Да не ги слушаме советите на непријателот: нашиот праотец го слушал и бил изгонет од рајот.
„Застанете и разберете дека Јас сум Бог“ (Псал. 45, 10). Затоа сме должни да се лишуваме од сè, па дури и од она што ни е најпотребно. Ние во нашиот живот имаме потреба да се воздржуваме од сè, да бидеме крајно будни и трезвени, да имаме силно трпение, непрестајно противставување спрема нашите духовни противници и непријатели, зашто овие духовни ѕверови се секогаш близу до нас; од нив доаѓаат сите наши гревови, беззаконија и секој разврат. Затоа, никој да не се заборава и да не отстапува од своите подвизи, никој своеволно да не талка на сите страни, влечен од сластољубие и самољубие, туку во сè да се покорувате на Божјите заповеди; не слушајте ги советите на непријателите. Зашто Самиот Господ говори: „Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене, а по туѓ човек не одат, туку бегаат од него, оти гласот на туѓиот не го познаваат“ ( Јован 10, 27, 5). Каде што е Христос, таму ѓаволот нема место. И каде што Неговиот глас ги повикува овците, таму с’скање на змии не се слуша. И праотецот Адам, сè додека ги запазил здрави ушите на својата душа, сè дотогаш, слушајќи го божествениот глас, живеел во рајот и имал возвишени созерцанија. А кога го прифатил шепотењето на змијата и вкусил од плодот на гревовното дрво, веднаш ја почувствувал срамноста на својата голотија и се скрил од Бога. А кога го праша: „Каде си?“ Тој, кога го слушнал Твојот глас, се скрил и Ти одговорил: „Го слушнав гласот Твој и се скрив, зашто сум гол“. О, Адаме, кој го вложи во тебе тој страв и кој ти рече дека си гол? – Тоа е последица на отстапувањето од Божјите заповеди. Потоа, следело изгонувањето од блаженото место и пресудата да поднесува труд, жалости и лишувања во текот на овој живот. Затоа, да се држиме што подалеку од советите на ѓаволот.Непријателот наш секогаш е готов да ни дава свои лекарства; секогаш треба да бидеме подготвени да ги одбиваме.
Да не ги примаме ни внушувањата на страстите, кои се подготвени од злобата на искушителот.
Откако ќе приготви садови со разни јадења, овој одвратен устроител на сите беззаконија, оди, како што видел свети Макариј Велики, па, откако ќе види за која страст некој од нас е повеќе подготвен, му дава соодветно јадење, и тој што ќе вкуси од него, се распалува и неговата страст почнува да беснее: на еден му дава блудно јадење, на друг – јадење на завист, на трет – на чревоугодие, на четврти – тврдоглавост, на петти – да собира повеќемина околу себе; со еден збор, на секого му подготвува духовно јдење соодветно со неговата главна страст. Затоа, браќа, треба да внимаваме и секогаш да бидеме готови да ги одбиваме ваквите напади на лукавиот наш непријател; за ова неизоставно треба да бидеме духовно вооружени; да го имаме врз себе оклопот на верата, штитот на смирението, шлемот на послушноста и да го имаме оружјето на сите други добродетели. Секој треба да ја знае својата сила и да дејствува соодветно со неа, според својата совест. Да се сакаме душевно еден со друг, а не телесно. Очите да гледаат надолу, а умот нагоре.
Подготви: Т.С.
27.02.2017 лето Господово