За верата на стотникот
Недела IV по Педесетница
Митрополит Антониј Блум
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух
Во денешното Евангелие Христос како пример за вистинска, автентична вера ни го дава стотникот и ветува, дека сличните
на него ќе влезат во Царството Божјо и од Запад и од Исток, од четирите страни.
Не сме ли ние оние, кои се повикани од Бога и кои навистина стигнале од четирите страни кон Царството Божјо, кои се припоиле кон Израилот, кон тајната на избраниот народ и кои го надминале, затоа што, како што рекол Самиот Спасител, најголемиот во Стариот Завет е најмал во Новиот Завет?
Во денешното Евангелие верата на стотникот поразува со тоа што тој не само што безусловно се доверил на Бога, безусловно бил уверен дека Спасителот може да го исцели неговиот слуга, но уште повеќе - дека Тој може тоа да го стори со еден збор; дека не е потребно Спасителот да оди во неговиот дом, да се допре до болниот, да го повика со непосреден збор кон тоа исцеление: не, доволно е за Создателот на светот да каже еден збор и да се случи исцеление.
Колку често во нашата молитва ние, не само се молиме, туку упорно изискуваме од Христа, та Он да ни се појави тука, таму, сега, та на некаков начин да го почувствуваме Неговото присуство и Неговото дејство. И еве ни се дава пример: незнабожецот, кој едноставно поверувал, дека во Бог има доволно љубов и доволно силна власт, за да направи чудо, дури и без да се приближи до оној кој има потреба од чудо.
Овој расказ се совпаѓа со расказот за тоа, како по чудесниот улов на риби Петар во ужас му се поклонил на Христа и Му кажал: Оди си од мене, Господи, јас сум недостоен за Твоето присуство... Тој исто така го доживеал Божјото величие, тој со таква сила почувствувал, дека не само што е недостоен, туку нема сила да го понесе тоа светлозарно, преобразувачко присуство, и го замолил Господа да си замине.
Кој од нас во себе нашол некогаш доволно вера, доволно целовитост во однос кон Бога, за да рече: Доволно ми е Твоето слово, кои се слуша од Евангелието, кои одекнува низ цела вселена; доволно ми е збор - јас ќе послушам и ќе бидам жив? Амин.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев
Изворник: http://www.mitras.ru/archive/070623.htm