Љубовта кон непријателите
Еден ден, некој монах излегол од манастирот за да заврши некои послушанија. Откако ги завршил, тргнал назад по својот пат. Меѓутоа, залутал. Што да прави? Почнал да се моли.
– Боже мој, помогни ми.
Малку подоцна сретнал неколку минувачи и ги замолил да му го покажат патот по којшто требало да оди за да се врати назад во манастирот.
– Добро, рекле тие, следи нѐ!
Меѓутоа, тие биле разбојници и нивната цел била да го одвлечкаат далеку и да го ограбат. Монахот сфатил дека тоа им е на ум, но не рекол ништо, само се молел Бог да го заштити. Пешачеле долго време, но по пристигнувањето пред една голема река, застанале да се одморат. Разбојниците седнале на едно место, тивко дошепнувајќи си меѓу себе, додека монахот седел сам, спротивно од нив и непрестајно се молел... Ненадејно од водата излегол еден голем крокодил и нападнал еден од разбојниците. Тој толку се уплашил останувајќи збунет и неподвижен. Монахот присебно го фатил и го повлекол од устата на крокодилот и така го спасил. Крокодилот, пак, се изгубил во речната вода, не успевајќи да го растргне разбојникот. Гледајќи ја добрината што му ја сторил монахот, разбојникот паднал ничкум пред неговите нозе и побарал прошка за злото што сакал да му го направи.
– Имав намера да те убијам по преминувањето на реката, рекол тој, но знам дека твојата љубов ме одврати. Те молам прости ми.
Монахот Му заблагодарил на Бога што го зачувал жив, а разбојникот го замолил да му дозволи да остане со него. Монахот го зел со себе, збогатувајќи се со совршен послушаник. Послушаникот поживеал многу години во пустината и при секоја прилика не пропуштал да се потсети на чудото, односно првата средба со својот духовник.
Извор: http://mpb.mk/files/bogoslov-2.pdf
Превод од српски јазик: Христијан Јановски
19.07.2018 лето Господово