Нашето секојдневие
или
Промоција на нова задвладина организација STRIKEBREAKERS
Со чест и морално задоволство ја објавувам веста за скорешното регистрирање ново здружение (за сега, задвладино, зашто седиштето му е зад зградата на Владата) – STRIKEBREAKERS. Макар што не звучи премногу бомбастично кога ќе се преведе на македонски, поради обврската за превод на здружението при судска регистрација, името на македонски (со блага доза на србизам) ќе гласи ШТРАЈКОЛОМЦИ. Доколку при регистрација во меѓународните асоцијации наидеме на проблеми, ќе прифатиме тројна формула: NEW STRIKEBREAKERS за меѓународна употреба, ПОРАНЕШНИ ШТРАЈКОЉУБЦИ за локална употреба. Третото име ќе го држиме ковертирано, за недај-боже реакции. Сепак, ќе опстојуваме на нашето статутарно име.
Седиштето на организацијата е на раскрсницата зад зградата на Владата, со една филијала на семафорот кај Собранието (сега за сега; ако имаме сили, ќе се шириме!). Штембиљот е елипсоиден, изработен од дрво од слива, со иницијали ШЛ во средина. Мастилото за штембиљот е црвено за документи за внатрешна коресподенција, а безбојно при коресподенција со надворешниот свет.
Согласно народната: „Ако некој те удри со парола, ти удри го со две“, методите на дејствувањето на организацијата ќе бидат строго насилни, при што ќе се води сметка за реципроцитет во употребата на сила.
За сега се предвидени три нивоа на реципроцитет: Блокада на јавни патишта, блокада на подземни гаражи и подземни премини, и блокада на речни теченија.
Сликовито:
1. При организиран штрајк пред Судска палата, со која се блокираат сообраќајниците ем отаде Вардар, ем одоваде Вардар, ќе одговориме со 24 часовна блокада на локалниот макадамски пат што го поврзува Горно Витосано со Одвеанци. По потреба, времетраењето на бокадата ќе се зголемува за 2 часа секој нареден ден. На блокадите ќе се носат транспаренти со натписи во стилот: „Минеш ли, ќе те поминам“ и сл.
2. При блокада на сообраќајниците во центарот на Скопје (пред Собрание ли, пред Влада ли, пред Музеј на град Скопје ли – значи, southеrly of Vardar River) од страна на толпа недоквакани штрајкувачи, ќе го скршиме нивниот штрајк со реципрочна блокада на подземнинот премин во селото Долнопродупени. За секој час штрајк во Скопје – три часа во селскиот подземен премин! (Нека видат селанте како им е на граѓаните!) Ќе попуштат со штрајкот за помалку од 7 дена!. Предвидени се транспаренти од типот: „Минувај колу сакаш врз мене! Јас сум под тебе, само што не ме гледаш!“
3. При блокада на Водњанска (горе-доле пред Клинички), ќе го блокираме левиот и десниот брег од Сува река. (Евентуалната колатерална штета што ќе ја претрпат дивите рибокрадци, ќе ја надокнадиме со делење конзерви рибја икра од длабинската сорта Ichtyos Alexandricos). Пожело е воздржување од викање за време на штрајкбрекингот. Некогаш гласот на немиот далеку се слуша!
За помали штрајколомки, ќе се договараме за времетраењето и за жестината на штрајколомството со штрајкувачите (Па, и тие се луѓе! Ќе најдеме заеднички јазик!)
Сите заинтересиран можат да аплицираат со електронска апликација: strikebreakers@Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите., или во пишана форма со пишанка на лист хартија со линии (по можност, тесни-широки), со наведување основни генералии и капетании. CV-ја, VC-a, i WC-a нема да се примаат. Фотографии во две пози: со подзината уста и со ококорени очи. (Статутот на здружението стриктно забранува доделување бар-кодови на членовите.)
Фракционерството е дозволено (на пр., формирање фракција на митинголомци и сл.).
Членовите пред приемот ќе бидат тестирани:
1. двочасовно викање, без прекин: „Уа, В...! „Уа, Г... !“, или по личен избор, најавен 24 часа пред тестирањето;
2. шестчасовно мавтање со бланко-знаме;
3. едночасовно седење на тротоарен камен (за лежење на улица, времето на тестирањето на издржливоста се скратува на 15 минути).
Сите што ќе го положат тестот, ќе бидат примени со договор за неодредено време. За истакнати членови, предвидени се посебни звања (штрајкбрекер-знаменосец, штрајкбрекер-шишефрлач и др.). За најревносните, следуваат бенефиции! За неучество во две едно-подруго штрајкбрекерки, следува исклучување без право на жалба.
На сите членови им посакувам добредојде во организацијата, и светла штрајкбрекерска иднина.
Наша парола е: Да живеат штрајковите – оти, ние од нив живееме!
Од претседателството.
(п.с. Претседателството моментално е во штрајк, поради одбивањето на судот да го регистрира здружението. Ќе следуваат дополнителни информации преку нашиот портпаролџија.)
д-р Драган Михајловиќ
Посети:{moshits}