логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

monahinja.crkva.jpgКога зборуваме за умно - срдечната молитва ние се наоѓаме во срцето на таканареченото мистично богословие, т.е. во срцето на православното богословие. Со умно - срдечната молитва се постигнува, но и се изразува единството и заедницата на човекот со Бога.

Кога човекот ќе стекне единство со Бога, тогаш веднаш почнува срдечната молитва. Свети Василиј Велики е карактеристичен во врска со ова. Тој вели дека разбираме добро дека Бог живее во нас кога имаме непрестано сеќавање на Бога. И уште, ние сме храмови на Пресветиот Дух кога, и покрај земните грижи со кои се занимава нашиот разум - интелект, умот се моли непрестано.


Назив на умно - срдечната молитва

Оваа молитва, која е непрестаната молитва на Црквата (“Господи помилуј”), се нарекува срдечна затоа што преку неа се открива таканареченото духовно срце и таму дејствува молитвата. Духовното срце е центарот на човековото постоење и, според свети Григориј Палама, се наоѓа во телесното срце како во орган, а не како во сад. Срдечната молитва е истоветна со умствената молитва или се разликува од неа аналогно со значењето на зборот ум (). Светиот Григориј Палама, кој е изразител на целото црковно светоотечко учење за исихастичкиот живот, вели дека ум се нарекува и суштината на душата (срцето), но и дејството на душата кое се состои во помислите. Така, ако го поистоветиме умот со срцето, тогаш можеме да ја поистоветиме и умствената со срдечната молитва. Во секој случај треба да се нагласи дека во светоотечкото богословие ум е најсуптилното внимание, кое во паднатата состојба се расејува преку сетилата во созданието и му се потчинува или се поистоветува со разумот (логиката), со страстите и со условите на средината што нé опкружува. Тој ум кога од својата расеаност ќе се врати во срцето, тогаш дејствува таму и затоа се нарекува умствена и срдечна молитва. Значи, природното пребивалиште на умот е срцето. Со неговото сконцентрирање таму и телесниот орган на срцето го чувствува присуството на Божјата благодат, се насладува, се разгорува, се весели, се стоплува и тие енергии му ги предава и на целото тело. На тој начин имаме и преобразување на човековото тело.

Така, кога умот (најсуптилното внимание) се наоѓа во разумот и таму се моли, тогаш тоа се нарекува разумна молитва. Меѓутоа кога умот влегува во срцето и таму самодејствува молитвата, тогаш тоа се нарекува умно - срдечна молитва. Затоа треба да правиме јасна разлика. Едно е разумната молитва, а друго е умно - срдечната молитва. Ова го велам затоа што некои луѓе разумната молитва ја нарекуваат умствена молитва. Повторувањето на молитвата “Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме” со разумот, со употреба на бројаница, ја нарекуваат умствена молитва, но таа молитва е разумна  молитва.

Начин на умствената молитва

Прашањето како почнува умствената молитва од една страна е прашање на надворешно учење, на раководство од страна на опитен духовен отец, а од друга страна е прашање на внатрешен личен опит. Значајно е да се каже дека битен повод за развивање на умствената молитва претставува постоењето на православно Предание и постоењето на православен терапевт. Фактот дека во денешната епоха умствената молитва изгледа како тешко постиглива не е независен од губењето на Православното Предание во неговата внатрешна срж, која е очистувањето, просветлувањето и обожувањето, како што и не е независен од фактот на непостоењето на многу духовни отци кои располагаат со тој православен метод.

Во секој случај, постојат два основни начини преку кои се развива умствената молитва, која всушност претставува враќање на умот во срцето и соединување на умот со срцето.

Првиот начин е доаѓањето на Божјата благодат преку целиот аскетски живот, и тоа во време кога можеби човекот не ја очекува, преку која се соединува умот со срцето. Треба да се каже дека умот со срцето, односно енергијата со суштината на душата се соединуваат само преку Божјата благодат. Молитвата во нејзиниот вистински израз, според учењето на светиот Јован Дамаскин, е “брачна врска помеѓу човекот и Бога”. Ова успешно дефинирање покажува што е всушност умствената молитва. Кога велиме Божја благодат мислиме на Божјата несоздадена енергија. А бидејќи ние го стекнуваме општењето и соединувањето со Христа преку несоздадената Благодат, затоа и со учеството во несоздадената Благодат имаме заедница со Христа. Таа несоздадена Божја благодат е Царството Божјо, затоа што во Православното Предание Царството Божјо не е нешто надворешно и не е некоја создадена реалност, туку е учество во Божјата благодат. Кога Божјата благодат доаѓа во срцето, тогаш човекот станува духовно свештенство, според учењето на светиот Григориј Синајски. И уште, станува храм во кој се служи Литургија. Од ова ја разбираме поврзаноста на умствената молитва со Христа и со Светиот Дух. Со други зборови умствената молитва не е човекоцентрична состојба или психолошки израз, туку е опит на Божјата благодат.

Секако, тоа не значи дека оној кој има умствена молитва и кој станува храм на Пресветиот Дух и го доживува Царството Божјо не се причестува со Пречистите Тајни или дека се оттуѓува од Светите Тајни на Црквата. Напротив, целата таа умствена молитва се развива во оној човек кој живее во светотаинското и аскетското предание на Црквата. Така, срдечната молитва ја зголемува жедта за Причеста, а Причеста го разгорува жарот за молитвата. Умно - срдечна молитва надвор од Литургијата и надвор од сета атмосфера на Православието, ако не е незамислива, тогаш е тешко да се развие и дури е опасна. Може да одведе во опрелестени состојби. Оној кој се вежба во умствената молитва го доживува доаѓањето на Христа во Причеста. Со причестувањето со Пречистите Тајни се зголемува неговиот жар за молитва и се зголемува неговата љубов за Бога.

Затоа искусниот духовен отец, кој сака да им помогне на своите духовни деца да достигнат до непрестаното сеќавање на Бога, го употребува Преданието на Црквата кое се состои во таканареченото очистување на срцето. Тоа очистување на срцето не е ништо друго освен преобразување на страстите, наше ослободување од задоволството и скрбта и отфрлање од срцето на сите помисли. Сé што помага кон исполнување на оваа цел е соодветен начин за развој на умствената молитва. Така, учењето за умствената молитва не е надворешно и механичко, туку е поврзано со методот на исцелување на човекот.

Вториот начин, кој можеби е полесен и за пократок временски период му помага на човекот да искуси што значи да се врати умот во срцето, е таканаречениот “научнички” метод. Треба да нагласам дека овој “научнички” метод, кој всушност се поистоветува со разумната молитва и со макотрпниот труд да го сконцентрираме нашиот ум на молитвата, се случува и за време на одземањето на Божјата благодат. Кога Божјата благодат доаѓа во срцето на човекот, тогаш автоматски умот се соединува со срцето. Во состојба кога не дејствува Божјата благодат ние се обидуваме да се сконцентрираме и тоа се нарекува “научнички” метод.

Методот на “научничкото” вежбање во молитвата е разновиден. Би сакал да ги наведам најкарактеристичните случаи.
На почетокот се трудиме да ја повторуваме молитвата со устата, стремејќи истовремено да ги следиме со умот (со вниманието) зборовите на молитвата, но одбегнувајќи да фантазираме за она што го мислиме. Во тој случај повеќе се врши разумната молитва и умот се поврзува со разумот. Тој начин ни помага затоа што и увото учествува во таа работа и така човекот има повеќе помош за да го сконцентрира својот ум на молитвата. Секако, треба да нагласам дека кога велам дека се изговара молитвата мислам на молитвата “Господи Исусе Христе Сине Божји помилуј ме”, која се кажува цела или скратена, или дури и други молитви од Давидовите псалми, како што се: “продолжи ја Твојата милост врз оние кои Те познаваат”, “исцели ја мојата душа бидејќи Ти согрешив” итн. Добро е да потенцирам дека внимаваме да имаме една основна молитва и затоа се препорачува молитвата “Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме”, затоа што така му е полесно на умот да се сконцентрира, без да ги пренебрегнуваме другите молитви кои ни ги дава Светиот Дух.

Понекогаш ја кажуваме молитвата шепотејќи со нашите усни, без да ги употребуваме гласните жици, и тогаш умот се наоѓа повеќе во усните отколку во разумот. Тој начин е соодветен, затоа што помага во сконцентрирањето на умот без да се бранува човекот со силно изговарање на молитвата. Во тој случај повеќе се движат усните и јазикот и се слуша едно едноставно шепотење. Нагласуваме дека и во овие случаи се бориме да се ослободиме од фантазијата. Колку што можеме се ослободуваме од нејзиното влијание, затоа што во подвигот на тој внатрешен мистичен живот фантазијата може да направи големо зло и се развива сé понагласео со страшни последици за нашиот живот. Го велам ова затоа што во подвигот за да се развие таканаречениот “мистичен” свет човекот стекнува едно внатрешно умствено тихување во голем степен. Меѓутоа, тогаш е возможно една мала фантазија и една мала слика или една обична надворешна дразба да остане во умот за подолго време и човекот да го слуша тоа во текот на еден голем временски период. За световниот човек, чиј што внатрешен свет е полн со слики, фантазии и сл. веројатно е една обична дразба да не му направи голем впечаток. Но на исихастот, кој се вежба во таа свештена работа, и најмалата дразба што произлегува од сетилата и од фантазиите му предизвикува голема бура и останува многу време во него. Исихастот во таа состојба, бидејќи неговиот внатрешен свет станал многу чувствителен, внатрешно континуирано ја слуша таа дразба подолго време. Затоа велиме дека човекот кој се вежба во разумната и во умствената молитва се бори да ги одбегнува надворешните дразби и дури и самите слики на фантазијата. Секако, почетниците не можат лесно да се ослободат од фантазиите, затоа и нивната молитва има нагласен фантазерски карактер. Меѓутоа полека - полека со дејството на Божјата благодат и со умножувањето на покајанието човекот се очистува од сите внатрешни слики и од самата фантазија.


Понекогаш исихастот, вежбајќи се во умствената молитва, го чувствува својот ум како да се наоѓа околу грлото, при што важат Давидовите зборови “колку се слатки за моето грло Твоите зборови Господи”. Понатаму колку што умот слегува во срцето, толку понагласено се чувствува неговото слегување. По грлото се чувствува присуството на умот во надворешниот дел на телесниот орган на срцето, а потоа го чувствува како дејствува во срцето. Во тој случај велиме дека умот влегува во срцето со дејството на Божјата благодат во атмосфера на најдлабоко покајание и, секако, го слуша треперењето на духовното срце.

Слегувањето на умот од разумот во срцето се случува полека полека и со дејството на Божјата благодат. Иако растојанието од раумот до срцето е многу мала, сепак реално е голема и е потребен нагласен труд и голема борба за да слезе умот од разумот во срцето.

За ова слегување на умот од разумот во срцето некои употребуваат и различни психотехнички начини. Еден од тие начини е вдушувањето и издишувањето со повторување на молитвата. Така, понекогаш вдишуваат велејќи “Господи Исусе Христе” и издишуваат велејќи “помилуј ме грешниот”, а понекогаш вдишуваат кажувајќи ја целата молитва и пак ја повторуваат молитвата издишувајќи. Некои кога вдишуваат кажувајќи ја молитвата, се обидуваат да го задржат малку воздухот во срцето. Тоа многу помага, затоа што од една страна го лоцира во човекот она место во кое треба да се сконцентрира умот, а од друга страна со издишувањето доаѓа едно олеснување што помага во развивањето на молитвата. Свети Никодим Светогорец нагласувајќи го ова вели дека задржувањето на вдишувањето помага, затоа што и зографот кој сака да наслика некој деликатен момент, можеби и без да го чувствува тоа, го задржува малку вдишувањето. Така, со задржувањето на вдишувањето или пребиваме во безфантазерско тихување или без фантазија ја повторуваме молитвата два три пати. На тој начин се помагаме во задржувањето на умот на молитвата, и секако во пронаоѓањето на срцето.

Секако, сето ова се кажува со голема резерва и, бездруго, потребен е опитен духовен водач во овој пат на молитвата, затоа што постои веројатност да се создадат проблеми и во самото тело на човекот. Најбезопасното е кога некој ќе ги употребува вдишувањето и издишувањето многу благо и кога ги следи природното вдишување и издишување, кажувајќи ја истовремено молитвата, без да го притиска срцето. Тоа се врши во обидот умот повеќе да се сконцентрира на зборовите на молитвата, да избега од опкружувањето и така човекот да почувствува што значи природен живот на умот. Исто така, сите психотехнички методи не треба да се пренагласуваат и да се изолираат од духовниот живот. Тие се само помошни начини за сконцентрирање на умот. Исто така имам забележано дека психотехничките методи или задржувањето на вдишувањето кај жените создаваат повеќе проблеми отколку кај мажите.

Во секој случај треба пак да нагласам дека психотехничките методи помагаат. “Научничкиот” метод се употребува во почетните стадиуми на духовниот живот, како и тогаш кога човекот живее во стадиумот на напуштање на Божјата благодат. Најуспешниот метод за сконцентрирање на умот е покајанието. Преку покајанието човекот ја прима Божјата благодат, а преку Божјата благодат се соединува умот со срцето. Кога некој болува телесно, тогаш умот се сконцентрира на болното место. Така и кога срцето преку покајанието болува од чувството на гревот, тогаш умот се сконцентрира во срцето. “Научничкиот” метод му помага на човекот многу брзо да види резултати, а покајанието го води побавно во доживување на тие резултати. Меѓутоа постои веројатност брзите резултати без неопходната подлога да создадат различни аномалии, ако човекот нема опитен духовен водач, а покајанието му помага стабилно да напредува. Во секој случај, кога постои опитен духовен водач кој е познавач на тој исихастички метод, тогаш психотехничките методи поврзани со послушанието и со смирението водат на добар пат. Впрочем, и во молитвата се случува истото што се случува и во другите добродетели. Секоја добродетел која се врши со егоизам и човекоцентричност води во прелест. А секој подвиг што се врши во смирение и во благопријатната клима на покајанието правилно напредува.

Исто така и во двата начини (преку покајанието и преку “научничкиот” метод) постои или барем треба да постои содејство на Божјата благодат и на човековата слобода. Во првиот случај доаѓа Божјата благодат и човекот ја прима, а во вториот случај слободата на човекот со жед и со голем крик ја бара Божјата благодат и се удостојува да ја доживее. Кога Бог го гледа тоа барање, тогаш ја дава Својата благодат и Својот благослов.

Како се развива во срцето умствената молитва

Она што го кажавме до сега има врска со следното и ни го покажува патот на развојот на умно - срдечната молитва. Меѓутоа би сакал повеќе да ја обработам темата и да потцртам некои вистини.

Со непрестаната, најпрво, разумна молитва и со трудот за собирање на умот во срцето ја наоѓаме Божјата благодат на Крштението која постои во срцето. Според учењето на светиот Дијадох Фотички, со светото Крштение Божјата благодат влегува во длабочината на срцето и никогаш не се губи. Со вршењето на гревот само се покрива таа благодат. Како што вели светиот Григориј Синајски, од една страна со пазењето на Христовите заповеди, а од друга страна со молитвата ја наоѓаме Божјата благодат што постои во срцето од светото Крштение. Како сонда умот влегува во срцето и од таму се излева благодатта и го поплавува целиот човек. Според тоа, молитвата не е човечко дело, ниту се врши со човечки напори, но ниту е некоја психолошка состојба. Не се постигнува со човечки напори, затоа што враќањето на умот во срцето се случува со дејството на Божјата благодат, а не со човечки напори, ниту во една човекоцентрична атмосфера.

Тоа откривање на срцето и откривање на Божјата благодат што постои во него, има многу последици. Човекот стекнува чисто чувство на постоењето на Божјата благодат. Современиците денес за изразување на тој факт го употребуваат зборот “доживување”. Меѓутоа, Отците на Црквата употребуваат еден израз што мислам дека повеќе ги доловува нешатата. Зборуваат за постоење на Божјата благодат во нас “во чувство и исполнетост”. Душата стекнува исполнетост, а телото стекнува чувство на Божјото постоење.

Првото што се развива во човекот е тоа што, според светите Отци, се нарекува радосна тага (), односно чувствува радост заради соединувањето на умот со срцето, кои со години биле одделени. Радоста е слична со онаа што ја чувствуваат двајца браќа кои со години биле разделени и некогаш се среќаваат. Исто така се случува радост заради љубовта Божја. Човекот во тој случај се запрепастува и постојано го прашува она што Богородица праша по посетата на ангелот и по веста дека ќе Го роди Христа: “Како ќе ми се случи тоа?”, само со таа разлика што не вели “како ќе ми се случи”, туку вели “како ми се случува ова”. Сеуште не се наоѓа себеси достоен за тој голем дар. Неговото срце навистина се скрушува од љубовта Божја. Исто така чувствува тага и покајание заради откривањето на страстите. Бидејќи Божјата благодат постои богато во срцето, затоа во Светлината на благодатта ги гледа своите страсти, односно сите сурови и неприродни движења на душата. Така, и од радоста и од тагата се развива една страшна чувствителност. Се случува, често пати, штом ќе почне да ја кажува молитвата, веднаш неговите очи да станат извори на солзи. И само со сеќавањето на молитвата или на името Христово плаче љубовно. Тоа се случува често пати. Срцето станува страшно чувствително.
Уште на почетокот на умствената молитва се открива духовното срце и човекот добро го разбира постоењето на неговото присуство. Тоа станува јасно од неговите треперења, но и од неговите чукања. Знам дека е многу тешко да зборувам за овие теми, затоа што не поседуваме духовни опити на тој живот и затоа што таканаречените религиозни искуства ги мешаме со психолошките пројави. Меѓутоа ќе зборувам за овие теми затоа што сум сигурен дека оние кои имаат вкусено барем малку од тој живот ќе разберат за кого станува збор и ќе ја сфатат вистината на тој факт. А оние кои ќе се изборат да достигнат во таа состојба, тие ќе разберат подоцна.

Во секој случај, факт е дека при оваа молитва се слушаат други чукања кои се во длабочината на телесното срце, кои се побрзи од природните чукања, се слушаат истовремено со нив, и секако со тие духовни чукања се усогласува умствената молитва, т.е. самодејствува умствената молитва. Човекот во таа состојба јасно ги познава и ги разликува тие две чукања, кои се со различен происход. И го живее фактот дека духовното срце е оддалечено многу од телесното срце,онолку колку што е далеку небото од земјата.

Покрај овие чукања, како духовното така и телесното срце радосно трепери. Тоа е таканареченото од страна на светите Отци треперење на срцето. Но тоа, на еден чуден начин, нема последици врз телесниот орган на срцето. Човекот заболува срчано, затоа што треперењето е од друг происход. Треба да нагласам дека ако му се случи нешто на срцето, тогаш тоа се должи на начинот на кој некој се моли, односно дали го прави тоа со човечки немир и со човечки напор, дали се врши во гордост и во егоизам и со нагласување на психотехничкиот метод. Меѓутоа кога Божјата благодат ќе влезе во срцето, тогаш треперењето е свето, благословено, спасително и здраво. Така, иако целиот овој живот се пренесува на целото тело на човекот, сепак не му врши болно влијание. Секако, зборувајќи за духовното срце треба, како што вели о. Теоклит Дионисијатски, да го подразбираме како составено од трите сили на душата, односно разумната, желбената и дразбената. И се разбира, тоа духовно срце е поврзано, бездруго, со љубовта кон Бога која се изразува преку трите сили на душата. Доаѓањето на Божјата благодат во срцето за последица го има и постоењето на една топлина. Таа топлина, исто така, е од друг происход. Најпрво е топлина духовна, а потоа се пренесува и на телото.

Резултат од таа состојба е преродувањето на човекот. Кога во Православната Црква зборуваме за духовно преродување, тогаш не го подразбираме апстрактно и сентиментално, туку реално и духовно. Така, тоа преродување прво е духовно, а потоа и телесно.

Прво, тоа е духовно преродување. Човекот тогаш станува личност, а терминот личност се поистоветува со терминот вистински човек. Од индивидуална, биолошка единка човекот станува личност. Како личност се ослободува од секоја надворешна тиранија. Човекот Го љуби Бога и ближниот. Не ја исцрпува целата своја активност во своите индивидуални избори. Макар и да се соочува со многу искушенија, т.е. со прогон од страна на луѓето, со презир од своите љубени личности, со економски тешкотии итн., сепак и тогаш не го чувствува нивното присуство. Се има ослободено од секое надворешно влијание.

Второ, тоа е и телесно преродување. И тоа е нормално, затоа што душата најтесно е поврзана со телото на човекот и не може да биде независна од него сé дури живее во овој живот. Светиот Григориј Палама вели дека Божјата благодат преку душата се пренесува и во телото, при што и тоа се преустројува кон преродената душа. Тогаш, го чувствуваме преобразувањето и на телото. Така, лицето Мојсеево се озари и лицето на Првомаченикот Стефан беше како лице на ангел. Уште треба да додадам дека тоа преобразување на телото е од една страна ослободување од плотскиот начин на мислење, а од друга страна е чувство и на самото тело како тело на мало дете. За време на молитвата дури и телото се истенчува. Станува најлесно и меко како телото на новороденчето.

Тоа преродување е поврзано со љубовта и со вистинскиот ерос кон Бога и кон луѓето. Секако, кога зборуваме за ерос не мислиме на идолот на вистинскиот ерос, туку на љубовта која е резултат и плод на чистотата на срцето. Човекот тогаш Го љуби Бога, бидејќи за него Бог не е некоја вредност или некоја личност од минатото, туку е жив Бог. Има личен однос со Него и тој личен однос му го дава на човекот познанието на Бога. Светиот Григориј Палама, зборувајќи за триделноста на душата, вели дека во однос на насоката на душата кон Бога постои следнава поделба: ум, ерос, познание. Значи чистиот ум, кога дејствува природно и натприродно, го стекнува еросот кон Бога и последица на тоа е личното и реално познание на Бога.

Заедно со Бога ги љуби и луѓето. Таа љубов нема хуманистички карактер и алтруизам, туку е љубов која се создава од и со Божјата благодат. Бидејќи човекот Го љуби Бога, тогаш веднаш го љуби и сето она што го љуби Бог. Впрочем, личноста не познава осаменост. Личноста, која е плод на преродувањето, го живее ипостасното взаемно проникнување. Човекот живее ипостасно, ја чувствува заедницата со другите луѓе и ја живее нивната драма, односно влегува во личноста на другите. Тогаш се развива молитвата за целиот свет и може да се каже дека човекот во еден степен ги доживува агонијата и молитвата на Христа во Гетсиманија. Срцето е многу чувствително и со таа духовна чувствителност ги сфаќа основните проблеми на другите штом ќе ги види и ќе се помоли за нив. Ги сфаќа и помислите што тие ги имаат во еден даден момент. На тој начин човекот станува прозорлив. Но тоа не е без болка. Болува толку силно за другите и за целото создание, дури и за животните, што се соединуваат сите духовни и телесни сили при молитвата за другите. Тогаш навистина се исцелуваат другите луѓе. И, секако, срцето на оној кој се моли ја разбира таа помош што ја прима другиот. Треба да додадам дека колку што таа молитва за другите се развива и колку што се врши во поголем степен, толку и човекот има можност да ја почувствува посетата на Бога како Светлина. Многу е карактеристично тоа што на оние кои се удостоиле со тој дар да се молат за другите, им се дала големата привилегија да Го видат Бога. Затоа што, навистина, Гетсиманија е најтесно поврзана со Крстот, Страдањето и Воскресението.

И само од ова се гледа општествениот карактер на молитвата. Ние обично мислиме дека општествена работа е само надворешната помош на луѓето. Без да ги апсолутизираме нешата, велиме дека кога ќе се пронајде умот на човекот и кога умот ќе влезе во срцето и кога ќе се развие молитвата за себеси и за целиот свет, тогаш човекот станува пар еџелланце општествен (социјален). Впрочем, самиот се исцелува и потоа, исцелен, може да ги исцели другите. Тогаш излегува од ужасната тиранија на себељубието и ја стекнува вистинската љубов кон Бога и кон човекот.

Во срцето во кое дејствува молитвата непрестано истекуваат духовни поими и, секако, тие поими се ослободени од фантазијата. Човекот станува кран и извор на Теологија. Стекнувва теолошки ум. Теологија не е логички (со разумот) да го толкуваме учењето на Светото Писмо и на Светите Отци, туку постоењето на чист ум кој го разбира тоа што на другите им е несфатливо и недостижно. Човекот станува теолог и жив организам. На тој начин може да обработи една одломка од Светите Отци и да стане носител на Преданието и може пошироко да го развие Преданието и да ја “збогати” црковната историја. Го велам ова затоа што некои тврдат дека светиот Григориј Палама ја развил исихастичката теологија. Секако, тоа го направил не со својот разум и логика, туку имајќи теолошки ум го разви истиот, кој постоеше во него, опит кој постоел и кај светителите. Како што еден научник лекар од една надворешна промена на телото добро ги разбира внатрешните состојби, така и светиот Григориј Палама од еден збор на еден светител го разбирал неговиот опит, токму затоа што самиот го поседувал истиот опит. Тоа се случува и со секој човек кој има просветлен ум. Еден таков човек, ако затреба, успешно ќе се соочи и со некоја нова ерес што ќе создаде проблеми кај членовите на Црквата. Затоа светиот Симеон Благочестив вели: “Стекни Го Бога и не ти требаат книги”.

Проучувајќи го Светото Писмо тој што има умствена молитва ги гледа поимите што се сокриени за другите луѓе. Затоа единствениот научен метод на толкување на Светото Писмо е преку светителите. Читањето на Светото Писмо најдлабоко го трогнува оној кој се моли. Читањето на еден цитат може да му создаде многучасовен плач. Преку благодатта ги гледа логосите на битијата, т.е. промислителната и управителната енергија Божја во целото создание. Станува чувствителен во сé. Секако не како оној човек кој гледа сентиментално на нештата, туку како Пророкот кој живее во Божјата благодат. Тоа познание е почеток на созерцанието, кое достигнува и до созерцание на славата на Светата Троица во човечката природа на Логосот.
Тогаш можеме да кажеме дека човекот ја доживува привилегијата на своето воскресение.

Сето ова покажува дека вистинската општественост неопходно минува низ умствената молитва и не може да се замисли независно од неа. Исто така покажува дека умствената молитва е тесно поврзана со преродувањето на човекот и со неговото движење кон спасението. Затоа таа не е дело само на монасите, туку и на сите луѓе кои сакаат и се борат да се спасат.

Срдечната молитва и опкружувањето

Мислам дека во претходното кажување допрев неколку точки за врската помеѓу молитвата и опкружувањето. Овде нема многу да должам, туку ќе го потцртам најнеопходното.
Кога човекот беше создаден од Бога се наоѓаше во просветленост на умот, а тоа значи дека имаше умствена молитва. Во човекот пред падот умот имаше сеќавање на Бога и потоа ги облагодатуваше разумот и природните движења на душата. Меѓутоа, со падот на човекот умот падна во најдлабок мрак, им се потчини на разумот, на страстите и на условите на опкружувањето. Тоа е вистинскиот пад на човекот и тоа се ужасните последици на неговиот пад.

Умно - срдечната молитва е јасен показател дека човекот се враќа во состојбата од пред падот, бидејќи умот се просветлува и непрестано се моли на Бога. Секако, треба да потцртам дека кога во Православното Предание зборуваме за просветлување на умот, ние не мислиме на познанието на светот на идеите, туку пред сé на непрестаната молитва која се врши со очистениот ум. Според тоа, и во овој момент постои огромна разлика помеѓу Теологијата и философијата. Лексички може да изгледа дека Православието наликува на современите Источни религии, но постои огромна разлика помеѓу нив. Светиот Григориј Палама вели дека ако некој констатира дека постои некаква надворешна лексичка сличност на Христијанското учење со философијата, тогаш тоа се случува само надворешно. Така, умот се облагодатува, се просветлува, и на тој начин повторно се воспоставуваат силите на душата во нивната природна состојба.

Со ова јасно се гледа дека умот во таа состојба се ослободува од тиранијата и од владеењето на разумот, при што може да се моли непрестано, да биде нерасеан во неговиот разговор со Бога, а разумот се занимава со други работи, т.е. човекот се дружи со другите, ги слуша разговорите на луѓето, спие, самиот зборува. Значи можно е да зборува многу часови, но внатрешно да го слуша срцето како се моли. Исто така, можно е да спие малку за да се одмори телото, но да го слуша срцето како се моли. И така, иако од разни други околности разбира дека спиел, сепак истовремено разбира дека неговото срце бдеело и се молело. Не чувствува дека самиот се молел, туку го слушал своето срце како се моли. Чувствува како да има срцето уста и непрестано се моли на Бога.

Според тоа, надворешните сетила се занимаваат со разни работи, но сите умствени сетила се сконцентрирани во срцето. Иако е возможно да слуша или да гледа некој соговорник, сепак умот е сконцентриран во срцето и се моли. Од тоа разбираме дека “работникот на умствената молитва” не трпи влијанија од опкружувањето. И тогаш ја стекнува вистинската слобода, затоа што во Православното Предание велиме дека слободата не е можност на избор, туку ослободување на умот од ропството на разумот, на страстите и на опкружувањето.

Секако, не е лесно кога човекот се наоѓа на оној степен кога се обидува да врши непрестана, според можностите, разумна молитва, односно тогаш кога умот е поврзан со разумот. Во тој случај човекот се бори да се ослободи од секаква оптичка или акустична слика и глас, се обидува да се ослободи од сликите на фантазијата и ја одбива секоја помисла што доаѓа во разумот. Ја одбегнува дури и сетилната светлина, затоа што и светлината го оттргнува умот од неговиот пат кон срцето. Така се објаснува фактот што трезвеноумните Отци во почетокот на нивниот подвиг одбегнуваат разговори, дружења, помисли, слики итн. Преку тој начин сакаат да го ослободат умот од условите на опкружувањето и од самиот разум. Меѓутоа кога умот ќе го најде своето место, односно своето природно живеалиште, тогаш е можно истовремено умот да се моли, а разумот да да ги има своите помисли и дури човекот да се движи во општествениот простор. Тогаш човекот не се помрачува од мракот на опкружувањето, туку имајќи просветлен ум, тој го просветлува мракот на опкружувањето. Сите светители кои достигнале до степенот да прават премногу смели работи од типот на тоа да влегуваат во јавни куќи за да ги спасат своите браќа, се наоѓале во таа состојба. Јуродивите заради Христа го имале тој опит. Затоа, оној кој сака да ги проучува јуродивите заради Христа надвор од оваа перспектива, нема да успее во својот обид. Исто така сите свети аскети и светите Маченици имале достигнато барем до просветленост на умот, го имале тој внатрешен опит и затоа не трпеле влијание од условите на опкружувањето.
Тоа што го опишувам во оваа точка е таканаречениот апофатички метод што го има Црквата и што претставува Голгота за човечкиот разум. Самодејството на срцето со силата на Божјата благодат го сконцентрира умот во него, а таму се сконцентрира и душевниот вид. Тоа сконцентрирање е посилно од најмоќната сила на едно радио. Може човекот да слуша радио, но умот да биде сконцентриран во срцето и непрестано да се моли. Така човекот не се оддалечува од светот и од луѓето, туку наоѓајќи се во општеството се моли непрестано. Секако, како што претходно наведов, во почетокот просторното оддалечување и барањето на тишината се неопходни и се од помош. Но кога умот ќе се заслади од неговото соединување со срцето, тогаш не го вознемируваат сите тешки услови на опкружувањето.

Целата таа состојба е и се нарекува од страна на светите Отци екстаза. Овде треба да се нагласи дека иако го употребуваме истиот збор што го употребува древната философија, сепак подразбираме различни нешта. Екстазата не е потиснување на душевните енергии, не е оддалечување на умот од телото, туку е оддалечување на умот од плотскиот и световен начин на мислење и негово враќање во срцето. Кога умот се оддалечува од светот што го опкружува, кога се ослободува од разумот (логиката) и од страстите и се моли непрестано, макар и да се наоѓа човекот во светот, тогаш тоа е и во светоотечкото предание се нарекува екстаза.

Така проблемот не е во тоа да престанат искушенијата и тешкотиите во нашиот живот, туку да ги надминеме со обидот да го ослободиме умот од тиранијата на условите на опкружувањето, на страстите и на разумот. Според тоа, не ни се виновни другите ниту искушенијата што доаѓаат во нашиот живот, туку нашиот болен внатрешен човек кој не функционира природно.

Кога зборувам за овие теми обично се соочувам со еден приговор: дека сето ова не е можно да се оствари во светот, односно дека не е можно некој што живее во светот да има таков опит. Во врска со овој приговор имам да ги нагласам следниве работи.

Прво. Сето тоа што се обидувам да го опишам овде не е состојба на еден натчовек, туку е природна состојба на човекот кој е создаден од Бога. Не зборувам за претерани работи, туку за работи што можат да се остварат. Богохулно е да веруваме дека Христос, Апостолите и светите Отци бараат непостигливи работи од човекот. Просветлувањето на умот е природната состојба на човекот.

Второ. Целото ова учење кое многу јасно се гледа во Светото Писмо, денес претерано не се познава. Тоа е така затоа што живееме едно секуларно (световно) Христијанство. Секуларизацијата (посветовњачувањето) е најголемата рана на денешните Христијани. Она што е природен живот на човекот ние мисиме дека претставува натприродна состојба. Меѓутоа и таа состојба што ние ја сметаме за натприродна, во животот на Црквата која е Телото Христово, секогаш е природна.

Трето. Јас зборувам со толкава сигурност за овие теми, односно немам апсолутно никаква резерва, затоа што познавам многу луѓе кои го живеат тоа. Бог ме удостои да запознаам луѓе кои имаат опит на умствената молитва, дури и опит на гледање на несоздадената Светлина. Во тие луѓе не се вбројуваат само монаси, туку и луѓе што живеат во светот. Тоа ми дава поттик да велам дека умствената молитва е природна состојба и е единствениот успешен начин за да ги решиме сите проблеми.

Четврто. Од моето пастирско искуство имам констатирано дека многу луѓе во нивниот живот, макар и за мал временски период, го стекнале познанието на просветлувањето на умот и познанието на умно - срдечната молитва. Можеби повеќето не знаат што е тоа и не можат да го објаснат, но го доживеале. Можам да кажам дека многу луѓе стекнуваат познание на умствената молитва во првите чекори и во почетоците на нивното влегување во периодот на покајанието. Може да трае кратко време, неколку дена, неколку недели или месеци или година, а тоа секако зависи од начинот на нивниот живот. Меѓутоа многумина ја доживуваат таа состојба. Можам да додадам дека тоа обично се случува кај луѓе што со години биле надвор од Црквата и кај кои во еден момент се развило нагласено покајание. А, напротив, луѓе што од најрано детство живеат спогодбено во Црквата и имаат стекнато една  формалност и надворешна навика, обично не ги доживуваат овие состојби и тие се оние кои приговараат дека не е можно некој во светот да ја доживее умствената молитва.

Во секој случај, ако добро го проучиме Светото Писмо, особено посланијата на Апостолот Павле, ќе констатираме дека првите Христијани, иако живееле во општество со своеобразни и тешки услови за живот, сепак имале нагласена умно - срдечна молитва.

Различности на умствената молитва

Дејството на молитвата, кое всушност е дејство на Божјата благодат во срцето на човекот, иако во неговата суштина е исто за сите (па, така оние кои се наоѓаат во таа состојба имаат заеднички опит), сепак се разликува кај секој човек. Тоа зависи од степенот на дејство на Божјата благодат, од посебната психосоматска конструкција на човекот и од посебниот начин на живот, односно од особените услови под кои живее секој еден. Дури можам да додадам дека на посебен начин дејствува кај истиот човек во различни временски моменти. За да бидам појасен би сакал да наведам неколку карактеристични случаи.

Светите Оци велат дека, бидејќи соединувањето на умот и срцето се случува со дејството на Божјата благодат, степенот на молитвата зависи од степенот на дејството на Божјата благодат. Така, понекогаш човекот има голема сила и дејство на молитва и е како опиен, а понекогаш чувствува некаква духовна суша. Светите Отци велат дека во оваа точка духовниот живот наликува на реките. Кога врне, тогаш реките имаат многу вода, а кога има суша тогаш се намалува или целосно исчезнува водата. Истото се случува и во молитвата. Во тие случаи не е потребно нетрпение.

Исто така молитвата се случува аналогно со особената психосоматска состојба на оној кој се моли. Понекогаш човекот чувствува дека молитвата дејствува во срцето кога чекори, понекогаш кога седи, а понекогаш кога се наоѓа во кревет. Постои случај човекот штом ќе се разбуди веднаш да го почувствува дејството на молитвата и да го придружува целиот ден. Малку се “таинствени” овие работи, но верувам дека оној кој ја познава оваа молитва може да ме разбере. Единственото објаснување е дека човекот не е само душа или само тело, туку и двете заедно, бидејќи душата е соединета со телото.

Пројавите на телото за време на молитвата не се исти. Постојат луѓе кои за време на молитвата имаат непресушни солзи. Нивните очи стануваат извори на солзи. Меѓутоа постојат и други кои немаат многу телесни солзи, но имаат срдечни солзи, односно чувствуваат, не фантазерски, дека нивното срце плаче и се бања од океан на солзи. Срдечните солзи се поврзани со најдлабока болка. Овие луѓе понекогаш плачат и телесно.

Затоа не е потребно пренагласувањето и апсолутизирањето на различните состојби. Би можел да кажам дека не треба човекот да станува шпион на самиот себе, не треба да се обидува да ја испитува својата внатрешна состојба. Не е правилно, искуството на еден да му се наметнува на друг со сите детали, затоа што може да направи штета. Молитвата на различен начин се развива кај еден човек, а поинаку кај друг. Расудливиот духовен отец, кој од искуство ги познава тие состојби, може да му помогне на човекот. Секако, помошта се состои во тоа да му помогне во ослободувањето на умот на оној кој се моли од тиранијата на разумот, на страстите и на опкружувањето и да го остави да оди слободно и личносно кон Бога. Кога некој ќе скршне од ова светоотечко учење, тогаш се создаваат меланхолични состојби, изопачувања на духовниот живот, страв и многу други проблеми што неговиот живот го прават тежок. Понекогаш кога човекот ќе се обиде да имитира некој друг или за краток временски период да го вкуси дејството на чистата молитва, а особено ако го прави тоа со егоизам и гордост, се создаваат и многу телесни аномалии, односно стасува до телесно преизмачување, главоболка итн.

Умствената молитва и Старецот

Светите Отци учат дека самата молитва станува учител на човекот. Таа го учи што треба да прави. Секако, кога велиме дека молитвата станува учител, пред сé подразбираме дека со таа молитва е присутна Божјата благодат, при што со нејзиното намалување, со нејзиното одобрение или неодобрение човекот се раководи во својот духовен живот.

Од долгото искуство на Црквата добро знаеме дека за време на молитвата се случуваат многу нешта во животот на човекот. Човекот минува низ патишта што претходно му биле крајно непознати. На почетокот се создава едно изненадување за новото што го нашол. Потоа доаѓа ентузијазмот. По еден временски период, кој е различен за секого, се случува одземање на Божјата благодат и така се намалува тоа претходно дејство на молитвата. Понатаму се зацврстува молитвата во срцето. Секој ден ќе среќава нови нешта, нови духовни искуства. Молитвата е најголемата наука.

За време на молитвата се создаваат многу опасности. Би сакал да наведам четири големи опасности.

Првата опасност е егоистичкото расположение и надменоста. Се чувствува горд заради своето дело, без да разбира дека тоа е дар Божји. Она што се развива е потценување на другите. Во тоа време чувствува дека никој друг не минал низ тоа и го нема тој опит. Се чувствува себеси среќен и ги укорува сите други кои, евентуално, го немаат тој опит. Ако се случи некој да му наведе нешто слично, тогаш веднаш го потценува и ја презентира сопствената состојба како повозвишена и поцелосна. Исто така, ги презира и оние луѓе кои случајно го оспоруваат.

Втората опасност е кога за време на намалувањето на таа молитва очајува, негодува, се вознемирува и паѓа во голема меланхолија. Претходно живеел една врвна состојба. Меѓутоа сега ја има загубено и паѓа во голема меланхолија и притеснетост.

Третата опасност е кога таа молитва се губи и се намалува поради нашата негрижа или, уште полошо, поради грев што сме го сториле. Тоа е многу страшно, затоа што тогаш штетата е речиси непоправлива. Велам речиси непоправлива не затоа што не постои покајание, туку затоа што се има научено да ги прима даровите Божји некако без грижа. Страшно е некој да го има дарот на умствената молитва и да греши.

Четвртото искушение произлегува од помислите на ѓаволот дека умствената молитва е залудна, мачна, не í принесува никаква помош на заедницата и дека е подобро да ја замени умствената молитва со разумната молитва. Ѓаволот му пофалува луѓе кои работат мисионерски, за да го натера да ја запре ревноста за умствената молитва.

Постојат и други искушенија - опасности, но се задржав воглавно на најосновните. Поради  сите тие причини потребен е расудлив Старец, кој има опит на овие нешта и кој минал низ степените на молитвата. Тој ќе љуби расудливо, ќе утешува во искушенијата, ќе го држи човекот во непрестано покајание, ќе го смирува и ќе ги лоцира демонските помисли. Треба да се каже дека умствената молитва не е механички метод на повторување на Исусовата молитва на будистички начин, туку се случува во атмосфера на покајанието и на смирението. Надвор од климата на смирението молитвата не се вдахновува од Христијанското учење. Затоа искусниот Старец ќе го управува човекот расудливо за време на дејството на умствената молитва за да не му наштети, и ќе го успокојува во периодот на одземање на Божјата благодат, односно во периодот на губење или намалување на молитвата. Така, сите свети Отци го прикажуваат расудливиот и искусен Старец како Мојсеј кој со неговата молитва и со Божјата благодат го ослободува човекот од Египетското ропство, од власта на невидливиот фараон и го води во ветената земја.

Овде некаде треба да го завршам кажувањето за умствената молитва. Меѓутоа треба да појаснам дека оваа тема е голема и е навистина најголема наука, па не се исцрпува во овие неколку редови. Исто така, треба да ја исповедам мојата дрскост да зборувам за оваа тема која ме надминува. Ако оваа моја нова дрскост им се додаде на другите кои во мојата безумност ги имам сторено во минатото, тогаш може да стане јасно дека имам потреба од вашите молитви за да ме помилува Бог.


Митрополит на Навпактос Јеротеј

Подготви: С.А.

Посети:{moshits}

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3143
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7623
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

25/11/2024 - понеделник

Свети Јован Милостив; Светиот пророк Ахија; Преподобен Нил Синајски; Преподобен Нил Мироточив;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

О, свети апостоли Христос Спасителотво вас се зацари, душата во убавина се облече и венци за вас Животот исплете.За Олимпа...

Тропар на  свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Тропар на свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Изданок од Визант и Егина,заштитниче кој си јавен во последните времиња,миленик на вистинската врлина.Нектарие, те почитуваме,ние верните како богоугоден исцелител...

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Архистратизи на небесните воинства,ние недостојните постојано ве молиме:со вашите молитви заштитете нѐ,под покровот на крилјата на вашата славаневешествена, пазејќи нѐ...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная