Молебен на гробот на свети Кирил Солунски (24.05.2019 18:05)
„Отци, за восхит достојни, вие нѐ збогативте со духовна ризница, бидејќи од вас започна Божествената литургија да се служи на јазикот словенски. И ние, како заедничари на таа благодат до денеска, ве славиме пеејќи: Сите дела Господови, благословете Го Господа“ (песна од канонот на утрена на свети Кирил и Методиј).
На 24 мај 2019 година, денот кога ги прославуваме македонските и сесловенските просветители, светите солунски браќа Кирил и Методиј, во базиликата „Св. Климент Римски“ во Рим, Италија, каде што почива светиот Кирил, беше отслужен молебен на гробот на светителот. На молебенот чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г. г. Стефан, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, Неговото Преосвештенство Епископот Хераклејски г. Климент, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, игуменот Агатон, протоерејот Стевче Беќарски, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Ванчо Умленски и ѓаконот Александар Димитријов. На молебенот присуствуваше и државната делегација на Р. Македонија, предводена од претседателот на Собранието на РМ, г-дин Талат Џафери, а присуствуваа и вицепремиерот Кочо Анѓушев, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, м-р Даријан Сотировски, заменик министерот за култура на Рм, г-дин Владимир Лазовски, како и други претставници на Собранието. Молебенот беше збогатен од прекрасните гласови на хорот при соборниот храм „Св. Климент Охридски“ од Скопје. По завршувањето на молебенот, Архиепископот Стефан се обрати кон присутните верници со пригодна беседа.
Извор: Дебаско-кичевска епархија