логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


Blog.Gledamisecudam.jpgВо одбрана на здравоста


Како што е убаво напишано во коментарите на написот објавен во Нова Македонија, се собрале грст луѓе на протест за поддршка на „нормалноста“ - што во нивно поимање значи рушење на темелните вредности на едно општество и основната негова единица, семејството - со цел да им се дозволи на изопачениците да ни ги трујат децата и душевно и телесно. И да се замолчи Црквата (со нарекување „надрилекар“?) бидејќи е застаната во одбрана на Божјата нормалност. Бидејќи темата е долга и широка, во продолжение ви преведов еден оглед на американскиот православен теолог Владимир Мос, па се надевам дека барем една душа ќе се спаси кога ќе сфати колку длабоко нездрава е одбраната на „човековото право“ на злосторство.

Владимир Мос

ПРАВОСЛАВИЕТО, ФЕМИНИЗМОТ И НОВАТА НАУКА ЗА ЧОВЕКОТ

„Нема ништо ново под сонцето“, рекол мудриот Соломон (Проп. 1,9). И навистина, нема ништо ново ни во таканаречената револуција во сексуалното однесување што се одигра во 60-тите години на XX век, ниту во застрашувачките научни експерименти со човечкиот репродуктивен систем извршени во 90-тите години (сеедно дали ги вршеле луѓе или „вонземјани“). Најавата на првиот феномен го наоѓаме во порочноста на Содома и Гомора, а на вториот - во џиновите родени од неприродните состанувања на синовите Божји (можно е да се работи за паднати ангели) со ќерките човечки. (1. фуснота - „А имаше во тоа време џинови на земјата, особено, пак, кога синовите Божји почнаа да влегуваат при ќерките човечки и тие почнаа да им раѓаат; тоа се силните луѓе, прочуени од старото време.“ (Битие 6,4). Црковните Отци го толкуваат овој извадок на два начина. Според Лопукхин, најголемиот број еврејски и христијански древни толкувачи, вклучувајќи ги Јустин Философ, Иринеј, Атенагора, Климент Александриски, Тертулијан, Амвросиј и други, сметаат дека терминот „синови Божји“ се однесува на „ангелите“, односно на паднатите ангели или демоните. Но, исто така, впечатлива група Отци, вклучувајќи ги и свети Јован Златоуст, Ефрем Сириски, блажениот Теодорит, Кирил Ерусалимски, блажениот Ероним и блажениот Августин, сметаат дека овој термин ги означува луѓето од Ситовото колено, додека „ќерки човечки“ се однесува на жените од Каиновото колено, па опишаната случка всушност подразбира незаконско мешање меѓу побожните и непобожните генерации (Толкованиа Библиа, Санкт Петерсбург, 1904-1907/Штокхолм, том 1. стр. 44-45. Добра дискусија за овој пасус може да се најде во книгата на Хенри Морис, Приказна за Постанувањето (The Genesis Records), Гренд Репидс, Мичиген: Baker Book House, 1978). Православните христијани коишто знаат дека целта на двата овие феномени е иста, односно вечна погибел од лицето Господово, ни првиот ни вториот феномен не можат да ги заведат.

Меѓутоа, во новата теорија за човекот што е изградена врз основа на оваа „револуција“, сексуална и научна, постои нешто што е барем релативно ново, а што е потенцијално многу позаводливо. Овој нов хуманизам е многу порадикален од хуманизмот од раниот период на модерното доба, иако со него ги дели истите основни претпоставки. Основниот принцип во сите периоди на хуманизмот е тој дека човекот е независен и дека може да ја контролира својата судбина без Божја помош, Кој или не се меша во човековиот живот (деизам), или всушност не постои (атеизам).

Од XVI до почетокот на XX век претставниците на хуманизмот тврделе дека човекот може да си ја контролира судбината, а конечно и самата човечка природа, така што ќе ја контролира својата околина. Се сметало дека човековото генетско наследство е релативно непроменливо, што и не е толку важно, затоа што се мислело дека со образование и управување со околината може да се произведат сите промени што се неопходни за да може човекот како единка и општеството во целост да бидат „без дамка и брчка“. Најкарактеристичен резултат на овој хуманизам од стара школа на теориски план е бихевиористичката психологија на Американецот Б. Ф. Скинер, којашто најголемиот дел од човековиот живот го сведува на оперантно условување; најкарактеристичен пример во практичната сфера се советскиот гулаг и Homo Sovieticus (па и Homo Yugoslavicus - заб. прев.)
Оваа прва фаза на хуманизмот, којашто уште можеме да ја наречеме и машка фаза, завршува во 1953 година со смртта на Сталин и откритието на ДНК од страна на Вотсон и Крик. Ова откритие значеше дека околината веќе не е единственото со што во принцип може да се управува и што може да се контролира, туку сега тоа може да се прави и со човечките гени. Меѓутоа, ни науката ни моралната атмосфера што владееле во хуманистичкиот свет уште не беа доволно зрели за да ја согледаат можноста за целосна контрола, која, според хуманистичкиот модел на човекот, ова откритие ја отвори. Зашто, ако човекот претставува интеракција на сопствените гени со околината, без никакви „интервентни варијабли“, како што се човековата слободна волја или Божјата благодат, тогаш можноста за манипулирање и со гените и со околината значи дека постои и можност човекот и општеството да се контролираат на начин што во принцип е многу пототалитарен дури и од советскиот експеримент којшто штотуку почнал да малаксува.

Настанот што почна да ја насочува моралната клима во саканата насока беше откривањето на апчето за контрацепција, како и револуцијата во општествената улога на жената што следеше, поради што ова можеме да го наречеме и женска фаза на хуманизмот. Ако волјата за моќ претставуваше движечка сила на претходната, машката фаза, движечката сила на подоцнежната, порадикалната женска фаза беше жедта за задоволство. Затоа што откривањето на апчето отвори нови хоризонти, односно можност да се постигне максимално сексуално задоволство, додека истовремено непријатните последици во облик на бременост се сведуваат на најмала можна мерка.
Но демократијата бараше во плодовите на оваа револуција да не уживаат само хетеросексуалците, па и на хомосексуалците им успеа нивните активности, коишто дотогаш ниедно монотеистичко општество, па дури ни многу пагански, не ги прифаќаа како природни и морални, сега да бидат прифатени како такви.

Феминизацијата на западната цивилизиција продолжи заедно со зајакнувањето на феминизмот и со појавата на свештенички. Можеби ова било исполнување на визијата на св. Јован Кронштатски, која, иако некои луѓе ја сметаат за неавтентична, е проткаена со длабоко пророчки слики: „О, Господи, каков ужас! Токму во тој момент на олтарот скокна некаква ужасна, грозна, одвратна црна жена, облечена во црвено од глава до петици, со ѕвезда на челото. Се вртеше во круг на олтарот, а потоа со глас ужасен како глас на ноќна утка што одекна низ целата црква извика: „Слобода!“ и стана. А, луѓето, како да се штукнале од умот, почнаа да трчаат околу олтарот, да се радуваат и да плескаат со рацете, да викаат и да свиркаат“. (2 фуснота - Видението на отец Јован Кронштатски, Православна Русија бр. 20, 15/28 октомври, 1952; превод во В. Мос: Неминливото слово (The Imperishable Word), Old Working, Gresham Press, 1980.)
И кога и последните трагови на традицијата беа отстранети од христијанската мисла и богослужење, се создадоа услови за постанок на една навистина нова и витстински радикална фаза во револуцијата - фазата на укинување на сексуалноста. Советите, со одобрување на западните либерали, настојуваа и во голема мерка успеаја да ги укинат религијата, нацијата, законот и семејството. Но сексуалноста остана како една од последните тврдини на нормалниот човечки живот, па затоа и како потенцијално гнездо на контра-револуцијата, како што правилно има увидено Замјатин во својот роман Ние и Орвел во 1984.
Според тоа, капитализмот на 90-тите години на XX век добил задача докрај да го спроведе овој чекор на револуцијата, како еден од последните. Сосема природни, извршители на овој чекор беа научниците, архижреците на хуманизмот. По сѐ судејќи тие сакаат да го порачаат следново: (i) сексуалноста и сексуалната ориентација се главно во нашите гени; според тоа, (ii), сексуалноста и сексуалната ориентација можат да се предвидат и, доколку е тоа неопходно, да се сменат пред раѓањето со генетска терапија; (iii) мажите можат да станат жени, а жените мажи; (iv) можат да се создадат хибридни видови, и (v) од гледиште на репродукцијата, сексуалноста не е неопходна затоа што човечките битија можат да се клонираат од една единствена ќелија на возрасен човек.

Се разбира, оваа последна изјава уште не е докажана експериментално (а, како што ќе настојувам да докажам, воопшто и не може да се докаже со факти). Исто така, голем број луѓе предупредуваат на опасноста што ја подразбира еден таков експеримент. Но, и покрај сите тие предупредувања, изгледа дека луѓето имплицитно прифаќаат дека клонирањето на човечките битија не само што е можно, туку дека еден ден неминовно ќе се случи.
Ако (а, ќе видиме дека тоа е навистина неизвесно) клонирањето луѓе биде можно, тогаш човекот ќе стане господар на својата судбина на еден сосема нов начин. Иако човекот сепак ќе ја добие оригиналната граѓа на човековата природа - ќелијата и нејзините составни делови - подготвена за употреба (бидејќи создавањето од ништо е единствениот чин за кој луѓето уште мораат да признаат дека само Бог може да го направи), тој со таа граѓа потоа ќе ракува така што ќе создава вистински човечки битија со психички или психолошки особини по негов избор. Франкештајн веќе дејствува мошне заостанато во споредба со она што научниците теоретски би можеле да го направат, и тоа ралативно наскоро.

Често се вели дека науката воопшто не претставува домен на чисто непристрасно набљудување на природата, туку дека често е тесно поврзана со морални или религиски, а најчесто со неморални и нерелигиски импулси. Според тоа, научната револуција во XVII век била тесно поврзана со слабеењето на верата во Божественото откровение и соодветното јакнење на верата во човековата способност да ја открие вистината со својот ум, без помош на Словото Божјо. Дарвиновската револуција во XIX век исто била блиско поврзана со желбата да се докаже независноста на човекот и неговиот несопирлив напредок кон достигнување сѐ поголеми морални и духовни височини - и тоа повторно користејќи ги само сопствените напори (или, така да се каже, со дејството на обичната случајност). Генетската револуција на крајот на XX век ја воздигна независноста на човекот до речиси божествен статус; бидејќи севкупниот живот го сведе на „себичниот ген“, таа ја прогласи семоќта на самиот ген, а сето тоа со цел да се оствари најниската и најсебичната можна цел. На тој начин пелагијанизмот, ереста настаната на Британските Острови, што го одрекува првородниот грев и става преголем акцент на моќта на човековата слободна воља непомогната од ништо, го најде својот најразвиен и најопасен израз во обожавањето на науката во англо-саксонските земји, а оттаму, и во целиот свет.

Секоја од фазите на научно-хуманистичката револуција всушност оправдува некој од деловите на паднатата човекова природа, прикажувајќи дека тој дел, всушност, не паднал. Њутновата физика кон крајот на XVII век ја установи веродостојноста на науката, а со тоа и моќта на умот, кој од Тома Аквински е прогласен за дел од човековата природа што не е паднат. Во XIX век, дарвиновската биологија ја оправдувала човечката агресија на поединечно ниво и жестоката конкуренција на ниво на корпорациите и нациите; зашто, зар законот за опстанокот на најсилните не покажа дека само агресивните и немилосрдните опстануваат, а дека кротките не само што не ја наследуваат земјата, туку и се бришат од лицето на земјата? И, конечно, вотсоновската генетика на XX век ги оправда дури и најниските човечки желби покажувајќи дека човекот не може ништо да смени и дека нема од што да се срами, бидејќи, сепак, работата е во нашите гени. А, ако на човек од некоја хедонистичка причина (а никако не од морална причина, затоа што како може да се морализира за Мајката Природа?) не му се допаѓа наследената шема на неговите желби, тој може да ја измени со помош на хирургијата, на генетската и хормонската терапија.

Првата реакција на православните христијани на ова е, се разбира, чувството на ужас пред фактот дека луѓето воопшто се обидуваат да изигруваат Бог и дека сериозно планираат такви експерименти во повторното создавање на човековата природа покрај кои Хитлеровата евгеника изгледа како детска игра. Интелектуалниот одговор на ова би можел да произлезе од два клучни принципи на православната антропологија: (1) бесмртноста и релативната нематеријалност на душата; и (2) неморалноста на секој обид да се измени природата на сексуалноста, дотолку што таа ги симболизира непроменливите и вечните односи во Божествениот поредок.

Да ги разгледаме накратко овие два принципи. (1) Додека телото настанало од земја, душата ни ја вдахнал бог, па затоа таа не умира со телото. Како што вели Соломон: „И ќе се врати правот во земјата, како што си бил; а духот ќе се врати кај Бога, Кој го дал“ (Проп. 12,7). Душата што е на овој начин ослободена од телото е сосема свесна. Тоа го пкажува пророкот Самуил којшто му се обраќа на царот Саул и по својата смрт (1 Цар. 28,11-19). Затоа што тој „и по својата смрт пророкуваше: на царот крајот негов му го објави“ (Сирах 46,23).
Според тоа, под претпоставка дека клонирањето на луѓето е воопшто можно, тоа би подразбирало само клонирање на човековата физичка природа, на неговото тело, но не и на душата. Душите не можат да се клонираат затоа што не се материјални. Дури и ако клонот зборува и се однесува како вистински човек, тој (или тоа) во најдобар случај би бил различен човек, со различна душа, исто како и во случајот на близнаци коишто, иако родени од исто оплодено јајце, сепак претставуваат две различни човечки битија со две различни души. Во најлош случај, тоа може и да не биде човечко битие, туку демон што населува човечко тело што нема човечка душа. А, ако ова ви изгледа неверојатно, да се сетиме на добро познатиот лутерански истражувач на окултното, д-р Курт Кох, којшто во 70-тите години тврдеше дека таканаречените „воскреснувања од мртвите“ во Индонезија всушност биле случаи на влегување на демони во мртовци и нивно демонско „воскреснување“.
Само Бог може вистински да ги воскресне луѓето од мртвите, па спорд тоа и да изврши вистинско „клонирање“, зашто, додека луѓето имаат одредена власт само над телото, Бог е Господар и на душата и на телото, и само Тој може да прати дух во новосоздадено тело или повторно да го соедини со мртво тело.

Одличен приказ на ова наоѓаме во една од омилиите на свети Ефрем Сирин за последните денови, којашто покажува дека воскресението на мртвите е единствената работа што антихристот нема да може да ја направи: „А кога ’синот на погибелта’ ќе го придобие целиот свет, Енох и Илија ќе бидат пратени да го разобличат злиот со прашање полно со кроткост. Доаѓајќи пред него, овие свети луѓе ќе речат, за да го разобличат синот на погибелта пред масите што го опкружуваат: ’Ако си ти Бог, покажи ни го ова што го бараме од тебе. На кое место лежат скриени луѓето од древноста, Енох и Илија?’ Суштеството на злото веднаш ќе им одговори на светите луѓе: ’Ако посакам да ги побарам на небесата, во морските длабочини, нема место што не ми е отворено. Нема друг Бог освен мене и мене ми е можно сѐ на небото и на земјата’. Тие на синот на погибелта ќе му одговорат: ’Ако си ти Бог, повикај ги мртвите, и тие ќе станат. Затоа што кај пророците и апостолите е запишано дека Христос, кога ќе дојде, ќе ги крене мртвите од нивните гробови. Ако не ни го покажеш тоа, ќе заклучиме дека Распнатиот е поголем од тебе, затоа што Тој воскреснуваше мртви, а и Самиот се вознесе на небото во слава’. Во тој миг, најужасното суштество на злото, разлутено на светителите, ќе го земе својот меч и ќе им ги отсече главите на праведниците“.

Според тоа, можеме да бидеме сигурни дека никој, па дури ни антихристот, од една ќелија на друг човек никогаш нема да може да создаде нов човек што има и душа и тело - иако можеби ќе биде во состојба да создаде нешто што изгледа како вистински клон; бидејќи во тие денови „ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, избраните“ (Матеј 24,24).
(2) Зачудува фактот што толку „достигнувања“ остварени во модерната наука за човекот се поврзани со експерименти со сексуалноста. Видовме и една од причините за тоа - ненадејното слабеење на моралот што во 60-тите години завладеа со западниот свет, а со што науката доби задача да им удоволи на новоослободените желби на луѓето. Меѓутоа, постои уште една, подлабока причина што се наоѓа во фактот дека луѓето, од дамнина, ја чувствуваат сексуалноста како дел од најдлабокото и најинтимно средиште на својата личност.
Според тоа, ако на едно момче му кажете дека е „женско петле“, или му кажете дека е како девојче, тоа е најголемата и најболната навреда што можете да му ја кажете. Момчето попрво би умрело отколку некој да го види во розов костум или близок со некое девојче. Слично е и со девојчињата. А, иако психолозите и просветните работници донекаде успеаја во тоа децата да почнат да „водат љубов“ во неприродно рани години, доживеаја целосен неуспех во обидот да ги натераат момчињата да си играат со кукли, или девојчињата да засакаат типично момчешки интересирања. Бидејќи момчињата си се машки, а девојчињата, женски.
А, зошто е тоа така? Сепак, нели е точно дека во Христос „нема веќе ни машко ни женско“ (Гал. 3,28), што како да имплицира дека сексуалната диференцијација не е фундаментална, вечна категорија? И зар Господ нема кажано дека на небото нема ни да се женат, ни да се мажат, туку дека спасените ќе бидат како бестелесните ангели?
А, сепак, може ли воопшто и да се замисли дека Христос во Своето воплотување можел да биде што и да е друго освен маж? И дека Богородица би можела да биде што и да е друго освен жена? И зар и самата идеја за промена на полот не ни е одбојна, што покажува дека во сексуалноста постои нешто подлабоко, нешто повеќе од обична низа биолошки разлики.
Значи, да го разгледаме следново прашање: што е значењето на сексуалната диференцијација?
Генетиката учи дека основната разлика меѓу мажите и жените се состои од тоа што мажите имаат еден хромозом X и еден хромозом Y, додека жените имаат два хромозоми X. На прв поглед, може да изгледа дека мажите имаат нешто „дополнително“ што жените го немаат. Меѓутоа, ни биологијата ни теологијата никогаш немаат успеано да одредат што е тоа „дополнително“. Исто така, нема никакви јасни докази дека поради интеракцијата меѓу еден хромозом X и еден хромозом Y настанува суштество што е супериорно во споредба со производот на интеракцијата меѓу два хромозоми X. Во секој случај, и генетиката, како и сите други науки, ја проучува природата после Падот, и не може да ни каже ништо директно за природата пред Падот, а уште помалку да установи која е подлабоката смисла на сексуалните разлики во Божествената промисла.
Сепак, генетиката ни дава неколку интересни насоки, а биолошките докази укажуваат на тоа дека сексуалните разлики во одредени аспекти се длабоки, а во други површински. И така, хромозомските машки односно женски пол е присутен при раѓањето и релативно е непроменлив. Од друга страна, многу сексуални разлики, вклучувајќи ги и надворешните гениталии, можат да се сменат, па дури и полот може да се смени со хормонска терапија и операции: но она што ваквите интервенции не можат да го сменат е чувството на пациентот за тоа кој всушност е тој, односно таа, во сексуална смисла.

Дали овој контраст меѓу „длабоките“ и „површинските“ сексуални разлики можеби го одразува контрастот меѓу сексуалните разлики пред Падот и сексуалните разлики после Падот?
Пред Падот, постоеле Адам и Ева, машко и женско; оваа разлика била „длабока“ во смисла дека постоела од почетокот и дека, препоставуваме, ќе продолжи да постои довека. Но од Падот натаму, додадени се во поголема мерка „површински“ разлики за да биде овозможена репродукција на луѓето во паднатиот свет. Според свети Јован Златоуст, окото на истиот начин било сменето после Падот за да може да плаче.
Тоа значи дека сексуалноста била присутна од самиот почеток и дека суштината на односот меѓу половите претставува суштински дел на човековата природа, но дека човечката репродуктивна анатомија и физиологија какви што ги знаеме денес - вклучувајќи ги и болките при породување - е придадена на обликот пред Падот. Идејата за „придавање“ на сексуалните разлики на првобитниот облик ја имаат развиено, меѓу другото, свети Григориј Ниски и свети Максим Исповедник. Можно е и одредени карактеристики што им се својствени на жените и што се споменуваат во Светото Писмо - дека се под власта на своите мажи (Битие 3,16) и дека се „послаби суштества“ што се однесува до емотивната контрола (1 Петр. 3,7) - припаѓаат на овие површински карактеристики што се додадени дури после Падот, па, според тоа, можат да се надминат во Христа.
Тоа нѐ доведува до забелешките на феминистките. Првата забелешка е дека жените не се третираат како еднакви со мажите. Светото Писмо и преданието се согласуваат со феминистките дека жените суштински се еднакви со мажите, бидејќи, исто како и тие, се создадени според ликот Божји, па кон нив треба да се однесува еднакво. Меѓутоа, ако „еднаков однос“ значи „истоветен однос“, православието не се согласува. Затоа што мажите и жените отсекогаш биле различни, и пред и после Падот, а тие разлики бараат жените во општеството да заземаат поинакво место од мажите.

Тие „длабоки“ разлики што постоеле меѓу мажите и жените пред Падот не можат да се изменат, а секој обид за промена има катастрофални последици, и за мажите и за жените. „Површинските“ разлики меѓу мажите и жените што постојат од Падот наваму можат да се сменат, не во смисла дека операциите на полот се дозволени (Црквата забранува самонакажување), туку во смисла дека паднатата природа на врската меѓу мажот и жената може да се надмине во Христа. Бракот во Христа е еден од начините на кој сексуалноста ја губи својата површност, па од Падот преоѓа во Рајот; другиот вид е монаштвото, во кое човекот станува скопеник, во духовна смисла, заради Царството небесно (Мат. 19,12).
Да се обидеме да ја дефинираме оваа „подлабока“ природа на сексуалноста што постоела пред Падот.

Св. Павле ни наговестува нешто за тоа: „Сакам уште да знаете“, пишува тој, „дека глава на секој маж е Христос; а на жена глава е мажот; на Христа, пак, глава е Бог... И така, мажот не треба да ја покрива главата своја, зашто е образ и слава Божја, а жената е слава на мажот. Оти не е мажот од жената, туку жената од мажот; и мажот не е создаден за жената, туку жената за мажот. Затоа жената треба да има на главата своја знак од власта на мажот над неа - поради ангелите.“ (1 Кор. 11,3, 7-10)

Со други зборови, врската меѓу мажот и жената во одреден поглед претставува одраз и симбол на врската меѓу Бога Отецот и Бог Синот, од една страна, и Бог Синот и човештвото, од друга страна. Секоја од претходно спомнатите врски претставува хиерархиска врска, којашто може да се спореди со врската меѓу главата и телото. И така, додека Бог Отецот е еднаков на Бог Синот по суштина, поради што Тој и вели: „Јас и Отецот едно сме“ (Јован, 10,30), Синот му е сепак послушен на Бог Отецот во сѐ, поради што вели: „Мојот Отец е поголем од сите“ (Јован, 10,29). На истиот начин, мажот и жената се еднакви по суштина, но жените мораат да им се покоруваат „на своите мажи во сѐ“ (Ефес. 5,24). Од друга страна, врската меѓу Бог Синот и човештвото отпрвин може да изгледа различна од претходниве затоа што Божеството по својата суштина не е еднакво со човештвото. Сепак, со Воплотувањето на Синот и со Слегувањето на Светиот Дух извршена е „размена на природите“, со која Бог Синот се воплоти, а човештвото станаа „причесници на Божествената природа“ (2 Петр. 1,4), односно, според зборовите на Светите Отци, „Бог стана човек за да може човекот да стане Бог“. Според тоа, иако во почетокот нееднаква, врската меѓу Бога и човекот е на одреден начин изедначена со тоа што прераснала во нова врска меѓу Христа и Црквата, којашто сега, на сличен начин, може да се опише како врска меѓу главата и телото.

Значи, гледаме дека една многу „примитивна“, многу човечка врска меѓу главата и телото, односно меѓу мажот и жената, во себе ја содржи способноста да ја одразува и осветлува не само исклучително важната и натчовечка врска меѓу Христа и Црквата, туку - иако нејасно, „како низ стакло, во гатанка“ - и повеќе од Божествената, внатре-Троичната врска меѓу Отецот и Синот. И така, врската меѓу мажот и жената, па дури и основната структура на човековото тело, преставува икона, физичко изобразување на најдуховните и најнеискажливите тајни на вселената. Затоа што токму како што главата (мажот) е издигната над телото (жената) и управува со него, бидејќи истовремено е целосно предадена на чувањето на тоа тело, така и Христос ја сака црквата, Своето Тело и Својот Живот ги полага за неа - а сето тоа од послушност кон Неговата Глава, Отецот, Кој „толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3,16). Поради тоа ни врската меѓу мажот и жената не е ни случајна, ни површна, а уште помалку падната, туку токму света и претставува влез во Светињата над светињите. и токму поради тоа, во согласност со светите канони, Светата Тајна на Бракот може да се служи само во недела, на осмиот ден што ја симболизира вечноста, затоа што, иако во вечнсота нема да има ни женење ни мажење, бракот секогаш ќе ја симболизира вечната врска на љубовта меѓу Христа и Црквата што претставува основа на целата наша стварност, како ововременската, така и вечната.

Од оваа перспектива гледаме дека психолошките разлики меѓу мажот и жената прецизно одговараат на разликите во духовните функции на Христа и Црквата, како и дека тие разлики се всадени во човековата природа од самиот почеток токму за да претставуваат одраз на духовните односи. Човекот е порационален бидејќи тој, слично на Христос, мора да води и да презема иницијатива; жената е поемотивна бидејќи таа, слично на Црквата, мора да му одговори со љубов. Мажот е поагресивен бидејќи тој, слично на Христос, мора да поведе војна против ѓаволот; жената е почувствителна и поинтуитивна бидејќи таа, слично на Црквата, мора да ја почувствува вољата на својот маж.

Се разбира, Падот ги расипал овие природни, првобитни разлики: луѓето се склони кон грубост и фалбаџиство; жените - на послаба воља и поводливост по сите видови влијанија. Причината поради која во времето после Падот уште е неопходно човекот да ја води жената не е тоа што неговиот Пад бил помал од нејзиниот или што постои помала потреба и него да го води неговата Глава, туку тоа што почитувањето на принципот на ерархијата на сите нивоа е единствениот пат по кој може да се излезе од Падот. Бидејќи благодатта може да настапи и да ја исцели паднатата човекова природа само ако жената му е послушна на мажот, а мажот му е послушен на Христа, како што Христос му бил послушен на Отецот. Тоа не значи дека жената мора да му биде послушна на мажот во сите околности; бидејќи ако тој е непослушен на Христа и истото го бара и од неа, таа мора да му биде непослушна од послушност на Христа. Во овој случај, принципот на ерархијата е нарушен на едно ниво (на нивото на мажот), но останува недопрен на второто ниво (на нивото на жената).

Имајќи ги предвид сите хули што денес ги излагаат модернистички настроените теолози, треба да се напомене нешто што досега би требало да е очигледно: фактот дека врската меѓу мажот и жената претставува одраз на врската меѓу Христа и Црквата на никој начин не имплицира дека Бог е подложен на сексуална страст, или дека Тој е по својата суштина од машки пол (а уште помалку женски). Ние не ја проектираме човечката сексуалноста на Бога. Поентата е всушност спротивна: Бог ја создал сексуалноста за да може човекот во самата длабочина на своето битие да ги сознае фундаменталната шема и динамика што ја одржуваат вселената во Бога. Шемата е единството во ерархијата, а динамиката привлекувањето на комплементарните инстанци на едно ниво на ерархијата кои потоа создаваат единство на повисоко ниво. Машкиот пол е оној што го иницира привлекувањето на спротивставеностите. Мажот ја бара жената, а жената му одговара на мажот. Откако ќе се соединат, тие стануваат „едно ново битие“ на повисоко ниво на постоење, на ниво на Христос Кој, во однос на новосоздадената дијада е и Самиот машки партнер и иницијатор на целиот процес на пониско ниво, така што човечките монади прават дијада само во третата, Божествената Монада. Токму поради тоа Христос, кога се воплотил, морал да стане машко. Затоа што, како што сведочат бајките на сите земји, мажот е оној што спасува, а жената онаа што се спасува; мажот е оној чија машка сила и храброст го уништуваат уништителот, а жената онаа чија извонредна убавина и складност го вдахновуваат мажот на такви подвизи. Според тоа, кога Бог дошол да го спаси човештвото од власта на ѓаволот, Тој требало да дојде како Младоженец за да ја спаси Својата Невеста.

Се разбира, кога зборуваме за „нужност“, тоа не подразбира физичка нужност; освен тоа, ние на никој начин не го ограничуваме Господ, Кому сѐ Му е можно. Ние едноставно одговараме на наговестувањата во вселената што ни ги дал Бог за дани покаже зошто тоа мора да биде така; увидуваме дека во она што всушност се случило постои духовна нужност. Сфаќаме дека драмата претставува одраз на умот на писателот, а дека Божествениот Актер во Драмата на нашето спасение никогаш Себеси не би си дозволил да одигра претстава во живот што во целост не се согласува со идејата на Божествениот Писател, и којашто не го отелотворува во целост каноните на Божествената Убавина.
Меѓутоа, постои уште една Света Тајна што, како и бракот, речиси прецизно ја одразува врската меѓу Христос и Црквата, а тоа е Светата Тајна на Свештенството. Свештеникот (а особено владиката) е глава на своето стадо, како што е Христос Глава на Црквата; свештеникот мора да го положи својот живот за своите овци, како што Христос го положил Својот живот за Црквата. На одреден начин, може да се каже дека свештеникот е господар на своето стадо, поради што можеби и постои канонот (којшто денес, за жал, многу често се прекршува) дека на епископите име забрането да преоѓаат од една во друга епархија.

И токму како што Христос морал да биде роден како маж, така и Христовата икона, епископот, и неговиот претставник, свештеникот, мора да бидат мажи. „Затоа што откако постои светот и векот“, вели св. Епифаниј Кипарски, „жена никогаш не му служела на Бога како свештеник“. Доколку свештеникот е жена, со тоа се нарушува иконичната врска меѓу Христа Спасителот, Првосвештеникот, и земското свештенство.
Како што пишува епископот Калист (Вер): „Свештеникот е икона на Христос, а бидејќи воплотениот Христос не станал само човек, туку и маж - бидејќи, освен тоа, според природниот поредок улогите на мажот и жената не можат да се заменат - свештеникот нужно мора да биде маж. Сосема е разбирлива дека оние западни христијани коишто всушност не сметаат дека свештеникот е икона Христова можат да ракополагаат жени за свештеници; тие со тоа, меѓутоа, не создаваат жени свештеници, туку целосно ја уништуваат институцијата на свештенството...“
Една од најчудесните одлики на човековата природа е тоа што мажите и жените, иако еднакви, не можат да си ги заменат улогите. Заедно, тие творат заедничка служба што ни едниот ни другиот не би можеле да ги творат сами; затоа што внатре во таа заедничка служба секој од нив има посебна улога својствена за себе. Меѓу нив постои одреден ред, односно ерархија, каде што мажот е „глава“, а жената партнер или „другар“ (Битие, 2,18); а, сепак, оваа диференцијација не подразбира никаква суштинска нееднаквост меѓу нив. Внатре во Троица, Бог Отецот е изворот и „главата“ на Христос (1 Кор. 11,3), а сепак, трите Лица се по суштина еднакви; истото важи и за односот меѓу мажот и жената. Иако грчките Отци често изразувале негативно мислење за женскиот пол, тие во принцип сосема недвосмислено зборувале за основната човечка еднаквост на мажот и жената. И едниот и другиот се создадени по Божји облик; подредуваето на жената на мажот и нејзиното експлоатирање не го одразува природниот поредок што го создал Бог, туку противприродните услови што потекнуваат од првобитниот грев. Еднакви, но различни по природното устројство, мажот и жената се дополнуваат еден со друг низ слободна соработка; а тој принцип на дополнување треба да се почитува на сите нивоа - дома, во кругот на семејството, вон домот, на работа, а особено во животот на Црквата, којашто го благословува и преобразува природниот поредок, но не го брише од лицето на земјата.

Мажот и жената не можат да ги заменат местата како шалтери или идентични машини. Разликата меѓу нив... досегнува многу подлабоко од физичкиот чин на продолжување на видот. Сексуалноста на човечките суштества не е случајна, тукутие нејзиното влијание го чувствуваат во самата сушина и надлабокото таинство на своето битие. За разлика од диференцијацијата меѓу Евреите и Елините, или меѓу робовите и слободните - којашто претставува одраз на човековата падната состојба и е одредена со општествена конвенција, а не со природата - диференцијацијата меѓу мажот и жената претставува еден од аспектите на природната човекова состојба пред Падот. Благодатниот живот во Црквата не е условен со општествени конвенции, ниту од условите произлезени од Падот, но се покорува на природниот поредок, односно на првобитната природа каква што ја создал Бог. Според тоа, разликата меѓу мажот и жената не е укината во Црквата.
Изопаченоста на женското „свештенство“ наликува на изопаченост на „бракот“ меѓу хомосексуалците. Во двата случаи, наместо „внатрешното проповедање“ на Христовото Воплотување што е втиснато во нашата полна природа да биде засилено и продлабочено со Светите Тајни на Црквата, тоа станува соборено и всушност уништено со богохулна пародија на тие Свети Тајни.
Поради тоа луѓето чувствуваат дека тие работи се неприродни, а Господ ги осудува како гадости. А ако научниот хуманизам сака да најде некаква нова дефиниција на она што е природно, треба да си припомниме дека таквиот хуманизам, според зборовите на отец Серафим Роуз, претставува подхуманизам. Тоа е „бунт против вистинската природа на човекот и светот, бегство од Бога како средиште на човечкото постоење, облечено во јазик што е спротивставен на сѐ претходно“.

(Објавено во Православна Америка, том XVI, бр. 7-8 (147-148), март-јуни 1997, стр. 13-15).

 

Подготви: Александар Зафировски

Извор: http://cudo.blogspot.com/2011/02/blog-post.html

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3133
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7608
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

19/11/2024 - вторник

Свети Павле Исповедник, патријарх Цариградски; Преподобен Варлам Хутински ;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Павле патријарх Цариградски 6 ноември / 19 ноември 2024

Тропар на св. Павле патријарх Цариградски 6 ноември / 19 ноември 2024

Со исповедувањето на Божествената вера,Црквата те покажа како втор Павле,ревнител меѓу свештениците:со тебе повикува и Авел кон Господа,

Тропар на светите Христови маченици Галактион и Епистима 5 ноември / 18 ноември 2024

Тропар на светите Христови маченици Галактион и Епистима 5 ноември / 18 ноември 2024

Вера имајќи повредна од животот земен,дарувана ви беше о Галактионе и Епистимо, времето дадено за преумување мудро го употребивте поучени...

Тропар на преподобниот Христов подвижник Јоаникиј Велики 4 ноември / 17 ноември 2024

Тропар на преподобниот Христов подвижник Јоаникиј Велики 4 ноември / 17 ноември 2024

Јоаникие оче наш преподобен, Тебе на кого надеж ти е Отецот,  прибежиште Синот, а покров Духот Свети,  моли се о ти...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная