Духовниот отец е човек чие присуство е со манифестација на моќ не кон луѓето, туку кон паднатите ангели. Тој го познава патот на духовен растеж. Неговото срце е доволно „очистено од страстите“ и затоа духовно отворено, а неговиот ум со плач и со молитва пребива во така „отвореното срце“. Тоа е дело и подвиг во кој учествува целото човеково битие. Тука се случува тајната на преобразувањето. Благодатта на Светото Крштение што извира од „очистеното срце“, ги преобразува и умот, и словото, и личноста на духовниот отец. Умот станува „просветлен“, словото со „сила“, а присуството со сведоштво Христово.
Словото на духовниот отец допира до длабочината на срцето на духовното чедо и однатре го преобразува: му носи светлина на верата, му носи сила за подвигот, му влева надеж во духовната борба. Духовно го раѓа и го гради, преку взаемниот личносен однос, новиот, во Христа, човек. Односот „духовен отец – духовно чедо“ е Света Тајна на взаемно проникнување и растење во Христа.
(извадок од книгата „Слово од Водоча“, дел од интервјуто – „Ако не ја запреме војната во срцата, таа секогаш ќе се пројавува“ - за „Дневник“, април 2001)
Извор: МПЦ-ОА