25- ти јули 2017 лето Господово
Тројца пријатели
Еден човек имал тројца пријатели. Двајцата од нив многу ги сакал, а кон третиот бил рамнодушен.
Еднаш, тој бил обвинет за нешто што не го сторил и требало да се јави кај судијата.
- Кој од вас - им рекол на своите пријатели - ќе дојде со мене и ќе сведочи пред судијата дека сум невин?
Првиот пријател веднаш се извинил:
- Јас не можам да дојдам со тебе - му рекол тој - бидејќи сум зафатен со други работи.
Вториот пријател го испратил само до судските врати, а третиот, кон кого бил рамнодушен, дошол со него пред судијата и се застапувал за него така ревносно што судијата веднаш го ослободил од обвинението.
Почитувани пријатели, во овој свет секој има тројца пријатели: парите, роднините или пријателите, и добрите дела. Првиот пријател, парите, човекот веднаш го напуштаат по смртта. Вториот, пријателите и роднините, човекот го испраќаат до гробот. Само третиот пријател, добрите дела, човекот го испраќаат до престолот на Бога.
(Извадок од книгата „Духовен семафор)
Извор:
ФБ страна на Николај Филотеев