логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

  лого

 Goran.sv.Erotej.jpg

Убавината ќе го спаси светот

( Предавање на Епископ Атанасиј Јефтиќ одржано за време на Театарските денови во Требиње, 13 мај 2001 година, во неделата на Самрјанката)

Вечерва посакав да говорам на тема која е секогаш актуелна, а е поврзана и со театарските денови на Требиње кои се насловени: Убавината ќе го спаси светот. Тоа е тема која се однесува на Достоевски, а истовремено се однесува и на секој човек и заслужува да и се посвети, ако ништо друго, макар само едно предавање.

Реченицата Убавината ќе го спаси светот ја искажал кнезот Мишкин, еден од ликовите-херои на Достоевски, кој и самиот бил еден вид на прекрасен, преубав човек. Идеалот на Достоевски всушност и бил да го прикаже токму таков. Самата реченица е од романот Идиот (идиот  е назив за чудак, каков што бил Мишкин, а Достоевски не се срамел да им дава такви имиња на своите јунаци, бидејќи со својата внатрешна содржина тие се покажуваат дека не се идиоти, во обичното значење на зборот, туку напротив се прекрасни, речиси идеални луѓе).

Достоевски вели: Да се наслика и да се претстави позитивно прекрасниот човек е потешко од се и тоа е бескарајна задача. Убавината, красотата е идеал, а ниту нашиот, ниту на цивилизирана Европа сеуште ни оддалеку не изграден. На светот постои само една позитивна Убавина, едно прекрасно Лице-Христос. Самата појава на тој бескрајно прекрасен Лик е веќе бескарајно чудо. Целокупното Евангелие по Јован зборува за тоа: што тоа чудо се појавило и се наоѓа во Овоплотувањето-Логосот(Словото) стана тело, Бог стана човек.

Оваа мисла Достоевски ја провлекува и низ своите останати дела, но, самиот израз Убавината ќе го спаси светот го рекол кнезот Мишкин, човек кој навистина бил добрина и убавина.

Но, веднаш сакам да напоменам дека Достоевски забележал дека убавината може да биде и двозначна, двосмислена. Убавината е загатка, и тоа не само во позитивен смисол, дека треба да се истражува, туку во двосмислено значење: дека може да одведе онаму каде што не се очекувало, т.е. може да заведе.

3.angeli.so.truba

Големиот философ Платон во своите теории (созерцанија, виденија) говорел дека Највисокото Битие е затскриено со убавина ( „άλλ“ς) како со некоја завеса.( Κάλλος е грчкот израз за убавина и обично се пишува со две л, но убавината е и добрина, така што со едно л се пишува добрина, иако постои и друг израз за добрина:   γ). Позади таа завеса на убавината кога човек ќе доживее да Му се приближи на Бога, вели Платон, се наоѓа тоа највисоко  Добро, највисокото битие кое е Агатон. Значи: убавината е одежда, облека, одора на Бога. Секако, тоа видение кај Платон е само умно (интелигибилно), логично, а умот ја сака убавината. Во класична Грција сиот свет е наречен космос, како убавина (красота), т.е. една складност, така да умот човечки тежнее сето тоа да го согледа како една прекрасна облека на стварноста.

Кај Достоевски  убавината е несомнено божествена и секој човек, како што кажува во Дневникот на писателот (од 1883 г.),e обдарен не само за чуствување на убавината, туку можеме слободно да кажеме, и за уметност. Убавината е, вели Достоевски, насушна потреба на човекот, како и потребата за храна и пиење. Потребата за убавина и творештво (кое ја овоплотува убавината) се нераздвојни кај човекот. Човекот ја сака убавината, и ја наоѓа, и ја прима безусловно. Во убавината има хармонија и спокојство. Уште подобро, убавината е нормалност, здравје, па заради тоа таа е секојдневна потеба на човештвото. Знаењето пак, не  е толку способно да препородува како што умее убавината; тоа го менува човекот но, не го преобразува. Така вели Достоевски, а и другите православни творци, писатели, поети, уметници.

TVITer729


Однос кон Европа

Ова и нашиот православен народ го знае длабоко. Нашите пак, просветени европејци, кои се свртиле кон Европа, се оддалечиле од народот, а со тоа и од Бога се оддалечиле, од вистинската Убавина. Внимавајте, ова се крупни, тешки зборови. А кога човек ќе се оддалечи од Бога, вели Достоевски, може со умот да достигне до поразителни резултати. Европа појде по тој пат.

Но, Достоевски не е некој мразител на Европа. Напротив! Од една од неговите последни страници на Дневникот од јануари 1881 г. читаме: „Нам ни е невозможно сосем да ја напуштиме Европа, да ја оставиме Европа, а и непотребно е. Таа земја на свети чудеса, како што имаат кажано најраните словенофили, таа Европа исто така ни е мајка како и Русија, втора наша мајка. Ние сме зеле многу од неа; и повторно ќе земеме, и нема за тоа да и бидеме неблагодарни. Но, во исто време, имаме право да направиме свое преиспитување и добро да размислиме за нашето излегување од Египет. Тоа е ропство на Израилот на Египет, т. е. нашето робување на Европа. Бидејќи мора да признаеме дека ние на самите себеси на некој начин од Европа направивме духовен Египет, т.е. духовно ропство“.

Што би рекле на ова денешните наши Европејци? Тоа европоклонство постоело кај русите Европејци, тоа биле европејци, западњаци, едно движење од времето на Достоевски, паралелно со словенофилите. Словенофилите исто така биле Европјани, исклучително добро едуцирани и љубители на Европа; држеле собири за тоа и на нив разговарале, особено во Париз. Во тој поглед не ја мразеле Европа, додека пак, западњаците, проевропејците (Белински, Чернишевски и низа други) биле идолопоклоници на Европа. Достоевски вели дека тие сакаат да го „переоврепејит нашиот народ“, односно да го поевропат или преевропат. Не да го европеизираат (тоа е слично), туку да го претопат во Европа, а ние вели, не би го сакале тоа. Таа Европа, земја на светите чуда, и ја уважуваме, и од неа се користиме, но ја отфрламе исклучиво европската форма на цивилизација, култура, уметност.

Тоа за чудо го повтори и Солженицин, кој говореше за нетрпеливоста на Европската цивилизација, која никого друг не трпи освен себе, и само себеси се поставува за мерило на се. И тука Европа е нетолерантна, тоталитарна. Во наше време, кога е цела Европа исполитизирана, американизирана и натоизирана, тоа е најголем пад на Европа. Што би рекол Достоевски, денес?! Понатаму гледаме, колку е Европа нетрпелива. Ние овде во Српската БиХ, го чуствуваме тоа: дека европските медиокритети сакаат да ја кројат не само моментната политичка ситуација, туку и судбината на овој народ. Сакаат реформа на школството, сакаат реформа на душата, како што вели Достоевски, народот да ни го променат, некој друг народ да донест овде, а всушност сакаат да не отуѓат од себеси, од православието, во кое се чува Убавината на Христовиот Лик кој ќе го спаси светот.

Во своето одлично Слово за Пушкин (за стогодишнината на Пушкин, 1881г.), Достоевски резимира скоро се што зборувал до тогаш. (Инаку, Пушкин на Русија и го дал нашиот Сава Владисавиќ, Гачанин  кој слегол во Дубровник и станал кнез и потоа во Русија барон. Потоа станал министер за надворешни работи на Русија на Петар Велики и некаде на пат по Истокот, му купил еден црнец, некаде отприлика 1730 г. Од тој црнец внук и понатаму правнук е Пушкин, и затоа косата му е онака гургурава како на црнче, со веќе доста обелена кожа.) Но, Пушкин се разбира, во меѓувреме потполно се претворил во русин, а русите го имаат тој голем дар да интегрираат, да вклопат кај себеси.( И денес многу руски личности, не се по потекло руси, но го немаат тоа оптеретување; како рускиот патријарх-поголем русин од многу други руси, како и низа други големи руси: Маендорф, Шмеман.) Тие ја имаат таа особина да исполнат со себе, но содржината на Русија, на правиот русин е православна: општо-човечност, се-човечност; карактер кој рускиот народ не го смалува туку го проширува и сегогаш се бори за нешто општо, сеопшто.

Едно време на некои руси влијаеле некои западњаци, преку Петрушевски, преку Њечаев, поклоници на западните социјалисти од она време, Жорж Санд, Пруст, мислам дека тоа е комуна, дека тоа е социјализам; сеуште тогаш не се викал комунизам, но 1870 г. била Париската комуна.

Идеа за „општото нешто“, комуна

И Достоевски, као и дел од рускиот народ, бил повлечен по тоа општо нешто, бидејќи русинот секогаш се бори за општо нешто,и едно време како да поверувал во комуната како сеопшта заедница. Бидејќи пристапил на завереничкота организација на Петрашевски, доживел да биде осуден на смрт, па рускиот цар го помилувал, така што отишол на робија четири години, и таму доживеал преобразба. Но, тука не се работи за он кое што проф. Никола Милошевиќ ( инаку познавач на Достоевски) го вели во своето толкување на Достоевски: дека тој, бидејќи бил скршен и понижен со осудата и со самата робија, одеднаш  искомлексиран, започнал да ја почитува, речиси да ја обожува Русија, царот руски. Самиот Достоевски е доказ дека тоа не е така. Тоа го сведочат и неговите дела и неговата личност.

(Инаку, неговата робија во царска Русија била немајкаде поблага, отколку што била советската робија, по сто години. Првото дело на Солженицин Еден ден на Денис Денисович е всушност опис на еден ден на робија на Денисович, веројатно тој самиот. Михајло Михајлов, руски емигрант кај нас, кој бил едно време во Сплит (прв меѓу дисидентите кај нас, а потоа отишол на запад), говорел и го навел тоа во едно свое дело споредба со Мртвиот дом  на Достоевски, каде што тој го опишува тогашниот живот на робија, и Еден ден на Денис Денисович на Солженицин: сто години напредок на човештвото, а во суштина повеќе од сто година назадување! Многу полошо живееле робијашите во време на Солженицин, отколку за време на Достоевски. На пример, кај Достоевски можеле во придружба на војници да одат на нива, да разговараат со селаните, да примаат дарови, храна, потполно слободно да се однесуваат, па ако побегнат, можат да ги фатат. А знаеме какви биле советските и голостровските темници и затвори.)

Во Записите од мртвиот дом  Достоевски опишува крах на идејата за комунизам, комуната како заедница, бидејќи доживеал дека тоа е присилно живеење заедно, насилно наметнато заедништво. Всушност тоа го почуствувал Достоевски таму, тоа насилно заедништво, тој пекол на принудната заедница, принуден соживот. Да замислиме на пр. принуден брак (за што многу е пишувано во народните и сегашните песни), кога некого принудно мажат, или женат насила. Јасно е дека на сила не може да се сака, и Достоевски тука пронаоѓа голема вистина: вистинската слобода е можна само во љубов, низ љубов и како љубов. Но, и љубовта како вистинска слобода. Тука е суштината на убавината кај Достоевски. Убавината која се наметнува, станува тиранија, убавина која поседува, го заробува човекот, и тогаш тоа веќе не е убавина.

Сега одиме до уште поконкретни нешта. Луѓе сме од крв и месо и знаеме како често убавината го опседнува човекот, му создава опсесија, и тоа се нарекува страст. Секоја страст помалку или повеќе е поттикната од некаква убавина или уживање, но убавината е од првите уживања. Човекот ужива во убавината, и секој е надарен за убавина, нема човек кој не е надарен за убавина. Но, сега доаѓаме до онаа двосмисленост на убавината.

Достоевски сака да нагласи дека убавина не е се она што се покажува за убавина. Во најголеми димензии, нај-достоевски, неговиот Митја Карамазов, еден грешник кој е осуден на робија, иако не го убил тој (туку Смердјаков)  својот татко Фјодор, па вели: Одам, и таму на робија ќе се спуштам на дното на пеколот, но од дното ќе гледам во Богородица која ќе ме спаси. Во исто време, во понатамошното кажување  во Браќа Карамазови, ликот на Богородица кај Митја Карамазов се преплетува понекогаш со Мона Лиза или Мадона (ренесансна). Мона Лиза е особено еден „лукав“ лик, таа убавина е змијска убавина и Леонардо да Винчи веројатно намерно ја оставил таква. Слично како индиските богови и божици: едната рака испружена, другата свиткана, а исто така и едната нога испружена, а другата свиткана, а сето време ве гледаат змијски очи. Ужас ве фаќа.

Старите Грци, кои не ја почувствувале онтолошката стварност на личноста човечка, затоа на статуите оставиле слепи очи. Меѓутоа кога православниот копаничар, тој во полу рељефниот лик малку ќе издлаби, па ќе нацрта очи, или ќе додаде веѓа или заоблување под белката, така што делуваат како живи, отворени очи. Бидејќи очите се прозор на душата, прозор во рајот. Но, Грците во тоа биле макар чесни, бидејќи не можеле да го согледаат ликот. Платон, да се потсетиме, зборувал дека постои завеса: зад Убавината претпоставуваме дека е Добрината, но истата не ја видел, и неможел да ја претстави, да ја изобрази. Кај Достоевски таа вечна Убавина, се јавува во Ликот на Христа. Богородица како земска мајка која Го родила Него, исто така е симбол на убавина. Меѓутоа, кај Митја Карамазов, страстен човек, таа убавина понекогаш се преплетува со адската убавина, обесветена и изгубена, со страст, значи само со натурална, и притоа сеуште извалкана убавина со една еротика која не води никаде. Затоа Достоевски говори дека е потребно да се спасува убавината во овој свет.

BOGORODICA.Hristos.prekrasni

Убавината треба да се спасува

Затоа убавината е загатка. Таа е привлечна, во човека тангира (допира) најнежни струни и го буди на нешто многу големо. Во секоја љубов, па со тоа и во страсната (тоа го покажува Достоевски), е разбудена жедта за вечна љубов, вечен живот, но потребно е тоа да се искупи, преобрази и да се спаси со вистинска непропадлива Убавина, која е овоплотена во Ликот на Христа Богочовекот, Најубавиот  меѓу синовите човечки, па таа убавина е овоплотена и во Богородица, која е непропадлива Божја убавина.

Искање на убавината

 Човекот е создаден да живее, но да се живее не значи да се достигне, туку повеќе да се бара, вечно да се бара и напредува, да се расне и возрастува (Еф. 4,12-15). Рускиот израз искање е поубав, не само барање. (Јас една моја збирка од статии ја насловив „Трагање по Христа“, но искање значи повеќе од тоа)  Тоа е и барање,  но не само трагање: „Кој тропа ќе му се отвори, кој бара ќе најде, кој иска ќе му се даде“, вели Спасителот.  Григориј Богослов говорел дека тоа вечно барање на на животот, и тоа само по себе е веќе живот, содржи живот, како што е љубовта живеење на љубовта, не само „наслада“ од љубовта. Погрешката од нашите искуства од љубовта е, воглавном, што бараме да се задоволиме, „наситиме“ (тоа е нашата „потрошувачка“ цивилизација), при што љубовта станува средство, а не содржина на животот. Станува нешто што е подложно на искористување, експлоатирање, како некое јадење. Јадењето на пр. е благослов од Бога, но ако стане самоцел на човекот, тогаш тоа станува истовремено и своевидно проклетство, и тоа е таа загатка за која говори Достоевски. Со други зборови ништо во овој свет не е „самоценно“, самоцелно, самовреднот. Единствено човекот е над сето тоа вредност по себе. Но, тоа е затоа што човекот, е слика Божја. Бог и бесмртноста на душата се две оски кои го сочинуваат човечкото битие, спрема Достоевски, и тој говори дека кога таа идеа ќе се отстрани, тогаш човекот станува ѕвер; наместо очовечување, настанува расчовечување на човекот. Затоа Достоевски, бил толку јак критичар на хуманизмот, на голата хуманост (како потоа и о. Јустин Поповиќ).
 
 Европа денес е сета во хуманизам. Но, кој хуманизам од сите европски хуманизми да го земеме? Достоевски вели: „Господа, дајте ми некој од вашите мудреци, убавци, вашите политичари, литерати, философи, кого сакате,-наспроти Христа, кого ќе ми го истакнете!?“ Јас денес би рекол: кој Пикасо, Клинтон, Олбрајтова, која принцеза Дијана? Е па, Достоевски бил одличен аналитичар не само одвнатре, туку и критички разурнувач на тој лажен хуманизам, гол сентиментализам и еротизам (=порнографија), кој претставува оповршнување и соголување на она здраво, чесно и богодарено чувство  (расположение, состојба, тежнеење) во човекот. Но, тоа само по себе не води никаде, бидеќи најчесто се претворува во својот контраст, во својата спротивност.

Идеја и идеален лик на човекот

 Љубовта кон човекот станува мачење на човекот, во подобар случај, самомачење, но најмногу расчовечување на човекот, станува дури омраза.Тоа е страшното искуство на еден Достоевски, страшното искуство на светителите, кои го покажувале (а Достоевски тоа го открил кај нив) идеалниот лик на човекот. Секако, не идеален во смисол, не идеализиран, некаде далеку надвор, туку напротив овоплотување, вотеловување на идејата. Кај него ниедна идеа не е вистинска, ако не е овоплотоена; ако нема тело, тогаш е само фикција. „Светителите се, вели Достоевски позитивни карактери на нескажана убавина и снага; тие Ликот Христов го чуваат непретворен, неискварен, и го носат прекрасен во чистотата на вистината Божја“, како што се Апостолите, Мачениците, Светителите на нашите денови. Еден негов современик, Тихон Задонски, за сосем малку ќе успеел да пребрази и еден Ставрогин, тој нејнегативен лик кај Достоевски. Кога Ставрогин бил кај Тихон (поглавие „Кај Тихов“ во Зли Дуси), старецот со голема љубов му говорел: „Знаеш, дете, помеѓу најголемиот злосторник и светител постои само една скала.“ Изгледа дека Ставрогин силувал некое девојче и тоа го прогонувало, тоа дете му се јавувало, и тој се убил, а не се покајал; но, да се покајал тогаш би се препородил. Тој не сакал да верува дека дека постои можност за покајание, „не сакал да верува дека може да поверува“.

Hristos.Dobriot.Pastir

Убавината овоплотена во личноста на Христа

Достоевски сето тоа го проживеал низ своите ликови, и знаел дека убавината и вистината,-дозволете, можеби најголема и најјака работа: вистината-која исто така може да биде лага, воколку зад неа нема жива, лична стварност. Таа жива стварност се Бог и бесмртниот Човек, т.е. бесмртната личност човекова. Таа стварност се овоплотила во Христа, и затоа Достоевски можел да рече: „Ако вистината би го исклучувала Христа, јас би останал со Христа, а не со вистината“. Тоа секако е парадокс, но, со него Достоевски сакал да каже: Што ми вреди мене вистината која покажува дека „два и два се четири“, или вистина која по својата суштина е една апстракција, која  ме гази мене како ваљак преку живото тело на битието човечко, и сака да ме присили да ја признаам, ништејќи ја мојата слобода и љубов.

Фала Богу што нашиот народ не се дава на тоа. Достоевски токму за тоа говори. Рускиот народ исто така не се подава на тоа, па затоа руските западњаци, вели, го презреа својот народ, никогаш не го запознале, ниту вистински сакале, ни ценеле. Европа не ја запознала Русија, не го запознала Пушкин, и тој тоа го префрлува како голема вина на Европа. Секако, Европа ќе каже: Што пак ние да ве запознаваме и признаваме вас? Вие нас треба да не познаете! Тоа го говори самодоволната, горда Европа.

Фатална убавина

Достоевски сака да истакне, дека убавината и љубовта, кај неговите јунаци (Понизени и навредени, Зли духови, Браќа Карамазови), може да биде фатално нешто (има доста песни за таа фатална љубов), затоа што е слепа; прераснува и преоѓа, подобро кажано, поробува со слепа страст. Секако, неможе да се љуби мртво, како со платонска љубов. Не го кажува тој тоа, бидејќи знае дека се сака со животот и со сето битие, со својата личност се љуби, како што се љуби Бог (Мт.22,27).

 Но, не е здраво човек да биде опседнат. Таа опседнатост често ја покажува Достоевски, особено во  Браќата Карамазови. Така може да се биде опседнат и со убавина, но, тогаш таа станува фатаморгана. Таа идеја ја анализира о. Георгиј Флоровски во својата одлична книга „Патиштата на руското богословие“(тука тој ја анализира сета руска книжевност, па и Достоевски), и  покажува дека во минатиот век постоела соблазна на естетиката и естеското кај руските мислители, философи, книжевници. Всушност тој говори за соблазна или прелест. Прелестното може да биде и преубаво!

 Би сакал да кажам нешто и на глумците овде, но да не се навредат: на еден русин емигрант (од 1943 г.) во Париз, му велев дека кај нас се вели: позориште. Одлично, вели тој кој не сакаше многу да оди таму, бидејќи тоа и е позоришче, т.е. на руски брука или срам. Кај русите пак, постои термин: театар, бидејќи тие користат позајмен збор. Апостолот Павле ни говори: станавме глетка на светот (1Кор.4,9), т.е. изложени на сечие подругување. Ако пак, некој смета дека со театрот ќе го реши човечкот проблем, тогаш е во прелест, во фатаморгана, во заблуда. Всушност тоа е една од карактеристиките на убавината човечка и нејзината двосмисленост, но, тоа не е сé.


Убавината како опсесија

Кај уметничкиот свет кој е понадарен од нас останатите (било поетски, сликарски или театарски), ја има таа опсесија, да не речам дека тоа е  потполна опседнатост. Достоевски покажува дека таа убавина, опседнатост со убавината, може многу лесно да се урне со него во пеколот, и човекот да се почуствува унесрќен и издаден, како Митја Карамазов. Да го изгубиш ликот на Богородица и да се маѓепса ликот на Мадона, на Мона Лиза или било кој друг лик. Страшно и погубно! Постои значи, подвиг, потреба од подвигот на преобразување на себеси, потреба од прочистување и очистување, подвиг на распетие и воскреснување, подвиг на покајание, повиг на распнување на себеси и принесување на Бога, па Бог потоа  го воскреснува, воспоставува, преобразува во нас она што е вистинска убавина, убавина од Неговата Убавина, љубов, слобода, живот и тогаш сето тоа го добива своето вистинско назначение, своето живеење со полни гради и своето вечноживо пулсирање.

Тоа е таа двозначност на убавината кај Достоевски. Тој неа не ја осудил, а ниту можел: со какви само нијанси на убавина тој ги опишува своите ликови! Но, Дотоевски најчесто им се враќа на децата,-неговите Браќа Карамазови освојуваат со децата. Прво самиот многу ги сакал децата, и многу ги жалел децата. Кога му умрела неговата прва ќерка Љубов, тој бил во очајание, но, нормално, христијанско очајание, зборувајќи во солзи: Каде е мојата Љубов? каде е мојата ќеркичка!  Тое е како прашање упатено на Бога (како Иван Карамазов). Бог не се плаши од тоа, од тие очајни призивувања.

Достоевски низ своите ликови и херои изложувал не единствено идеи, туку самите идеи ги проверувал со самиот „жив живот“, со живи луѓе: дали ќе издржат како луѓе. И воглавно сите скоро, дури и Иван Карамазов, таа проверка ја издржале. Достоевски не е сиот ниту во идеите, кои неговите јунаци ги изложуваат, на кои всушност тој им ги става во уста, или во срце или во мозок, или во мисла тие идеи, туку тие претставуваат поле, животен простор-за да се покаже какви се тие херои, какви луѓе се, какви личности. Затоа еден Кирилов или Шатов во Злите духови, може да биде негативен јунак иако ги изложува најмилите идеи на Достоевски. Човекот е мерило на идеите-не се идеите мерило на човекот. Каков е човекот тогаш такви ќе бидат и идеите низ него.

Натурална убавина, занес

Освен тоа , треба уште да се каже дека кај Достоевски ниту народот не е идеал, ниту народот не е непогрешлив. Тоа би било натурализам, обоготворување на народните стихии, стихиите на земјата. Кај Достоевски има помалку и од тоа: кога излезе Аљоша (кога му умрел старецот Зосима), па ја доживеа онаа симфонија на сферите, доживување на единството на небото и земјата, тој паѓа и ја бакнува „мајкичката земја“. Но, сепак, земјата не е титанска сила која, како во грчката митологија, дава јуначка сила. Достоевски има понекогаш извесни натуралистички идеи, да речеме народњаштво, идеа на тлото.
За Достоевски сиот руски православен народ го носи во себе Ликот Христов. Како што забележал еден странец: кај православните руси, Христос како да им  е домашен член на семејството. Русите слабо го знаат Евангелието (како книга), вели Достоевски, не ги знаат многу ниту основните правила на верата, тоа е така, но, рускиот народ го знае Христа , и Го носи во своето срце, и Го чува. Тоа срдечно знаење на Христа, и чуството кое народот го носи, доживувањето на Него-тоа е предавано од колено на колено во Црквата. Тоа е Свето Предание, тоа е Православие, кое пак го чува непретворниот Лик Христов, вели Достоевски.

Sv.Andrej.matka.freska


Убавината на православието

Православието е надеж на светот, спасение на светот, но, не како идеологија. Неговите јунаци понекогаш се поигруваат со идеологијата на Православието како некоја идеологија на „почвата“, или „крвта“, она што денес го нарекуваат „национализам“. Достоевски сепак не говори за тоа, туку укажува дека во суштина Црквата е онаа вистинска Комуна, она заедништво, по кое сите чезнееме, и каде сите ќе се најдеме себеси и како личности и како соборна заедница. Тоа е соборност, тоа е сечовечно, а Христос е првиот Сечовек. (Владиката Николај по углед на Ничеовиот надчовек, го напишал делото Речи о Свечовеку). Во суштина се работи за поинаков вкус, доживување, искуство на животот, заедништво на слободата и љубовта, затоа и треба така да се доживува убавината.

Нашите фрески, нашите икони, нашата богослужба претставуваат некој друг свет во однос на западниот. Секако има многу заеднички работи и не треба да се има страв поради тоа. Но, единствено е чуството на правда, човечност, гостопримство кое ние го имаме.

Убавината на покајанието

Отец Јустин (Поповиќ) бил во Англија три години (1916-1919), и само еден монах англичанец задобил за вистински пријател, а инаку, вели таму е тешко да добиеш приајтел. Но, кога ќе добиеш пријател, тогаш е вистински пријател. Меѓутоа таму е тешко, сите некако се подозриви и ладни. Но, вели о. Јустин, тој монах ми призна, по што ние православните се разликуваме од нив: „Вие рече, знаете што е покајание“. Покајнието обновува, оживува, го преобразува човекот, му ги враќа сите оние сокови кој му пресушиле извитоперени од грев, кои биле поробени, отуѓени во страст, похота, опсесија или опседнатост, со било што, што не е слобода.

Слобода и љубов

Но, слободата е саморазорна воколку не се врамнотежи, т.е. ако не се исполни и не се осмисли-со љубов. Исто така, љубовта може да биде тиранска ако не биде сочувана со солта на слободата. И кај Достоевски го имате тоа, луѓе кои се сакаат, да се тиранизираат еден со друг. Во Понизени и  навредени, Наташа го сака Аљоша до лудило. Но, тој ќе ја остави, бидејќи е грофовски син, и ќе отиде со некоја друга. Меѓутоа, Достоевски забележува дека таа, Наташа, кога почуствувала дека може да владее со него, тогаш таа го тиранисувала, но и себеси се мачела. Тоа е неслободна љубов, само телесна или само душевна, сентиментална,  која не е посолена со солта на Христоликата слобода.

Убавината како „објект“

Една од неговите најубави приповетки-Кротка, зборува за тоа: една девојка, малда и убава, работела како перачка и еден богат и неоженет гроф, во таа перачница го давал на перење својот веш, чаршафите, постелнината. Таа ќе му се допадне, и така еден ден тој ќе и понуди брак и ќе ја земе. По една година, таа скокнала од вториот спрат на куќата, со икона на Богородица на градите (што е типично руско), и се убила. Сега тој седи покрај постелата, покрај нејзиниот ковчег, и размислува. Сета приповетка претставува размислување за тоа: каде тој погрешил, и што навистина тука се случило? И заклучува дека, тој всушност немал љубов кон неа, туку ја претворил во објект на својата љубов, своето усреќување. Имено, се оженил од самољубие, како божем, да усреќи една сиромашна девојка; не само да ја експлоатира (бидејќи е млада и убава, а тој бил малку повеќе постар), туку уште и тоа што не ја примил за рамноправен, слободен партнер во љубовта, за сопруга, за другар на себеси. Не ја примил со слобода; ја згазил слободата, и таа тоа не го издржала, иако никогаш не протестирала. Скокнала низ прозор, а нему тогаш му пукнало пред очи. При крајот на приказната, тој заклучува: Некој, вели, рекол: Сакајте се луѓе! Љубете се едни со други! како што говорел Христос (Јн.13,34; 15,12). Зошто без тоа: сонцето е мртовец на небото, сонцето нема никаков смисол, кога нема љубов. Тогаш тој го разбрал тоа, бидејќи во него сепак постоело нешто човечко.

„Оди и не греши повеќе“

Значи, кога зборуваме за Христа како Убавина и Љубов, не зборуваме за една апстрактна вера, као вера во Мухамедовиот Алах, како не знам некој бог, или божество. Тоа се повеќе или помалку идеолошки формули, идеолошки матрици. Како кога западњаците денес зборуваат за демократија. Нема тука господа, демкратија-погледнете како се однесуваат. Ние не ги презираме, и Достоевски говори, дека луѓето треба да се сакаат и во грев, но да не се сака гревот во нив, бидејќи тогаш ќе ги закопуваш и нив и себе. Инаку, вели, ако го сакаш гревот со нив, тогаш тој ќе те потопи, и нема да го оствариш она, кое што Христос Човекољубецот и го рекол на онаа жена, која откако ја фатиле во прељуба, фарисеите ја довеле кај Него (Јн.8,3-11):Жено,кај се оние што те обвинуваа? Никој ли не те осуди. Ни јас не те осудувам;Оди си немој  повеќе да грешиш. Тоа е таа спасоносност на Спасителот, спасоносност Христова Кој е Пат, Вистина и Живот (Јн.14,6), Кој е Слобода и Љубов. Да рекол: Оди, душо моја, не грижи се, нема врска, не е важно, ќе помине тоа, ти си повредна од тоа, -во суштина не би и помогнал, би останала заробена во грев и пропаст, би останала изиграна и неискупена. Како што исто така и рекол на жената Самарјанка, која имала пет мажи: „И тој што сега го имаш не ти е маж“. Да, одговорила таа, во право си (Јн 4.гл.). А, потоа таа станала христиајнка, а после тоа и маченичка Фотина, проповедничка на Воскресението на Воскреснатиот Христос.

Според тоа, кога зборуваме за Христа, не зборуваме за идеологија, во смисол, единствено: Кој е Христос и што е Христос, туку зборуваме за крајна Вистина, за вечна Вистина и за Божја Стварност, за крајна Реалност, којa е Бог Овоплотен во овој свет. Така да никој неможе да го доживее Христа без Христа, односно без себе. Не можеш Православието само да го научиш, можеш да го доживееш. Можеш и да го учиш и научиш, и тука ништо не е против вољата и разумот. Се сеќавате, Достоевки говорел: разумот е „дваесетти дел на човекот“. Тоа не е затоа што разумот е крив, туку затоа што е заведен со грев, и станал претенциозен. Затоа Достоевски вели: со разум не можете да го препородите човекот, можете одлично да го обликувате, „образувате“. Но, внимавајте, тоа може да биде многу убаво „перење на мозок“. Денешното западно образование, е истовремено „перење на мозок“ одозгора, за жал и римокатоличко и протестантско, и она „просветителско“: влевање во човека знаење однадвор, низ глава и тоагш човекот е диригиран; тој тоа нема да го почуствува и нема да го доживее со срце, со боголиката личност. Кај нас во православието тоа не е така, туку учење со личен живот, со личен подвиг на слобода и љубов.

 


Убавината како шминка и непретворна убавина


Еден прекрасен грчки теолог и философ, Христо Јанарас (предава на Политички науки, бидејќи теологија и философија докторирал, но, не бил примен поради суета или завист човечка), ја посетил Русија за време на болшевизмот, па забелажал (во книгата: „Црвениот плоштад и вујко Артур“) дека русите, луѓето и жените, дури и руските милицајци на улиците, имаат човечки лик, кој на запад не се сретнува (а Јанарас подолго живеел на запад). Потоа, оние девојки, вели тој, можеби се и грешни, но им гледаш на лицето дека се непретворни, имаат во себе боголика убавина. На, запад ќе сретнеш воглавно „шминка“, а нема да видиш чисто човечко, невино, непретворно лице.

Достоевски сакал да каже: Убавина, и се останато-и Вистина, и Правда, и Љубов, и Слобода, - се треба да се проживее вистински, и тогаш тоа е прав жив живот,  а не живот „од реторта“, како тој често вели. Тоа го заклучил и самиот Раскољников, кој „логички“ сосем оправдано ја убил бабата за да ги искористи нејзините пари. А тогаш ја сретнал Соња Мармеладова (една грешница маченица, која заработувала пари на улица, за да го прехрани семејството, а таткото Мармеладов ги пиел тие пари, кои таа ги заработувала.) Тие двајцата заедно го читале Евангелието, и тој со неа, над Евангелието се расплакал и покајал. Еден професор ми велеше дека тоа е нагрубување, исмевање на Евангелието. Му реков: Професоре, се друго е само не тоа! Бидејќи, тоа  и е, Евангелието-Благовест на спасението! Инаку, Вие не сте разбрале што е Евангелие! Раскољников се обратил и покајал. Книжевните критичари кажуваат дека романот Злосторство и казна на е завршен. Не е точно. Во Ракољников нешто длабоко пукнало, и оттогаш започнува правиот живот, живиот живот. Престанува „логаритмот“, престанува математиката, каде што човекот станува излижан копејчик (паричка од пет копејки, петопарка-како што би рекла баба ми).  Станува жив човек, недофатлив, неизмерлив, и што е главно, човек по слика Божја, по убавина Божја, кого и Бог го почитува.

Великиот инквизитор е најдобар пример на лажен филантроп (канцелариски, кабинетски, но, тоталитарен, а тоа го има сега колку што сакате, и меѓу овие „хуманисти“. Кој од нив искрено отишол на Косово да види, еве на пр. само во Витина, како тие дечиња живеат, и како цел еден народ живее!) Тие филантропи, вели Достоевски, кои се удираат во гради од алтруизам и од љубов кон човештвото, кога првиот сосед ќе им згазне на жуљ, вели, ќе исчезне, ќе го  уништат, бидејќи во суштина се самољубиви. Достоевски покажува, дека живиот човек, живата икона Божја во нас, има поголема вредност од сето она што се вика алтруизам и хуманизам. Тоа е вистинско, православно човекољубие, каде што човекот претставува вечна вредност и вечна убавина, но препородениот човек, преобразениот, разубавениот, возглавениот со Христа Кој стана вистински Човек. Тогаш човекот е осмислен, бидејќи Христос влезе во нашата историја, во нашето битие; се очовечил, што всушност и е Црква-Богочовечна заедница на Живиот Бог и на живите луѓе, заедница на вечната Убавина, Живот, Слобода, Љубов.


Светителите и убавината

Затоа светителите се живи карактери Христови. Неговите старци, да кажеме во Русија, не само оптинските, туку и оној Макаров во Момче, кој ја доживува природната убавина, наутро ги доживува тајните Божји. Но, уште  повеќе и старец Зосима.   Кога Аљоша кога бил уморен од тага што му умрел старецот,  еден од калуѓерите Терапонт,  почнал да се изругува, како божем старецот бил светец, а сега почнал да смрди, да трули. Ете ти го, вели твојот светител! Аљоша млад послушник, така скршен, дошол каде што читале Евангелие (над јеромонасите се читаат Евангелијата, а над лаиците, мирјаните, се чита Псалтир), и во тој момент заспал сиротиот, и тогаш дошле во читањето до свадбата во Кана Галилејска (Јн.2. гл). Тој го видел во сонот небото отворено, свадбата во Кана Галилејска, а неговиот старец на свадбата! А Христос е тука, вели, како еден од нив. Постои и онаа убава приказна: дека бил некој многу себичен човек кој бил богат, а никому ништо не давал, и тогаш случајно наишол на некој човек кој се давел и му пружил главица кромид, и го извлекол, и така се спасил и себеси и него и стигнал во рајот. Е, вели, Христос така се однесувал во рајот: како и Тој да пружил некому главица кромид, и влегол во рајот на мала врата. Тоа е чувство на православна кротост и смирение.

Смирението и убавината

За тоа чувство на смирение Достоевски говорел 1881 година во Слово за Пушкин: Смири се горд човеку! На врвот на својата слава, за Пушкин кој претствува врв на руската уметност, големиот Достоевски вели: Смири се горд човеку! (Кој од гордите Европејци некогаш зборувал такво нешто? И кој се однесува смирено?) Притоа говори од православно искуство, дека смирението е најголема сила, непотрошлива сила, огромна снага. Затоа Господ и ги започнал блаженствата со: Блажени се сиромашните по дух(Мт.5,3) Сиромашни по дух-тоа се смирените: потполно превртување, свртување на сите вредности. Ајде, зборувај денес за смирението некому на запад.  Татјана Горичева, кога била протерана од Русија и дошла во Европа, зборувала: Овде е плошо отколку во Русија. Во Русија болшевиците се изигруваат со верата, крстот, Евангелието, но, барем не се изругувале со смирението, послушанието, чедноста, чесноста, со она што е најобично кај сите руси. Тука е, вели таа за Европа, полошо отколку во Русија. Затоа и се вратила во Русија, како Соженицин.


Достоевски и убавината на Ликот Божји кај човекот

Ете, тоа би било отприлика за денес во чест на Достоевски, но и во ваша чест. Не би сакал да ве навреди кога говорам-нека ви биде карактер и тоа-убавината, но, да не ја затскрие онаа вистинска Убавина на вечниот Лик Божји во човекот и вечниот Прволик, кој е Христос, убавината на Царството Небесно, за кое е создаден човекот и кон кое се стреми. Сé е во тоа, овде да се подготвиме за таа убавина  на Царството Небесно ко е внатре во нас (Лк.17,210, да се научиме да живееме и соживееме во љубов и слобода. Тоа е најголемата убавина, таа хармонија на љубов и слобода во заедништвото на личните битија, боголиките луѓе. Бидејќи повторувам, слободата може да биде саморазрорна, тиранска спрема другите и себеси, а и љубовта која,повторно може да биде не само страст, туку и загорчување на себе самиот, мачење на себеси. И знаете дека Сигмунд Фројд од љубов, т.е. од нагонот-либидо, го создал садизмот (агресија кон надвор) и мазохизмот (агресија кон себе), кои се подеднакво болни. Кога повнимателно го читав Фројд, реков: Овој човек е болен. Фала му, влегол длабоко во внатрешноста, во потсвеста на човекот, но не слегол во јадрото на убавината на ликот (боголикот)на човекот, затоа и неговиот, Фројдовиот свет, не е мој свет, не е православен свет.

Убавината како заедница

Кога искрено и длабоко ќе го доживееш човекот, тогаш навистина возможно ти е да го љубиш другиот таков каков што е, и сакатиот и инвалидот и грешниот, како што Достоевски започнал од бедни луѓе да прикажува прекрасни личности Всушност човекот каков што е. И единствено Ставрогин  (па можеби и Смердјаков), ниту една негова личност, ниту една меѓу личностите не е накарадна: сите се живи луѓе од крв и месо, но не само од крв и месо, туку во себе навистина го имаат ликот Божји, убавината Божја која ќе го спаси светот. Тоа го покажа сведоштвото на Достоевски.

Православието е сечовештво, Христос е сечовек во секого.  Во секој од нас е Он, и секој од нас може себе правиот во Него  да се препознае, и повторно: сите заедно во таа заедница, соборност која се нарекува Цркава, собор на деца Божји околу Првото Дете Божје-Првородениот помеѓу многуте браќа (Рм. 8,29), Кој се изедначил со нас, за да не удостои и ние да се изедначиме со Него. Притоа, кога не удостоил, не ни го дал тоа како милостиња, туку навистивна го покажал нашето боголико достинство: Овој син мој беше изгубен и се најде; мртов беше и оживеа(Лк.15,24).

Тоа е православната вера на Достоевски, која веројатно поминала низ многу маки, низ оганот на искушенијата, низ своите сопствени распетија, низ епилепсија, која ја имал, но, сето тоа не е извор, туку тоа му било помошно средство за да се изрази вистинскиот човек во него. Затоа Достоевски кој денес го споменуваме, толку голем човек.

И да завршам со зборовите на еден грк, голем теолог, митрополитот Пергамски Јован Зизијулас, кој еднаш ми рече: Голем е рускиот народ кога дал еден Достоевски.


Текстот е од списанието Видослов:број на Преображение/година 7/2001

Превод:М.Б.

 

Извор:

TVITer270

П.П. 2010-10-22 07:16:51

 

 

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3220
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7713
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

26/12/2024 - четврток

Божикен пост (пост на масло)

Светите маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест; Светата маченичка и девица Лукија (Луција); Светиот свештеномаченик Гаврил, патријарх Српски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Христови маченици Тирс, Левкиј, Калиник, Филимон, Аполониј и други со нив 14 декември / 27 декември 2024

Тропар на светите Христови маченици Тирс, Левкиј, Калиник, Филимон, Аполониј и други со нив 14 декември / 27 декември 2024

Маченици свети Христови, вие кои со благодат Господова огнот во вас го скротивте,  а силата негова во ревност за Бога ја...

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Низ оган злато поминува за да се очисти, о свети Евстратие, но огнот тебе не те допре, затоа што напоен од благодатта...

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная