Третата стотица
На теориски (мисловни) глави, - за љубовта и совршенството на животот
1. Бог е бестрастен ум, Он е над секој ум и над секоја бестрасност; светлина и извор на добра светлина; Он е премудрост на Словото и на знаењето и Дарител на премудроста, словото и знаењето. На кои им се дарувани овие дарови заради нивната чистота и во кои тие се гледаат, во нив живее и Он. Тие, преку тоа, се синови Божји, водени и раководени од Светиот Дух, како што е напишано: „Сите оние што се управуваат по Духот Свети, се синови Божји“ (Рим. 8,14).
2. Оние што преку подвижничките трудови станале чисти од секаква телесна и духовна нечистотија, тие станале и живеалиште на бесмртната природа преку даровите на Светиот Дух. А оние што го придобиле ова, преполни се со пријатна светлина, исполнети со неа, имаат мирно срце и говорат благи зборови и Божјата премудрост тече од нивните усти за знаењето на божествените работи, нивните чисти зборови објавуваат за длабочината на Духот. За нив апостолот вели: „Против такви нема закон“ (Гал. 5,23), зашто тие еднаш и засекогаш се соединиле со Бога и се измениле со добро изменување.
3. Оној што со усрдност се труди да се приближува кон Бога и божественото – станува одраз на Божјиот образ со своите душевни и телесни добродетели. Бидејќи тогаш тој се упокојува во Бога и Бог во него, по сорастворањето во себеси доживува божествено блаженство, поради богатството на Божјите дарови; и според своето внатрешно устројство се чувствува дека е бог, а Бог е Оној Кој го создава неговото совршенство.
4. Човекот не е образ Божји според своето ограничено телесно устројство, туку според духовната природа на својот ум, кој не може да биде опишан од телото, кое тежнее надолу. Како што Божјата природа, која е вон секоја создадена твар, не може да биде опишана, не може да се одреди како нешто телесно, опипливо, невидливо, бесмртно, неопфатливо, такво – какво што ние никогаш не може да го разбереме, - таква е и нашата духовна природа, создадена од Него, која не може да биде опишана, зашто не е телесна, не е видлива, не е опиплива, не е опфатлива, а е образ на бесмртната и вечна Негова слава.
5. Бидејќи е првиот ум, Бог го има во Себеси едносуштното Слово, и Светиот Дух – секогаш соедносуштен; Он не бил никогаш и не е без Словото и Духот, зашто нивната природа е неразделива, но е и неслиена, зашто нивните ипостаси не се сливаат. Затоа – и, раѓајќи Го соедносуштното Слово Свое од Својата суштина, Он Самиот не се одделува од Него, бидејќи е неразделив во Себеси. А Словото Го има соедносуштниот Дух, Кој пред сите векови исходи од Отецот, - и Он од Својот Родител не се одделува. Зашто Они имаат една и неразделива природа, иако според разликата на ипостасите се делат на лица, а се прославуваат во Светата Троица – Отец, Син и Свети Дух. Овие лица како едно по природа и еден Бог, никогаш не се разделуваат, зашто се едно според суштината и според природата. Оваа триипостасност и ова единство според природата гледај ги и во човекот кој е создаден од Него, но по неговиот духовен дел, а не по телесниот, по оној што е бесмртен, а не по оној што е смртен и што се распаѓа и гние.
6. Бог е неспоредливо над сите од Него создадени твари. Он го раѓа Словото без да се разделува со Него, и Светиот Дух исходи од Него, ги запазува и силата и битието на тварите; Он е надвор од сѐ и внатре во сѐ. На тој начин и човекот, кој е соединет со Божјата природа, бидејќи неговиот образ духовен, не и телесен и не по својата смртна душа, - има свој ум, кој од својата природа раѓа слово, а е и во видливите телесни делови и надвор од нив. И како што неговиот создател што не е разделен од Своите ипостаси – од Словото и од Духот, така и човекот, по својата душа, останува неотсечен и неразделен од умот и словото; останува една природа и една суштина, неописива со телото.
7. На триипостасниот Бог Му се поклонуваме – на Отецот, Синот и Светиот Дух. Триипостасен го гледаме и човекот, создаден според Божјиот образ, - со душата, умот и словото, кој Му се поклонува на Бога, Кој создал од ништо сѐ што постои. Она што Му е на Бога совечно и едносуштно по природа, тоа му е и на човекот, на Неговиот образ, соприродно и едносуштно. Според овие особености се гледа, оти го имаме во нас Божјиот образ, и според овие својства јас сум образ Божји, иако сум измешан со кал и прав.
8. Едно е Божјиот образ, а друго е што се гледа во тој образ. Образот Божји е – духовната душа, умот и словото, - една и неразделива суштина; она што го гледаме во овој образ е: самостојноста, независноста и слободата. Исто така, едно е словото на умот, а друго е неговото достоинство; едно е она што е по образот, а друго е она што е по подобието. Славата на умот е во неговото издигнување нагоре, неговата непрестајна устременост кон возвишеното, јасниот поглед, чистотата, разумноста, мудроста и бесмртноста. Достоинството на умот е разумноста, самостојноста, независноста и слободата. Она што ни е својствено по Божјиот образ, тоа е што имаме душа со ум и слово, која е лична, едносуштна и неразделна. Умот и словото ѝ припаѓаат на душата, која е нетелесна, бесмртна, божествена, духовна, - а сите овие особености се едносуштни, совечни и неразделиви меѓу себе и не можат да бидат разделени. А она што ни припаѓа по подобието е: праведноста, вистинитоста, добрината, сочувството и човекољубието. Кај кого се овие својства во дејство и непрестајно присутни во нас ни служат да согледаме што е она што е во нас по образот, а што по подобието.
9. Тричлената разумна душа се гледа и во двата начина на дејствување, од кои едниот е разумен, а другиот – страстен. Разумното, кое е создадено, по образот на Создателот, не може да биде задржано и одредено од чувствата, зашто тоа е внатре и надвор од нив. Дејствувајќи на овој начин, таа се присоединува кон божествените разумни сили, по својата природа тежнее кон Бога, како кон својот првообраз, со силата на божествената природа во неа. Страсното дејствување преку чувствата се раздробува на многу делови, приопштувајќи се кон страдања и радости. Со дејствувањето на овој начин, таа се приопштува кон својата чувствителна природа, кон хранењето, влијанието на воздухот – студот и топлината, со тоа покажува дека има потреба од храна, за да го одржува својот живот и за да расте и да биде здрав. Менувајќи се под дејството на сето ова, душата понекогаш има похот, ги прифаќа неразумните похоти, се отклонува од природните движења, понекогаш премногу се лути и се исполнува со неразумен гнев, а другпат – чувствува глад, жед, жалост, болест, и потоа пак се успокојува: се насладува со радостите и се измачува од страдањата; затоа, тоа нејзино својство и се нарекува страдално или страсно, зашто се пројавува во страстите и во страдањата. А кога „се изложуваме на смрт заради Исуса“ со животот на нашиот ум, заради победата на доброто над лошото, „та и животот Исусов да се открие во нашето смртно тело“ (2. Кор. 4, 11), создавајќи ја во нас животната умртвеност на бестрасноста и, подавајќи ја негниежливата бесмртност со наитието на Светиот Дух.
10. Бидејќи Создателот на сѐ, пред да ги создаде сите работи од ништо, имал во Себеси знаење за нивната природа и суштина, како цар на вековите и Зналец на сѐ, предвидлив однапред на сѐ, така и на човекот, кого го создал според Својот образ и подобие, како цар на сите земни созданија, му дал да има во себеси не само сила да ги познава работите надворешно, туку да го познае и она од што се тие составени. Така, на пример, тој има во себеси, во своите гради и суво и студено, од што е создаден, топлина на крвта од воздухот и од огнот, влажност од водата, од растенијата – можност за растење, од животните и од растенијата – можност за исхрана, од неразумните животни – страсност, од ангелите – мисловност и разумност, од Бога – вдахнатата од Него нематеријална, нетелесна, туку духовна и бесмртна душа, која се огледа во умот и во словото, и во силата на Светиот Дух и за да суштествува и живее.
11. На Бога, кој нѐ создал според Својот образ и Своето подобие – ние сме подобни со добродетелите и разбирањето. Добродетелта е Божја правда, преподобност и вистина, како што вели Давид: „Праведен си Ти, Господи, и праведни се Твоите пресуди“ (Псал. 118,137; 88,8), и уште: „Праведен е Господ во сите Свои патишта и свет во сите Свои дела“ (Псал. 144,17). Ние сме подобни на Бога и со правдината и добрината, зашто „благ и праведен е Господ“ (Псал. 24,8); со словото на премудроста и разумот, зашто тие се во Него и Он Самиот се именува премудрост и разум (сп. Кол. 2,3), светост и совршенство, како што вели и Он Самиот: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Матеј 5,48). И: „Бидете свети, затоа што сум свет, Јас Господ, вашиот Бог“ (3. Мој. 19,2); смиреност и кротост, зашто Он Самиот говори: „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши“ (Матеј 11,29).
12. Нашиот ум, бидејќи е образ Божји, го има она што му е својствено, кога се наоѓа во дејноста што му е сродна, кога не си дозволува да има во себеси движења, оддалечени од неговото достоинство и од неговата природа. Затоа, силно сака да се враќа на она што се однесува на Бога и што сака да се соедини со Него, од Кого добил почеток, со Чија сила се движи, кон Кого се стреми според своите природни својства и сака во човекољубието и едноставноста, да се угледа на Него. И умот, раѓајќи го словото, како друго небо, ги устројува душите на едноплемени луѓе, ги прави постојани преку трпеливото извршување на добродетелите, ги оживотворува со духот на својата уста, давајќи им сила против погубните страсти. На тој начин и тој се покажува како устроител на духовната твар, подражавајќи Му на Создателот на големиот свет, на Бога, и јасно ги слуша во себе овие зборови озгора: „Ако извлечеш скапа работа од ништо, ќе бидеш како Мојата уста“ (Јерем. 15,19).
13. Оној што ја извршува дејноста, која е природна за умот со достоинствено употребување на словото, тој се очистува од материјалното и се украсува со кротост, смиреност, љубов и милосрдност, а се просветува со светлината на Светиот Дух. Устремувајќи ги очите на својот ум кон возвишеното созерцание, навлегува во познавањето на скриените Божји тајни и со љубов им ги соопштува преку словото на премудроста на оние што можат да ги слушаат, умножувајќи го на тој начин својот талент не само заради себеси, туку и за своите ближни, давајќи им да се насладат со неговите плодови.
14. Оној што ја издигнал подобрата од своите две природи над полошата и ја направил слободна од нејзините влијанија, тој го придобил духовниот живот меѓу духовните суштества, станувајќи и самиот дух, иако го гледаат телесно да се движи меѓу другите луѓе.
16. Сѐ додека нашите природни сили се однесуваат лошо меѓу себеси и се раздвојуваат, сѐ дотогаш не можат да ги примат натприродните Божји дарови. А сѐ додека ги немаме во себеси, ние стоиме некаде далеку и од таинствената света тајна, која се извршува со духовно дејствување на умот, на небесниот жртвеник. А кога ревносно ги минуваме светите подвизи, тогаш се чистиме од чувствените пориви и со силата на Светиот Дух ја собираме во едно нашата разделена и распадната личност, - тогаш се удостојуваме да ги примиме неискажливите Божји блага; тогаш и божествените тајни на свештеното служење со нашиот ум – на Бог Словото Му ги принесуваме врз духовниот Божји жртвеник, како гледачи и свештенослужители на неговите бесмртни тајни.
17. „Телото сака противни работи на духот, а духот – противни на телото“ (Гал. 5,17). Меѓу нив постои некаква скриена борба, во која еден од непријателите одржува победа на другиот и ја презема власта на своја страна. Тоа е она што се нарекува бунт, востание и меѓусебна борба, од која се раздвојува душата.
20. Божествената светлина ги соединува во себеси душите кои се соединиле со неа, и преку единството ги обединува во себеси; ги усовршува со своите совршенства, нивното умствено око ги воведува во Божјите длабочини и ги прави гледачи на големите Божји тајни. Ти само треба да посакаш да ја придобиеш совршената чистота преку духовните трудови, и тогаш вистински ќе го видиш во себеси ова што го рековме и што Му е угодно на Бога.
24. За запазување на скриените сокровишта на Духот, потребно е да се ослободиме од човечките дела, да го одбереме безмолвието, кое, заедно со чистотата на срцето и сладоста на умилението – силно ја распалува љубовта спрема Бога, ја разврзува душата од веригите на чувствата, а нејзините сили ги издигнува во нивната природна состојба и им го враќа нивното првобитно устројство.
34. Колку ни е достапна богоподобноста, ова не може да го сфати ревнителот на богоугодниот живот сѐ додека со искрени солзи не ја отстрани и измие гревовната нечистотија и не почне неотстапно да ги извршува Христовите заповеди. Без ова не може да ги прими неискажливите Божји дарови. Зашто, оној што сака со умот свој да ја вкуси целосно божествената сладост, тој е должен да се ослободи од секое световно чувство и душата своја да ја занимава со созерцанието на светите тајни.
35. Богоподобноста која се добива со чистота и целосна љубов кон Бога, можат да ја запазат неизменлива, само оние што го имаат окото на својот ум непрестајно кон Бога насочено, а ова душата обично го постигнува преку постојано престојување во извршувањето на доброто, како и непрестајна, чиста и нерасеана молитва, преку целосно воздржување и усрдно читање на Светото писмо.
Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ – Том V
Подготви: Т.С.