Исцелувањето започнува со вистината
Болката во човекот не започнува во мигот кога тој ќе избувне.Таа се собира со години: во понижуваното дете, во претепаната жена принудена да молчи, во предадениот човек, во родителот кој го погребува своето дете, во телото измачено од болест, во осиромашениот дом, во душата која никогаш не слушнала дека е сакана. Постојат рани што не се гледаат, но го менуваат начинот на кој човекот мисли, сака и се брани.

За да не чувствува ништо, човекот бара средства за да ја замолкне болката: непрекината работа, алкохол, храна, блуд, екрани, купување, контрола, гнев или изолација. Се убедува дека му е добро, иако неговиот живот станува сè потесен. Она што една вечер му донело олеснување, почнува да ги бара сите негови вечери. Она што му ветило слобода, му ја одзема волјата. А неисцелената рана на крај почнува да повредува: понижуваниот понижува, напуштениот се прилепува, контролираниот контролира, а оној што не бил сакан ги казнува другите за љубовта што самиот не ја добил.
Вистинското исцелување е строго, не затоа што Бог е немилосрден, туку затоа што вистината сече длабоко. Човекот треба да престане да го нарекува „природа“ она што е страст, „љубов“ она што е зависност и „мир“ она што е страв. Треба да го исповеда својот грев без оправдувања, да ја прекине врската што го уништува, да побара прошка, да поправи што може да се поправи и да прифати дека некои последици не исчезнуваат веднаш. Благодатта утешува, но не ја благословува лагата.
Многупати, Црквата останува последното прибежиште. Човекот доаѓа откако се обидел да се спаси преку сите оние нешта што уште повеќе го вовлекле во бездната. Доаѓа кога повеќе нема сила, кога семејството се распаднало, телото се разболело, а душата повеќе не може да се преправа дека е добро. Но Црквата не е магично засолниште во кое реалноста исчезнува. Таа е местото каде што човекот е повикан да ја погледне реалноста пред Христа. Исповедта не е само празнење без промена, а Причеста не е завој ставен врз живот што одбиваме да го исправиме.
Некои рани бараат и лекар, психолог, лекување, заштита или напуштање на средина во која постои насилство. Верата не ги забранува овие видови помош. Но, во длабочината на секое исцелување, човекот треба да открие дека не е само својата рана и не е ниту збирот на своите падови. Христос не го чека откако ќе се исцели, туку влегува токму во болното место. Но од него бара една тешка работа: да не бега повеќе. Да дојде со сета вистина и да ѝ дозволи на светлината да го допре токму местото што најмногу го сокривал.
Мајка Силуана Влад
Подготви Симеон Стефковски
16.08.2026


























