логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

„Огнената река“ (The River of Fire) е една од најзначајните работи на д-р Александар Каломирос. Таа претставува остра критика на псевдохристијанската концепција на „одмаздничкиот“ Бог. Каломирос проблемот го лоцира во т.н. „Западно богословие“ со јуридичка димензија во сотириологијата, каде Бог се доживува како творец на смртта (како казна), а спасението – како избавување од неопходниот и праведен гнев Божји. Најлогички заклучок на оваа теологија е атеизмот. Зашто, атеизмот, во суштина, претставува негација на лошиот Бог. Во таа смисла, вистински непријател на автентичното христијанство не е атеизмот, туку искривеното западно богословие (кое има пуштено корени и во источното).

Во својата синтеза на светоотечкото учење, Каломирос се обидува да даде одговор на следниве прашања: Дали Бог е навистина добар и дали Он го создал пеколот? Што, всушност, се рајот и пеколот?

Бог не ја создал смртта, ниту пеколот, туку тоа е резултат на слободата на човекот. Рајот и пеколот не се географски одредници, туку онтолошка состојба на личноста, во допир со Божествената Љубов.

Ви претставуваме еден избран дел од овој текст.

Бог не ја повлекува Својата благодат и љубов, туку пристапот на разумните созданија кон оваа непрестајна благодат и љубов е она што ја прави разликата меѓу рајот и пеколот. Оние што Го љубат Бога се среќни со Него, оние што Го мразат се исклучително несреќни, бидејќи се обврзани да живеат во Негово присуство, зашто не постои место каде што некој може да побегне од љубовната сеприсутност Божја.

Рајот и пеколот зависат од тоа како ќе ја прифатиме Божјата љубов. Дали на љубовта ќе возвратиме со љубов или на Неговата љубов ќе одговориме со омраза? Ова е клучната разлика…

Не, браќа мои, за наша несреќа, рајот и пеколот не зависат од Бога. Да зависеја од Бога, ние ќе немаше од што да се плашиме. Нема зошто да се плашиме од Љубовта. Но, тоа не зависи од Бога. Целосно зависи од нас и тука е целата несреќа. Бог сака да бидеме според Негов образ, вечно слободни.

Он нас потполно нè почитува. Тоа е љубов. Без почит, не можеме да говориме за љубов. Ние сме луѓе, бидејќи сме слободни. Да не сме слободни, ќе бевме паметни животни, но не и луѓе. Бог никогаш нема да го повлече овој дар на слободата, која нас нè прави она што сме. Тоа значи дека секогаш ќе бидеме она што сакаме да бидеме, пријатели или непријатели Божји, и нема промена во ова наше најдлабоко битие…

Многумина ќе речат: Зар самото Свето писмо не говори често за гневот Божји? Зар не е Самиот Бог Оној Кој говори дека ќе нè казни нас или ќе ни прости?

Светото писмо зборува на наш јазик, јазик којшто го разбираме во нашата падната состојба. Како што вели св. Григориј Богослов: „Зашто, според нашето поимање ние сме дале нашите имиња на Божјите Сопствени особини/својства.“ И св. Јован Дамаскин објаснува дека она што во Светото писмо (на Стариот завет) е „речено за Бога како Он да има тело, речено е симболично, и тоа содржи некакво таинствено значење, коешто нас преку нештата соодветни на нашата природа, нè поучува на нештата што ја надминуваат нашата природа.“

Меѓутоа, постојат казни што нам ни се досудени од Бога, или поточно, зло што ни е причинето од демонот, ама дозволено од Бога. Но овие казни се она што ние го нарекуваме воспитно/педагошко казнување. Тие како цел ја имаат нашата корекција во овој живот или барем исправањето на други што би научиле лекција од нашиот пример и од страв би се поправиле.

Некој би можел да инсистира дека Светото писмо и отците секогаш говорат за Бога како за Велик Судија, Кој ќе ги награди оние што Му се послушни и Кој ќе ги казни оние што не Му се послушни, во денот на Великиот Суд (2Тим 4,6-8). Како да го разбереме овој суд, ако божествените зборови ги сфаќаме не на човечки, туку на божествен начин? Што претставува Судот Божји?

Бог е Вистина и Светлост. Судот Божји не е ништо друго, туку наш допир со вистината и судот. Во денот на Великиот Суд, сите луѓе ќе се појават голи пред оваа продирачка светлина на вистината. Ќе се отворат „книги“. Какви се овие „книги“? Тоа се нашите срца. Нашите срца ќе бидат отворени, преку пронизувачката светлина Божја, и ќе се открие она што е сокриено во нив. Ако во тие срца има љубов кон Бога, тие срца ќе се радуваат гледајќи ја светлоста Божја. Напротив, ако постои омраза кон Бога во срцето на луѓето, таквите луѓе ќе страдаат примајќи ја во срцето оваа пронизувачка светлост на вистината, од која се гнаселе целиот живот.

Така, она што ќе прави разлика меѓу двајца луѓе, нема да биде Божјата одлука, наградата или казната од Него, туку она што било во сечие срце. Она што се случувало во текот на целиот наш живот, ќе биде откриено во Денот на Судот. Ако постои награда или казна во ова откривање (а навистина постои), таа не доаѓа од Бога, туку од љубовта или омразата што владее во нашите срца…

Чинам дека дојдовме до правилно поимање на она што е вечниот пекол и што е вечниот рај, и кој всушност ја носи одговорноста за таа поделба. На иконата „Последен суд“ Го гледаме нашиот Господ Исус Христос како седи на престол. Десно од Него се Неговите пријатели, благословените мажи и жени, кои живееле според законот на Неговата љубов. Лево од Него ги гледаме Неговите непријатели – сите оние што својот живот го поминале со омраза кон Него, иако многумина од нив надворешно изгледале благочестиви и побожни. А меѓу нив има огнена река, која истекува од престолот и ги разделува првите од вторите.

Каква е таа река? Дали тоа е средство за мачење? Дали тоа е одмаздничка сила што излегува од Бога, за да ги уништи Неговите непријатели? Не, ништо слично. Огнената река е онаа иста река што истекувала од Едемот, за да го наводнува рајот (1Мојс 2,10). Тоа е реката на благодатта Божја, која уште од почетокот ги оросувала Божјите светии. Т.е. тоа е потокот на Божествената Љубов, која се излева врз Неговите созданија.

Љубовта е оган (секој кој љубел, го знае тоа). Бог е Љубов, и во таа смисла Он е Оган. Огнот ги гори сите оние што не се оган, и ги осветлува оние што се оган (сп. Евр 12,29). Бог многупати се јавувал во вид на оган: на Авраам, на Мојсеј во запалената капина, на израилскиот народ кога му го покажувал патот по пустината во вид на огнен столб, кога ја покривал скинијата со Својата слава во вид на светол облак (2Мојс 40,28-32) и кога излевал оган на врвот од планината Синај. Бог се јавил како пресветол оган и на гората на Преображението. Самиот Он рекол: Дојдов да фрлам оган на земјата (Лк 12,49), т.е. може да се каже – љубов, зашто, како што вели св. Јован Лествичник: „љубовта е извор на духовен оган.“

Светиот Дух слегнал врз главите на апостолите во вид на огнени јазици. Двајца од апостолите, откако Христос им се јавил, откриле: Зар не гореа срцата наши кога разговараше со нас? Христос ја споредува верата со запалена свеќа. Св. Јован Претеча во својата проповед вели дека Христос ќе ги крштева луѓето со Светиот Дух и со оган. И навистина, Самиот Господ рекол: Дојдов да фрлам оган на земјата, и колку би сакал да се беше веќе разгорел (Лк 12,49-50).

Навистина, највидлив знак на верата е топлината на срцето; затоа се говори за огнена вера или за вера што предизвикува топлина на срцето. И ако знак на верата е топлината на срцето, знак на неверието е студот. „Сакате ли да знаете, дали човек има вера или не? Ако од неговите очи, зборови, гестови излегува топлина – биди уверен дека во неговото срце живее верата. Ако чувствувате студ, кој излегува од целото негово битие, тоа значи дека во него нема вера, па што и да зборува. Тој може да коленичи, смирено да ја наклонува главата, со кроток глас да изрекува поуки, но од сето тоа ќе излегува само студ што мрзне, од која вашата душа ќе се скочани.“ (Фотиј Контоглу).

Рајот и пеколот се едната иста Божја река, едниот и ист оган на Божествената љубов, кој сите ги пронизува со едната и иста благотворна енергија, без разликување и недостаток. Едната и иста живототворна вода станува вечен живот за верните и вечна смрт за неверните; за првите е извор на блажен живот, за вторите – вечно гушење, вечни маки; рај за едните и пекол за другите. Не сметајте го ова за чудно. Синот, кој го љуби својот татко, ќе биде среќен во неговите прегратки, но ако синот го мрази таткото, неговите прегратки за него ќе станат мака. За човекот што е исполнет со омраза, љубовта што се излева врз него претставува вжарен јаглен што се посипува по неговата глава.

„Во велам, – пишува св. Исак Сирин, – дека мачените во геената се поразувани од бичот на љубовта!.. Сосема е погрешно да се мисли дека грешниците во пеколот се лишени од Божјата љубов. Љубовта е чедо на познанието на вистината и таа неоспорно им се дарува на сите. Но, моќта на љубовта делува на два начина: ги мачи грешните, додека истовремено ги восхитува оние што живееле во согласност со неа“ (Беседа 84).

Бог е љубов. Ако навистина веруваме во оваа вистина, знаеме дека Бог никогаш не мрази, никогаш не казнува, никогаш не се одмаздува. Како што вели ава Амон: „Љубовта никогаш никого не мрази, никогаш никого не прекорува, никого не осудува, никого никогаш не ожалостува, од никого не се гнаси, ни од верните ни од неверните, ни од туѓинецот, ниту од грешникот, ниту од блудникот, ниту од никој нечист, туку грешните, слабите и невнимателните се токму оние што најмногу ги љуби, чувствува болка заради нив, се ожалостува и ги оплакува, и сострадува кон порочните и грешните, повеќе отколку кон добрите, подражавајќи Го Христа, Кој ги повикувал грешните, бидејќи јадел и пиел со нив. Поради ова, покажувајќи што е вистинска љубов, Он ги поучувал, велејќи: Бидете добри и милостиви како вашиот Отец, Кој е на небесата и како што Он им дава дожд на праведните и лошите, и прави сонцето да свети на лошите и добрите, така и оној што има вистинска љубов, вистинско сострадание, се моли за сите.“

Ако сега некој е збунет и не разбира како е можно Божјата љубов да се распространува и на грешните, и со тоа да ги осудува бедните и несреќни суштества на огнена геена, дозволете да ви го објаснам тоа со примерот од евангелската парабола за блудниот син, поточно – со примерот на неговиот постар син (Лк 15,11-32).

Зар тој немал учество во имотот на својот татко? Зар сè од имотот не му припаѓало нему? Зар тој бил лишен од татковската љубов? Зар татко му самиот не одел кај него, молејќи го да земе учество во радосната гозба? Што го правело него несреќен, што е тоа што однатре го горело? Зар некој нему му откажал во нешто? Зошто не се радувал на враќањето на братот? Зошто нема љубов ни кон таткото, ни кон братот? Зар неговата внатрешна злоба не била причина за неговата несреќа? Зар поради неа тој не се најде во пекол? И што претставувал тој пекол? Зар тоа било некое оддалечено место? Дали таму се употребувале некакви справи за мачење? Зар не продолжил тој да живее во домот на својот татко? Што го одделувало него од домашните што се радувале, ако не е тоа неговата сопствена омраза и злоба? Зар татко му или брат му престанале да го љубат? Зар неговото срце не се ожесточувало сè посилно токму поради таа љубов? Зар не го ожалостувала радоста на оние околу него? Зар неговото срце не горело со омраза и кон таткото, и кон братот, со омраза кон нивната взаемна љубов?

Тоа и е пеколот: отфрлање на љубовта, враќање на љубовта со омраза, огорчување при невината радост, срдечна злоба како одговор на љубовта што опкружува. Тоа е вечната состојба на сите проклети.

Нив сите пламено ги љубат. Тие се поканети на радосна гозба. Тие можат да живеат во Царството Божјо, на Новата Земја и Новото Небо. Никој нив не ги прогонува. Дури и ако би сакале да си заминат, тие не би можеле ниту да се оддалечат од тоа Ново Творение Божјо, ниту да се сокријат од присуството на Божествената Љубов, која секаде проникнува. Можеби, единствен излез за нив би било да се сокријат од своите браќа и да бараат мачителна самотија, заборав далеку од нив. Но, нема да можат да се сокријат од Божествената Љубов. И она што ќе биде најмачно за нив е тоа што во Новото Творение, Бог ќе биде сè за своите созданија.

Св. Григориј Ниски вели: „Во овој живот ние неодделиво сме поврзани со многубројните реалности на овој свет, како што се времето, просторот, местоположбата, воздухот, храната и пиењето, облеката, сончевата светлина, светлината од ламбата и многу други неопходни нешта за животот, од кои ниту една, колку и да е значајна, не е Бог; но онаа благословена состојба што се надеваме да ја стекнеме, нема да има потреба од ниедно од нештата што ги пребројавме, но наместо тоа Самото Божество ќе стане за нас сè, распределувајќи се Себеси сразмерно на нашите потреби. Од Светото писмо е јасно дека Бог за оние што се достојни станува и место, и дом, и облека, и храна, и пиење, и светлина, и богатство, и царство, т.е. сè што може да се наведе и може да се помисли, за да се направи нашиот живот блажен.“

Во новиот вечен живот, Бог ќе биде сè во сè (1Кор 15,28), не само за добрите, туку и за злите, не само за оние што Го љубат Христа, туку и за оние што Него Го мразат. Но, како оние што Го мразат, ќе поднесат да добиваат сè од рацете на Оној што го презираат? О, какво вечно мачење ќе е тоа, каков вечен оган, какво крцкање со забите!

Одете од Мене, проклети, во неизгасливиот внатрешен оган на омразата, вели Господ, зашто Јас гладував за вашата љубов, но вие не Ми ја дадовте, Јас жедував за вашето блаженство, но вие не Ме напоивте со него, Јас бев затворен во темницата на Мојата човечка природа, но вие не Ме посетивте во Мојата Црква. Отсега сте слободни да одете онаму, каде што ве влече вашата лоша волја – бегајте од мене, во маката од омразата на вашите срца, која е туѓа на Моето љубовно срце, кое дури не знае што е тоа омраза кон кого било. Вие сте слободни, па така оддалечете се од Мојата љубов во вечната мака на вашата злоба, која е непозната за Мене и туѓа на оние што сакаат да останат со Мене. Таа злоба вие ја примивте од ѓаволот по сопствена волја, зашто Јас ве создадов вас како слободни и разумни битија. Но, каде и да одите вие, водени од темнината на вашите срца што мразат, знајте, Мојата љубов секаде ќе ве следи вас како огнена река, зашто независно од она што вашето срце избира, вие сте и вечно ќе бидете Мои деца. Амин.

Александар Каломирос

Подготвил: Георгиј Глигоров

Извор: Мистагогија.мк



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3119
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7588
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

13/11/2024 - среда

Светите апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј и Аристовул; Светиот маченик Епимах; Светиот маченик Никола Хиоски; Преподобните Спиридон и Никодим;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

О достославни ученици Христови,вие Бисерот го најдовте,радоста со родот човечки ја споделивте,со неа исполнети маките и прогоните за трици ги...

Тропар на св. Христови апостоли  Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Апостоли свети Христови,трагајќи по патот на слободата Христа го пронајдовте,со учењето за бесмртноста темнината на незнаењето ја осветливте,молете се о...

Тропар на светата Христова великомаченица преп. Анастасија Римјанка 29 октомври / 11 ноември 2024

Тропар на светата Христова великомаченица преп. Анастасија Римјанка 29 октомври / 11 ноември 2024

Света девојко Анастасио,ние кои те прославуваме,срцата кон Небесата  ги подигнуваме,со солзи духовни радосно твоето име го повикуваме,моли се за нас...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная