(02.02.2011)
Денеска ќе зборуваме за Старец Порфириј – еден голем современ светител и тоа ќе го направиме не просто за да раскажаме некаква историја, туку за да видиме како преданието во Црквата не е просто некакво учење туку реалност и опит.
Прво ќе ви раскажам како се запознав со него. Бевме соседи. Тој живееше во Кавсокаливија, а јас во Неа Скити. Сите имавме слушнато за него. Затоа решивме да отидеме да го видиме. Отидовме наутро. Старецот беше под едно дрво и јадеше нешто. Отидовме да го поздравиме. Тој ни кажа дека не може да нѐ прими, бидејќи е болен. Нѐ праша од каде сме, а потоа замина во својата соба, а ние си тргнавме. Еден монах дојде кај нас и ни кажа:
- Гледате, Старецот не се чувствува добро, попладне ќе биде подобро, почекајте и ќе ве прими.
Ние бевме во нашето бротче, т.е разговорот ни беше на оддалечено место. Во исто време слушнавме звук од камбана – тоа беше камбаната којашто Старецот ја користеше кога имаше потреба од нешто. Монахот, којшто беше со нас, отиде кај него и Старецот му рече:
- Зошто им кажа на отците дека попладнето ќе бидам подобро? (Беше невозможно дека можел да нѐ слушне!). Кажи им веднаш да тргнат, бидејќи попладнево времето ќе биде многу лошо и нема да можат да се приберат со бротчето.
Монахот дојде и ни кажа дека треба да тргнеме, бидејќи времето ќе се расипело. Ние погледнавме кон небото, и тоа не изгледаше така. Но, бидејќи кажа, тргнавме. Едвај успеавме. Попладнето небото како да се отвори... Тоа беше првата средба.
Вториот пат нашиот Старец се разболе – имаше срцев удар и ние мислевме дека ќе умре. Се исплашивме што ќе правиме сами. Бевме во пустината, јас бев најстариот – 23-годишен. Тогаш бевме околу 20 монаси. Ми дадоа број на телефон на Старец Порфириј. Бев во Солун по некаква работа и по патот сретнав еден монах којшто беше негов ученик, и тој ми го даде неговиот број. Ми рече да го побарам во 5 часот наутро, бидејќи во тоа време тој одговарал на телефонските повици. Навистина, се јавив. Ѕвонев, ѕвонев, никаков одговор. Си велев, да не разбудам некој друг човек и да ме искара по телефон. Што да правам сега? Си реков, ќе прочитам од Акатистот на Пресвета Богородица и ќе поѕвонам пак. Читав и стигнав до последната песна. Го стиснав копчето, не чекав да завршам со Акатистот, туку истовремено ги притискав копчињата на телефонот и го читав Акатистот. На крајот на песната Старецот ја дигна слушалката и одговори од другиот крај во Атина, без дури да знае кој го бара. Првите зборови му беа:
- Радувај се, Невесто Неневесна!
Односно, ми кажа по телефон тоа што го читав во молитвата. Ме праша кој сум – се претставив. Ме праша што барам. Му реков дека имаме проблем со Старецот, и тој точно ми ја опиша неговата состојба – сите симптоми, што имаше и што требаше да направам. Сѐ по телефон.
После тоа го посетив многу пати. Мојот Старец сакаше јас да одам во Кипар. Јас не сакав. Се обидов да најдам меѓу Старците луѓе што ќе ме поддржат во тоа и така да го разубедам мојот Старец, којшто најстојуваше да се преместам во Кипар. Со таа цел отидов кај сите познати Старци, за да можам после тоа да кажам, на пример: „Старец Порфириј ми кажа да не одам!“ Го побарав и, се разбира, тој ми кажа да одам во Кипар. Како и да е...
***
Една богата жена од Атина ми го раскажа следниот случај. Таа беше духовно чедо на Старецот и имаше син, којшто се вљуби во една девојка од Атина. Синот немаше врска со Црквата, не одеше на црква, ниту примаше свештеници и слични работи. Девојката се беше вљубила во нејзиниот син, но мајката не ја сакаше. Не знам зошто, не ја сакаше. Како и да е. Таа му кажала на Старецот:
- Старче, оваа девојка добра ли е за син ми?
- Не, не е.
- Како да го убедам?
- Кажи му да дојде да поразговарам со него.
Таа му кажала, но тоа не го интересирало. Беа милионери и имаа многу пари. Синот договори заедно со девојката да одат на екскурзија во Лондон и таму да ѝ каже дека сака да се сврши со неа. Им кажал и на родителите: „Сакате, нејќете, ќе се верам со неа!“ Почекал некое време, но веќе донел цврста одлука. Мајката му го кажала тоа на Старецот. Тој кажал:
- Кажи му барем сега, кога ќе отиде во Лондон, да ме побара само еднаш, да му дадам благослов. Поставете му го тоа како услов. Кажете му: „Ти го даваме нашиот благослов да ја земеш за жена, само побарај го Старецот по телефон!“
Момчето се согласило: „Е, добро, ако е само тоа, ќе му се јавам.“
Отишол во Лондон со пријателката, се качиле заедно во собата, потоа слегол долу да се јави по телефон од рецепцијата. Тој не кажал на пријателка си дека ќе го бара Старецот, бидејќи таа ќе се чудела. Поѕвонил, и Старецот веднаш дигнал слушалка. Се претставил:
- Старче, јас сум Димитар, син на таа и таа госпоѓа и сакам да го добијам вашиот благослов!
- Една секунда, биди на телефон, не затворај слушалка! – рекол Старецот.
И веднаш на телефонот се слушнало „р-р-р-р-р-р“ – некаков звук на линијата и без да има некаква врска, телефонот од рецепцијата се поврзал со телефонот во хотелската соба. Станува збор за хотел во којшто има 400 соби. Тој слушнал како неговата пријателка разговара по телефон во собата со друг нејзин пријател во Атина и како му вели:
- Дојдовме во Лондон, вечерва ќе ми каже дека сака да се ожени со мене, ќе му ги земам сите пари и после тоа ќе дојдам кај тебе! Те сакам! – и така натаму, знаете што велат во такви случаи.
Момчето како попарено го слушало разговорот на својата пријателка. Потоа тој повторно го слушнал истиот шум на телефонот и повторно се поврзал со Старецот. Старецот го прашал:
- Што сакаше, чедо?
- Ништо, Старче! Благословете!
Тој ја затворил слушалката и ја откажал свршувачката.
***
Во 1979 година во скитот имавме гостин – католички монах, Италијанец – којшто совршено зборуваше грчки. Седеше кај нас шест месеци. Еднаш, кога одев во Атина, отидовме заедно кај Старец Порфириј. Влеговме внатре. Старецот беше слеп. Никој не знаеше дека тој беше католик. Носеше облека како нашата. Никој не можеше да дознае. Другите светогорски монаси не знаеја дека е Италијанец, за да нема недоразбирања. Тој влезе во собата и Старецот го праша:
- Како се вика твојот манастир?
- Свети Јован Богослов.
Старецот точно му го опиша манастирот во Италија, му кажа каде има вода и на која длабочина се наоѓа.
***
Животот на Старецот беше полн со слични случувања. Тој ги опишуваше нештата коишто се случиле пред илјади години. Бев присутен кога дојде во манастирот на Света Троица во Тива, и им кажа на монахињите:
- Тука пред три илјади и петстотини години имало олтар на Аполон и на неколку метри под црквата има остатоци. Затоа, кога ќе градите манастир, не викајте археолози, бидејќи ќе ги најдат остатоците под него. Ако ги видат археолозите, ќе ви ја сопрат работата.
Тие му кажале:
- Ама тука нема остатоци.
После еден земјотрес требаше да се возобнови манастирот и откако раскопаа, ги најдоа остатоците за коишто зборуваше Старецот.
***
Едно духовно чедо на Старецот работеше за НАСА. Си спомнувате ли за еден спејс шатл којшто одлета во отворен простор и не можеа да го вратат? Повикаа познати научници за да видат што ќе прават со него, меѓу нив имаше и некој што го познаваше Старецот. Пред да отиде во Америка, тој отиде кај Старецот за да земе благослов – му кажа каков е проблемот, а Старецот го праша:
- Што се случило, па не можат да го вратат?
- Па не можат.
- Чекај да видам.
Тој точно му опиша каде било оштетувањето.
- И како ќе го поправаме?
Тој му објаснил како. Му кажал:
- Оди и ништо не кажувај. Остави другите да зборуваат, но ништо нема да откријат. Остани последен. Кажи го ова и ќе добиеш и награда.
Грчкиот претставник отишол, другите научници го кажале своето, но не ја откриле причината за оштетувањето. Тој си помислил: „Но ако не е така и ми се потсмеваат, од каде знае Старецот? Но сепак ми рече да кажам.“ Тоа и го направил. Тие му одговориле дека тоа е исклучено да биде причината. Тој им кажал да проверат. Го послушале и успеале да го вратат спејс шатлот на земјата.
***
Има цели книги на луѓе со сведошта за Старец Порфириј. Има опишани случаи на чуда и после неговата смрт.
Кога тој почина на Света Гора, една жена од Австралија, која понекогаш му се јавувала по телефон, ѕвонела во неговата соба во Атина, без да знае дека Старецот бил заминат за Света Гора, ниту пак дека веќе починал. Старецот разговарал со неа и таа му го кажала својот проблем, ја посоветувал како да го реши проблемот. Потоа зборувале 20-25 минути, таа му кажала:
- Ќе ви се јавам, Старче, да ви кажам што се случи.
- Не ми се јавувај.
- Зошто, Старче?
- Не сум на земјата, дете мое! Починав и сега сум на небото. Не се јавувај.
Жената не поверувала, си рекла, што му стана на Старецот, нешто не е добар или се шегува. Како и да е. Се јавила другиот ден да види што се случува. Ѕвонела, ѕвонела, и се јавила една мохаиња што живее таму во манастирот.
- Ве молам, сакам да зборувам со Старецот!
- Чедо, не ли ја чувте веста? Старецот почина пред 40 дена.
- Навистина ли?
- Почина, на Света Гора.
- Ама вчера зборував со него по телефоон.
- Не знам на кој телефон сте зборувале, Старецот почина пред 40 дена.
***
Се разбира, некој може да праша, какви се овие работи, или зошто ги кажуваме? Тие покажуваат дека Црквата не е теорија, ниту философија, туку реалност, и сѐ што ни кажува Христос во Евангелието е реалност. Тоа не се однесува само на Старец Порфириј, туку и на исклучително многу свети луѓе – Старец Паисиј, Старец Софрониј, Старец Јаков – овие современи светители што ги познававме. И јас познавав такви луѓе. Тоа е нешто неверојатно. Ги гледаш, гледаш што прават и ти самиот не веруваш дека тоа се случува! Ако го разгледате животот на овие луѓе, ќе видите еден основен белег, т.е. двоен белег – прво, имаат голема љубов кон Бог и кон човекот како резултат на тоа, и второ, имаат големо смирение, исклучително големо смирение. Старец Порфириј, кога го опишуваше својот благодатен дар, бидејќи знаеше и велеше дека е дар од Бог, не го криеше, беше толку простодушен, што понекогаш, како да кажам, се забавуваше со тоа. Кога минуваше покрај разни села, им кажуваше на луѓето каде имаат вода:
- Јас им велам каде има слатка вода, и тие ја наоѓаат. Зошто им го велам тоа?
Им го кажувам за да можат, откако ќе ја најдат водата, да поверуваат дека тоа што сум им го кажал е од Бог, и потоа да им проговорам за духовните нешта и да ме ислушаат.
Некои одеа и го прашуваа:
- Старче, во нивата имам ли вода?
А тој кажуваше:
- Добро де, деца, јас да не сум сонда?
Велеше, дека го добил тој дар бидејќи наполно се умртвил себеси за Бог. Немаше воопшто сопствена волја. Што е доказот за тоа? Тој имаше толку голема желба да живее на Света Гора, а Бог на некој начин го „истера“ од Света Гора, и го принуди да живее на Омонија, плоштад во центарот на Атина. Таму живееше.
Не знам дали можете да си ја претставите тишината на Света Гора, пустината. Ќе ви кажам и од личен опит. Ние бевме 20-22 монаси во нашата заедница и живеевме во скитот, во пустината, и служевме Литургија. Црквата ни беше многу мала. Беше широка два метри и половина. Еднаш дојде еден странец и нѐ бараше. Ние бевме во храмот. Тој беше надвор и не нѐ слушаше. Толку тивко служевме, скоро шепотејќи. Таква е исихастичката традиција. Ако немаш опит, можеш да се запрашаш, овие луѓе што прават, не ли зборуваат? Таква тишина. Така беше на Света Гора. Кога тој отиде во Атина, во болничкиот храм отспротива продаваа музички цедиња. Продавачот пушташе музика толку гласно, што таа ја пригушуваше Литургијата во храмот. Старецот велеше дека не може да служи, бидејќи постојано се слуша музика. Се прашуваше што да прави и најмногу за да може да се восредоточи требаше да се моли со целата своја сила. Тој се навикна да се моли од целата своја душа заради тоа што храмот се тресеше од песните надвор. Таква беше атмосферата.
Еднаш, кажуваше тој самиот, додека го читал Евангелието, во коешто се опишуваат Христовите страдања, извикал и паднал во несвест. Луѓето се обидувале да го освестат. Што се случило? Читајќи го Евангелието, тој пред себеси ги видел страдањата на Христос – како Го приковувале и распнале, и затоа тој не издржал и ја изгубил свеста.
***
Тој ги гледаше случувањата пред себеси и ги опишуваше. Еднаш им се јавил на едно семејство во Јужна Африка и им рекол:
- Под вашата куќа поминуваат кабли со висок напон – тргнете се оттаму, ќе се разболите од рак.
Луѓето се чуделе.
- Кој си ти? Од каде се јавуваш?
- Не сте ли вие таа и таа госпоѓа?
- Да.
- Од Атина се јавувам, отец Порфириј се викам.
- Од Атина? Како знаеш за нашата куќа во Јоханесбург?
Ниту тој ги познаваше, ниту пак тие него.
***
Со спомнатите случаи сакав да ви покажам дека Црквата е простор во кој човекот се исцелува и во кој оживуваат сите негови сили и дарови, дадени од Бог. Црквата ги насочува тие сили кон Бог. Доказ за тоа се светителите. Да ги немаше нив, луѓето коишто ѝ се доверуваат на Црквата ќе беа глупаци. Претставете си да следите една црква која ви зборува за нешта што не може да ги докаже. Со други зборови, немаше ли да бидеме безумни, ако го следиме Евангелието без докази за неговата вистинитост? Откаде да знам дека е вистина? Добро, тоа се убави нешта, но како да ги правиме? Има ли доказ за тоа што ми кажуваат дека е вистина? Само светителите вистински сведочат за Евангелието. Јас навистина признавам дека кога бев на осумнаесет години и за прв пат отидов кај Старец Порфириј, мојата душа веднаш почувствува веднаш штом го видов дека зборовите на Христос се вистина. Така си реков. Зошто? Затоа што пред себеси видов свет човек.
На крајот, кога се молите, повикувајте ги молитвите на Старец Порфириј – тој свет човек. Тој има голема смелост пред Бог и верувам дека неговата молитва има особено голема сила.
Лимасолски митрополит Атанасиј
Извор: МПЦ