Деновиве нашите две свештени Обители, Бигорски и Рајчица, ги посети во светски рамки познатиот шампион во спортско качување, Адам Ондра. 25-годишниот Адам, кој е родум од Брно, неколку години е дел од Чешката спортско-качувачка репрезентација и омилен спортски лик не само во својата земја, туку и низ целиот свет. Според експертите во оваа област, Адам е најдобриот и досега најнаградуван спортски качувач, но и единствениот кој успеа истовремено да ги освои Светските купови и Шампионати во различни climbing категории.
Имено, Адам моментално ја реализира својата повеќемесечна Balkan climbing турнеја, која опфаќа посета и споделување искуства низ неколку спортско-качувачки локалитети во повеќе земји, како Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Грција и секако Македонија. Во консултација со неговиот домаќин, претседателот на Спорстко-качувачката Федерација на Македонија, Владимир Трповски, Адам во нашата земја ги избра за качување најсложените насоки во прекрасниот и инспиративен мавровски крај. Својот единствен ден за одмор Ондра го искористи за да ги посети Бигорскиот и Рајчичкиот манастир, од чијашто мисија и активност беше особено воодушевен, па трогнат од топлото гостопримство на кое наиде, тој заедно со својата екипа, го поминаа буквално целиот ден во дружба со монасите. Она што е особено интересно е тоа дека од оваа негова rock-climbing турнеја ќе произлезат и документарни записи во неколку продолженија, а голем дел од кадрите се снимани токму во Бигорскиот и Рајчичкиот манастир. Адам, кој во светот важи за многу популарен и крајно посветен на големите предизвици што ги нуди оваа атрактивна спортска дисциплина, но во суштина е едноставен, скромен и позитивен човек, не пропушти со монасите да ги сподели и своите интересни искуства и впечатоци, како и идни професионални предизвици.
Фотографии: Pavel Otevrel
Извор: Бигорски манастир