Често, ние монасите во манастирите не се молиме, а изгледа како да се молиме. Не е доволно да се отиде во црква и таму да се отстои како да си на должност. Мораме да инсистираме на внатрешната молитва. Ништо не вреди ако изговориме многу молитви со усните или умот, ако не пловиме длабоко, ако на дело не го исполниме она поради кое се молиме.
Во нашево време, дури и мирјаните треба вака длабоко да се молат со Исусовата молитва, бидејќи тоа ќе ни стане единственото нешто за спасение – молитвата во срцето, затоа што срцето е корен на сите страсти и тука треба да се трудиме. Порано можело и на полесен начин да се спасиме, да пловиме во плитко, но за времето што нѐ очекува тоа нема да биде доволно. Ако ја немаме вкоренето во срцето, нема да го издржиме психолошкото гонење кое нѐ опкружува, зашто набрзо ќе дојдат со скриени методи за повторно да го „образуваат“ нашиот ум.
Денес за мене тоа е најголемиот грев. Нашите срца веќе не се движат благодарение на молитвата, немаме солзи на покајание. Ќе дојде времето кога оние што ја имаат благодатта на Духот ќе можат да го разликуваат доброто од лошото; самиот човеков ум тоа не може да го разликува. Ќе дојде времето на голема конфузија и само Светиот Дух ќе може да нѐ спаси.
Поради тоа, мои љубени, молете се за да не паднете во искушение и измама! Зашто само преку молитвата можеме да ја добиеме Божјата благодат. Ако не се молиме и ако продолжиме со мрзливоста и невниманието, тогаш е можно да го изгубиме и покајанието. Не дај Боже да ја изгубиме совеста!
Старец Јустин Парву
21 февруари, лето Господово 2014
Преземено од: Весна Смилкова