логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

Како и секоја друга страст, така и тагата си има природно потекло. Несреќата, тагата, плачот – тоа се обични емоционални реакции на некои тешки околности во животот. На пример, кога умира близок човек, ретко кој останува рамнодушен на таа случка.
    Ние не можеме да останеме рамнодушни при тешките удари. Нашите емоции ни помагаат најпрвин да го преживееме стресот, а потоа да ги мобилизираме своите сили во борба со тешкотиите, тие нас нè поттикнуваат кон некакви активности. Но, лошо е кога емоциите ќе нè совладаат. Кога сме во долготрајна состојба на тага, тогаш сме во во близина на депресијата.


        Што се тагата и депресијата?
       Тоа е продолжена, болна состојба на душата. Од тагата стануваме зависници, почнуваме да ѝ служиме, и таа, како секој идол, си бара жртви. Човек кој се наоѓал во депресија, а кој потоа, со Божја помош, успеал да ја надмине таквата состојба, со ужас се сеќава на неа, како на кошмарен сон. Сето она што го вознемирувало и изгледало како чудовишен проблем, потоа му изгледа смешно и апсурдно. Воопшто зборувајќи, тагата – тоа е лесно лудило, помрачување на умот и душата...
     За време на депресијата, човекот е неспособен адекватно да ги оцени животните околности, луѓето и самиот себе. Какви сѐ мисли му се вртат во главата на човекот кој страда од тагувањето: „Сѐ е лошо, во мојот живот нема ништо добро, никој не ме сака, не ме разбираат, целиот мој живот е бесмислен“. И секако, самосудувањето: „Јас сум најнесреќниот човек, губитник, глуп и безвреден, на луѓето им носам само страдање“. Во целиот тој монолог, она што највеќе збунува и загрижува се категоричните осудувања: сѐ, ништо, никој, нај... Било која здрава и нормална личност, која не се наоѓа во состојба на продолжена депресија, јасно е дека не може сѐ да ѝ биде лошо. Тоа е апсурд и бесмислица.

Секој човек има можност за живот и среќа. Едноставно, човекот во депресија тоа упорно не сака да го прифати. Сигурно постои здравје (во мала или голема мера), навики, занимација, хоби, постојат блиски луѓе, роднини и пријатели, значи постои можност да сакаш и да бидеш сакан. Тоа секој го разбира. Тоа е јасно како два и два. Но, во човекот кој страда од тага не говори неговиот разум, туку некој друг. Кој? Неговата страст! Страста завладеала со неговата душа и свест. Но страстите не се дел од нашата душа. Тие доаѓаат однадвор, ние само ги пуштаме во душата. Сега е јасно кој нам ни дошепнува мисли за бесмисленоста на животот и за нашата потполна неспособност. Бесот (демонот) на тагата. И ние мирно го слушаме, примајќи ги неговите поуки како сопствени мисли. Неопходно е да се започне борба со нив: да не ги прифаќаме како свои и да не допуштаме да завладеат со нашата душа. Но, доколку се веќе тука, да ги избркаме како со метла и што побрзо да вселиме на нивното место други – светли и добри мисли.
    Опасноста од тагата и депресијата се состои во тоа што тие се појавуваат во вид на страсти, што значи дека делува како била која од осумте страсти. Од една страна го измачува човекот (страст – значи страдање), а од друга страна донесува мноштво од пријатни чувства, бидејќи, инаку никој не би се фатил на мамецот на таа ѓаволска јадица. И страдајќи од тагата, колку и да е чудно, нешто им се допаѓа во тоа слатко робување на страста.
    Затоа е многу тешко да се излезе од таа состојба, затоа и така лошо влијае на своите блиски; човекот не очекува исцеление, туку пријатно чувство на самосожалување, тој воопшто не сака да биде утешуван. Тагата може да опие, како вино, како наркотик, и пребивањето во таа кал за депресивниот е пријатно, иако таквата состојба носи страдање и води кон саморазорување. Според тоа, повторувам, да се излезе од таа состојба не е едноставно, тоа е труд и за многумина е полесно да се препуштат на таа „речна струја“. Токму затоа и многупати од депресија и мелахоноја страдаат мрзливите луѓе кои не се навикнати да работат.
     Иако тагата може да биде предизвикана од некаква жалост, стресните случки не се причина за тагата, тие само можат да ја испровоцираат. Причината е секогаш во самиот човек, според тоа, како тој ги доживува случките во животот. Бидејќи е општо познато, а и докажан факт – депресијата не зависи од околностите во животот и животната средина, причината е секогаш внатрешна, а тоа е – болната состојба на душата. Тоа го потврдуват статистичките податоци. Најголемиот број на самоубиства не е во економски неразвиените земји од третиот свет, туку во најразвиените, најбогатите, каде е високо нивото на животот и каде што луѓето немаат по што да тежнеат или да жалат. Секој петти претставник на „златните милијарди“ страда од депресија. И она што е најчудно, помеѓу бездомниците, речиси и нема самоубијци. Иако животот им е исполнет со очај и безизлезност, сепак, самоубиство практично нема.
     Зошто страстите како тагата, збунетоста и вознемиреноста се толку распространети во современиот свет? Токму поради губењето на верата.
      Западот стрмоглаво ја губи верата. Во нашата земја (се мисли на Русија, заб. прев.), за жал, исто така се забележува пад на интересот кон Црквата. Кога во човекот нема вистинска вера во Бога, бидејќи ни влакно од главата ваша нема да загине (Лука 21, 18) без волјата Божја, во неговото срце се појавува збунетост, вознемирување, а тоа е почеток на депресијата. Човекот почнува од сѐ да се плаши и си размислува: „Што утре ќе се случи со мене, што ако се разболам, нема да начекам пензија, што ако ме убијат, какви ужаси прикажуваат на телевизија. Што ако ја загубам работата и умрам од глад, а тука и ако ја додадеме и економската криза...“. Поради страв и вознемиреност, луѓето се плашат да си веруваат еден на друг, да создаваат семејство, да раѓаат деца. Верникот добро знае дека ако помагаш на другите никогаш нема да останеш без парче леб – тоа е закон на духовниот живот. Уште една пројава на неверието е – губење на смислата на животот, а всушнот ова е основата на депресијата: „Животот нема смисла, јас никому не сум му потребен“ и така натаму.
     За Христијанинот животот секогаш има смисла. Таа смисла е љубовта кон Бога и кон ближниот, тој знае, верува дека Бог никогаш нема да го остави, имајќи го Бог никогаш нема да биде осамен или во неволја. Човекот може да ја победи тагата и депресијата доколку целата надеж ја насочи кон Господа. Да Му ја довери својата тага и проблемите, измолувајќи од Него помош и поддршка. Нашата вознемиреност за сегашноста и иднината треба да ја оставиме на Бога. Така многу полесно ќе ја победиме вознемирноста и тагата.
        Со опаѓањето на верата, кај депресивниот човек е поврзано и губењето на интересот кон животот. Кај него радоста згаснува, тој ништо не цени и на ништо не обрнува внимание. А животот, во сите негови форми, е најглавен дар од Бога на човекот, и така да се однесува кон него е голем грев. Ете зошто тагата е смртен грев. Човекот ќе биде среќен само тогаш кога самиот ќе посака, кога ќе почне да се радува на животот. Радувајте се секогаш! Молете се постојано! Благодарете Му на Бога за сѐ – советува апостолот Павле (1 Сол. 5, 16-18). Пред сè благодарете. Преку благодарењето на Бога се учиме да го цениме дарот на животот. А радост и среќа донесува само она кое се цени. Еден свештеник ги советувал своите духовни чеда на крајот на секој ден да запишуваат најмалку 50 точки: За што да Му заблагодарам на Бога“. Друг баќушка (свештеник) дошол по совет кај старецот протоереј Николај Гурјанов на островот Залит. Дошол натажен и отецот Николај, сослушувајќи го, му рекол: „Радувај се!“ Свештеникот си помислил „На што да се радувам“? Тогаш отец Николај продолжил: „Радувај се зашто си се родил, радувај се зашто си се крстил, радувај се зашто си православен, радувај се зашто си уште жив!“ Паднатите во депресија, оние кои ја имаат изгубено радоста и вкусот на животот, мораме да ги посоветуваме внимателно да постапуваат секој ден. Сѐ што работите, работете со внимание и смислено. Во сè трудете се да видите нешто добро, пријатно, учете се да се радувате и на најмалата радост. Апостолот Павле говори: „Јадете ли, пиете ли, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја“ (1 Кор. 10, 31). Тоа значи сѐ да се прави за спасение на душата, заблагодарувајќи и славејќи Го Бога. На пример, земањето на храна. Ние се молиме пред јадење и „лебот наш насушен“ го јадеме со благодарење кон Творецот, а не само просто да ја внесуваме храната, туку јадеме со радост, знаејќи дека тоа е дар Божји.

Александар Исаевич Солженицин опишува како јаде затвореник во логор за специјални намени. Со какво задоволство го прави тоа! А јаде храна која најверојатно кај нас ќе предизвика повраќање. За затвореникот и таа храна е голема радост. И ете, тој ја јаде таа каша, со задоволство го јаде своето парче црн леб, а потоа до заблескување со последното парче леб да ја избрише ’рѓосаната и искривена чинија. И тој помни дека за вечера му останало уште едно парче леб, заработено со голем труд и скриено внимателно под душекот. И навистина, сиромашниот човек кој е лишен од многу задоволства, може да добие во животот многу повеќе радости од оној кој е обезбеден со секакво земно богатство.
      Човекот кој сака да се избави од тагата, мора да се научи да ја гледа смислата и радоста што ја носи секој ден, секој час и минута од животот. Одиме на прошетка – се трудиме на сѐ да обрнеме внимание, забележуваме, разговараме со некој, тежнееме во него да видиме нешто убаво, нешто да научиме. Читаме книга – не само просто да ги „голтаме страниците“, туку и да се замислиме, да вадиме забелешки па да ги анализираме. Така нашиот живот ќе стане осмислен и исполнет.
   Сето тоа е одлично, доколку работата е добра за душата, доколку ни причинува задоволство. Но дури и ако работата не е таква, било која може да се изврши со задоволство, ако се научиме во неа да ја видиме убавата страна. Дури и таква примитивна работа, како на пример чистењето, миење садови и слично, може да ни донесе радост.
     За тоа дека тагата може да биде предизвикана од неволјите и тешкотиите имаме зборува-но претходно. Но некои луѓе неволјите ги вовлекуваат во бран од очајание, а други излегуваат иако ги притискаат страдањата, но не ги кршат. Овде сè се сведува на самиот однос кон неволјите. Општо земено, било која работа, дали е добра или лоша, зависи од нашиот однос кон неа.
       Сакале ние или не, страдањата се неизбежен дел од нашите животи. Ниту еден човек на земјата им нема избегано. Страдањето, болестите и смртта имаат дојдено во овој свет со гревопадот на Адам. Човечката природа се има изменето, се изменил и целиот свет. Но повторувам, кон страдањата и неволјите може да се однесуваме на различни начини. Како прво, треба да запомниме дека Бог никогаш и на никого не испраќа искушенија повеќе од она што може да го поднесе. Он е наш Отец и многу подобро од нас знае што можат, а што не можат да поднесат Неговите деца, бидејќи „верен е Бог, Кој нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да трпите“ (1 Кор. 10, 13). Како второ, по периодот на страдањето секогаш доаѓа утеха. Ако од нешто на човек му се зема, значи на друго место му се дава.
       Во нашиот живот ништо не се случува случајно, секое случување си има свое значење. Бог не допушта бесмислено страдање. Ние страдаме заради очистување на нашите гревови, за да не страдаме во вечниот живот, или, пак, ни се испраќаат неволји за да нѐ заштитат од гревопад или од други опасности. Уште една смисла за неволјите е и нивното очистително дејство кое го произведуваат на нашата душа. Страдањето (доколку имаме правилен однос кон него) нас нè прави подобри, почисти, посмирени. Тоа нѐ принудува малку поинаку да погледнеме на себе, да ја уважиме помошта која ни доаѓа од ближните, да почнеме да сочувствуваме со нив. Понекогаш, по неколку години, можеме да согледаме дека искушенијата не ни биле случајно испратени, туку дека ни биле потребни. Протоерејот Николај Гурјанов има поминато многу години за православната вера по логорите. Тој има зборувано дека ни најмалку не жали за поминатите години во затвор. Многу луѓе кои имаат поминато низ затворскиот пекол, губејќи го здравјето, не жалеле поради тоа и се сеќаваат на тие поминати времиња со благодарност кон Бога. А поинаку не би можело да биде, зашто кога би имале друг пристап кон животот, едноставно немало да ги преживеат тие страшни искушенија.
      Самиот човек не знае за што е способен, некои ги издржуваат нечовечките страдања, а некои поради мали непријатности паѓаат во депресија, очај, па дури и се подготвени да си го одземат сопствениот живот. Кога човекот ќе се реши да изврши самоубиство (секако, доколку не е предизвикано од психички болести), тоа секогаш претставува слабост, малодушност и маловерие. Самоубиецот сака да замине од привремените, земни страдања, кои не може да ги поднесе, но тој не знае што го чека таму, каде што страста вечно ќе го мачи.
       Сѐ што прави Господ со нас – сѐ води кон благосостојба, ете таков треба секојдневно да биде нашиот став. Многу често нас нè оптеретува и вознемирува не само реалноста, туку и претпоставките, хипотетичките неволји и искушенија. Ги преживуваме непријатностите според нивната мера. Против паниката и грижите постои многу добро средство – молитва. Не еднаш сум се користил со неа грижејќи се за децата. Секој пат, кога со грижење сум мислел на нив, наоѓајќи се далеку од дома, читав кратка молитва за здравје и спасение и грижата поминуваше.
      Многумина луѓе кои ги има исповедано кај мене своите гревови на тага и очајание, немаа постојано работно место или занимање. Многу е добро, кога човек во депресија ќе најде работа која може да го заинтересира. Но, дури и кога ќе нема таква работа, треба да се принудува себеси да работи некои обични работи кои не бараат напрегање на умот. Секој час, па дури и минутка во денот мора да биде исполнета со нешто, за мрачните мисли да немаат простор. Човек не може истовремено да размислува на две работи, затоа е потребно негативното да се замени со позитивно и да се размислува за доброто.
    Некаква рачна работа, хоби или некоја едноставна работа во домот – тоа е тоа со што секогаш може да се потполни времето, дури и во отсуство на сигурен работен однос. Колку и да е тешко да се принудите себе на некаква работа, тоа е неопходно да го правите. Прочитав уште еден одличен совет: „Ако сте тажни и во очај, доколку мислите дека никој не ве сака – помогнете му на некој ближен, направете некое добро дело, тоа би му било од полза на некој, на кого му е многу полошо од вам“. Правејќи го тоа, ние „со еден удар убиваме две муви“, се оддалечуваме од тагата и чувствуваме дека сме потребни некому. Така ќе разбереме дека не сме ние тие на кои им е потребна помош, туку на нашите ближни.
    Тагата и унинието можат да бидат предизвикани и од грешниот живот, честопати од непокајаните и неисповеданите гревови. Совеста, тој глас Божји, му зборува на секој човек. И доколку човекот не знае како да се ослободи од гревовите, како да се покае за нив, тогаш често паѓа во депресија. Овде, секако, неопходна е детална исповед. Депресивниот мора да се труди често да се причестува. Пожелно е тоа да го прави секоја недела.
    Посетата на психотерапевти и конзумирањето на антидепресиви можат да дадат при-времен ефект, но тагата и очајанието вистински се лечат само со духовен живот и работа.
     Да изведеме заклучок. Можеме да се избориме со тагата само доколку ја засилиме верата во Бог и да ја положиме сета надеж на Него. Треба да се научиме да ја гледаме Неговата безгранична благодат врз нас и треба да Му благодариме за тоа. Депресивниот човек самиот одбива да живее, не го цени тој дар Божји. И секако, борбата со оваа страшна појава е непрестаен труд – наш личен труд. Тагата и очајот – тоа се слабости на волјата, а само човекот може да си ја воспита волјата. Бог не може да нѐ спаси без самите нас, Тој ни праќа помош и средства, а ние мораме да ги искористиме.
                                                                                                     

 

  превод: ѓакон Димитар Арсовски
       објавено во: „Троичник“ бр. 45

 

http://bogopodobie.weebly.com/1050107210821086-10761072-10891077-107310861088108010841077-10891086-10761077108710881077108910801112107210901072.html

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3141
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7620
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

23/11/2024 - сабота

Светите апостоли Ераст, Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј; Светиот маченик Орест; Свети Нон, епископ Илиополски;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

О, свети апостоли Христос Спасителотво вас се зацари, душата во убавина се облече и венци за вас Животот исплете.За Олимпа...

Тропар на  свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Тропар на свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Изданок од Визант и Егина,заштитниче кој си јавен во последните времиња,миленик на вистинската врлина.Нектарие, те почитуваме,ние верните како богоугоден исцелител...

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Архистратизи на небесните воинства,ние недостојните постојано ве молиме:со вашите молитви заштитете нѐ,под покровот на крилјата на вашата славаневешествена, пазејќи нѐ...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная