Живот је море
Старецот и морето
Преку ситната рипка, старецот сфаќаше колку сме сите ние ситни риби во животното море. Сфаќаше дека суштината на животот и промените се состојат во сопственото наоѓање на мирот.
Не така одамна, поточно пред 5-6 дена, си живееше еден средновечен човек, кој професионално го викаа Дедо, па често и се чувствуваше така. Се чувствуваше како старец.
Старецот беше постојано преморен од патувања низ Стариот Континент. Тој ретко се врзуваше повеќе од 4-5 дена спиење на едно место.
Тој по патот често среќаваше преморени мигранти водени од својата желба по патиштата кон помирен и подостоинствен живот. Среќаваше сè и сешто, од мигранти па до поглавар на Католичка црква.
Муабетеше тој и со владици, и со премиери, и со претседатели, и со министри, и со доктори, и со директори, и со пејачи и глумци, и со фудбалери, и со ракометари, кошаркари, и со просјаци, и клошари, и со социјални случаи...
Среќаваше тој и богати луѓе со среден живот и убави автомобили, но и тазе дојдени луѓе во странство кои сонуваа еден ден да имаат барем дел од нивното богатство. Често ќе сретнеше и познати личности кои изгледаа исполнети додека не се соочеа со крајот на кариерата, а потоа се претвораа во испаничени луѓе кои немаат идеја што понатаму.
Знаеше стариот и да виси на интернет впивајќи информации за сè што се случува во светот а посебно во неговата родна земја. Се прашуваше што може да стори тој за светот, за својата татковина, за родниот крај да стане барем за момент подобро место за живеење.
Многу сакаше и неговата земја да е стабилна, за низ неа да гледа среќни лица. На крајот на краиштата, негови ближни беа тоа а ја знаеше и Божјата заповед дека треба да го љуби ближниот свој.
Знаеше тој и да опомене пишувајќи за некоја нелогичност во државата, во општеството, но знаеја некои веднаш да го стават на една од страните кои таму постоеја. Знаеше и да премолчи за да не долива масло на огнот кога почна ептен да се заоштрува ситуацијата.
Го растргнуваше тоа балансирање.
Си размислуваше дали и кога треба да се одмори од тој притисок кој несакајќи го следеше постојано и насекаде, а не можеше да се ослободи. Не знаеше како и каде. Кога и каде кога сето тоа е насекаде околу нас?
Но, како и во секоја приказна, еден ден тој сретна одбор дружина. И како во секоја приказна, едниот другар имаше куќа на еден јадрански остров како од прикаските.
Не беше градена од чоколада, бисквити, бонбони и мармалад како онаа на лошата баба од Ивица и Марица. Како во никоја прикаска беше порозна на влага од морето и требаше да се санира.
Во веселата приказна се договорија да одат, да видат и да ја поправат куќучката таканаречените ''Весели музиканти".
Старецот си понесе и јадица. Не се срамеше од својата општествена позиција да ја земе четката и да се заборави од фарбање на оштетените зидови. Потоа ја земаше трската и намокреното лепче, и со саати седеше на брегот гледајќи кога ќе потоне тапата.
Се радуваше како дете кога ќе го почувствуваше затегнувањето на конецот и кога ќе извадеше сребрена рипка во која се сомневаше дека може да му исполни три желби и ќе и заблагодареше само што е поглупава од него бидејќи се фаќа на секоја јадица како и тој самиот што се фаќаше на јадиците од животните предизвици. Тогаш само ќе и кажеше: сакам само мирно лето, ќе се насмевнеше и ќе ја вратеше во морето.
И повторно ќе ставеше лепче и ќе замавнеше уште подалеку, уште подлабоко.
Преку ситната рипка сфаќаше колку сме сите ние ситни риби во животното море. Сфаќаше дека суштината на животот и промените се состојат во сопственото наоѓање на мирот. Размислуваше за оние племиња до кои не допрела цивилизацијата. Се восхитуваше на нивната среќа и спокој и покрај тоа што имаат толку малку а имаат сè. Завидуваше на нивната скромност. Се радуваше како малечко детенце кое открило дека центарот на светот може да биде барем за момент врвот на тапата на морската површина.
Се збунуваше од фактот дека кога потонува тапата не потонува и светот. Не можеше да ја скрие идиотската насмевка кога влечејќи ја јадицата се претвараше во Пушкин кој верува во златна рипка која исполнува три желби и кој ќе пишува за тоа еден ден.
Се ставаше во улогата на старецот кој ќе се советува со бабичката за кои три желби исполнување да бара, а во улогата на бабата го ставаше целиот лаком свет кој има милион неразумни желби (од кои поголемиот број се на штета на другиот, на ближниот) ги бара. Ќе сменеше на момент насмеан лик во тажен сфаќајќи дека и сите риби во морето кога би биле златни нема да го усреќат светот, бидејќи желбите не се љубовни и искрени туку амбициозни, суетни и зли.
И ќе ја собереше јадицата и ќе се прибереше во трошната, но прекрасна и весела куќичка на брегот за да јаде со другарите најпрекрасна вечера незачинета и ослободена од политика и светски грижи.
И ќе си спомнеше старецот и другарите во ниедно време за Леонид Јанков како ги победил трите турски војски во нерамната борба, и ќе ја викнеа блузерски истата придружувани од гитарата без прва жица.
И ќе го чекаше следниот ден за да замине со трската во своите раце повторно во својата приказна за старецот и морето.
И лаже кој ќе каже дека сите приказни имаат среќен крај.
Ова на старецот заврши со враќање во реалниот свет кој ни од далеку не е среќен крај.
Сепак старецот сè уште верува во хепи енд. Верува дека барем една од уловените рипки ќе му ја исполни желбата за мирно лето.
А можеби неговата среќа и не е важна?
Можеби неговата среќа е доволно да се состои во тоа вам да ви ја раскаже прикаската за рибарот и рипката, па да размислите и сфатите дека смената на власта, на режимот, на општеството ништо посреќно нема да донесе ако самите во себе не ја откриеме среќата и не станеме подобри луѓе од оние кои претендираме да ги смениме.
Старецот верува дека секој од нас е роден за да ни биде убаво.
А вие?
https://www.youtube.com/watch?v=jEzuw6YnbUQ
О. Пимен
Извор: http://off.net.mk/bavchi/pimen/starecot-i-moreto