Вие сте одбран народ (05.02.2013 11:27)
„Гледајте каква љубов ни дал Отецот, да се наречеме Божји чеда“ (1 Јован 3, 1), и сме. О, блаженства! Божја љубов кон човекот! О, колку постигнала таа Божја љубов! Колку раскошно Божјата благодат се разлеала! Бедните и отфрлени грешници станаа Божји деца! Христовиот апостол се чуди на ова и го вели она погоре. Бидејќи, што е повчудоневидено од тоа грешникот да стане Божјо дете? Божјата љубов кон човекот го направи ова. Што е пославно од тоа да се именуваш и вистински да бидеш Божјо дете? Божјата благодат му го поклонила ова на човекот. Славно е да се биде дете на земниот цар; но не може да се опише колку пославно е да се биде дете на небесниот Цар, Бог. Овие слава, чест, заслуга, благородништво и име, се поскапоцени од сите титули на светот. Заради ова, слава Му на Бога, Кој го љуби човештвото!
Ако христијаните се Божји деца, тие исто така се и наследници, значи: „Божји, а Христови наследници“ (Рим. 8, 17). Ако се Божји деца, тогаш, од кого треба да се плашат? Зошто да се плашат од предавникот, непријателот, ѓаволот, демонот, пеколот и смртта? Бог ќе ги заштити. „Ако Бог е со нас, кој е против нас?“ (Рим. 8, 31). Го примивме овој највозвишен дар од Бога на крштението, зашто тогаш ние луѓето се раѓаме од Бога и ја примаме оваа најславна титула.
Мили Христијани! Да се потсетиме на нашето Свето Крштение и на највозвишената милост која Бог ја покажа: ние тогаш станавме Божји деца. Слава Му на Бога за ова! Но, од децата се бара да бидат како родителите: „Што е родено од тело, тело е; а што е родено од Дух, дух е“ (Јован 3, 6).
Според тоа, христијаните мораат да бидат слични на Бога, затоа што се родени од Него. На дело да покажеме дека сме Божји деца. Бог е свет, и ние, исто така, да бидеме свети. Бог е праведен, и ние да бидеме праведни. Бог е добар: „Зашто Тој го остава Своето сонце да грее над лошите и добрите, и им праќа дожд на праведните и грешните“ (Матеј 5, 45); и ние да бидеме добри и да им правиме добро и на нашите пријатели и на непријателите, оние кои нѐ сакаат и оние кои нѐ мразат. Бог се сожалува, и ние да бидеме такви и да ја покажеме милоста кон нашите браќа.
Бог го мрази гревот, и ние да го мразиме секој грев и да бегаме од него. Бог нѐ љуби, и ние да се љубиме едни со други. Бог ни ги простува нашите гревови кога се каеме, и ние на луѓето да им ги простиме нивните грешки.
Христовиот апостол нѐ потсетува да го правиме следново: „Земете Го за пример Бога, како возљубени чеда“ (Ефес. 5, 1).Кога ќе го покажеме таквиот карактер во нас, тогаш вистински ќе бидеме Божји деца и ќе го примиме наследството, сите убави нешта, ветени на Божјите деца, во Исус Христос нашиот Господ.
Свети Тихон Задонски
Извор:МПЦ-ОА