Надмоќната Осаменост на Верниците Денес
Речено е дека секој човек си ја носи својата сопствена осаменост. Ментално неурамнотежениот поединец поседува опасна осаменост. Болната личност е агонизирачки осамена. Оној кој неправедно натрупал богатство поседува горка и грда осаменост. Но, верникот носи со себе постојана, неизлечива и надмоќна осаменост, осаменост кон патот на спасението.
Сме привикнале осаменоста да се однесува на онаа доцна навечер, на онаа кога сме во жалост, или кога живееме во странство. И секој од нас се носи со своите поединечни околности најдобро што може. Но, колку долго ќе продолжиме да се вртиме во круг, испитувајќи го предметот однадвор, без никогаш да навлеземе во неговата стварност? Стоејќи пред вечната енигма на постоењето, ние, Божји синови и ќерки по благодат и учество, создадени по Негови образ и подобие, деца на светлоста, ќе се осмелиме да ги отфрлиме настрана световните идеи и дискусии и, стоејќи лице в лице пред Бога, кога ќе ја донесеме одлуката од темел да ги промениме нашите животи?
Нашите движења остануваат несигурни. Зборуваме за Бога, а сепак Бог останува некој, Кого не го познаваме навистина. Посакуваме да бидеме со Бога, се придвижуваме кон Него, но во заден час наоѓаме пат за бегство и Го избегнуваме.
Се љубиме себеси премногу, без мерка. Немаме волја да го носиме Бога. Се плашиме од Него и се обидуваме да го измамиме—иако само се мамиме себеси—со изговори кои изгледаат убедливи. Сме стигнале дотаму што ги сакаме нашите лаги толку многу што веќе не се ни срамиме од нив. А сепак Бог никогаш не се изморува од дискретното трагање по нас, потсетувајќи не на Неговото присуство во нашите тешкотии и во нашите радости, во нашите грешки и во нашите победи.
Потребно е верниците повторно да зачекорат по патот на Господ. Да ги напуштиме толпите и нивните возбудени повици, да не дозволиме нивните зборови да не соблазнуваат и влијаат врз нас. Господовиот пат е тесен, нагорен, со многу откажувања, осамен; но истотака е спасоносен, како што Тој Самиот ни вети. Верникот мора најпосле да се припои со љубов кон она што е суштинско за неговото лично постоење, ставајќи го настрана одлучно и неотповикливо се она што е споредно и излишно.
Пораката од Книгата на Откровението е навистина страшна. Млаките верници ќе бидат изблуени од устата Божја (Откр. 3:15-16). Употребениот термин најдобро го изразува незадоволството од оние кое се неодлучни и нејасни, ниту жешки ниту студени.
Да се биде во Божја придружба е истовремено и радост Божја и најважниот ослободителен благослов за човека. Бог не може да биде одвоен од помирувањето со самите себеси и нашите браќа и сестри. Тие секогаш одат заедно; пријателот Господов е и свој сопствен пријател, како и пријател на другите.
Во односите кои резултираат од сево ова нема место за вообразување или изолација. Љубовта Божја не смее никогаш да се изроди во фарисејство, како што љубовта кон ближниот не смее да се изроди во стерилна должност. Отвореноста во трите насоки—кон себе, Бога и ближниот—се постигнува симетрично, со рамнотежа, знаење, слобода и љубов.
Големиот учител на пустината од 4. век, Авва Исаија, не потсетува дека “патолошката љубов кон себеси и другите е пречка кон нашиот однос со Бога”.
Цицерон имал обичај да вели “големиот град е голема осаменост”! Оваа осаменост ствара здодевност, недостаток од апетит, песимистична огорченост, постојано гледање во иднината и недејствување во денешниот ден, незадоволство, желба да се избега, кукавичлук. Овие состојби, колективно наречени од аскетската литература мрзеливост (accidia), безмилосно заразуваат многумина, вклучувајќи го и невнимателниот монах.
Еве како Св. Максим Исповедник, големиот Византиски теолог, зборува за accidia:
“Сите моќи на душата се заробени од мрзеливоста, додека скоро сите други страсти се непосредно предизвикани од неа, бидејќи, од сите страсти, мрзеливоста е најтегобната”.
Св. Јован Лествичник, кој длабоко ги познава дури и најлеките придвижувања на душата, им ја опиша мрзеливоста со карактеристична грубост на монасите кои го прашуваа:
“Accidia е распад на душата, дезориентација н умот, немарност на аскетскиот подвиг, омраза кон монаштвото, љубов кон световноста, непочитување кон Бога, заборавност кон молитвата”.
Евагриј припомнува дека оваа неподнослива состојба на душата ја опустошува жртвата, “која повеќе не знае што да прави, гледајќи дека времето не одминува и прашувајќи се кога ќе пристигне времето за обедување кое и се чини дека доцни”.
Антиохиј, кој живееше во седмиот век, е уште посликовит и попрецизен во неговата дефиниција за мрзеливоста:
“Оваа состојба ти носи вознемиреност, одвратност кон местото во кое живееш, но исто и кон твоите браќа и секоја дејност. Постои дури и одвратност кон Светото Писмо, со постојано прозевање и поспаност. Згора на тоа, оваа состојба те држи во положба на глад и нервоза, при што се прашуваш од каде ќе дојде следниот оброк. И кога се решиш да земеш книга да почиташ малку, веднаш ја ставаш настрана. Почнуваш да се чешаш и да гледаш низ прозорците. Повторно почнуваш да читаш по малку и тогаш почнуваш да го пресметуваш бројот на страниците и гледаш во насловите на поглавјата. На крај, креваш раце од книгата и одиш да спиеш, но штом малку си поспал гледаш дека е неопходно пак да станеш. И сево ова го правиш само за да ти мине времето”.
Св. Јован Дамаскин вели дека битката е многу напорна и тешка за монасите.
Св. Теодор Студит вели дека страста accidia може да те испрати директно во длабочините на Адот.
Достоевски, кој имаше патристички начин на размислување, понуди решение на овој проблем кога преку старецот Зосима ни кажа дека мора да станеме самите одговорни за гревовите на целиот свет:
“Ова поимање на нашето спасение преку другите ни помага да сфатиме дека љубовта не е исцрпена преку чинење добро, туку преку правењето на туѓите маки наши. Монасите се молат катаден за спасението на целиот свет. Создадени по образ Божји, ние сме сите Негови, сите сме браќа, Негови чеда. Осаменоста е поништена во Бога. Сите сме ‘еден од друг членови’, според Св. Петар. Затоа, нашите гревови и нашите доблести имаат влијание врз другите бидејќи, како што рековме, сите сме членови на едно тело. Мрзеливоста наоѓа причини за уште поревносна молитва, па тешкотиите се можност за духовно зреење и напредок”.
Да повторам. Одвоеноста од светот, наклеветена од одредени луѓе како напуштање, е храбра и неопходна, отпор кон општото изедначување на сите нешта. Човекот ја наоѓа неговата веродостојност, убавината на неговата единственост, во рамките на светиот мир на тихувањето, стоејќи настрана од толпата. Неговото патење во осаменост го подготвува да се врати на општото и познатото, повторно оживеан и подготвен за безусловно служење.
Авва Алониј еднаш рече:
“Освен ако човек самиот не се натера да му каже на своето срце дека само тој и Господ се присутни на тоа место, тој никогаш нема да најде мир и покој за душата”.
Св. Јован Златоуст рече: “Тихувањето во осаменост е голем учител на доблеста”. На друго место тој исто така рече:
“Без разлика каде се наоѓаш, можеш да направиш свое светилиште. Само имај чисти намери и ниту местото, ниту времето ќе бидат пречка, дури и без да коленичиш, да се удираш по градите или пак да ги подигаш рацете кон небесата. Се додека твојот ум е ревносно концентриран, ти си целосно подготвен за молитва. Бог не е вознемирен од ниедно место. Тој само бара јасен и ревносен ум и душа која копнее по смирение”.
Св. Макариј Египетски, во неговите духовни проповеди, станува малку повозбуден:
“Дури и ако се најдеш себеси осиромашен, без духовни дарови, само имај тага и болка во срцето твое затоа што си надвор од Неговото Царство, и како раненик повикувај го Господ и моли го да те направи вреден за вистински живот”.
Понатаму, тој вели:
“Бог и ангелите ги жалат оние кои не се задоволни со небеската храна”.
На крај, Св. Макариј ја дава оваа важна и извонредна примедба:
“Се е навистина просто и лесно за оние кои сакаат да бидат духовно преобразени. Тие единствено треба да се подвижуваат, да Му бидат пријатели на Бога и да Му бидат угодни и ќе се здобијат со опит и поимање на небеските дарови, една необјаснива благодат и навистина огромно божествено благо”.
Како неискусен во овие попродлабочени духовни состојби, едноставно ќе работам во саканата пустина да ги искоренам моите страсти. Но имам потреба да зборувам за луѓе кои сум ги видел и чул, кои живеат на мирните планински падини на светиот Атонски полуостров, кои ги искусиле Божјите тајни. Тоа се харизматични монаси посветени на небесата, кои Го носат Христа во своите срца и кои Го возљубија Бога, посветеници на тихувањето, на самотијата, бурни работници на тишината, сами но не осамени и кои, во нивната самотија, си спомнуваат за осаменоста на целиот свет. Додека некои во светот патат од несоница не по своја волја, а други пак ги поминуваат своите ноќи без љубов на чудни места, светогорските монаси будно бдеат по своја волја, молејќи се за здравје, благодат и спасение на целиот свет.
Една неверојатна книга од современ пустиник, којашто од неодамна е во оптек, го опишува славниот подвижник од Света Гора, Хаџи-Георгиј како верен пријател на тихувањето во пештерите на пустината, чесен и благороден борец, голем испосник кој наоѓал мир во бдеењето, молитвата и самотијата. Пустината не го направи див и груб како неа. Напротив, го прочисти и усоврши. Неговиот ценет биограф го напиша следново:
“Хаџи-Георгиј имаше многу невина љубов за сите. Тој секогаш беше смирен, трпелив и простуваше се. Имаше големо срце и затоа имаше место за секого и се, такви какви што беа. На некој начин тој беше направен бестелесен. Живеејќи еден ангелски живот на земјата тој стана ангел и одлета на небото, зашто немаше ниту духовни страсти ниту материјални добра. Имаше отфрлено се и според тоа, одлета многу високо”.
Старец Герасим, исихастот од Катунакија, остана седумнаесет години, како што беше забележано од неговите со-подвижници, на врвот на Пророк Илија, борејќи се со демоните и елементите. Тој остана неподвижен столб на трпението. Неговите солзи течеа постојано. Го заврши својот безгрижен и тивок живот во угодноста на постојаната Христова визија.
Друг исихаст од Катунакиа, о. Калиник, безмерно ги љубеше болката, макотрпната работа и тихувањето. Се капеше во својата пот и солзите. Последните четириесет и пет години од неговиот живот ги измина одделен од светот, молејќи се непрестајно. Неговото лице благодатно сјаеше како лицето на Мојсеј кога слезе од Синај.
Духовниот Отец Игнатиј ја имаше чудната навика да ги затвора капаците од неговата ќелија за да не го забележи доаѓањето на новиот ден, туку да продолжи со неговите молитви. Негов обичај беше да ги преколнува посетителите на овој начин: “Возљуби Го Бога Кој те возљуби”! Понекогаш ќе заборавеше да се измие, исчешла, да јаде, но бројаницата беше секогаш во неговата рака а молитвата секогаш на неговите усни и во срцето. Кога го изгуби видот, стана уште поведар. Беше благоухан во животот и беше благоухан откако се упокои во Бога.
Извонредниот свештеник и исповедник, о. Сава, од Мала Св. Ана, ја црпеше својата сила од дневната Божествена Литургија која ја славеше во солзи. За време на Литургијата и во текот на ноќните бденија, тој поминуваше часови спомнувајќи илјадници имиња.
Ова е природата на пустинската заедница; тивка, молитвена, спокојна, благословена. Ова е животот во пустината. Ако монахот не поседува интензивен духовен живот и постојана будност, сигурно ќе падне во безброј искушенија. Мрзеливоста ќе го одведе во неплодна изолација кога, исмеан од ангелите и демоните, тој ќе стане полош од најлошите и осаменоста на пустината ќе стане неподнослива за него.
Збир на Парадокси
Градовите стануваат се поосамени и ќе продолжат во оваа насока, додека пустините ќе станат населени и повторно ќе процветаат. Никој кој ќе остане непокајан нема да може да го оневозможи покајанието на желните, на молитвата на верните, на молбите на бедните. Никој не може да ја спречи слободната личност од сопствен притвор, од самопрогон, од живеењето на тајната на живиот Бог. Ова чудо е искусено во мачеништвото и смирението, каде што Православниот начин на живот секогаш процветува во тихување, во мир, во исчекување. Повикани сме да го искусиме преминот на Христијанството, кој не е толку уништување на злото колку што е чесното прифаќање на себеси и другите, живеењето во богатството на сиромаштијата, во здравјето на болеста, во благословот на неволјата, во моќта на слабоста, во радоста на трпението, во победата на поразот, во честа на бесчестието, во слободата на осаменоста, во величенственоста на кроткоста, во отпорот кон смртта, во овоплотеноста Божја, во обожувањето на човека.
И треба да ги очекуваме сите овие духовни стварности не од власта на лидерите на овој свет, туку од власта која ја имаме над самите себеси и од создавањето на здрави и ведри духовни срца кои ги нарекуваме парохија, семејство, ќелија, работилница, канцеларија, амфитеатар, соба.
На ваков начин, иако опустошеноста и осаменоста на градовите ќе продолжи да постои, нема да продре во нашите срца. Вака, светот може да биде променет, не однадвор, туку одвнатре и одозгора.
Не сметајте го за голем мисионерот во Африка или важниот пронаоѓач. Голем е малиот човек кој се воздржува од лудилото, неправдата, прогонот, болката на ближниот и болката во сопствениот живот. Според Авва Исаак, човекот кој ги препознава и надминува своите страсти е поголем од човекот кој ги оживува мртвите.
Сите кои бараат избавување од патолошката вознемиреност, од чемер и тага, од празнотија и осаменост, се поканети на средба со себеси и со Бога. И кога ќе се сретнете, сетете се на скрушениот човек кој ви ги понуди овие помисли.
(Крај)
Подготви: Б.Ѓ.
Copyright: 1999, Holy Cross Orthodox Press, Brookline, MA