Patot.na.podviznikot86

ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ

ГЛАВА ДВАЕСЕТ И ТРЕТА


За мрачните времиња

            Времето се менува – од облачно кон сончево, од ведро кон дождливо. Така е и со човечката природа. Мораш да очекуваш дека понекогаш темни облаци ќе го покријат сонцето. Дури и светителите ги имале своите мрачни мигови, часови, денови, па и години. Тогаш говореле дека се „оставени од Бога“, за длабоко во својата свест да го врежат сознанието дека сами по себе, без Неговата помош, навистина се бедни.

Таквите мрачни времиња, кога ни се чини дека сè е бесмислено, празно и залудно, кога нè напаѓаат сомнежи и разни искушенија, се неизбежни. Но и тие мигови можат да се искористат за добра жетва.

      Примерот на Света Марија Египетска може да ни помогне да ги надминеме тешките мигови на темнина. Таа четириесет и осум години живеела во задјорданската пустина. Кога ќе ја напаѓале искушенијата и кога спомените од нејзиниот поранешен грешен живот во Александрија ја мамеле да ја напушти пустината во која по своја волја влегла, таа легнувала на земја, му викала на Бога за помош и не станувала додека срцето не ѝ се смирело. Првите години ѝ биле особено тешки; понекогаш морала така да лежи и по неколку дена. Но по седумнаесет години, таа стекнала мир.

Кога ќе дојдат вакви денови, повлечи се во тишина. Не подлегнувај на искушението да излегуваш во друштво и да бараш забава. Не се сожалувај себеси и не барај утеха во ништо земно, туку усрдно Му моли се на Господа вака:
„Боже, побрзај да ме избавиш, Господи, побрзај да ми помогнеш!“ (Пс. 70:1).
„Затворен сум и не можам да излезам“ (Пс. 88:8).

Вистинска помош не очекувај од друг извор. Не фрлај во вода сè што досега си го стекнал заради некаква случајна добивка. Сега е мигот кога се испитуваат твојата долготрпеливост и истрајност. Ако го издржиш овој испит, заблагодари Му на Бога, Кој ти дал сила за тоа. Ако не го издржиш, веднаш стани, помоли се за милост и помисли: „Го добив она што го заслужив“. Самиот тој пад е твојата казна. Премногу си се потпирал на себеси, и сега ти е дадено да видиш до каде те довело тоа.

Сега имаш искуство – не заборавај да Му заблагодариш за него.

 

Тит Колиандер


Подготвил С.Стефковски

24.12.2025

 

Друго:

Подготвил С.Стефковски

06.11.2025

Patot.na.podviznikot14

За Преминпортал подготвил С.Стефковски

04.11.2025 лето Господово

Patot.na.podviznikot9