логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 TVIT501

 

ЦРКВАТА, ТАЈНИТЕ И ПРИЧЕСТА

TVIT503

          Црквата го црпи својот идентитет низ историјата не од тоа, што претставува сега, туку од тоа, што ќе биде кога во есхатонот целосно ќе се преобрази во Царство. На својот пат, таа претвкусува и веќе се приопштува кон есхатонот. Битието на Црквата е децидно определено од дијалектичкиот однос меѓу историјата и есхатонот. Нејзината парадоксална ипостас се открива на супериорен светотаинствен начин, бидејќи Црквата како тајна на Телото Христово се конституира и опстојува преку испреплетувањето на есхатолошката реалност со историјата. Овој есхатолошки пристап дополнително го оневозможува секое концептуално дефинирање на тајната на Црквата. Црквата секој пат се остварува во нејзините тајни, кои го откриваат нејзиниот живот како израз на есхатолошката вистина за битијата. Тоа е светотаинска заедница, а не верска институција со организирана благодат, идеологија и морална дисциплина. Во православното предание, светите тајни не се независно поглавје на еклисиологијата, туку нејзина важна појдовна точка и почеток. Ова е незамисливо за схоластичкото богословие, кое ги восприема светите тајни како производ на веќе постоечки религиозен механизам. Со други зборови, Црквата претходи како дадена историска реалност која ја поседува и ја пренесува невидливата Божја благодат со помош на боговостановените свештенодејствија, разбрани како независни и самостојни средства. Православната перцепција на светите тајни не е некакво натприродно или магиско дејствие, туку присуство на божествените енергии и дејство на Троичниот Бог во создавањето и историјата. Од самиот почеток на Создавањето, односот меѓу несоздадениот Бог и создадениот свет е светотаински, а тоа е сумирано во тајната на Црквата како Тело Христово.
             Тајните на Црквата се манифестации и функции на ова Тело на таков начин што ја изобразуваат и претвкусуваат вистината и животот на Царството. И токму тука се јавува еден важен проблем што современото православно богословие го наследило од влијанието на западната схоластика. Кои се овие тајни и како тие го навестуваат есхатонот на Царството? Схоластичката теологија од 13 век ги поделила тајните на Црквата на седум независни и изолирани ритуали. Таа дури правела разлика помеѓу задолжителни и незадолжителни тајни, нагласувајќи ја нивната индивидуална и морална димензија. Древната Црква и православното предание не го познавале ова условно нумерирање и никогаш не го сведувале на затворен број. До 14 век, тајните на Црквата биле главно Крштевањето, Миропомазанието и Светата Евхаристија во едно и нераскинливо литургиско единство, а меѓу другите тајни се сметале дури и поменот за починатите и монашкиот постриг (св. Дионисиј Ареопагит, св. Теодор Студит). Проблемот дополнително се усложнил кога православните догматичари кои го критикувале затворениот број седум наведуваат други тајни, едноставно зголемувајќи го нивниот број. Јасно е дека Телото на Црквата не поседува само седум свети пројавувања. Многубројните функции кои харизматично го откриваат животот на црковното тело имаат осветувачки и светотаински карактер. Проблемот не лежи во нумерирањето, туку пред сè во прашањето која тајна ја открива и конституира на супериорен начин Црквата како слика на есхатонот на Царството. Крштевањето, како што знаеме, расте во Телото Христово. Ослободувајќи го крстениот човек од расипаноста на постоењето започната со првородниот грев, тоа претставува ново лично раѓање во новиот живот на црковната заедница и затоа предводи и вклучува непосредно во Светата Евхаристија. Миропомазанието е дејство на Духот кое го укрепува новородениот верник во борбата, својствена за идентитетот на членот на Црквата. Крштевањето и миропомазанието се ракополагање на секој мирјанин во „царско свештенство“ (1. Пет. 2:9) на Црквата.

TVIT500

              Свештенството на епископот, а оттаму и на презвитерот и ѓаконот, е благодатна служба и образ на светотаинското присуство на Христос во Телото на Црквата и е просто незамисливо надвор од евхаристиската заедница, но ја засега и самата нејзина ипостас и структура. Бракот е вклучување на природниот однос меѓу мажот и жената во тајната на односот меѓу Христос и Црквата, што се случува на евхаристиското собрание. На ист начин, покајанието како аскеза и исцеление на болниот член на заедницата е можност за негово повторно интегрирање во евхаристиската заедница. Споменот на мртвите не може да се разбере без евхаристиската врска меѓу живите и мртвите, меѓу земната и небесната Евхаристија. Маслосветот, водосветот, проповедта и секоја друга осветувачка и светотаинска служба на Црквата е неразделно поврзана со Евхаристиската Литургија на Црквата. Меѓутоа, ниту една тајна тајна не го прикажува целосно есхатонот на Царството, туку сите заедно, колку што се нераскинливо поврзани со Евхаристијата. Така повторно доаѓаме до светата тајна на Евхаристиското собрание како главна тајна на Црквата.
              Одразувајќи го библиското и претходното светоотечко предание, свети Дионисиј Ареопагит истакнува дека Евхаристијата е врховната тајна на заедницата и собрабијата, која ги спојува разделените луѓе и ги соединува со Бога. Ниту еден обред или таинство не е целосен без неговото евхаристиско вклучување и перспектива. Во истата херменевтичка линија и предание, свети Николај Кавасила во 14 век нагласил дека Евхаристијата е тајната на Црквата, која дава светотаинска полнота и на другите тајни. Навистина, во древната Црква не се извршувала ниту една тајна тајна надвор од светата Литургија. Сè што потекнувало од Евхаристијата и органски било вклучено во неа и преку неа го претставувало есхатонот. Евхаристиската поврзаност и зависност на другите тајни се потврдува и со нивната литургиска структура што постои денес, иако фрагментарна. Ова гледиште не претставува евхаристиска едностраност, како Евхаристијата да е едноставно една тајна меѓу другите. Единството меѓу Црквата и Евхаристијата не е симболично, туку целосно реално; тоа не е девалвација на другите еклисиолошки аспекти, туку евхаристиско толкување на сите служби и изрази на црковното тело. Тоа се однесува на соборното разбирање на Евхаристијата како врховна тајна на Црквата. Евхаристијата возглавува и ги вклучува сите тајни, исто како што ја возглавува и ја одразува тајната на возглавувањето на сите во Христа. Ова соборно гледиште го искажува Св.Николај Кавасила, кога во своето Толкување на Божествената Литургија наведува дека Црквата е „(пре)обзнанува“ во пречистите и страшни Христови тајни, т.е. во Евхаристијата. Меѓутоа, тоа не е некаква симболична претстава, туку органски идентитет, како што срцето е поврзано со членовите на телото, гранките со нивниот корен и, како што вели Христос, прачките со лозата. Св. Николај Кавасила на крајот ја потврдува Павловата еклисиологија, во која е посочена, разоткриена и реализирана тајната на Божјиот домострој. Терминот „обзнанува“ има посебно теолошко значење и ја подразбира токму органската и искуствената врска помеѓу Евхаристијата и Божјиот домострој. Не се работи за само вербална споредба, вели свети Николај Кавасила, туку за вистински идентитет. За првпат на православниот исток се наоѓа описна дефиниција за Црквата, која е дури и јасно антисколастичка. Црквата го открива и изразува својот идентитет во светата тајна на Евхаристијата, но не симболично, т.е. типолошки и условно, но дејствително и онтолошки. Тајните Христови се Неговото Тело и Крв, кои се вистинска храна и питие за Црквата. Како што Телото Христово не е симбол на Христос, туку Самиот Христос, така и во светата тајна на Евхаристијата се остварува токму ова Тело Христово. Учествувајќи во него, самата Црква се претвора во она што е Тело и Крв Христови.
               Следствено, ако човек може да го види идентитетот на Црквата, тој ќе го види и Телото Христово. Јасно е дека кај Свети Николај Кавасила „тајните“ во множина се однесуваат на Евхаристијата, а не на многуте тајни. „Затоа што Телото и Крвта Христови се тајни“. Ова искуствено разгледување на Црквата е и единствениот можен пристап кон Црквата. Поистоветувањето на Црквата и Евхаристијата не е симболично, туку целосно реално. Всушност, само Евхаристијата ги содржи и ги открива основните теолошки премиси на еклисиологијата. Троичната димензија започнува како пат кон остварување на Царството на Отецот, Синот и Светиот Дух.
Преку низа од литургиски дејствија, автургичниот домострој на синот е претставен во сите негови фази. Христос преку содејствието и призивот на Светиот Дух е глава на Телото на Црквата и во исто време „Ти си Кој принесуваш и се принесува, Кој прима и се дава“ ( Св. Златоустова Литургија ). Во срцето на Евхаристиската Литургија, реципроцитетот помеѓу христологијата и пневматологијата го реализира христоцентричното единство и односот на сите нешта кон Бога и Отецот. Посебното дејство на Светиот Дух ја сочинува црковната заедница во Христа, го прави Богочовекот повторно присутен и активен во неа. Но, пред сè, го покажува единствениот Христос како Глава на телото, Кој ги вклучува и “насадува” многуте. Дејствието и осветувањето на Утешителот доведува до единство во Христа и во исто време ги потврдува различните служби и дарови како настани на заедницата со Христа за добробит на црковното тело и за негово создавање. Евхаристиската литургија е дело на народот и подразбира присуство и учество во сите служби. Во православното предание е незамисливо да се спроведе во отсуство на народот. Затоа, во својата пневматолошка димензија, Евхаристијата се доживува како егзистенцијален настан, а не како интелектуално или емоционално верување во натприродно и објективно чудо. Заедницата на Црквата го моли Христос повторно да го испрати Утешителот за „благиот Дух на Твојата благодат да се всели во нас, во овие принесени дарови и во сите Твои луѓе“ ( Св. Златоустова Литургија). Преку призивот на Духот, се случува егзистенцијална промена во односот на човекот кон предметите, бидејќи создавањето и самиот живот му се принесуваат од човекот на Бога. „Твои дарови од твоите, Тебе ти ги принесуваме, за сите и за се“ (Св. Златоуст Литургија). Без да се промени природата на создадениот свет и на човекот, се менува начинот на евхаристиско заедништво со Бога. Затоа, во својата антрополошка димензија, Евхаристијата го изразува животот на верните во Христа како заедница на љубовта, како заедница со светиите, благодатно донесена од Светиот Дух. Во оваа заедница се вклучени и живите и мртвите, како и оние кои се подвизуваат, очистуваат и се усовршуваат.

 

TVIT502

Единство и причест

         Наспроти сета философска, социјална и религиозна етика, Евхаристијата на Црквата, како заедница која сочинува една нова мрежа на односи, го отфрла личното достигнување на добродетели или добри дела, исто како што го отфрла поимот за индивидуално спасение. Евхаристиското собрание ги изразува соборните односи на љубов и слобода меѓу човекот, светот и Бога. Во оваа конкретна заедница нема индивидуална душевна полза, нема индивидуално оценување и заслуги. Евхаристијата, како собрание на распрснати и претходно разделени суштества во Телото Христово, не е средство за опслужување на индивидуалната побожност, давање на благодат за морално усовршување, туку е цел сама по себе и израз на Црквата. Затоа што Евхаристијата како литургиски чин ја открива соборната тајна на Црквата, која е возглавувањето и учество во целата тајна на Христос. Тоа е заедништво во Христа на светот и човекот со изворот на животот, обновување на човечкото битие и етос според ликот и подобие на битието и етосот на Света Троица. Затоа што етосот на Евхаристијата е насочен кон „тоа единство чии што учител е Света Троица“ (Ισαάκ ο Σύρος, Τα ευρεθέντα ασκητικά, ΠΔ΄). Евхаристијата е постојано обновувачки чин на единство, Литургија на целата Црква, која ги собира разделените индивидуи за да ги вклучи во едно единствено Тело. Тоа не се однесува на поединци, не наметнува индивидуална побожност. Она што се случува на Евхаристијата влијае на совладувањето на биолошката ипостас, на преобразувањето на егзистенцијалните можности на природата, на заедништвото и меѓусебното навлегување на членовите на Телото Христово, на остварувањето на човекот како личност по образ и подобие Божјо. Додека Христос при Воплотувањето се соединил со човечката природа, Тој не презел ниту една од одделните човечки ипостаси. Христовиот настан сега се протега преку евхаристиското собрание на Црквата, прифаќајќи го секое поединечно битие. Христос станува Личност која слободно го вклучува и благодатно го обединува секој човек.

TVIT504

Црквата, Евхаристијата и Царството

        Во Евхаристијата, целиот Христов домострој се открива како теорија и слика, како наративна репродукција, но и како возглавување на сѐ во Икономијата на Логосот Божји, Господ Исус Христос. Светата Евхаристија се остварува „овде и сега“, т.е. го прави присутен, реален и активен Христовиот домострој на спасението . Опитното вклучување и учество на многумина во Христовиот домострој, преку кој се открива нов начин на постоење и живот, поинаков, нов однос помеѓу Бога, човекот и светот, ја конституира Црквата како тело Христово. Ако во Евхаристијата се „обзнанува“ Божјиот домострој, како и Црквата, тоа е поради есхатолошката ориентација на светата Литургија. Црквата не се наоѓа во затворени историски контури на минатото. Наместо тоа, таа се открива и се наоѓа во универзалната и бесконечна перспектива на есхатолошката коегзистенција на создадената и несоздадената реалност. На тој начин, идентитетот на Евхаристијата и Црквата произлегува од идентитетот на Евхаристијата и Божјиот домострој. Светата Литургија ја прикажува Црквата не како што е сега, туку како што ќе биде во есхатонот на Царството.
            Нејзиниот врв и во исто време нејзината причина е совршенството на членовите на црковното тело, бидејќи светоста и осветувањето се предвкус на Царството. Благата, што ги дава извршувањето на Евхаристијата се простување на гревовите, заедница со Светиот Дух и наследување на Царството. Црквата веќе ги примила овие блага преку делото на воплотениот Христос. Во Светата Евхаристија Црквата проси и се заблагодарува за нивното пренесување и активирање кај учесниците. Црквата веќе го наследила Царството, бидејќи во него како предвесници влегле Христос, Богородица, но и цела „колонија“ од безброј светители, кои како еднородни застапници на луѓето ја сочинуваат „ црквата на првородените кои се напишани на небесата“ (Евр. 12:23). Следствено, тоа веќе се однесува на отворена есхатологија во која учествуваат светиите кои што се усовршиле и осветиле. Заедно со ова, постои „сеуште не“, кое се однесува на оние кои се уште се борат да се очистат и кои сеуште чекорат по патот кон совршенството. Во секој случај, Црквата се движи кон есхатонот на Царството, кој го претвкусува во Евхаристијата.
              Имено, затоа и голем број прозби на светата Литургија зборуваат за постигнување на Царството врз основа на блаженствата, кои се толкуваат евхаристиски и есхатолошки. Припремањето и подготовката на верниците преку нивниот личен подвиг, но и секое литургиско дејство во Евхаристијата, молитвите, пеењето, читањата од Светото Писмо придонесуваат не само верниците да го примат осветувањето преку таинството, учествувајќи во него „за простување на гревовите и за вечен живот“ и со тоа да го претвкусат животот на Царството, но и да го зачуваат ова осветување во нивните животи. Литургиските дејствија се осветуваат затоа што ја раскажуваат и ја прикажуваат целата приказна за Божјиот домострој во три фази, кои одговараат на трите литургиски „времиња“. Во литургиското време кое и претходи на жртвата, се слави Воплотувањето и Откровението Христово како продолжение на Стариот Завет во Новиот Завет.
              При осветувањето на Даровите и нивното преобразување во самото Тело Христово, се извршуваат и се објавуваат Неговите страдања, смрт, Воскресение и Вознесение, а веднаш потоа се открива исполнувањето на ветувањето на Отецот, т.е. слегувањето на Светиот Дух и активното учество на верниците во планот на Божјиот домострој како есхатолошки предвкус на Царството. Евхаристиската тајна го прикажува и изразува на унифициран и хармоничен начин земниот живот на Богочовекот од почетокот до крајот. Евхаристиските настани придонесуваат за постојано одбележување, пројавување и доживување на аспектите на спасителниот Христов домосторој, чиешто гледање и учество во Светата Евхаристија дава осветување, подобно на она кое му го даде Христос на целиот, свет кога тоа се случи еднаш во историјата. Поради тоа било и проповедано, за да им се открие на сите луѓе.
             Учеството во евхаристиското одбележување и гледањето на Божјиот домострој, заедницата со телото и крвта на Богочовекот им овозможува на верните да учествуваат со увереност, но и со близина во Христовиот живот. Учеството во Христовата тајна е дело на еден процес на откровение, преку кој целата личност се насочува и сосредоточува во неа. За таа цел служи литургиската симболика на Евхаристијата, така што искуственото видение на Божјиот домострој го води верникот до евхаристиската трпеза и учество во Христовата тајна. Конечно, причестувањето со Тајните го открива есхатолошкото искуство на преобразувањето и преминувањето на верните „од слава кон слава“. Органската врска помеѓу Евхаристијата и литургиското искуство на Божјиот домострој му дава нова димензија на времето, надминувајќи ги спротивставувањата помеѓу минатото, сегашноста и иднината. Во литургиското време на Црквата, одбележувањето на настаните од Божјиот домострој, од создавањето до есхатонот на Царството, се одвива во непрекината сегашност. Сепак, ова не е симболична типологија лишена од вистина и суштинска содржина. Христос е претскажан во пророштвата на пророците, се раѓа како Човек, учи и прави чудеса, ги поднесува страдањата на Крстот, воскреснува и се вознесува од десната страна на Бога и Отецот, го испраќа Утешителот, како предвестување на Неговото славно Царство. Во литургиското време на Црквата, Христос возглавува со светот и историјата и се открива себеси на мистагогичен начин. Сите овие настани се доживуваат литургиски не само затоа што Христос како Богочовек е Господар на историјата и Неговите дела не ги почитуваат ограничувањата на просторот и времето, туку и затоа што евхаристиските дарови се претвораат во Тело и Крв Христови и не се само формални симболи. Присуството и дејството на Светиот Дух во светата тајна на Евхаристијата го остварува преобразувањето на евхаристиските дарови и го прави присутен и дејствителен Христос, кој, откако лично го презеде човечкото постоење, е вечно поврзан со Црквата и е присутен, виден и допрен на светотаинствен начин, без никогаш да престане да биде вечен Свештеник и Молитвеник на Бога и Отецот. Згора на тоа, Евхаристијата го прикажува меѓусебното навлегување на сегашниот и идниот свет, светотаинската врска помеѓу небесната и земната Евхаристија, помеѓу Црквата и Царството. Возглавувањето на целата тајна во Христос ја претставува древната евхаристиска традиција која го изразува и исполнува собитието на Црквата во историјата, мистериозно навестувајќи го есхатонот на Царството. Ова разбирање беше попрво опитна и жива реалност на која не и требаше теоретски опис како на Исток така и на Запад барем до појавата на схоластиката.
              Оттогаш, како што теологијата беше поделена и систематизирана на многу независни поглавја, така и Евхаристијата беше прифатена како една од седумте тајни, како независен обред изолиран од битието и идентитетот на Црквата. Карактеристично е што во схоластичкото сфаќање на догматиката посебно се издвојуваше поглавјето за светите тајни од поглавјето за Црквата. Евхаристијата беше специфично и апсолутно различно таинство кое се однесуваше само на делумен аспект на Црквата. Црквата во својот историски пат естетствено не се поистоветува целосно со Царството. Постоењето на распаѓањето и смртта постојано ја соочува со деструктивното дејство на злото. Тоа е заедница која се бори против гревот и смртта и затоа е составена од грешници и светители. И иако сè уште живее во седмиот ден од историјата, таа сепак учествува „матно како преку огледало“ во никогаш невечерниот Осми ден на Царството. Тоа е така, затоа што евхаристискиот опит на Црквата може да го изобрази и одрази во историјата, овде и сега, есхатонот на Царството.

TVIT497
                  Но, есхатонот на Царството е идната крајна точка, последната етапа на Црквата. И покрај многуте библиски и светоотечки описи на небесната Црква, точната поставеност и слика на Царството останува нејасна и нереализирана во оваа фаза. Меѓутоа, знаеме дека доаѓањето на Царството ќе значи „ново небо и нова земја“ (2. Пет. 3:13), отстранување на распадливоста и смртта, целосно и непрестајно учество во божествениот живот. Оваа заедница на усовршување на светиите е Црквата на Царството, каде што во евхаристиското тело Христово се возглавуваат и се вклучени сите нешта, создавањето и човештвото. Христос како Глава ги соединува членовите на Своето тело, односно Црквата, во животот и заедницата на Света Троица. Нераспадливите и бесмртни, сонаследници со Христос ќе учествуваат од слава во слава во „царството што е подготвено од создавањето на светот“ (Мат. 25:34). Црквата го црпи својот идентитет од Царството и се движи кон него. И додека во сегашната фаза се разликува од Царството и само привремено учествува во него, прикажувајќи го есхатонот во Евхаристијата, во иднина ќе биде целосно обединета и идентична со него. Непроменливо ориентирана кон очекувањето на Царството, Евхаристијата е учество на есхатолошката трпеза, наследство на Царството, кое е веќе дадено на верниците, иако сè уште не е целосно присутно во историјата. Принесувајќи ги евхаристиските дарови, на Бога му ги принесуваме почетоците на нашиот смртен и биолошки живот и наместо нив го примаме вечниот, непропадлив и вистински живот.
                 На тој начин, светата тајна Евхаристија делува надвор од видливата и историска Црква, бидејќи се принесува и за мртвите, кои, иако сè уште не се совршени, исто така се осветуваат на чудесен начин. Многу членови на Црквата, „по наследено право“, се веќе таму. Според св. Ап. Павле се однесува на црквата на првородените кои се веќе запишани на небото. Со Христовото појавување, наднебесната и земната реалност сочинуваат една Црква. Христос е Претеча на верните кон Светињата над светињите, Патот што води кон Отецот, Оној кој сега се соединува со луѓето евхаристиски и таинствено, без разлика дали тие сè уште се подложни на распадливост и смрт. Меѓутоа, во есхатонот, сè ќе се објави и гледањето и сјајот на Христос ќе бидат комплетни. Таинството на Евхаристијата е отворање на Црквата кон Царството, кон собранието и „свечениот собир... на првородените“ (Евр. 12,23); токму поради оваа причина таа била предадена од Христос. Ова евхаристиско соединување е предуслов за есхатолошко учество во Царството.

Автор: Ставрос Јангазоглу
Извор: bogonosci.bg
Превод: Симеон Стефковски

 

TVIT494

Мај 2023 лето Господово

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3143
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7622
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

24/11/2024 - недела

Св. великомаченик Мина; Св. маченик Стефан Дечански, крал српски; Св. маченици Виктор и Стефанида; Св. маченик Викентиј ѓакон; Преп. Теодор Студит;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

О, свети апостоли Христос Спасителотво вас се зацари, душата во убавина се облече и венци за вас Животот исплете.За Олимпа...

Тропар на  свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Тропар на свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Изданок од Визант и Егина,заштитниче кој си јавен во последните времиња,миленик на вистинската врлина.Нектарие, те почитуваме,ние верните како богоугоден исцелител...

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Архистратизи на небесните воинства,ние недостојните постојано ве молиме:со вашите молитви заштитете нѐ,под покровот на крилјата на вашата славаневешествена, пазејќи нѐ...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная