логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


Ѓакон Андреј Кураев, „Школско богословие“


o.dose1.jpgДолги години бевме воспитувани и живеевме во идеолошки циркус. За еден и ист повод ни беа давани спротиставени тези, и сето тоа се нарекуваше „монолит на марксистичко-ленинистичкото учење“.
Така, атеистичката пропаганда ни го сервираше следниов постулат: „Штетата од религијата се состои во тоа што таа ги одвраќа луѓето од општествената активност, ги воведува во некакви илузии и во пасивност.“ Дури и денес голем број пропагандисти имаат обичај да напишат дека религијата му пречи на човекот да учествува активно во политичката борба (се разбира, во борбата за интересите на нивната партија). Соодветно, коренот на порокот на Православието е: Црквата нема свои јасни социјално-политички доктрини, таа е „затворена меѓу ѕидовие на храмот“ и сл.  
Изминува работна недела. Да претпоставиме дека Патријархот истапува со оценка на некој политички настан којашто не му се допаѓа на уредникот на некој весник. И истиот тој весник, кој до неодамна ја обвинувал Црквата за изолационизам, сега почнува да ја обвинува за клерикализам. „Како смее Црквата да се меша во политиката? Нејзина работа е да се моли!“ Нов циркус, само што веќе не е комунистички...
А во педагошките институти и на семинарите за педагози, и денес продолжува логичкото салто-мортале, репетирано уште во времето на комунизмот. Секој курс на предавања од сферата на „научниот атеизам“ започнува со најавата: „Религијата е – последица од детството на човештвото. Религијата е првобитно, неразвиено, митолошко размислување. Од тоа размислување подоцна се родила философијата, научната мисла, и така човештвото излегло на „магистралниот пат на прогресот“.
Следствено, почетната позиција е: „Ррелигијата е – детско размислување“.
По неколкуте одржани лекции, научно-атеистичкиот професор повторно предупредува: „Драги колеги, вие ќе станете наставници, професори... Бидете будни, не дозволувајте децата да бидат индоктринирани со какво и да е религиозно воспитување. Децата не треба да се оптоваруваат и да им се наметнуваат религиозни светогледи“.
Сега поврзете ја заклучната позиција со почетната. Ако религијата е детско размислување, се поставува прашањето: зошто не децата да не им дозволиме да размислуваат детски?
Очигледно е дека работите се свртени наопаку. 
Јас тука не го поставувам прашањето дали религиозното поимање на светот е „правилно“ или „неправилно“. Едноставно, ми се чини дека дури и митологијата којашто се нарекува „научен атеизам“ треба да биде усогласена со правилата на логиката. А логиката ни вели: ако тврдиш дека религијата е детски модел на размислување на човештвото и ако сметаш дека секое дете во својот индивидуален развој минува низ целата филогенеза, низ сета историја на човечкиот род – значи дека чисто логички си принуден да признаеш дека во животот на едно дете задолжително мора да биде присутен периодот на митолошкото восприемање на светот. Односно, самото тоа дете жеднее да слуша за Горниот свет. 
Но, не е доволно да се открие логичката недоследност на наведените тези. Самата логика нема да претрпи некаква штета ако некој ги нарушува нејзините правила. На законот за гравитацијата не му штети ако неког одлучи да го игнорира: во крајна линија, со паѓањето човекот си го крши својот врат, а не вратот на њутновата механика. А детските души можат да останат осакатени ако им пристапиме со деформирани шаблони.  
Со аргументи од типот „кога ќе порасне – самиот ќе разбере“ може да се наруши севкупното воспитување на децата. Тоа е исто како да кажеме: бидејќи во светот има многу јазици, ајде на детето да не му се обраќаме на ниту еден јазик, а кога ќе наполни 16 години, ќе добие пасош и тогаш самиот нека одлучи кој јазик ќе му биде мајчин.  
Несомнено, секое воспитување перетставува некакво наметнување на воспитаниците на одреден образ на дејствување и некаков светоглед од страна на родителите, учителите, постарите другари. Во таа смисла јазичното и религиското воспитување се – совршено рамноправни. „Ќе порасне и самиот ќе разбере“ не е формула со која се манифестира грижата за детето, туку претставува симнување на одговорноста за неговото воспитување. Ако кај детето се отвори некое прашање, тоа веднаш бара одговор на него. И ако возрасните не му понудат одговор, тој самиот ќе го формулира, служејќи се со материјал што му стои на располагање. Друга работа е што квалитетот на таквиот одговор може да се покаже загрозувачки. Денес не е време на тотален молк кога е во прашање верата. Средствата за масовно информирање постојано се движат во сферата на „религиозните тајни“. Таа окултна привлечност, сервирана преку ТВ-медиумите, децата потсвесно ги воспитува за окултно-магично восприемање на светот. Доаѓаш на прв час кај ученици од прв клас, се обидуваш да им објасниш што е тоа душа, а како одговор слушаш: „Јас знам што е тоа! Душата е – „астрално тело!“... И кој може да гарантира дека по неколку години младите, коишто уште од пелени се задоени со зборовите „карма“ и „астрал“, нема да завршат во некоја секта?
И така, кај децата постои нивен личен интерес за религиозната реалност. Затоа разговор за религиозното воспитување или за веронаука мора да започне со прашањето: А зошто е потребна веронауката? Не – зошто ни е потребна нам, на владата, на државата, на образовниот систем, на Црквата – туку: дали таа им е потребна на децата?
Да се обидеме да погледнеме на разговорот за духовниот свет со очите на едно дете. Или, поконкретно, да си го поставиме прашањето: што религиозното воспитување значи за самото дете?
Логиката на „религиозното образование“ не поттикнува да признаеме дека во животот на детето задолжително треба да се содржи период на митолошко восприемање на светот. Значи, на детето му е потребно религиозно вопситување едноставно затоа – за да биде дете.
Детето не е – агностик, неговото восприемање на духовниот свет е и живо и реалистично. Тој светот го гледа мошне мистично. Една од цртите на таквото мислење, коешто се нарекува митолошко, е што човекот – носителот на таквиот вид мислење – не прави разлика меѓу природниот и натприродниот поредок на нештата. Се работи за тоа што курсевите по научен атеизам се градат врз елементарното сведоштво дека религијата е – вера во натприродното. Всушност, нешто што е натприродно му изгледа како чудо само на атеистот. За човек кој длабоко верува, чудото едноставно е составен дел на поредокот на нештата. Не е тешко човек да се увери дека кај децата е присутна таа црта – митолошко восприемање на светот. За детето не постои ништо натприродно. За него чудото е вградено во дневниот распоред.  
Во неговото сознание нема делење на светот на „природна“ и на „натприродна“ сфера. Општо земено, секое органско религиозно чувство не го восприема чудото како нешто што го  разурнува поредокот на нештата, туку, напротив, восприема дека „без чуда светот не вреди“, дека чудото е растворено во светот. Нормално е – дишењето на чудата, ненормлен е животот кој се базира само на физичките закони... Религиозното сознание е мошне реалистично, тоа не ги сака „фантазиите“. Едноставно, во неговата реалност влегува уште и чудото, и неговата реалност не е ограничена на светот на мртвата материја. 
Така, светот на детето е органски, и чудото во неговиот свет има постојано живеалиште. Возрастен учител би се вџашил кога би го видел живиот Христос, но на мало дете такво нешто не би го вџашило. Таквата средба него просто би го израдувала. Деца од четири до шест години, при средба со свештеник на улица едностано им велат на родителите или на другарчињата: „Еве го Дедо-Боже!“ И тоа главно го велат деца од атеистички семејства. Воцрковено дете, дете коешто започнало да се причестува и коешто се среќава со свештеник, и коешто е сè уште приврзано со мајката, се разбира, веќе умее да се однесува спрема свештеникот со блиска доверба и со топлина. А децата коишто само одвреме-навреме слушаат нешто од духовната сфера, го фаќаат и најмалиот зрак од таа сфера, којашто самите тие ја сметаат за најважна. И за таквите деца средбата со „Дедо-Боже“ е сосема нормална. Пред некој миг тој сретнал убаво маченце, а сега, ете – уште поубав Дедо-Боже. Зарем во тоа има нешто премногу чудно? А зарем вие, возрасните, поретко се среќавате со Него?
За дете е неприродно да биде – материјалист. Но ако природниот стремеж на детето спрема целосно, митолошко спознание на светот не се насочи во разработени – од страна на културата – форми на религиозното сознание, тој ќе биде осуден на индивидуално митотворештво и индивидуална изградба на претстава за Бога. Ограничувањето на беседите на поважни теми води до искривување на неговиот внатрешен свет.
Ако средината во која живее детето не му предложи повеќедимензионално, митолошко, срдечно, живо осмислување на светот, тогаш светот на тоа дете ќе биде осакатен, ограничен. Во 20-тите години во советската педагогија постоеше обид да се забрани раскажувањето сказни на децата, аргументиран на следниов начин: „Ние подготвуваме инжењери на човековите души, и сите тие змејови и магесници нам апсолутно не ни се поребни!“ Меѓутоа, мошне брзо се покажало дека еднозначната и плитката рационализација на детскиот свет го нагрдува психичкиот свет на детето; тој ја губи повеќедимензионалноста на восприемањето на светот. 
Доколку детето остане без религиозно воспитување, постои сериозен ризик кај него подоцна да се појават психички трауми. Тука станува збор не само за душевното и емоционално гладување. Во почетокот на 80-тите години излезе една книга со наслов „Надминување на стравовите кај децата“. Жалам што не ја зачував книгата и што не го паметам авторот. Во книгата се зборуваше за ноќните стравови на децата, за нивниот страв од темнина, за стравот кога се сами. Авторот предложил сосема умесна психоаналитичка метода: децата биле замолувани да ги нацртаат своите стравови. Децата со своја рака ја цртале причината за својата исплашеност – и стравот веднаш попуштал.
Во книгата беа приложени детските цртежи. Какви чудовишта ги плашеле децата во претходното општество? Суштества од други планети? Диносауруси? Старци маѓесници? ... Повеќето од децата нацртале – демони. Од каде стравот од ѓаволи кај децата од едно комунистичко општество? Во годините на Советскиот Сојуз, во филмовите, во сликовниците, во расказите од типот на „Сказни за попот и тапчото“ (Пушкин) – ѓаволчето е мошне мило суштество, со кое советските душегрижници сакале децата да се поистоветат. Зашто, нели, ѓаволчето е кутро суштество коешто сите го навредуваат. Или, пак, сите треба да го сожалуваме ѓаволчето заради неговите симпатични ѓаволштини. И ете, наеднаш тие деца (од атеистички семејства) ги прикажуваат на цртежите своите стравови не во лик на вонземјани, монструми и сл., туку во лик на – демони.  
Резултатите од испитувањето не можат да се објаснат со влијанието на расказите што бабите им ги кажувале на своите внуци: како прво, бабички-верници во тоа време имало многу помалку одошто деца што се плашеле од темнина; како второ, дури и бабичка којашто верува во Бога нема да почне да му раскажува на внучето за лукавиот, пред да му понуди средства за духовна заштита од него. Се поставува прашањето: ако не постои такво восприемање на светот кај детето, нели е подобро да му се овозможи искуство со општењето со тој свет, искуство насобрано од народот, насобрано од целото човештво? Односно, да се сублимира, да се преобрази неговото лично, макар и мало и двосмислено духовно искуство преку призмата на општочовечкото црковно-религиозно искуство?
Нашето несакање да зборуваме со децата за тоа прашање може да доведе до сериозни последици. Пред сè, тоа е поврзано со сложеноста на духовниот свет. Духовниот свет не е еднобоен, во него навистина се води духовна војна, како што напишал Достоевски: „Тука ѓаволот со Бога се бори, и полето на битката се човечките срца“. Ние, возрасните, можеме да се договориме: Ајде на децата до нивната шеснаесетта година ништо да не им зборуваме за верата, за религијата. А можеме ли, притоа, да се надеваме на таквиот договор да го стави својот потпис и „Кнезот на темнината“? Ќе ни вети ли тој: „Да, да, јас нема да ги вознемирувам вашите деца до нивната шеснаесетта година. Јас нема да им подметнувам никакви помисли, ни зли ни мрачни... итн.?“
Не е неопходно да се смета дека силите на злото задолжително се јавуваат во облик на Мефистофел и дека ни велат: потпиши го договорот. Искуството на наплив на натчовечка омраза во нашите срца постои кај секој од нас. Избувнува некаков скандал, расправија меѓу двајца блиски пријатели, и во таа расправија еден на друг си кажуваме незамисливи гадости. Следното  утро ме прашуваат: „Што ти беше вчера? Му изнакажа такви работи на Н.?“ И што можам да одговорам? „Ама, знаеш, некој ѓавол влезе во мене ... не можев да се контролирам!“
Таквиот наплив на омраза или гнев може да се забележи и кај децата. Дури и кај оние деца коишто се воспитани според најпрогресивните научни методи, можат да се забележат напливи на необјаснива и неиспровоцирана жестокост. Сите ние сме биле сведоци на такви случаи на буквална обземеност? Повеќето сме биле сведоци и на уште полоша ситуација: како детето, кое до пред неколку секунди изгледало како ангел во тело, наеднаш се претвора во Каин со ожесточено срце, и не сака ни да слушне зa нечија болка? Ете, до пред некој миг пред нас бил малечок, прекрасен ангел, и наеднаш – без каков и да е преоден интервал – го исполнува наплив на обземеност. И во својата жестока обземеност, тој настојува да разурне сè што е околу него. Интензитетот на неговата жестокост е сосема несразмерен со причината којашто го испровоцирала. 
Детето треба да го заштитиме од таквите „доживувања“. Од духовно труење треба да се браниме со духовно оружје. Таблетки, умни брошурки и цртежи тука нема да помогнат. Црквата ги заштитува децата со Крштевање и со Причестување.
И тука јас, како црковен човек, велам: децата треба да ги заштитуваме не само со расказите до Евангелието, или со раскази за сатаната, туку и со Таинства, со молитви, во кои спаѓаат молитви на родителите и молитви на Црквата. Но, тоа е друга тема.
Во секој случај треба да се има на ум дека родителите, не дозволувајќи нивното дете да слуша беседи за душата и за Бога, за Евангелието и за Чудата, со цел неговото религиозно сознание да остане недопрено, всушност внесуваат во неговата душа сосема конкретни религиозни содржини, зашто самиот атеизам е еден вид религија – тој е антирелигија. 
Навистина, не треба да се пристапува кон детето со сила. Но, има ли основа да се смета дека децата му се противат на Христа? Од која статија да им се чита на децата за демоните? Христијанскиот писател од третиот век, Тертулијан, напишал: човечката душа по самата своја природа е веќе христијанска. Тоа значи дека за човекот е природно да се стреми кон Христос, а не да Му се противи. Тоа значи дека само човековата зла волја го оддалечува од стремежот кон изворот на животот. Значи ли тоа дека младите се веќе толку зли, што во нивните души го нема природното место за Христос и за Евангелието, за молитвата и за Таинствата?
А ако говориме за воспитувањето во училиштата, јас можам да посведочам дека, кога доаѓам на час и кога децата ќе разберат зошто сум дојден и за што ќе зборуваме на часот, кај нив се буди видлив интерес. За нив тоа е – радост. Како им светнуваат очите на првооделенците кога ќе видат дека при нив дошол некој кој ќе разговара со нив за Бога! Не се работи за обична љубопитност, или само за радост заради тоа што ќе слушнат нешто ново. Тука е радоста поради симнувањето на една табу тема, симнување на забрана. Постои една тема во животот којашто возрасните ја забрануваат. Децата самите ја знаат таа област, и не разбираат зошто возрасните не разговараат со нив на таа тема. Детето никогаш нема да го прими разговорот за духовна тема како некакво насилие врз него. За него, тоа е разговор за самиот негов свет.
На децата им е потребна заштита. За децата живото во Црквата е радост. Затоа – „оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при Мене!" (Матеј 19:14).
Не може да се состави вистинска слика за децата без да се знае како тие го восприемаат Православието. Ако некој, во името на децата, настојува на тоа дека нив религијата им е досадна и неинтересна и дека е штетна, им советувам, пред да напишат академска статија на таа тема, прво да појдат на неделна Литургија и да погледнат – кој најмногу се собира пред олтарот?
Но, важи и обратното: не може да се има точна претстава за Православието без да се знае како него го восприемаат децата.
Би било пожелно децата да ги прашаме дали би сакале да се определат за Православие или за протестантизам: „Каква црква повеќе ви лежи на срцето?“ На религијата, чиј Оснивач рекол дека (во нешто особено важно) мора да наликуваме на деца, зашто во спротивно нема да можеме да влеземе во Царството Небесно, не може да ì биде сеедно какво е мислењето на децата за самата неа. Прашајте ги децата: што повеќе би сакале – дали местата на молитвено собирање треба да наликуваат на бело варосани свечени сали на баптистичките молитвени домови, или на загадочни светови со златни икони на православните храмови? Дали децата би сакале човекот што им зборува за „Дедо-Боже“ да е облечен во костум и со кравата, и да е мазно избричен, или им се поинтересни (при исти други услови) луѓе со долги бради, коишто се појавуваат еднаш во долга црна мантија, а друг пат во необични сјајни облеки? 
Православната семинарија во Њујорк со години ја водел истакнатиот руски богослов отец Александар Шмеман. Тој често морал да одговара на прашањата на американските протестанти, коишто не можеле да ја разберат сложеноста на православното Богослужење. Во една пригода, тој им одговорил: „Јас можам долго да ви објаснувам зошто во нашите храмови нештата се такви и такви. Можам со часови да ви ја објансувам смислата на секој детал од нашата облека, смислата на секој литургиски гест и збор. Но, ќе ви одговорам кратко: тоа им се допаѓа на децата!“ И уште додал дека блесокот на митрите и на иконите, на кадилниците и на литургиските садови е одблесок на убавината на рајот.

Секоја возраст си има свој сопствен начин на восприемање на Бога. Во младоста постојат едни доживувања, во староста – други. И, ако не од други причини, тогаш макар и заради тој факт, човек кој во детството и во младоста бил далеку од верата, и кој дури во поодминати години го пречекорил прагот на Црквата, веќе не може да го доживее она што им се дарува на младите. 
На младоста ì е дадена способноста на подвижност, способноста да оди таму каде што е Вистината. Подоцна човекот поинаку ја бара таа најважна Средба: јас ќе живеам тука, дома, со семејството, но за секој случај ќе ја оставам вратата подотворена – Некој можеби повторно ќе сакак да влезе во мојот свет. И, на крај, верата станува само домашен инвентар, престанува да биде творечка сила на постоењето. 
Многу нешта може да се кажат за опасностите од младешките занеси. Но човек кој не ги преболел, или, пак, не ја насочил силата на нагонскиот младешки хероизам кон Христа, практично веќе нема можност да ја запознае онаа полнота на радоста којашто се дарува само при неговото целосно предавање на служењето на Бога.
Еднаш еден англикански јерарх ми рече: „Знаете, отец Андреј, Англија никогаш нема да стане христијанска земја... Ние, англичаните, сме премногу конзервативни за да станеме христијани. Зашто, за да станеш христијанин, треба да го превртиш сето она што е во твојата душа.“ Незнам дали тој протестантски теолог ги знаел зборвите на ава Алониј: „ако не ги превртиш и поставиш наопаку сите нешта, нема да можеш да го изградиш здането на својата душа“. Веројатно – не... Но во неговите зборови јасно се разликуваат два конзерватизма – присутен е конзерватизмот на гревот: кога човекот својот секојдневен начин на живеење сака да го сведе во границите на куќниот праг. И присутен е конзерватизмот на светоста: кога во црковното предание се чува и во секое поколение на секое срце му се повторува: за да Му се приближиш на Бога, треба во својата душа сè да свртиш наопаку. А нели „конзерватизмот“ на Православието, исмејуван од страна на светот, е токму онаа детска смелост на апостолот Јован, којашто се зачувала две илјади години? Ригорозноста на Православието, неговото несогласување во духовниот живот да се застане на половина пат, неговиот призив кон неизгаслив живот – не ли е тоа дишење на младата вера, зачувана смелост на верата на првите христијани? И ќе се покаже ли дека Православието – „најконзервативната“ конфесија во христијанскиот свет е – најмладата?     
Неодамна еден философ изјавил дека неговите деца, инаку тинејџери, му изгледаат страшно возрасни кога водат бескрајни разговори за мотоцикли и за грамофонски плочи, а самиот тој, пак, повторно ја спознал радоста на младоста кога од ЦК на Комунистичката партија преминал во вера. И појаснил: „Зашто, младоста на човекот се мери со неговата способност да остави сè и да започне од почеток. И вистински грев е да се откажеш да станеш поголем одошто си.“
И затоа чудно, нереално звучат раговорите за црковната „преродба“, „возобнова“, „враќање на корените“ и сл. Гледано од страна, нашиот живот навистина може да изгледа како враќање кон минатото. Но, човек кој доживеал духовна преобразба, знае дека никаде не се вратил. Тој проникнал таму каде што дотогаш воопшто го немало. Тој стана таков каков што дотогаш не бил. Тој стекнал искуство на нешто ново. Ако притоа тој го видел она што го гледале христијаните од минатите поколенија и векови – во тоа нема ништо чудно – Исус Христос е ист и вчера, и денес, и во сите векови (Евреите 13:8). 
Младешкото дисидентство денес работи во наша полза. Доминантен светоглед и стил на живеење во училиштата и на универзитетите сè уште е матреријалистичкиот, и свештеникот може во полна мера да биде доживуван како „бунтовник“, како проповедник и исполнител на поинаков живот, на друг систем на вредности. 
А ние слабо го користиме тој момент. Ние сме премногу исплашени од грижите на возрасниот свет и од тие грижи не ги гледаме децата. Во Москва се појавија неколку брошури со наслов „Антихростот е во Москва“. Но со такви брошури не можеш да одиш на час по верска настава. На таков час треба да се оди со веста: „Христос е во Москва“ – зашто Христос е среде нас.
Православието е – војничка етика. Црквата не е само болница за ранети и изнемоштени, туку и војнички одред, и самото стапување во нејзините редови многу наликува на давањето воена заклетва. Крштевањето е проткаено со војничка символика и започнува со повик за објавување војна на ѓаволот.
Зборот војна ги плаши возрасните, но ги радува децата. И ако сакаме нашата татковина да остане православна, ако сакаме младите луѓе да го наоѓаат патот до храмот, нели треба од „миротворни“ проповеди да преминеме кон духовно пореалистични, и јасно и силно да кажеме: „Ние – христијните – водиме војна (не со луѓето, се разбира, туку со помислите и со духовите на злото) и под нашето знаме ги повикуваме сите оние што разбираат дека зборот работа се разликува од зборот служење. Ние не ветуваме победа. И самите ние сме истоштени од војната што се води две илјади години. Ние предупредуваме дека ќе има ранети, заробени и поразени. Но, не треба да се плашиме – денешниот долг и денешната заповед на срцето не дозволуваат пазарење со шансите за успех. Одејќи напред – ризикуваме да пострадаме со телото, останувајќи во место – ризикуваме да пострадаме со душата.“

Подготви: Д.М.

Посети:{moshits}

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3125
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7597
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

16/11/2024 - сабота

Св. свештеномаченик Акепсим, епископ Наесонски ; +Св. великомаченик Георгиј – Ѓурѓиц; Преподобен Илија Египетски;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Христов Победоносец Георгиј 3 ноември / 16 ноември 2024

Тропар на светиот Христов Победоносец Георгиј 3 ноември / 16 ноември 2024

Како ослободител на плениците и заштитник на сиромасите,лекар на немоќните,помошник на владетелите,

Тропар на светите маченици Акиндин, Пигасиј, Афтониј, Елпидифор и Анемподист 2 ноември / 15 ноември 2024

Тропар на светите маченици Акиндин, Пигасиј, Афтониј, Елпидифор и Анемподист 2 ноември / 15 ноември 2024

Страдалници Господови, блажена  е земјата, која се напои од вашата крв,  и свети се населбите кои ги примија телата ваши. На боиштето...

Тропар на св.бессребреници  и чудотворци Кузман и Дамјан 1/14 ноември 2024

Тропар на св.бессребреници и чудотворци Кузман и Дамјан 1/14 ноември 2024

Свети бессребреници и  чудотворци, Козмо и Дамјане, посетете ги нашите немоќи,   бесплатно примивте, бесплатно давајте ни.

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная