(Се посветува на загинатите бранители, кои животот го положија за ближните.во битката против тероризмот во Куманово.Упокој ги Господи душите нивни, и споменот за нив, направи го вечен!-10/05/2015 )
Последното интервју, кое отец Василиј го дал неколку дена пред Светлото Христово Воскресение, во 1993 година, кога тој и уште двајца други монаси – Трофим и Терапонт, биле убиени од рацете на сатанист, во Оптинската пустина.
АУДИО
— Oтец Василиј, што мислите, ќе оживее ли Оптинската пустина, ќе се возроди ли таа?
– Светото Писмо ни вели дека Бог не е Бог на мртвите, но Бог на живите. Во Бога сите сме живи. Ние Му служиме имено на Тој Бог, Кој воскресна и со воскресението ја победи смртта; во Него нема смрт, во Бога нема смрт, зашто таа постои само надвор од Бога. Затоа, сосема природно е тоа што Оптина е жива, за човекот што верува, тоа прашање воопшто не возникнува.
– И старците се живи?
– Секако.
– Но, сепак, духовноста на Русија – што е тоа?
– Духовноста на Русија – е Христос. Тој ни вели: „Јас сум вистината, патот и животот“. А бидејќи духовност не може да има надвор од Христос, за Русија таа се изразува со еден збор – Христос. Тоа е сè.
– Можеби оттука е и нашата трагедија?
– Несомнено.
– Ние му сме предани на Христос, затоа така и нè мачат?
– Без сомнеж. Христос рекол: „Во светот ќе имате маки, но не плашете се, Јас го победив светот“. Ветувањата Господови се неодминливи, и никој никогаш не може да ги откаже. Ние и денеска живееме само од тие ветувања. Само од тоа.
– Разбирам дека, можеби, тоа не смее да се прашува, но сепак, кажете ни, колку што може, каков е Вашиот внатрешен живот?
– Внатрешниот живот на Оптина – е тајна, таинство. Нашата Црква има седум Таинства, ако знаете. На тие Таинства се гради сè. И секое Таинство има некаква надворешна форма – се извршуваат некои молитви, дејствија – но истовремено, во тоа Таинство дејствува Самиот Христос, невидливо и недопирливо. Токму со Неговата благодат се извршува самото Таинство. Така, и со надворешниот живот на Оптина и со нејзиниот внатрешен живот. Вие надворешното го гледате, а внатрешниот живот не може да се раскаже. Пак ќе речам: внатрешниот живот на Оптинската пустина – е Самиот Христос. Само ако се присоединиме кон Бога, можеме да го разбереме тој внатрешен живот. Поинаку тоа не може да ни се открие. „Јас сум вратата – вели Господ, – кој ќе влезе во Мене, ќе се спаси. И ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде“. Тоа е внатрешната врата кон духовниот живот на Оптина – Христос.
– И сето тоа е неискажливо?
– Неискажливо, зашто како можете да раскажете за тоа, како дејствува Бог? Тоа е невозможно.
– Но, може да се раскаже, на пример, што ти чувствуваш?
– Може. Земете ги псалмите на Давид. Тој вели: „Вкусете и видите, дека Господ е добар“. Повелете – вкусете и ќе видите. „Кого го љубам, – вели Господ, – него и го казнувам“, „зашто Господ го бие секој син, кого го прима“. Ние сме возљубените синови на Бога заради тоа што ја имаме вистината на Православието. Затоа, следствено и нè казнува, зашто Господ посебно нè љуби. Како што секој татко, кој го сака својот син, никогаш нема да го остави без наказание (*насочување). Тој казнува по љубов, не по жестокост, разбирате? Ние сме навикнати да накажуваме само со жестокост. Нам не ни е познато чувството – љубов, непознато ни е што е тоа наказание со чувство на љубов. Господ нè казнува имено со љубов, за да нè вразуми. Само затоа и ни се испраќаат некакви маки – заради наше вразумување, за да ја познаеме вистината Христова. Тоа е сè. Затоа нема ништо страшно во тоа, треба секогаш да бидеме спремни за маки. И ве уверувам, дека нема ниту еден човек на земјата кој никогаш не се мачел, нема. И тоа, што кај нас е вака – јас сметам, дека кај нас е најдобро од секаде. Ние сме добри, само затоа што сме православни, ако сме православни. Не дека подобри од нас нема, но ако го пазиме Православието, тогаш добри сме.
– А зошто Христос нè избрал нас?
– Зел и нè избрал. Од каде да ја знаеме Божјата промисла? Кога Тој ги собрал Своите ученици, им рекол: „Мислите дека вие Ме избравте Мене? Не, но Јас ве избрав вас и ве поставив на служба“. Зошто Господ го избрал јудејскиот народ? Не знаеме. Зошто им дарувал свети пророци, Стариот Завет? Зошто Тој го избрал рускиот народ и му дал да ја чува вистината на Православието? Ние не ги знаеме патиштата Божји, и за нас тоа е затворена тајна, запечатена, можеби засекогаш. Дури, можеби и после смртта нема да ни се открие. Но бидејќи тој дар ни е даден нам, ние задолжително ќе го чуваме и свето ќе го пазиме. А како и зошто – тоа не е наша работа.
– Што е за вас службата?
– Ние вршиме служба, служба на Бога. Господ вели: „Вие ќе ми се поклонувате со дух и вистина, на секое место“. Ете што е службата – заедничарење со Бога, разговор. Молитвата – е наш разговор со Бога, стоење пред Него, служење Нему. Затоа тоа е секогаш живо, никогаш не умира, тука е животот, тука присуствува Самиот Христос.
– А вие не се изморувате од таа служба?
– Секако дека се изморуваме, ние не сме ангели. И ние сме луѓе. Но, Господ нè поткрепува онолку, колку што смета дека е потребно. Дава и да се измориме, и да се потрудиме. Преподобен Исак Сирин пишува: „Ако твојата молитва беше бес скрушено срце и телесен труд, сметај дека си се помолил фарисејски“. Така што, треба и пот да пролиеме, и телото свое да го принудиме, и душата, секако. Тоа е труд. А сетете се што вели старец Силуан: „Да се молиш за цел свет – значи да пролеваш крв“. Таков е молитвениот труд. Ете, земете го Евангелието – како Господ се молел за Чашата: „И потта Негова беше како капки крв“. Таква може да биде молитвата. Таа за нас е невидлива и нејасна, но таква молитва исто така има.
– Излегува дека, за да се достигне тоа, секогаш треба да поминеме низ болка?
– Секогаш. Таков е законот на животот. Него го установил самиот Господ. Зошто Тој го претрпел Крстот, зошто Тој трпел?
– Секој треба да помине преку својот крст, инаку ништо нема да постигне во внатрешниот живот?
– Ништо. „Земи го својот крст и врви по Мене“, – тоа се Господовите зборови. Значи задолжително треба да го земиме крстот и со вера да одиме по Господа. „Откажи се од себеси, земи го својот крст и врви по Мене, и ќе бидеш Мој ученик“. Ете го целиот закон. Но, како што учат светите отци, сето она што го исполнува послушникот, треба да го исполнува и благочестивиот христијанин. Со исклучок на тоа, што ние даваме завет на девственост. Порано така и било. По животот, древните христијани малку се разликувале од монасите.
– Но, вашиот живот, сепак е повеќе внатрешен…
– Тоа не можеме ние да судиме. Господ е Судија – какви сме ние. Тој знае, со што живееме, и како живееме.– Но, вашиот живот, сепак е повеќе внатрешен…
– Но, колку ви е тешко вам, дури и болно!
– „Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесеата“ и „пак ќе речам – радувајте се!“ Ете какви ветувања имаме. А вие велите – тешко.
– Но сепак, тешко ви е?
– Нам ни помага Господ. Затоа ни е лесно.
– Тој на сите им помага, но вам сепак ви е потешко.
– Господ има возљубени деца, така? Ете, монасите – се возљубени деца. Кого Бог повеќе го сака, кому повеќе му помага? На монасите. Затоа нам ни е полесно. А луѓето, кои се оддалечени од Бога, како да стануваат блудните синови. Тогаш ним им станува тешко. Тешко зошто? Затоа што на Самиот Господ му е потешко да им помогне. Разбирате? Ете зошто возникнуваат тешкотиите во животот – кога човекот зема нешто врз себеси и го отстранува од себе Бога, Кој му помага. Затоа светот и ги носи сите тие маки, затоа што си заминал од Бога, се отстранил од Христа, и го носи врз себе товарот што ги надминува неговите сили. А ние дојдовме кај Бога, и Господ Сам за нас ги носи и сè прави.
– Но сепак, ако сте повење возљубени, тогаш има и повеќе страдања, иако тие надворешно не се гледаат?
– Секој човек има своја болка, секој човек си има свои страдања. Монасите – се возљубените деца на Господа. Земете ги, на пример, старците. До што дошле тие на крајот? – До непрестајна радост. Тие ни беа извор на радост. Замислете, доаѓате кај старец Амвросиј и му велите: „Баќушка, отец Амвросиј, Вие се мачите, веројатно, така?“ Гледајќи на нив, не возникнувале такви прашања. Кога гледате на нас, вакви немоќни, може да се појават такви прашања.
Јеромонах Василиј (Росљаков)
Монасите – возљубени деца на Бога
[youtube height="315" width="560" align="none"]https://www.youtube.com/watch?v=MGPPNFGOTco[/youtube]
Оптина повикува, на подвиг синови,
И Господ ги приведува тие што духовно се спремни.
Игор Росљаков – витез и поет,
Зачекори по патот Христов, и го остави патот на светски победи.
Отфрлајќи ги од себе прангите на суетата на земните окови.
Инок Терапонт – Володја Пушкарев,
молчалив ангел на светла и света љубов.
А Оптинскиот ѕвонар, од сите возљубен,
Леонид Татарник, а во постриг – Трофим.
Во 93-та, непријателот на Пасха, нивните тела ги уби.
Оптина, кораб на Православието,
Божјите молитви – едра,
Ги отпева мачениците, браќата,
На тревата крвава роса.
Со првиот пасхален ѕвон,
Од непријателската сила,
Го завршиле својот земен пат,
Војниците Христови, отец Василиј,
Монасите Трофим и Терапонт.
Браќа во Христа, Верата – нивен покров,
Кон Бога одеа тројцата, во срцата свои носејќи љубов.
Духот го смирил нивното тело, растоптувајќи го гревот,
Ги посрамил, со победа на верата,
Непријателските полкови на адот.
До крајот живеејќи, се претрпувајќи
Како нашиот Господ.
Оптина, кораб на Православието,
Божјите молитви – едра,
Ги спомнува мачениците, браќата,
и тие сите нас на небото.
Со првиот пасхален ѕвон,
Од непријателската сила,
Го завршиле својот земен пат,
Војниците Христови, отец Василиј,
Монасите Трофим и Терапонт.
Оптина, кораб на Православието,
Божјите молитви – едра,
Ги отпева мачениците, браќата,
На тревата крвава роса.
Со првиот пасхален ѕвон,
Од непријателската сила,
Го завршиле својот земен пат,
Војниците Христови, отец Василиј,
Монасите Трофим и Терапонт.
Оптина, Кораб на Православието…
Василиј Рослјаков, Интервју, Оптински Новомаченици
Извор: Преспанско-пелагониска епархија