Во една статија од периодиката „Ефимериос“ (01.11.1956 год.) којашто ја имаше сочувано во архивата приснопамјатниот старец, отец Арсениј Комбујас, од исихастирионот „Богородица Скоропослушница“ во Навпактос, го пишува следниов значаен настан:
„Еден ревносен свештеник, со богата активност, еднаш виде еден сон. Самиот тој ни го опиша следново:
,Седев на фотелјата, уморен и исцрпен од работа. Телото ме болеше од многу труд.
Многумина во мојата парохија го бараа скапоцениот ,Бисер‘. И многумина го имаа најдено. Мојата парохија напредуваше во секој поглед. Мојата душа се полнеше со радост, надеж и храброст. Моите проповеди оставаа голем впечаток. Многумина доаѓаа на исповед. Мојата црква секогаш беше преполна од народ. Успеав да ја заживеам целата парохија.
Задоволен од сè, работев секој ден до исцрпување. Додека размислував на сето ова, без да сфатам, ме фати сон. Тогаш се случи следново што ќе ви го раскажам:
IMG_9288Еден непознат човек влезе во мојата соба без да тропне на вратата.
Неговото лице беше мило и имаше голема духовност.
Беше убаво дотеран и во едната рака држеше некои инструменти од хемиска лабораторија. Целиот негов изглед предизвикуваше чуден впечаток.
Непознатиот ми се доближи. И додека ми ја подаваше раката за да се поздравиме, ме праша:
– Каква ти е ревноста?
Ова прашање ми причини голема радост, бидејќи бев многу задоволен од мојата ревност. А и немав сомнеж дека и тој странец би бил задоволен, кога би ми ја знаел ревноста.
Тогаш, како што се сеќавам на сонот, за да му покажам колкава вредност има мојата ревност, како да извадив од моите гради една густа смеса, која светеше како злато.
Му ја ставив во раката и му реков:
– Ова е мојата ревност.
Тој ја зеде и ја мереше внимателно на неговата вага:
– Тежи педесет килограми, – ми рече сериозно.
Јас едвај успеав да ја задржам радоста од нејзината тежина.
Но тој со сериозност ја запиша тежината на еден лист и продолжи да ја испитува.
Ја иситни таа смеса на ситни парчиња и ја стави во некоја хемиска тава на оган.
Кога смесата се стопи и се исчисти, ја тргна од оганот.
Ги оддели различните елементи.
Кога тие се изладија, се формираа различни парчиња.
Ги допре со едно чеканче и ја измери тежината на секое од парчињата и ја запиша.
Кога заврши, ми фрли еден поглед полн со сочувство и ми рече:
– Се молам да ти се смилува Бог и да се спасиш.
И веднаш, ја напушти собата.
На листот што ми го остави на масата, беше напишано следново:
Анализа на ревноста на свештеникот Х.
Внимателната анализа ги покажува следниве елементи:
Фанатизам: 5 кг.
Лично славољубие: 15 кг.
Среброљубие: 12 кг.
Тежнеење кон властољубие и власт над душите: 8 кг.
Себеистакнување: 10 кг без 20 грама.
Љубов кон Бога: 10 грама.
Љубов кон луѓето: 10 грама.
Вкупно: 50 кг.
Чудното однесување на странецот и погледот со кој ме пресретна, ми внесоа некаков немир.
А кога го видов резултатот од неговите испитувања, почувствував како ми се тресат колената.
На почетокот сакав да ја преиспитам точноста на бројките.
Се смирив и почнав да размислувам поладнокрвно.
Но додека размислував, ми се стемни пред очи.
Не можев да го прочитам листот, што го држев во моите раце. Ме обзедоа внатрешна борба и страв. На усните ми дојде крикот:
„Господи, спаси ме…“
Пак фрлив еден поглед на листот.
Одеднаш тој се претвори во едно пречисто огледало, кое го огледуваше моето срце.
Ја почувствував и препознав мојата состојба.
Со солзи во очите Го молев Господ да ме ослободи од моето ЕГО. Конечно, се разбудив со крик на борба.
Во изминатите години Го молев Господ да ме спаси од разни опасности. Но од овој ден почнав да Го молам Бога да ме спаси од моето ЕГО.
По некое време се почувствував потресен.
Конечно по упорни молитви, ја почувствував светлината на Господ како го исполнува моето срце и ги гори трњата на мојот егоцентризам.
Кога Господ ќе ме повика кај Него, ќе Му заблагодарам од сесрце за откровението во тој ден, зашто ми ја покажа тогаш мојата вистинска личност и ми ги упати моите нозе на потесен, но поубав пат. Од тој ден секој ден ги обновувам моите одлуки.
Таа посета што ми ја направи Оној Кој „ги испитува срцата и бубрезите“ (Псалм 7, 10), ме направи поинаков човек и ми ја облагороди мојата дејност.
Превод од новогрчки јазик:
Свештеник Јани Мулев
Изворник:
Πρωτοπρεσβυτέρου Στεφάνου Κ. Ἀναγνωστοπούλου
«Οἱ Ἀναβαθμοὶ στὴν ἐν Χριστῷ πορεία»
Πειραιᾶς 2011, σελίδα 159
Извор: https://crkvaveles.wordpress.com/2013/04/25/kakva-ti-e-revnosta/
19.08.2018 лето Господово