„Речник на човековата душа“ e заеднички наслов на новиот серијал колумни на Венко Андоновски, што премиерно ги објавува „Нова Македонија“. Во нив Андоновски пишува за загубените вредности во лавиринтот на современото живеење
Ја продолжувам серијата колумни во кои се обидувам да ги исцртам контурите на новиот ТРАНЗИЦИСКИ морал (не го нарекувам капиталистички, затоа што не постои такво нешто, а и да постои, кај нас - сè е мутирано по однос на оригиналот). Овој пат неколку збора и за моралот на знаењето.
Генерално, постојат четири типа луѓе според моралниот однос кон знаењето: 1. луѓе што се срамат од своето знаење; 2. луѓе што се гордеат со своето знаење; 3. луѓе што се срамат од своето незнаење; 4. луѓе што се гордеат со своето незнаење (затоа што не се свесни дека не знаат, а убедени се дека знаат). Ги наредив според степенот на моралната доблест: само по себе се подразбира дека највисок морал по однос на знаењето имаат оние што ѝ припаѓаат на категоријата 1. Тоа се оние што знаат дека незнаењето е цврсто како камен, а знаењето кршливо како стакло; тоа се оние што дури и кога се пошироко јавно признаени како луѓе со огромни знаења, за своето знаење имаат најскромно мислење, затоа што веруваат дека еден живот е премалку за човек воопшто да сознае дека не знае, а камоли нешто да научи. Вторите се најчести меѓу луѓето што навистина знаат: тоа се самоуверени промотори на книги што на промоцијата доаѓаат да покажат колку знаат, а не да говорат за вредностите на оној кого го промовираат; тоа се професори што доаѓаат да ги импресионираат студентите со своето знаење, а не да им пренесат дел од него или да ги охрабрат. Тоа се политичари што своите суети ги ставаат пред општото добро на заедницата што треба да ја застапуваат. Третите се чесни незнајковци: знаат дека не знаат (нивното знаење е реално) и се срамат од тоа; најчесто ги има по кафеаните, каде што искрено жалат што не ги искористиле шансите да се школуваат и да станат луѓе. Четвртите се најмалигни: не знаат, ама мислат дека знаат, и постојано кукаат дека нешто им е одземено, дека заслужиле повеќе одошто им е дадено, ништо не работат за свое усовршување, а сметаат дека се генијални. И најчесто се ориентираат кон политиката, зашто ја сфаќаат како „корективен“ механизам за „неправдата“ што ѝ е нанесена на нивната „генијалност“. Што би рекол Моцарт од „Амадеус“ на Милош Форман - убедени се дека „серат мермер“. Главен „виновник“ за нивната „непризнаеност“ е „лошиот систем“. Како да не може човек да биде образован и надвор од системот, да биде автодидакт. Ако Григор Прличев чекаше само системот да го образова, немаше да го напише „Сердарот“ на брилијантен новогрчки јазик, ниту да добие понуда да студира на Оксфорд, па да ја одбие од патриотски причини.
Но што се случува кога зад тие четвртите, обилно и со цело срце ќе застанат - образовната политика и државата, па ќе ги опремат со систем на образование во кој можат да дојдат до диплома полесно одошто до бурек во бурекчилница? Се добиваат униформирани, еднакво калибрирани бројлери испилени во инкубаторот на болоњската образовна реформа (чест не на исклучоците, туку на малцинството - сјајните студенти што стануваат ретки како детелина со четири листа). Тоа е најголемиот и, според мене, најпогубниот злостор во историјата на образованието. Јас ова мислење го делам одамна, и покрај многуте напади врз мене како „конзервативец“; немам намера овој пат да ги провоцирам (ниту да им одговарам на) оние што имаат целосно спротивно мислење од мене, па во Болоња гледаат најголем чекор напред во историјата на образованието. Само сакам да кажам дека резултатите од системот што верува дека знаењето на студентите може да се мери во табели и графикони, дека за да се произведе адвокат, книжевник или филозоф е доволно да се положат писмени тестови со заокружување А, Б, В и Г (без да се чуе ораторска беседа или филозофско-книжевна полемика на устен испит) и дека за три семестри може да се стекне магистерска/докторска титула - е, тие резултати (сметки) ни стигнуваат за плаќање сега. Никогаш не сме имале повеќе луѓе со дипломи, додипломски, магистерски и докторски, а никогаш помалку знаење во сите области. Доказ: никој не знае што работи, државата тоне, тоа огромно „знаење“ останува неупотребено (освен во неплодни псевдоисториски и псевдополитички дебати), или се одлева во странство како „скапоцен мозок“. А овде нема кој да ти поправи сифон без да се врати двапати (на поправен), ниту пак Македонија има доволно заварувачи и овчари.
Ние, како држава, и како образовна политика, и како образовен систем (во кој спаѓам и јас како виновник), излажавме многумина дека знаат повеќе одошто знаат: им поделивме дипломи по линија на помал отпор, под најразлични изговори - па видете, децата плаќаат; па видете, платата ни зависи и од нивните партиципации, па - да не ни ги земат студентиве приватните универзитети, па да не избегаат во странство... спуштете го критериумот, да не ги загубиме! Министерството, пак, ветува бајковидни конкурси за оние што ќе студираат во странство - сè се прави да се уништи домашниот систем на образование. Болоња половина нè отепа, „приватните“ речиси го дотепаа образованиот систем според системот „плати и земи знаење/диплома“, а сега треба да се испали крунскиот куршум во главата на образованието (УКИМ, пред сè), под егидата - „Деца, студирајте во странство, ви покриваме баснословни трошоци, овде нема паметни даскали!“ Дури и првачињата ни учат по странски систем, кој дава поделени мислења. Според едни е катастрофа, според други - рај. За знаењето или за незнаењето?
Темата не ми е - аргументација зошто мислам дека образованието пропадна откако целосно некритички прифативме глобализациска, сомнителна, бофал-стока во вид на реформа на образованието (Словенија и многу други држави ја прифатија селективно, а некои светски реномирани универзитети целосно ја одбија). Темата е дека со тоа треба ВЕДНАШ ДА СЕ ПРЕКИНЕ. Точката 4 од типовите морален однос кон знаењето треба веднаш да се укине, со целосна реформа на образованието, од градинките до докторските студии. Апелирам, новите што ќе седнат во владините фотелји ИТНО да создадат целосно нов образовен систем, кој ќе се базира на нашите потреби, а не на белосветските манипулации со умот и знаењето. Тие манипуланти имаат цел да создадат евтина, а наводно високообразована работна сила. За тој злостор со образованието, во кој и самиот по принуда на лебот учествувам, имам само уште да го кажам истото тоа што се кажува и за најголемите злостори во историјата на човештвото - како што е холокаустот.
За тоа исчезнување на моралната одговорност при крупните злостори еден извор пишува дека се должи, меѓу другото, и на пеколната стратегија на „поделба на работата“: „Секој актер завршува само делче од задачата и затоа чувствува мала одговорност за вкупниот резултат. Тоа особено било видливо кај холокаустот, каде што типичното убиство може да го скицираме вака: нацистичките водачи на конференцијата на езерото Ванза ја формираат стратегијата што се праќа на сите сектори → полицаецот го апси Евреинот → одделението на Ајхман организира транспорт → затвореникот доаѓа во логорот со кој управува Хес, Штангл или некој друг, а тие логори имаат војници што „воведуваат ред“ → затвореник води други затвореници во гасните комори. Никој не чувствува одговорност.“Е, јас чувствувам. Иако сум само последната алка во серијалот на злосторот (професорот води студенти кон дипломите без доволно да ги научи, зашто системот е „швајцарско сирење“), јавно изјавувам дека во тој злостор учествувам. И дека сакам да се прекине тоа. Пред да си заминам во планина да чувам овци. Божја работа. Безгрешна. Ниту на овчарот му треба диплома или „лиценца“, ниту овцата сака да стане овчар.
23.01.2017 год.
Извор: