логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 Божикно интревју на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за државната информациска агенција МИА, на 5 јануари 2018 лето Господово


   1. Во пресрет на Бадник и големиот празник на Раѓањето Христово – Божик колку верниците ги почитуваат обичаите и традицијата?

Последниве години во Македонија е забележлива една надежна појава – имено, на големите празници храмовите се преполни со луѓе, што, навистина, опитно ја практикуваат верата, и тоа покажува дека таа е суштински присутна во нивниот живот. Тоа секако се должи на повеќе фактори, меѓу другото и на обновата и нараснувањето на општежителното монаштво, кое несомнено многу придонесе за враќање на светотаинскиот и светопреданиски живот во Црквата. Тука помага и обемната православна духовна литература, потоа и современите методи за проповед на верата преку интернетот и медиумите, а драгоцен за правилното практикување на верата е и живиот пример во манастирите, кои се отворени за секого што сака попосветено да се информира за основите и суштината на својата вера, за древните обичаи коишто произлегуваат од Светото Писмо и светото предание, како и од добар дел на духовни свештеници. И гледам дека сето тоа позитивно се одразува кај луѓето: се зголемува интересот за духовниот живот, црковните сајтови се сѐ повеќе посетувани, народот се воцрковува и во голема мера се враќа на суштинските православни обичаи, кои, се разбира, го одразуваат правилното почитување на Бога. Тоа е тенденција што радува.

    2.Поради брзиот начин на живеење верниците сѐ почесто ги посетуваат црковните храмови барајќи го својот духовен мир и спокојство. Се добива ли впечаток дека расне нивниот број? И што му е неопходно на секој верник за да може и надвор од црковниот храм да го најде својот духовен мир?

На сите веќе ни е јасно дека брзиот начин на живеење и прекумерната, а со тоа и бесполезна употреба на технологијата, како што се телевизијата, социјалните мрежи и воопшто интернетот, толку многу сили и време им одземаат на луѓето, толку ги преокупираат, што тие веќе не смогнуваат сили и не наоѓаат време ни за Бога, ни за себеси, а камоли, пак, едни за други. Се занемаруваат празниците, исчезнуваат дури и семејните средби, убавите дружења. Јас се надевам дека тоа е само еден тренд што ќе помине, дека и технологијата ќе си го најде своето вистинско место во животот на современиот човек, оти нејзината злоупотреба ги остава луѓето празни и гладни за оној толку потребен духовен мир. Ова не е случај само со нашата земја. Целиот свет денес се наоѓа во една тешка духовна егзистенцијална криза, а човекот како битие е создаден секогаш да го бара излезот, внатрешната исполнетост, радоста и мирот. Нив, пак, ќе ги најде само во Оној, Чие светло Рождество сега го славиме. Он, Христос Бог, е единственото име кое ни е дадено за спасение под Сонцето, најголемиот Добротвор и Миротворец, Кој го вдахновува мирот и сите добродетели во човекот.

Значи, само Бог може да ни го даде тој мир што не може со ништо друго да се замени. Барајќи го, луѓето доаѓаат во храмовите, а Бог, бидејќи многумилостив, дури и на оние скептичните во поглед на верата, што само накратко ќе го посетат храмот да запалат свеќа, им дава мир, па тие, честопати, излегувајќи од храмот, велат: „Чувствувам некаков необичен мир, спокојство“. Следствено, се чувствуваат убаво, ја вкусуваат Божјата благодат. Е сега, замислете, како е кога човекот ќе започне да присуствува во храмот на неделните и празнични Литургии и длабоко ќе ја почувствува благодатта што извира од неа! Тогаш тој неискажлив мир, и радост, и љубов, коишто произлегуваат од евхаристиското соединување со Бога, ќе се вселат во неговата душа, а потоа постепено ќе навлезат и во сите сегменти на неговото живеење и ќе ги облагородат.

    3. Која е вашата порака до верниците во пресрет на Божик?

По 23 години духовно раководење на луѓе од најразлични категории, искуството ми покажува дека Божјото отсуство од срцето на човекот е една многу мрачна состојба. Просто човекот, лишувајќи се од Бога, запаѓа во страшна духовна бездна, живее стихијно и накрај се доведува до состојба на очај. Но кога повторно ќе се соедини со Бога, тој како да се пресоздава, станува, како што пишува свети апостол Павле, „нова твар“. А првиот степен на пресоздавањето е покајанието. Како што вели еден свет отец на Црквата, ваквото дејствително покајание ни се даде „единствено преку Гетсиманската молитва на Господ Исус Христос, преку Неговата крстна жртва и Воскресението“. Значи, Христос тоа ни го овозможил. На пример, разбојникот на крстот, кој во последниот час се покајал, постанал нов човек во Христа. Воедно, тој станал и прв жител на Рајот, се просветлил, иако немал повеќе ни време за правење добри дела. Всушност, ако размислиме посуштински, тој го направил најдоброто можно дело: преку покајанието Го спознал Бога во Личноста што висела до него на крст, во Христа. Токму затоа и доаѓа Христос на земјата – да го научи човекот на вистинското Божјо откровение и спознание, и на тој начин да го соедини со Себе и да го обожи. Ако ја следиме богослужбената литургиска логика, ќе забележиме дека Рождеството Христово не е само еден историски настан, туку и собитие кое, слободно можеме да кажеме, на благодатен начин секогаш одново се доживува, за сите поколенија и низ сите времиња. Богочовекот Христос се родил еднаш во скромната Витлеемска пештера, за да би можел одново да се раѓа во секое човечко битие, доколку, се разбира, луѓето го сакаат тоа, оживотворувајќи го и правејќи го нова твар. Токму така и треба да ја разбереме суштината на Божик – како едно дејствително соединување на небото со земјата. Зашто раѓањето води кон конечната цел на Христовото Воплотување, а таа е Распнувањето, Воскресението и Вознесението, односно целосното спасение и обожение на човечката природа. Би сакал сите луѓе да го почувствуваат Божик токму така. Да Го почувствуваат Христа толку близок, бидејќи Он, ни се приближи и како човек. Да Го побараме со вера, оти Он навистина е наш најблизок.

  4.  Верниците реагираат на високите цени на црковните услуги за венчавки, погреби, крштевања… кои се разликуваат од оние кои ги имаат другите верски заедници во Република Македонија.

Ви благодарам за ова прашање, правилно поставено и во право време. Како монашка заедница ние неколкупати на нашиот официјален сајт сме испраќале апели и појаснувања на оваа тема. И просто се чудиме како може некои луѓе, или да не кажам, центри – не би сакал сега да си замислувам некакви заговори против Православието – да наметнат кај луѓето мислење дека, наводно, православната вера е најскапа. А, објективно гледано, вистината е токму спротивното. Сами велите дека нашите „ценовници“ се различни од оние на другите религии. Токму така, суштински различни! Зашто, додека останатите религиозни организации и институции имаат месечна или годишна тарифа, која нивните припадници не можат да ја избегнат доколку сакаат да бидат активни членови, кај нас, во православната Црква, работите стојат вака: најчесто еднаш во животот се венчаваме, до два-три пати сме кумови, можеби ќе крстиме две до три деца и тоа е сѐ. Да, може и еднаш годишно свештеникот дома да ни освети вода. Ако добро пресметаме ќе видиме, всушност, колку малку ја помагаме нашата Црква. И потоа ќе дојдат кај мене некои верници и ќе ми речат: „Отец, гледаме како се делат протестантски книги по градовите, и тоа какви луксузни изданија! Зошто нашата Црква не го прави тоа?“ Па како да го прави, кога од средствата што ги одбива од црковните треби, таа треба да издвои плата за свештениците, за својата администрација, за одржување на храмовите и црковните зданија…, а добар процент од тие средства одат за потребите на Православниот богословскиот факултет и Средното богословско училиште. Прашање е дали воопшто останува нешто за печатење на литература.

Жал ми е што во однос на ова прашање доаѓа до израз таа, да речам, склоност на нашиот народ да се препушта на предрасуди и да го слуша само она што му е скокотливо за ушите. Не само што не сака правилно да се информира, туку и кога ќе му се посочи вистината, тој едноставно не ја прифаќа, а тврдоглаво си останува на своето закоравено уверување. Но сега, во пресрет на овој убав празник, треба да зборуваме за убави нешта, а најубав е Спасителот Христос и Неговото Раѓање, кое нѐ просветлува со светлозарни зраци на божествена радост. Да Го молиме вечниот Богомладенец да ги просветли сите и да ги направи вистинољубиви, да сфатат дека материјалното одржување на нашата Црква се потпира на нивната добра волја, односно им дава слобода самите да решат во која мера ќе ја помогнат.

   5. Дали во Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија воопшто има единство меѓу постарите и помладите митрополити?

Вообичаено на староста се гледа како на негативна појава, како на еден непосакуван стадиум од човековото живеење, нешто што се пренебрегнува и не се цени, бидејќи таа е, тукуречи, синоним за заостанатост, излитеност, бесполезност и бесплодност, и прави јаз помеѓу помладите и поодминатите во години. Во преданието и животот на Црквата, пак, погледот кон староста е сосема поинаков, таму не постојат такви генерациски поделби, туку, напротив, повеќе се цени искуството на оние коишто цел живот го поминале, трудејќи се што повеќе да се соединуваат со Бога. Таквите низ годините значително го збогатиле својот духовен опит и поради тоа станале многу пријатно друштво за младите, имајќи многу полезни нешта со нив да споделат и што да ги поучат. Во нашата православна култура останува забележано дека младите отсекогаш ги почитувале и слушале советите на мудрите стари луѓе во семејствата, па и пошироко, бидејќи овие, борејќи се во текот на животот со своите слабости и искушенија, се издигнале на едно повисоко духовно ниво, стекнале благодат и со неа успешно го изминале патот што младите допрва треба да го врват. Ова особено важи за црковниот клир – оние што цел живот се труделе и духовно се бореле, стануваат духовни старци. И навистина, за нас е големо духовно богатство да ја слушаме мудроста и да го следиме животното искуство, на пример, на еден епископ којшто целиот свој живот Му Го предал на Бога. Тоа важи и за еден игумен на манастир, или за кој било друг добар свештеник или монах. Монасите, впрочем, макар и да се млади, биваат наречени калуѓери, т.е. ’добри старци‘ (од гр. καλόγερος = καλός + γέρος). „Чесната старост не е во долговечноста, ниту се избројува со бројот на годините. Мудроста – тоа се белите човечки коси, а непорочниот живот – возраст на староста“ – рекол мудриот цар Соломон (Прем. 4,8-9). Тоа ни укажува дека мудроста и староста се сопатници единствено ако до староста се стигнало со „непорочниот живот“, односно со борба со сопствените слабости и страсти, со стариот човек во себе. Таквиот духовно никогаш не старее, неговиот дух останува вечно млад. Заклучно, иако не сум дел од Синодот, сметам дека во него не би требало да има поделеност на генерациска основа, ниту непочит на помладите кон постарите и обратно.

   6. Постои ли усогласеност во ставовите во Синодот во однос на барањето и прифаќањето на Бугарската православна црква да ѝ биде Црква-Мајка на МПЦ-ОА?

Оваа тема предизвика големи реакции. Само што се спомна можноста дека и Бугарската црква би можела да биде Црква-Мајка на денешната возобновена Охридска архиепископија во лицето на МПЦ, веднаш се крена страшна фама и негативна пропаганда. И како одеднаш да се заборави тоа, дека педесет години откако сме прогласиле автокефалност и претходно дваесетина години борба на нашето свештенството – значи веќе 70 години, ние преговараме со Српската црква, која неповолните историски околности ни ја наметнаа како Црква-Мајка. Значи таа во никој случај не е класична Црква-Мајка, настаната по еден природен тек на нештата, туку сосема политички и насила наметната во едни исклучително тешки историски неприлики за нашата Црква, како што беа периодите после двете Светски војни. Затоа, не само што проблемот не е решен, туку, меѓу другото, доживеавме и трагичен раскол, зашто СПЦ остварувањето на своите интереси го виде во создавањето на паралелна ерархија, наречена Православна охридска архиепископија. Неодамна дури слушнавме и изјава од епископот Бачки Иринеј (Буловиќ), како, наводно, Охридската архиепископија во поновата историја била своина на СПЦ. Треба веќе еднаш јасно да ѝ се каже на македонската јавност, дека не само што тоа не е така, ами и обратно – самата СПЦ произлегла од Охридската архиепископија, односно вторава ѝ била Црква-Мајка на правата, бидејќи диецезата на ОА, до времето на Св. Сава, се протегала дури до Далмација. Имено, во 1219 година Св. Сава отишол кај прогонетиот во Никеја Цариградски патријарх, зашто тогаш Константинопол бил под латинска окупација. Со помош на парите што ги добил од неговиот татко Симеон, Св. Сава практично си купил Томос, а потоа самоволно си отцепил неколку епархии од Охридската архиепископија, прогласувајќи ги за Пеќска архиепископија. Охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан возложил дури и шизма на тогаш формираната Пеќска црква и десет години немало сослужување меѓу нив. Набрзо, сепак, дошло до израз мајчинското чувство на тогашната ОА и само за десет години расколот бил надминат. Притоа, таа никогаш не побарала враќање на Пеќската архиепископија во статус на автономија и потчинетост, туку ја признала нејзината автокефалија и сослужувала со неа. Споредете ја сега оваа братољубива постапка на Охридската архиепископија, со доаѓањето на СПЦ во Македонија во 1918 година! Колку насилно тогаш била наметнувана нејзината јуриздикција на територијата на сегашна Р. Македонија, и колку нехристијански биле сите нејзини понатамошни постапки – заминувањето во 1941 година, потоа нејзиното попречување на возобновата на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ, условувањето за соработката на која бевме принудени од тогашните политички околности, негирањето на нашиот идентитет и сл. Односот на СПЦ кон нас, историски земно, е една невидена Голгота, една страшна нетолерантност и незаинтересираност за нашето прашање, крајно непастирско однесување, со исклучок на некои нејзини архиереи и духовници. Овие седумдесет години СПЦ ни наметна таква сурова изолација каква што досега не претрпела ни една друга Црква во историјата. И Бугарската егзархија беше седумдесет години во шизма, но не била лишена од сослужение со Руската црква итн. Или, еве, Православната американска црква денес, иако не е призната од Вселенската патријаршија, таа сослужува со сите Цркви, освен со оние од грчкиот блок, па дури има и случаи кога грчки архиереи сослужуваат со неа. Значи, подложени сме на невидена и страшна изолација.

Српските националистички настроени архиереи никако не сакаат да прифатат дека возобновувањето на ОА била волја и на свештенството, и на монаштвото, и на православниот народ. И до ден денес е така. А токму таа борба за возобнова на ОА одиграла, можеби, клучна улога и во создавањето на современата независна македонска држава. Можеби некој поради ова би нè обвинил за етнофилетизам, но, напротив – отпорот на нашето духовенство бил единствениот начин да се спасиме од нивниот национализам кој е евидентен до ден денес. Бидејќи, замислете, доколку кај нас до 90-те години имаше некаква автономна Црква под јуриздикција на Српската, нашите манастири, согласно политиката и начинот на дејствување на СПЦ во минатото, најголем дел ќе беа запоседнати од политички инструирано монаштво, коешто, за жал, како и Српската црква ќе беше бастион на српството и ќе ширеше просрпска пропаганда. Тогаш, се прашувам, дали ние ќе имавме воопшто волја за самостојна држава? Следствено, ние не смееме да се враќаме во никаква автономија под СПЦ. Исто така, крајно неоправдано е барањето на СПЦ да се вратиме под неа, да се извинуваме за нешто што го направиле нашите богољубиви и вистинољубиви предци на Црковно-народниот собор во 1967 г., на чело со Архиепископот Доситеј. Овој наш архипастир направил, навистина, свето и блажено црковно и народно дело. Затоа неговото име останува врежано со златни букви во нашиот колективен спомен како православен сенароден пастир и духовен великан. Нека му е вечен споменот!

А во однос на БПЦ, пак, долгогодишната пропаганда и набивањето омраза против нашиот источен сосед, против нашиот братски бугарски народ, за жал, придонесе за сегашниве погрешни и злонамерни заклучоци дека, наводно, правиме страшен грев и предавство што побаравме друга Црква-Мајка наместо Српската. А ќе кажеме тука дека БПЦ-БП има многу поголемо црковно и историско право да ѝ биде Црква-Мајка на МПЦ-ОА, затоа што со неа нѐ поврзува долгогодишна заедничка црковна историја, почнувајќи од Охридската архиепископија, а потоа и заедничката Егзархија. Така што и во самиот Устав на денешната БПЦ-БП постојат цврсти основи таа да биде Црква-Мајка на Охридската архиепископија, како и да го бара нејзиното признавање од Цариградската, т.е. Константинополската патријаршија. Зашто, Цариградската патријаршија се нарекува Црква-Мајка скоро на сите православни Цркви и накрај добивањето на Томос доаѓа секогаш од неа. Тука би сакал да им одговорам и на оние кои неоправдано стравуваат дека МПЦ-ОА ќе стане потчинета црква. Напротив, со добивањето на автокефален црковен статус, што ние го бараме, со БПЦ-БП стануваме две рамноправни сестрински Цркви. Никако не смееме да го занемариме тој братољубив одговор на Бугарската црква: таа веднаш излезе во пресрет на нашето барање и оформи комисија, којашто веќе во два наврати се состана со комисијата на нашата Црква. Тоа ни дава благонадежност дека конечно ќе се реши нашето црковно прашање. Природно, и Србите не треба да изостанат во решавањето на нашиот статус, бидејќи тие ни се православни собраќа, наши соседи и сега треба да излезат со конструктивни постапки, а не да слушаме изјави од типот на онаа на г. Иринеј Буловиќ, дека ова што сега се случува со МПЦ-ОА е рушење на Православието. Таквиот анахрон пристап е навистина смешен. Православието треба да го проповедаме и браниме онака како што нѐ учи Христос, со Неговата љубов, а не да шириме раздор и омраза, да применуваме некакви инквизиторски методи, како што е, на пример, одлачувањето од света Причест на еден цел народ итн. Следствено, архиереите од СПЦ треба да се запрашаат дали со игото на изолација што му го наметнуваат на православниот народ во Македонија и сите историски неправди врз нашата Црква, одат во полза на Православието, или, пак, на неговите противници…

За крај ќе нагласам дека МПЦ, односно Охридската Архиепископија, како некогаш, така и денес е Црква на многу православни националности. Како таква, поддржана е од сите народности во нашата татковина со православно вероисповедание, без разлика дали се Власи, Роми, Срби, Грци и др., – сите тие непречено ги исполнуваат во неа своите црковни потреби и ѝ ја сведочат својата верност.

  7.  Сметате ли дека Српската православна црква и Грчката православна црква можат да го блокираат овој исклучителен потег на БПЦ, која треба да ја информира и Цариградската патријаршија, потег кој треба да доведе до признавањето на автокефалноста на МПЦ?

Веќе го спомнав тоа континуирано блокирање од страна на СПЦ, кое ни донесе само пониженија, страшна изолација и нерешено црковно прашање. Еве, нашите контакти на лична основа со Грчката православна црква се големи, имаме соработка и со Света Гора, но боли тоа што не смееме јавно да служиме, да се причестуваме, токму поради таа нетолерантност на СПЦ, која реагира на било каков контакт со друга Црква. Голема е нашата благодарност до ГПЦ, која благослови наши студенти да изучуваат теологија на Православниот теолошки факултет во Солун, како и кон Светата Гора Атонска, која пред триесетина години ги отвори вратите за нас и ни овозможи повторно да го стекнеме светогорското монашко предание што беше прекинато. Без тоа не ќе можеше да се возобнови општежителното монаштво кај нас.

Обиди за да се блокираа процесот секако ќе има, но се надеваме на Божјата милост и просветление на архиереите од споменативе Цркви, та вистината и љубовта да надвладеат. Исто така, сметам дека богомудриот Патријарх Вартоломеј и овој пат ќе се покаже како вистински пастир на Великата вселенска Црква-Мајка, и ќе го направи правилниот чекор за решавање на овој проблем – онака како што треба за да се исцели оваа голема рана на Православието. Сите негови поранешни изјави одат во тој правец. Дури во една прилика, кога можеби и не беше момент за тоа да се зборува – погребот на блаженоупокоениот патријарх Српски Павле – тој упати порака до идниот српски Претстојател дека треба поскоро да се реши проблемот со Црквата кај нас. Но СПЦ не го послуша.

Секако дека особено голем проблем за решавањето на македонското црковно прашање е создавањето на паралелната ерархија на автономната Српска црква на чело со поранешниот Повардарски митрополит Јован Вранишковски, за која јавноста треба да знае дека не фигурира во диптихот на православните Цркви и не е признаена од Вселенскиот патријарх како посебна, туку како дел од Српската. За жал, може да се констатира дека тие станаа жртва на погрешната српска црковно-национална хегемонистичка политика. Затоа што во Македонија тие се една фиктивна Црква, неподржана од народот, иако сакаат да се пофалат со своето присуство во православната екумена. Досега овој чин на создавање на паралелна ерархија на Српската црква послужи само за голема штета на православната Црква во Македонија, бидејќи со ваквиот потег, многу луѓе изгубија доверба во Православието воопшто.

Сепак, се надеваме дека на крај ќе преовладее братољубието, зашто сите ние сме ученици на Христа, Кој е Љубов и Кој ни рече: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13,35). Да се молиме смирено и со љубов, не само ние монасите, туку и сите православни христијани во Македонија и насекаде во светот, да надвладее љубовта кај архиереите за конечно да се залечи оваа рана на Православието.

 

 Интервјуто е објавено во/на:

Преземено од: Бигорски манастир



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3141
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7620
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

23/11/2024 - сабота

Светите апостоли Ераст, Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј; Светиот маченик Орест; Свети Нон, епископ Илиополски;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

О, свети апостоли Христос Спасителотво вас се зацари, душата во убавина се облече и венци за вас Животот исплете.За Олимпа...

Тропар на  свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Тропар на свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Изданок од Визант и Егина,заштитниче кој си јавен во последните времиња,миленик на вистинската врлина.Нектарие, те почитуваме,ние верните како богоугоден исцелител...

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Архистратизи на небесните воинства,ние недостојните постојано ве молиме:со вашите молитви заштитете нѐ,под покровот на крилјата на вашата славаневешествена, пазејќи нѐ...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная