✤✣✤
Гледај ги душите на луѓето, а не како се облечени
✤✣✤
Господ вели: „Возљуби го ближниот како себеси“ (Матеј 25, 39), односно, возљуби го другиот, имај разбирање за другиот како што имаш љубов и разбирање за себеси. Се љубиме ли себеси? Да се љубам себеси тоа не значи еден час да се гледам во огледало – не мислам на тоа – туку да се почитувам и ценам себеси, да се грижам за себе. Моето „јас“ не е за фрлање на буниште, бидејќи Бог го љуби моето „јас“. Тоа што Бог го љуби, треба и јас да го засакам и да го разберам – мојата душа, потребите, желбите, мојот карактер. Нема да го засакам мојот егоизам, но ќе се обидам да разберам што се крие во него. Како човек, значи, ќе се сакам себеси, ќе ја сакам својата душа, затоа и се грижам за неа, затоа и одам во храмот, за да си помогнам себеси. Тоа всушност значи дека се сакам и разбирам себеси.
Во секој случај, разбирањето е нашето вистинско, правилно однесување. Нашите души се сакаат и разбираат помеѓу себе. Но од мали деца сме пораснале раководени од различни совети кои го насочувале нашиот ум и ни велеле – тој е добар; тој е лош, таму да зборуваш, таму да не зборуваш, тоа се лукави луѓе, тоа се лоши луѓе, тие се добри... Кога ова многу често ни се повторува, постепено нашиот ум почнува да ги категоризира луѓето и веќе не можеме да сакаме онака како што сме сакале како мали деца. Тогаш, додека сме мали, сите ги разбираме, сите ги прегрнуваме. И гледаш дека кај детенцето нема ниту лукавство, ниту резерва. Ако две братчиња се скараат, веќе после само половина час тие одново си играат заедно, се сакаат. И заборавиле на сѐ што било. Иако пред малку едното дете го удрило другото и како последица му го раскрвавило носот. Но сега детенцето заборавило на тоа. Неговата душа не го памети злото.
Сепак, колку повеќе расте, умот се исполнува со страсти. Тука е нашиот проблем – во умот. Започнуваме да не ги разбираме другите околу нас и да ги ставаме во шаблони, да им редиме етикети и едните да ги цениме и почитуваме, а за другите да се затвораме и да не ги сакаме. „Сакам“ претежно означува дека имам потреба од тебе, те контролирам. Така правиме ние. Сакам некого затоа што ми помага. Покажав малку љубов кон еден човек и тој ми рече: „Повели, отче, кажи што ти треба. Да ти завршам некаква услуга? Да те однесам некаде?“ „А зошто ми велиш така?“ „Обично кога ми покажуваат љубов во животот, нешто им треба од мене!“ Испаѓа дека сакаме само тогаш кога ни треба некаква финансиска или некоја друга услуга од ближниот. Љубовта постои заради самата љубов и тука е убавината на душата. Тоа секако не значи дека не се придобиваат и други нешта. Нема некој којшто љуби, а да не стекнал нешто во замена. Сам Христос ни рекол: „Почитувај го татко си и мајка си, за да поживееш долго на земјата и да ти биде добро во животот“. За да ти биде добро во животот, ти сакај ги татко си и мајка си, односно ти пак имаш некаква мотивација и придобивка од тоа.
Љубовта сама по себе крие голема убавина и ни ја исполнува душата. Но во нашиот живот има и некои личности кои ни е тешко да ги возљубиме и разбереме. Има мнозина кои се различни од нас во поглед на мислењето, карактерот, однесувањето – она што го нарекуваме темперамент и што секој од нас го има. Гледаме луѓе со кои не се сложуваме многу и веднаш велиме: „Со него немам многу заеднички работи, не го сакам!“ А светиите велат дека „колку што напредуваш духовно, мерило за твоето духовно возрастување е тоа да можеш да прегрнеш што повеќе луѓе, барем во срцето и во умот“. Не ти велам да ги одведеш кај тебе, да јадете заедно, да им поставиш трпеза, туку едноставно срцето да не ти става етикети врз луѓето, да не ги поставува во разни категории, да не ги отфрла. Кога преуспевам и напредувам духовно, го љубам целиот Адам. Христос го спаси целиот Адам и целиот Адам е всушност целиот свет, односно сите луѓе. Кога сум духовен човек, постепено почнувам да ги разбирам луѓето со различни карактери, ги гледам во душата, а не во облеката, не гледам како се облечени, како зборуваат, каков им е надворешниот изглед, туку ги барам нивните души, ги љубам сите. Не ги делам луѓето во групи.
Се трудиме да ги засакаме и оние другите коишто мислат поинаку од нас. Еднаш, на една маса, еден човек ми се обрати: -Денес, овде на масава ќе имаме проблем - со него беше негов роднина којшто не веруваше многу во Бога.
- Ти, отче, ќе имаш проблем.
- Зошто да имам проблем?
- Зашто тој не верува во Бога!
- Е, што дека не верува во Бога?
- Ама сега што ќе правиме, за што ќе дискутираме?
- Па нема да дискутираме. Треба ли да зборуваме со него и да се скараме? Ќе јадеме, ќе пиеме, ќе си правиме други муабети – како ти оди работата, што ти прават децата, не треба да бараме поводи за да се караме, само заради тоа што другиот не го дели нашето мислење...
Да не бараме караници. Односно, не треба да бараме повод за расправии и судир со луѓето. Зарем немаат и тие болка во својот живот, немаат ли деца коишто се мачат со уроците, немаат ли некој болен во семејството? Ете ќе најдам допирни точки. Ќе зборувам за Бога без тие да сфатат дека зборувам за Бога. Нема да им зборувам како на проповед, туку така што да се потрудам да го разберам. Ако се потрудам да го разберам другиот, ќе видам дека и тој има свои болки, свои проблеми и маки. Така ќе го разберам.
Мене не ми е проблем – негово право е да не верува во Бога. Бог, сепак, го љуби и му дава живот. И зошто јас да го отфрлам? Или можеби не сум почувствувал доволно сигурност во мене за верата па ме лути тоа што другите не веруваат? Кога веруваш и го живееш тоа во коешто веруваш, не те интересира дали другите се согласуваат со тебе. Тоа е нивно право и слобода. Не дека се согласувам некој да не верува, но не можам да го присилам да верува.
Денес дојдовте тука затоа што сакавте да дојдете. Оној што не сакаше, не дојде и никој не му замерува за тоа. Ете тоа се вика љубов и разбирање за сите луѓе. Многу пати се случува оние коишто не се согласуваат со нас и имаат различно мислење, во одредени ситуации да мислат поправилно од нас. Помислете – сега не зборувам за Бога, иако може и за Бога – да не се случи вашето дете за коешто вие велите дека не верува во Бога, кога правилно ќе го разберете да се покаже дека верува во поправилен Бог од вашиот! Детето може да вели: „Не верувам во Бога“, мислејќи тука дека не верува во богот на неговата мајка, којшто во неговиот ум е поврзан со казни, караници, строгост, одмазда. Бог не е таков и добро прави детето што не верува. Ако го сфатите ќе видете дека има што да научите дури и од вашето дете, коешто можеби не се согласува со вас во една или друга прилика. Но за да го направите тоа треба да го сфатите своето дете, да проникнете во него, а за да се случи тоа треба да сте флексибилни. Тоа значи да не се држите тврдоглаво за своето мислење дека: „Јас знам сѐ, мене нема потреба да ме учат, јас треба да поучувам, а не да бидам поучуван!“
Извор: Бигорски манастир
Друго: