистината, туку според неговите сомневања. Оттука произлегува љубопитноста, прислушкувањето, оговарањето, расправиите, осудувањето.
3. Се случува некој да се сомнева во некоја работа и таа навистина да се случи. Сакајќи, наводно, врз основа на тоа да се поправи, тој секогаш е љубопитен, мислејќи: „доколку некој зборува против мене, врз основа на тоа ќе видам каде грешам и ќе можам да се поправам“. Но, овде самиот почеток е од злочестивиот, бидејќи е започнато од лага. Незнаејќи за што станува збор, се сомнева во нешто што не го знае. Како може лошо дрво да даде добри плодови? Ако навистина сака да се поправи, на зборовите од братот свој: „Не прави го тоа“, или: „Зошто го направи тоа?“, не треба да се збунува, туку да му направи поклон и да му се заблагодари. Така ќе се поправи. И кога Бог ќе види дека има таква намера, никогаш нема да го остави во прелест, туку ќе му испрати некој кој ќе му помогне да се поправи. А зборовите: „Јас им верувам на своите сомневања заради себепоправање“, а потоа да прислушкува, и бивајќи љубопитен, претставуваат оправдување кое е од ѓаволот, кој секогаш сака да плете замки.
4. Еднаш, додека сè уште бев во општожитие, се најдов во искушение да мислам дека од движењето на телото од човекот може да се разбере неговата духовна состојба. Се случи ваква работа. Додека стоев, покрај мене помина една жена која носеше бардак со вода. Не знам како сум се занел и погледнав во очите на жената и веднаш ми се појави помисла дека таа жена е блудница. На таа помисла многу се огорчив. Го прашав старецот, ава Јован: „Владико, што треба да направам ако некогаш и без посебна желба видам нечии движења и помислата ми наметне заклучок за неговата состојба?“ Старецот ми рече: „Што понатаму? Зар не може некој да има природен недостаток и низ борба да го поправи? Од тоа не може да се сфати неговата состојба. Никогаш не им верувај на своите сомнежи, зашто кривиот лењир го прави криво и она што е право. Сомневањата се лага и се штетни“. Оттогаш не им верував на помислите дури и кога ми велеа дека сонцето е сонце и темнината е темнина! Зашто ништо нема потешко од сомнежот. Доколку се всели во нас станува толку штетен, што почнува да нè уверува и наметнува помисли дека јасно ги гледаме работите кои не постојат, ниту пак постоеле.
5. Ќе ви кажам една чудна работа за тоа додека сè уште бев во општожитие. Имавме еден брат на кого оваа страст многу му пречеше. Тој толку многу значење им придаваше на сомнежите, што беше уверен дека е така како што помислите му кажуваа и никако поинаку. Злото со текот на времето напредуваше. Демоните толку многу го турнаа во прелест, та еднаш кога беше во градината да набљудува (а тој секогаш набљудуваше и прислушкуваше) му се причинило да види еден од браќата како краде смоква и ја јаде, а беше петок и сè уште не беше дошол вториот час. И така, уверувајќи се себеси дека навистина го видел тоа, се скрил и излегол молчејќи. За време на Литургијата исто така набљудувал што ќе направи братот кога ќе дојде време за Света Причест. Кога видел дека братот ги мие рацете и се подготвува да влезе и да се причести, отрчал кај старецот и му рекол: „Ава, оној брат кој влегува во олтарот за да се причести со Светите Тајни, го видов утринава како краде смокви и јаде од нив, не му дозволувај да се причести“. Авата заповеда да го повикаат пред да ги прими Светите Дарови и тргнуваќи го на страна го запраша: „Кажи ми, брате, што направи денеска“, а тој изненаден од прашањето го праша: „Каде, владико?“ Старецот му одговори: „Во градината во која беше утрово, што правеше таму?“ А братот зачудено му одговори: „Владико, јас денес ја немам ни видено градината, зашто не ни бев во манастирот, туку што пристигнав од пат. Веднаш по бдението, економот ме испрати по набавки“. А местото за набавки за кое се зборува беше со километри далеку. Старецот прати да го викнат економот и откако дојде го запраша: „Каде го прати овој брат?“ Економот му го кажа истото што му го кажа и братот претходно. Старецот праша: „Зошто не го прати кај мене за благослов?“ Економот направи поклон и рече: „Прости ми, но ти се одмараше по бдението, затоа не го пратив кај тебе да земе благослов“. Старецот се увери во она што му го кажа братот и со молитва го отпушти и му даде благослов да се причести. На братот, пак, кој имаше сомнеж, му даде епитимија и го одлачи од Светата Причест. И не само тоа, по службата ги повика сите браќа и со солзи во очите им објасни што се случило, разобличувајќи го братот. Тоа го направи со тројна намера: да го посрами ѓаволот кој сее сомнежи, да му се прости гревот на братот и да добие помош од Бога, да ги утврди браќата во тоа никогаш да не ги трпат своите сомневања. Откако нè поучи и нас и братот, рече дека ништо не е поштетно од сомневањето. Тоа го докажа со примерот кој се случи.
6. И други слични поуки во разни прилики кажале отците предупредувајќи нè на штетата која можат да ја предизвикаат сомневањата. Затоа со сите свои сили да се потрудиме, браќа мои, никогаш да не им веруваме на своите сомневања. Ништо не го оддалечува човекот од согледување на гревовите свои како сомневањето. Тоа секогаш го прави човекот љубопитен за нешта кои не му припаѓаат нему. Од тоа ништо добро не може да излезе освен смут во душата и безброј нервози. Поради тоа човекот никогаш не успева да се здобие со страв Божји. Доколку и покрај нашата грешност, во нас се вселат сомневања, веднаш да ги преобразиме во добри мисли за да не ни наштетат. Зашто, сомневањата се зли и никогаш не ја оставаат душата во мир. Тоа е лага во мислите.
7. Лаже оној кој од мрза не станал за на бдение и се оправдува со зборовите: „Имав температура, несвестица и не бев во можност да станам. Бев премногу слаб“. А може да биде искрен и да каже: „Прости ми, бев мрзоволен за да станам“, наместо да се покае и да се смири, тој кажува уште десет други лаги. Ако некој го прекори за тоа, тој продолжува да ја заобиколува вистината со зборови сè додека не се оправда за да не добие прекор. Исто така ако се случи да има нешто против братот свој, тој не престанува да се оправдува велејќи: „Но, ти го рече тоа, ти тоа го направи, јас не го кажав тоа, туку тој, не ова, туку тоа итн.“, и сè со цел да не се смири и да се покае. Доколку сака нешто, не си допушта да каже: „Јас го сакам тоа“, туку продолжува да заобиколува со зборови велејќи: „Страдам од тоа и тоа ми е неопходно“ или „заповедано е да ми се даде тоа“. Зборува толку лаги сè додека не ја исполни својата желба.
8. Секој грев настанува или заради сластољубие или заради среброљубие или пак заради славољубие. Исто така и лагата настанува заради овие три причини. Некој лаже за да не биде прекорен и заради тоа да се смири, или да ја задоволи својата желба, или да се здобие со нешто. И не престанува да се врти наоколу и да замајува со зборови сè додека не си ја исполни целта. На таквиот човек никогаш не му се верува. Ако и вистина зборува, никој нема да му верува, зашто се сомнева и во она што ќе го каже.
9. Меѓутоа, се случуваат и такви принудни околности во кои доаѓа до големо смутување и огорчување доколку нешто не се скрие. Кога ќе дојде до тоа да некој е принуден на тоа, како што реков, нека ги измени зборовите за да не дојде до поголема жалост и опасност. Како што му рекол ава Алониј на ава Агатон: „Двајца мажи извршиле убиство пред тебе и еден од нив побегнал во твојата ќелија“. Началникот го бара и те прашува: „Пред тебе е извршено убиство?“ Кога не би направил икономија (снисходење), ти би го предал човекот на смрт, т.е. смртна казна.
10. Кога ќе се случи нешто неопходно, не треба да се биде безгрижен, туку треба да се кае и да се плаче пред Бога, сметајќи го тоа како момент на искушение. Такво нешто не треба да се случува често, туку еднаш помеѓу многу пати. Сапунот и другите средства за чистење почнуваат да штетат ако премногу често се употребуваат. Напротив, тие се корисни само ако се користат еднаш годишно и тоа ако има голема потреба. Така треба да се служиме и со ова. Измени ги зборовите ако има голема потреба, но како што реков, еднаш во многупати, кога има голема неопходност. Вршејќи го тоа ретко со страв и трепет изнесувајќи ја пред Бога својата намера и својата неволја. Тогаш ќе бидеш покриен т.е. ќе ти се прости. Видовме кој лаже во мислите, а кој со зборови, ќе кажеме уште и кој е оној кој лаже со својот живот.
11. Лаже со своjот живот оној кој живеејќи како развратник, се преправа дека се воздржува, или оној којшто е користољубив зборува за милостина и го велича сочувството, оној кој е горд се восхитува на смирението. Но не се восхитува на тоа со смирение и не се восхитува за да ги пофали тие добродетели. Да говори со таква намера, најпрво би ја исповедал со смирение својата слабост говорејќи: „Тешко мене грешниот, зашто нема никакво добро во мене“. По исповедта тој може да се восхитува и да ги фали добродетелите. Тој не ја воздигнува својата добродетел без да сака да соблазни некого, зашто ако не сака тој би требало да размислува вака: „Јас сум грешен и полн со страсти, зошто и друг да соблазнувам? Зошто да ì штетам и на друга душа и со тоа да си ставам дополнителен товар врз самиот себе?“ Зашто оплакувањето на самиот себе е смиреност, а штедењето на ближниот е сочувство. Но тој не се восхитува на добродетелта заради наведеното, како што реков. Напротив, тој името на добротетелта го користи за да ја сокрие својата грешност или за да се претстави себеси како добродетелен човек, или најчесто за да повреди некого. Ниедно зло, ниедна ерес, ни самиот ѓавол не може да го излажат човекот, доколку не земат облик на добродетел. И апостолот зборува дека и самиот ѓавол се преправа во ангел (2.Кор. 11,14). Затоа не е чудно што и неговите слуги се преправаат дека се слуги на правдата. Така и лажливецот, како што реков, зборува за добродетелите, ги фали и им се восхитува како самиот тој да ги има, или како некој кој има искуство во истите, сакајќи да излаже или да повреди некого. Тоа е лажливец со својот живот. Тој не е едноставен човек, туку дволичен. Еден однатре, а друг однадвор. Дволичен и срамен е и неговиот живот.
12. Ете, кажавме дека лагата е од нечестивиот. Кажавме и дека правдата е од Бога. Да бегаме, браќа мои од лагата за да го избегнеме злото и подвизувајќи се да ја стекнеме вистината, за да се соединиме со Оној Кој рече: „Јас сум вистината“ (Јован 14,6). Нека нè удостои Бог со Својата вистина.
Нему му припаѓа сета слава и сила во сите векови. Амин.
Превод од српски јазик:
Благоја Трајкоски, дипл. Теолог
Православна светлина бр.24
Јануари 15, 2013
Изор: Ортодоксија и ортопраксија