Некогаш во древен Египет двајца пријатели од Александрија, решиле да го обиколат светот за да најдат барем еден мудар и среќен човек. По долги и бесплодни трагања, најпосле откриле еден свет Старец, којшто живеел осамено во планината. Отшелникот им се поклонил до земјата и радосно ги примил во својот дом. Откако надолго и нашироко поразговарале, патниците се убедиле дека најпосле наишле на човек во кој се препознаваат мудроста и среќата.
-Човеку Божји, ние не можеме да живееме како тебе! Кажи ни: како да ја постигнеме среќата? – извикале тие.
Старецот заплакал, подигнал очи кон небото и рекол:
-Па, вие не сте должни да живеете така! Но за да бидете среќни, придржувајте се кон следниве неколку правила:
-Мислете на Бога барем толку колку што мислите на луѓето;
-Плашете се од Бога барем толку колку што се плашите од луѓето;
-Почитувајте Го Бога барем толку колку што ги почитувате луѓето;
-Молете се на Бога барем толку колку што ги молите луѓето;
-Надевајте се на Бога барем толку колку што се надевате на луѓето;
-Исполнувајте го Законот Божји барем толку колку што го исполнувате човечкиот;
-Благодарете Му на Бога барем толку колку што им благодарите на луѓето;
-Прославувајте Го Бога барем толку колку што ги славите луѓето!
Откако ја слушнале оваа животна поука, пријателите се вратиле дома среќни.
Извор: Бигорски манастир