На младите луѓе кои доаѓаат во Црква, често им се случува да слушнат од другите: „Зошто во оваа возраст се мачиш себеси! Пост, молитви, заповеди… Додека си млад, треба да се насладуваш на животот! Кога ќе остариш – тогаш ќе се молиш, кога ќе ти паднат забите – тогаш ќе почнеш да постиш, кога ќе ја изгубиш силата и здравјето – тогаш ќе почнеш да ги запазуваш заповедите. А додека си млад и здрав, живеј и радувај се!“ Ова обично звучи многу убедливо, а ако разговорот го започнеме со луѓе кои сакаат да даваат совети, тогаш е многу тешко да им се спротивставиме. Но ако внимателно ги разгледаме овие повици, ние можеме да најдеме сериозни аргументи за нивно побивање.
Пред сè, потребно е да кажеме, дека колку и да е тажно, сите ние нема да ја дочекаме староста. Болест, убиство, несреќен случај може да го прекине човечкиот живот во секое време. Како што рекол поетот, претскажувајќи ја својата прерана смрт:
Утре, некој во постелата ќе дознае, дека е неизлечиво болен;
Некој, излегувајќи од дома, ќе го прегази кола.
Утре, некаде во некоја болница, раката на младиот хирург ќе трепери;
Некој одејќи низ шумата, ќе падне во јама.
Ноќе над нас лета авион, а утре истиот ќе падне во океан – и ќе загинат сите патници.
Утре било каде, ќе се случи војна, ќе се појави епидемија, снежна бура и.т.н.
Ако ние се тешиме себеси дека ќе се покаеме во староста, тогаш сериозно ризикуваме истата да не ја дочекаме, и со тоа се осудуваме себеси на постојан плач во вечноста.
„Вечно млади“
Покрај тоа, размислувајќи на овој начин, имам впечаток, дека човекот како да си создава за себеси некоја фантастична реалност во нов космос, во кој себеси се замислува како нов Демиург. Тој создава свој сопствен свет со илузии, претставувајќи се себеси во него како господар, сонувајќи дека може да ја планира линијата на својот живот, па дури и неговите граници.
При тоа, смртта станува како еден вид линија на хоризонтот – таа се оддалечува според мерата на приближувањето кон неа. Токму затоа и староста како да не настапува. Јас познавав една жена која живееше 92 години. До последната година од нејзиниот живот, кога нејзините пријателки кои беа помлади од неа, ќе започнеа разговор за смртта, таа секогаш им говореше: „За тоа не е потребно да се говори“. Излегува, дека таа со своите 92 години, умре како млада, и дека не ја доживеа староста.
На таков начин, во современово општество, во кое младоста и здравјето се издигнати како култ, човекот се почесто не ја достигнува староста, во краен случај психолошки. Фразата „во староста ќе се покаеш“, останува нереализирана, поради фактот дека староста не постои. Луѓето умираат, без да остарат – како „девојки“ и „момчиња“.
Во 1990 година, во медиумите се раскажуваше за некој млад научник, кој според неговите убедувања, говорел дека пронашол метод, со кој би го продолжил животот на дрвото до бесконечност. Методот се состоел во отстранување на пупките од пролетната топола. Дрвото не се развивало, не донесувало семе, и според верувањето на научникот, не стареело. Тешко е да се процени веродостојноста на информациите и совесноста на експериментот, но и на духовен и душевен план, современиот човек сè почесто се стреми да се претвори во таква „вечна топола“.
„Отстранување на пупките“, во овој случај се изразува во фактот, дека ние ги оддалечуваме од себеси мислите за вечноста, а следствено и мислите за смртта, и со тоа си го затвораме патот кон духовната трезвеност и созревање, според зборовите на познатата песна „вечно млади, вечни пијани“. „Стар младич во потрага по задоволство“, удобност и „просветлување“, се среќава во денешно време сè почесто.
Мислата за смртта
Во меѓувреме, Светите Отци на Црквата говорат за мислата за смртта, како за едно од најдобрите средства за борба со гревот: „Во сите твои работи спомнувај си за твојот крај, и никогаш нема да згрешиш“ (Сир. 7, 39).
„Како што лебот е потребен повеќе од секоја друга храна, така и мислата за смртта, е потребна од сите други работи“. Таа мисла е потребна за христијанинот, за да се запази од грев: „Ако ние постојано си спомнуваме за смртта, тагаш нема да паднеме во грев“.
Мислата за тоа, дека овој земен живот може да заврши во било кој момент, му помага на христијанинот потрезвено да гледа на нештата, да ги гледа предметите и настаните од овој свет од перспектива на вечноста, правилно да ги поставува акцентите и во тешките ситуации да прави избор во полза на вечните вредности.
Лишувајќи се од овој опит, човекот се осудува себеси да скита во светот на нереалните и фантастични идеи, кои ќе исчезнат со нашата смрт.
Навиката – е втора природа
Кон ова треба да додадеме уште еден добро познат факт, дека колку е постар човекот, толку е потешко да се измени. Овој општ закон на природата е многу лесно да се илустрира со пример од животот на растенијата. Додека е дрвото младо, истото може да се свитка, да се навали и да се насочи во вистинската насока. Со текот на времето тоа станува сè потешко и потешко. Така во повеќето случаи се случува со човекот. Оптинскиот старец Лев говори: „Да го учиш стариот, е исто како да го лечиш мртвиот“.
Се разбира, тоа не значи, дека во староста покајанието е невозможно. Покајанието е возможно во било која возраст. Но ако покајанието го разбираме како (μετάνοια) промена на умот, промена на свеста, тогаш треба да знаеме, дека колку е постар човекот, толку потешко е да направи било какви промени.
Преподобен Јован Лествичник, расудуваќи за тоа, зошто Бог не ни дал предзнаење за смртта, пишува:
„Ниеден човек на кого што часот на смртта би му бил познат не би брзал да прими Крштение или да се посвети на монашки живот; целиот свој живот би го поминувале во беззаконија, а кон Крштението и покајанието би пристапувале дури пред својата смрт“.
Тука ние наоѓаме потврда на познатата староримска поговорка: „Навиката – е втора природа“. Светите Отци ова го нарекуваат, исто како и преподобен Јован Лествичник во посочениот цитат, навика. Навиката може да биде добра или лоша.
Добри навики
Смислата на аскетскиот подвиг се состои во тоа, ние да „стекнеме добри навики“, т.е. да ја навикнеме нашата природа да прави добро, да го преобрази својот живот според Евангелските норми. За човекот, кој достигнал таква состојба, исполнувањето на Божествените заповеди станува потреба. Во црковната литература можат да се сретнат многу такви случаи, кога луѓето, кои се здобиле со добри навики, не можеле да згрешат, дури и кога тоа го посакувале.
Во Древниот Патерник постои следниов расказ:
„Двајца старци живееле заедно, и никогаш помеѓу нив немало расправии. Едниот старец му рекол на другиот: ајде да се скараме, како што се караат другите луѓе“. Тој одговарајќи му рекол на својот братот: не знам како да започнеме расправија. Братот му одговорил: јас ќе земам една цигла, ќе ја ставам на средина и ќе речам: таа е моја. А ти ќе речеш: не таа е моја. Тоа ќе биде почеток на расправијата. И направиле така. Кога еден од браќата ja започнал расправија како што се договориле, велејќи: циглата е моја. Другиот одговорил: не, моја е. Првиот рекол: да – да, твоја е, земи ја и оди си. И си заминале, неможејќи да започнат расправија и да се скараат“.
Лоши навики
Но, и во спротивен случај, кога човек го посветува сопствениот живот за задоволување на своите грешни желби, тие желби се претвораат во втора природа, односно во потреба. За тоа пишува блажен Августин кој вели: „Од злата волја се појавува похота; ти и робуваш на похоттата – и таа станува навика; ти не и се противиш на навиката – и таа се претвора во неопходност“.
Колку повеќе човекот пребива во порочен живот, толку е потешко да се ослободи од него.
Човекот, кој навикнал да ги задоволува своите страсти, дури и да дојди до сознание дека треба да го измени својот живот, тој сепак се сеќава на многубројните лоши навики: „.А што правам, не знам; бидејќи не го вршам она, што сакам, туку она, што го мразам, тоа го правам“ (Рим 7, 15).
Но најтажно е тоа, што во оваа состојба, кај малкумина се појавува стремеж да го изменат својот живот на подобро.
Приказната за Могли
Тоа можеме да го сретнеме само во приказната за детето Могли, кое порасна помеѓу волците, и кое потоа се враќа каи луѓето и се адаптира во нивното општеството.
Ваквите случаи во светот се многу ретки, кога некое дете ќе го стигне судбината на Могли. На пример Могли, дури и кога се враќа при луѓето, се покажува како неспособен да научи да говори. Девојчето Камила, кое било најдено во 1920 година во една волчја јама во Индија, научила да изговара само неколку зборови, без да го разбира нивното значење и смисла.
Во иста ситуација се наоѓаме и ние во однос на молитвата, Покајанието и исполнувањето на Божјите заповеди. Колку подоцна решаваме да живееме црковен живот, толку потешко ни е да го направиме тоа.
Или во младоста жени се, или во младоста прими монашки постриг!
Во однос на ова, старец Пајсиј Атонски ги советувал младите луѓе да не го одложуваат уредувањето на својот живот: „Или во младоста жени се, или во младоста прими монашки постриг!“ – гласи поговорката.
„После триесеттата година е многу тешко да се одлучиме да го избереме својот животен пат. Колку повеќе проживеани години остануваат зад грбот на човекот, толку повеќе тој се соочува со искушенија и потешкотии. На младиот човек му е полесно да се приспособи кон животот кој го избрал, било тоа да е брак или монаштво. Возрасниот човек, сè доживува и чувствува преку здравиот разум. Тој веќе има формирано карактер, сличен на бетонска конструкција – и истиот е многу тешко да се промени. Погледнете: луѓето кои го избрале семејниот живот или монаштвото уште во младоста, до самата старост ја носат во себе детската чистота. Јас познавав едни сопужници кои имаа стапено во брак во млади години. Жената во сите постапки, беше слична на мажот, бидејќи тие во младоста стапија во брак, едниот од сопружниците, ги пренел своите навики на другиот: и во зборовите и во поведението. Ним им било многу полесно да се навикнат еден на друг, за разлика од тие кои стапуваат во брак подоцна“.
Направи ја молитвата своја професија
Денес психијатријата утврдува, дека човекот кој западнал во старосна деменција (слабоумие), во него многу брзо умираат неговите професионални навики. Еден свештеник, кој слушнал за овој интересен факт на конференцијата на православните лекари, ги повикал присутните кон тоа, да ја направат молитвата своја професија, односно во својот живот, на молитвата да и посветиме посебно внимание, за во нашата старост, кога ќе ослабат сите наши сили и умствени способности, да остане молитвата, која како патеводител ќе нè доведе до Бога.
Архимандрит Серафим (Сахаров) смета дека Исусовата молитва е особено потребна за оваа намена:
„Да се здобие Исусовата молитва – значи да се здобиеме со вечноста. Во најтешките моменти од разградувањето на нашиот физички организам, Исусовата Молитва, станува облека на душата; кога ќе престанат активностите на нашиот мозок и кога сите други молитви ќе станат тешки за изговарање, тогаш Исусовата молитва ќе стане неразделна од нашиот дух“.
Се надеваме, дека сè што е кажано тука, е доволно да признаеме, дека животот според Божјите заповеди, покајанието и молитвата, не треба да го оставаме за во староста.
Андреј Горбачев
Извор: http://www.pravoslavie.ru
Преземено од:http://www.pppe.mk/2018/vo-starosta-ke-se-pokaeme/