Искушенијата што се раѓаат од човечкиот јазик, се едни од најжестоките искушенија, бидејќи изреченото слово ја предава целата страст која што се крие во душата. А сопките на јазикот најдобро ги покажуваат сопките на душата. Затоа оној кој го пази својот јазик од падови, тој станува совршен човек. Во своето соборно послание Св. Апостол Јаков вели: А така и јазикот е мал орган, но големи работи зборува. Ете, мал оган, а колку голема гора запалува; и јазикот е оган, свет полн со неправда; јазикот се наоѓа во таква положба меѓу нашите органи, што го осквернува целото тело и го пали времето на нашиот живот, воспалувајќи се сам од пеколот (Јаков 3, 5-6).
Најнизок степен на добро однесување е да се воздржуваме од причинување штета на другите. И ви велам, дека за секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден; оти по зборовите свои ќе бидеш оправдан, и по зборовите свои ќе бидеш суден (Мат. 12, 36-37). Словото може да го соблазни чистиот слух или да го наруши добриот авторитет, или да оговара, или да клевети. Тоа слово најпрвин го труе својот сопственик, а после тоа го валка или му предизвикува злоба или го повредува другиот човек.
Човекот е одговорен за секој збор што ќе го изговори, тој не треба да претерува со необмислените зборови; неговите зборови треба колку што може повеќе да соодветствуваат на разумот, така што во никој случај да не го надминуваат разумот. Човекот се изразува преку двата свои најмали органи – јазикот и срцето, доколку срцето му се излева преку неговата уста.
Неопходноста од хармонија меѓу внатрешноста и надворешноста на човекот, поттикнува будност над изреченото слово и тоа таква будност која што во својата суштина е едно прекрасно запазување на духовниот живот. Освен лажното слово постои и таканаречено празно слово. Ние го изговараме за да си ја разонодуваме душата која се испразнила од сѐ; во неа нема ништо полезно што би можело да ја запази душата во тивко созерцание. Затоа дрдорењето е израз на нашата желба да станеме „нешто“ во очите на другиот човек, затоа што сме станале ништо во своите сопствени очи. И така ние редиме зборови, за да не се исправиме пред својата празна, внатрешна дејствителност…
Затоа молчењето во современиот свет е неопходно средство за негово очистување. Затоа ни се налага да се држиме до краткото слово како кон добродетел, но и да одвоиме време за молчење, за душата да не претрпи пораз.
Пустиниците и подвижниците го избрале молчењето како пат кон блаженството, кон она големо блаженство во кое човекот се издигнува над страста и емоционалноста. Во душите на тие луѓе кои се успокоиле во својот Господ, зборува единствено Бог. Проговорат ли, ќе му ги испратат на светот Божјите помисли.
Георгиј Ходр, Митрополит на Библос, Ал-Батрун и Ливан
Извор: Бигорски манастир