Кога „добрината“ станува страв од напуштање

Постојат деца кои многу рано учат дека се сакани само кога не пречат. Молчат, се покоруваат, ја кријат својата болка и ги погодуваат потребите на сите околу себе. Ги нарекуваат „добри и послушни“, но нивната послушност може да биде почеток на големо напуштање на самите себе.
Подоцна, како возрасни, не знаат да кажат „не“. Прифаќаат неправди, се исцрпуваат за другите и се чувствуваат виновни кога ги брани своите граници. Не секогаш даваат од љубов, туку од страв да не бидат отфрлени. Така, добрината станува немо барање: „Не оставај ме!“Да се каже вистината не значи недостаток на љубов.
Да се одбие злоупотребата не е себичност. Смирението не бара човекот да се поништи себеси, а христијанската жртва не значи да го храниш злото на оној што е покрај тебе.
Исцелувањето започнува кога човекот ќе го препознае својот страв и ќе престане да ја „купува“ љубовта преку жртви што го уништуваат. Овој пат може да бара молитва, исповед, психолошка поддршка и многу трпение.
Христос никому не му бара да исчезне за другите да бидат задоволни. Тој го повикува човекот да љуби од слобода, а не од страв. Понекогаш, првото „не“ кажано на злото е почетокот на едно вистинско „да“ кажано на Бога.
Кога молитвата станува договор со Бога
Понекогаш човекот се моли не за да Го сретне Бога, туку за да Го убеди да го исполни неговиот план. Ветува пост, милостина и промена ако болеста помине, ако саканата личност се врати или ако го добие она што го посакува.
Кога одговорот доцни, се појавува револт: „Зошто не ме послуша?“ Зад ова прашање може да стои верувањето дека Бог е должен да го награди религиозниот напор. Молитвата станува договор, а неисполнувањето на барањето изгледа како предавство.
Но Бог не е сила повикана да ја потврди секоја наша желба. Понекогаш човекот го бара токму она што уште повеќе ќе ја продлабочи неговата рана. Другпат бара отстранување на страдањето преку кое вистината за неговиот живот почнува да излегува на виделина.
Зрелата вера не вели: „Нека биде Твојата волја“ со студена резигнација, туку со болката на оној што сè уште се надева, но одбива надежта да ја претвори во барање. Човекот може да плаче, да протестира и да моли, без да Го претвори Бога во слуга на своите планови.
Можеби молитвата нема веднаш да ја промени околноста. Но, ако е вистинска, таа го менува оној што се моли. А понекогаш Божјиот одговор не е она што сме го побарале, туку силата да не се изгубиме себеси тогаш кога нема да го добиеме она за што сме молелe.
Душевните болки не остануваат затворени само внатре во човекот. Она што се собира во срцето, порано или подоцна, почнува да се гледа во делата. Стравот може да стане контрола, непростувањето може да стане студенило, срамот може да се претвори во изолираност, а немирот може да роди остри зборови. Понекогаш човекот вели: „Таков сум јас“, без да забележи дека, всушност, една неизлечена рана започнала да зборува преку него.
Тука се крие голема опасност: страдањето што не е разбрано може да започне да ги повредува и другите. Оној што е притиснат станува раздразлив, оној што не простил почнува да казнува, а оној што не се чувствува сакан може да бара љубов преку посесивност. Болката не го оправдува злото, но понекогаш објаснува зошто злото се повторува.
Не секоја вознемиреност на умот произлегува од грев и никој не треба да биде осудуван поради својата болест. Но повторуваните гревови, негуваната огорченост и лагата што човекот си ја кажува себеси можат уште повеќе да го помрачат умот кој веќе е изморен. Затоа исцелувањето бара вистина: понекогаш лекар, понекогаш психолог, но и молитва, исповед, простување и повторно поставување на животот пред Бога.
Делата навистина се менуваат тогаш кога се исцелува нивниот извор. Не е доволно да се запре лошото однесување ако раната што го раѓа остане недопрена. Бог не работи само врз однесувањето, туку ја бара и коренската причина. Таму каде што срцето ќе се осмели да дозволи да биде испитано, таму започнува и слободата.
Мајка Силуана Влад
Подготви Симеон Стефковски
24.08.2026


























