(Обновено)
(Обновено)
Како треба да живееме за да ја одбегнеме прелеста? Кога во болната состојба на целото наше битие – дух, ум, срце и тело – страдаме за да не направиме грев, не треба да мислиме дека земаме учество во страданијата Христови. Само Бог во својот суд може да ги види нашите страданија како учество во кенозис-от на Единородниот Свој Син. Нашиот пат е да се смируваме, да напредуваме постојано надолу. Само Бог може да нè подигне и да нè прослави.
Не можеме да живееме христијански без вдахновение. Ако некој уметник, некој вистински уметник, живее ден и ноќ со сликите на својата вештина, тогаш ние христијаните должни сме да бидеме уште попретпазливи. Должни сме да ги надминеме напорите на уметникот, за да живееме согласно со духот на Евангелието.
Сега најважно е Бог да го вдахновува вашиот подвиг за спасение. Кога се добива вдахновение целиот живот се исполнува со светлина и радост. Ситните нешта повеќе не ги забележуваме.
Не можеме да се обожиме со нашата аскеза. Обожувањето дејствува со вселување на Бога во нас, а не со нашите способности. Овде мечтаењето претставува голема опасност. Треба да бидеме многу внимателни и да не мечтаеме дека ова предназначување е во мера на нашите способности. Наспроти тоа за Бога сè е можно. Може да дојде и да нè најде длабоко паднати во постелата, кога сме сосема немоќни.
Највисокото предназначување на човекот – да стане носител на беспочетниот и бесконечниот божествен живот – претпоставува севкупна слобода. Секојдневниот, пак, живот покажува дека од недостаток на знаење и разбирање светот живее една бескрајна трагедија. Луѓе кои не знаат за Бога се наоѓаат на власт и делуваат автархично; милиони битија страдаат во бесмислената и безизлезна своја состојба. Од ова произлегува дека би требало да ги лишиме луѓето од слободата. Но Божјиот дар на слободата е суштествено неделив од познанието на Вечниот. Се наоѓаме значи во мракот на незнаењето. Црквата сепак продолжува да ја објавува неопходноста од оваа потполна слобода. Затоа што ако сме предопределени на било кој начин, не постоиме, и не можеме да кажеме како Христос: Јас Сум.
Достоевски велеше: Се ми е дозволено. Овој израз е потполно точен во неговата духовна смисла, но не и во стварноста во која живееме. Каде греши Достоевски, ако греши? Во своето дело не се повикува на Апостол Павел кој вели: Се ми е позволено, но не е се полезно, се ми е позволено, но ништо не сакам да завладее со мене (1 Кор. 6, 12). Ја имаме ли оваа независност, оваа сила во себе? Не, се разбира. Следува дека сме лишени од способноста да живееме согласно со дарот на божествената слобода. Што да правиме? Да се одречеме од Христа и да го претпочитаме патот на светот? Можеби, но тогаш ќе живееме и ќе умреме во рамнодушност, животот ќе ја загуби својата вредност.
Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј (Сахаров), За духот и животот, Скопје 1996, 41-43.
Извор: Бигорски манастир
03.09.2018 лето Господово