МИСЛИЧИЊА
(Венедикт Ерофеев, „Бесполезное ископаемое“)
Не повишувај го гласот кога разговараш со луѓе. Со Бога тоа и можеш да го правиш, но само ако си од позиција на Јов.
Зад видливото го гледам невидливото. Но, видливото го сакам повеќе.
Ако човекот наутро е нерасположен, а навечер е ведар и полн со надеж, тоа е сигурен знак дека се работи за глупав човек. Ако е обратно, се работи за просечен човек. А добри луѓе, како што е познато - нема.
Тој има филозофски камен во бубрегот.
За едно и исто, т.е. за еден ист начин на однесување (инертност), одредена група метали ја нарекуваме благородни, а одредена група гасови - инертни.
И така, во училиштата треба да се изучува: астрологија-алхемија-метафизика-теософија-порнографија-демонологија и основи на хомосексуализмот. Другото треба да се укине.
Прашувам: „Ангели небесни, сѐ уште не сте ме напуштиле?“ И ангелите небесни одговорија: „Не, но наскоро...“.
Научи се да тагуваш, а да се насладува - тоа го знае и глупавиот.
„Штедете ги созлите на вашите деца, за да има што да пролеат на вашата могила“ (Питагора).
Сонцето го запирале со збор. Јован Богослов. Првите училишта во светот биле школи по реторика, а не воени или медицински школи.
Ете, и Христос: „Разурнете го храмот, и Јас ќе го изградам за три дена“. Зошто за три дена, зако можел да го направи тоа за едн миг? Така би било поубедливо за скептиците.
Од судирот на човековиот разум и неразумното молчење на светот, се раѓа апсурдот.
„Епоха на големите порнографски откритија“.
Параноик „со византиски акцент“.
Свеже, како предание...
„Меѓу нас зјапнала метафизичка бездна“.
А кога е сам, се занимава со непотребни нешта, наместо отворено да зборува со Бога.
Тертулијан: „Човечката душа по своја природа е христијанска“.
Розанов: „Човечката душа по своја природа е паганска. За да стане христијанска, треба да помине низ тесните врати на безбројни одрекувања“.
Зошто тој треба да ги знае латинските глаголи и коњугации, кога му се познати глаголите на вечниот живот“.
Адам од мека глина, а Ева од тврдо ребро.
И тоа е плурализам: во Канада е регистрирана „прогресивно-конзервативна“ партија.
„Гревовен човечки потенцијал“.
Но бидејќи сме виновни, нашиот крик останува да виси во воздухот и, како и молитвата на кралот Клаудиј, „не допира до небото“.
Овладеав со неа во онаа мера, со која таа овладеа со мене..
Мене ми е здодевно сѐ што е обично, а во споредба со Христос сѐ е обично.
Само халуцинациите на Дон Кихот се реални. Сето друго во романот е - илузија.
Христос (како што треба) го знаеле 12 луѓе од три и пол милиони жители на земјата; денес Го знаат 12 илјади од 5 милијарди. Тоа е едно и исто.
„Напреден сатанизам“.
Во Него има безброј одговори, а Тој се чуди: зошто ние толку малку прашуваме? зошто сме мрзливи и нељубопитни и суетни?
Вегетативна е твојата душа, т.е., растителна.
Несовршени се нашите душевни процеси: споредете колку добро функционира системот за варење храна. А тука - застој, гадење без исфрлање, неспособност навреме да се ослободиме од она што се насобрало, од нечистото...
И што, воопшто, значи „последен збор“? Ние живееме во свет во кој зборовите треба да се изговараат како да се последни. Останатите зборови - не се бројат.
Евангелието за мене секогаш било средство не да дојдам до нешто, туку да ги попречам сите нешта, освен Него.
„Воору-жена“
Ако не е дадено од Бога - го нема во аптека.
Неповратно заминаа во минатото оние времиња, кога сѐ уште не постоев.
Зафатен сум со самопочитување.
Еве уште една разлика меѓу мене и нив: тие зборуваат малку, за да не молчат, а јас зборувам малку, за да не зборувам многу.
(Обновено)