Излезе од печат првата книга посветена на Слепченскиот скрипториум со наслов:
ЦРКОВНОТО КНИЖЕВНО НАСЛЕДСТВО НА СЛЕПЧЕНСКИОТ МАНАСТИР "СВ. ЈОВАН ПРЕТЕЧА" - АКАДЕМИК ЃОРЃИ ПОП-АТАНАСОВ
Во неа, од страна на академикот Ѓорѓи Поп-Атанасов е направена археографска презентација со факсимили на голем дел на ракописните книги пишувани во најзначајниот и најбогатиот скрипториум на Охридската архиепископија.
Овој труд содржи 14 поглавја во кои се опфатени повеќе векови творештво, од најстарите сочувани Слепченски ракописи, пергаментни и хартиени ракописи, Слепченски поменици, ракописите од поедини слепченски книжевници како Висарион, Пахомиј, Матеј, Сисој и др. до ракописи од XVII век, и старопечатни црковни книги.
"Сето ова црковно книжевно наследство ќе биде претставено во ова мошне значајно, репрезентативно издание, со што ќе се даде значаен придонес за афирмација на Слепченскиот Манастир како духовен, книжевен и уметнички центар. Од особена важност е што во минатото Слепченската света обител била ставропигијален манастир на Охридската архиепископија и во неговиот скрипториум се пишувани црковни книги за потребите на соборната црква во Охрид, порачувани од Охридскиот архиепископ." - вели во рецензијата проф. д-р. Лилјана Макаријоска дописен член на МАНУ.
Слава и благодарност на Бога за сѐ!
Сестринството на Слепченскиот Манастир